ДРУГОСТА НА ТЕЛОТО ВО РОМАНОТ ТЕЛО ОД ХАНИФ КУРЕЈШИ

Марина Мијаковска

ISSN 1409-715X

Телото постојано ве потсетува на Вашето болно постоење
Ханиф Кјурејши Тело

          Во рамките на постколонијалната критика, посебна област на проучување претставува Другоста. Другоста како пејоративен поим постои уште од антиката во античката дистинкција помеѓу Хелените (Ние) vis-à-vis Варварите (Тие).
          Поимот Другост подразбира прилепување на атрибути на нештата како да се тие второстепени, инфериорни, стигматизирани итн., наспроти првите. Затоа, феноменот на Другоста како филозофски дискурс, во 80-те години на 20 век, води до појавата на нова академска дисциплина: ксенологијата т.е истражување на Другоста (stydy of alterity).
          Теориите на Другоста претставуваат интеркултурни студии кои опфаќаат цела низа од теориски, антрополошки, културолошки, етнолошки, егзистенцијални и уметнички импликации.
          Другоста на телото претставува еден аспект од проучувањата за Другоста кој е насочен кон исчитување на телото, во обидот телото да се држи под контрола и во идеалот на општествено посакуваната витост. Овој културолошки наметнат однос кон телото, оваа слика на виртуелно тело од фантазиите, е наложување на еден невозможен стандард кон кој треба да се стремиме, да ги измачуваме и оценуваме своите тела.
          Човековото битие е лавиринт низ кој е тешко да се пробиеме и да ја откриеме неговата тајна природа. Кај секој човек, отсекогаш постоела запрашаност од типот: Што сум јас? Ентони Кени го дефинира човекот како живо тело од одреден вид (Марковска/Симоновска,189). Бидејќи сме тело, мора психички да му се приспособиме и во него да го одживееме својот пат.
          Почнувајќи уште од античката и христијанската филозофија, телото се темели врз длабока соматофобија, абјектност, за разлика од душата на којашто и’ се давало големо признание. Дихотомизацијата на светот потекнува од патријархалната хиерархиска поставеност на нештата во опозит: ум/тело, разум/страст, јаство/другост итн.
          Телото задира во сите активности на половите, бидејќи половоста е низа од постапки во кои се вклучени тела, органи и задоволства. Телата се производи и последици на општествено организирање и комплетирање. Тие се културно, полово и расно специфични. Во современата мисла, постојат три правци во истражувањето на телото, наследени од картезијанството на Декарт:
          1. биолошко сфаќање телото е физичко. Тоа е органски систем од меѓусебно поврзани делови кои и самите се дел од поширок систем. Овој правец негира дека телото се конструира со помош на свеста. Телото се смета за натуралистичко, органско, пасивно, анимално;
          2. метафорично сфаќање телото е алат, машина, сад во кој е сместена свеста. Тоа е пасивен, непродуктивен објект, инертно тело што трпи дејство, ограничувања од надворешните сили и
          3. филозофско сфаќање телото е медиум, средство за изразување идеи, мисли, чувства. Преку телото, субјектот може да ги прима информациите од надворешниот свет, или да врши трансмисија на информациите во околината.
          Во современите проучувања за телото, се избегнува застарениот дуализам и се надминуваат предрасудите дека тоа е пасивен предмет и се смета како продукција, конструкција. Телата не се инертни, тие се интерактивни, создравачки, активни и реактивни.
          Роси Браидоти во Недофатни тела го дефинира телото на следниов начин: телото не може да се сведе само на предмет, ниту може да го напушти статусот на предметот. Телото е предмет, но и непредмет. Телото е објект што се сфаќа како субјект.Тоа е материјалност што не може да се сведе само на физичкото. Телото е објект, но тоа е центар на инскрипција на перспективи, рефлексии, желби (Браидоти, 168).

          Краткиот роман Тело на Курејши, како што кажува и самиот негов наслов, во центарот на книжевното ткиво ја вшива перспективата на човековата телесност со сите нејзини специфичности. Курејши во романескното тело гради слика на телесниот човек и таа се спротивставува на идеологијата во која постои апорија на телесноста. Тој се сосредоточува на разоткривањето на физичкото и физиолошкото тело, но и на комодификацијата на телото во современото општество во кое телото се инструментализира и се смета како стока која може да се купи со паричен надоместок. Во овој роман, авторот ја пародира современата телесност, злоупотребата на човечките тела, создавањето на човекот - машина од сосетството. Тој е под влијание на Ничеовата филозофија за Надчовекот, Богочовекот кој се издигнува како надмоќен и екстатичен во своите потфати да ги менува и преобразува светот и нештата во него.                                                                        
          Романот, составен од осум поглавја, претставува акцентирање на современото постмодернистичко тело на додавки, протези и измени. Човековото тело станува конкретна мерка на постмодерниот свет. Денес, според теоријата на другоста на телото, во постмодернистичкото општество постојат високи критериуми за Телесните идеали - старото и неубаво тело е прогонето засекогаш, а постои стремеж за Вечно младо тело со замрзната убавина. Идеалот е тело што е стегнато, цврсто камче, здраво и неподложно на ерупции одвнатре. Виснати и меки тела се неприфатени, тие се прогонета Другост. Затоа, ова економско и морално кодирање на дебелото/слабото, старото/младото тело во контролата на желбите и импликациите, е кулминација на историската промена во општествената симболика на тежината и на големината на телото. 
          Главна тема во романот е темата за еден експеримент во една лабораторија во која се врши заменување на истрошени, стари тела со млади, убави амбалажи. Се оживуваат мртви млади тела по пат на пресадување мозок од жив старец. Курејши инвентивно ја употребува научната фантастика која не нè заплашува туку, на моменти, добива реалистичност поради нејзината изведеност по медицински пат. Тој ја гради анатомијата на романот со спој на ткиво од фикција и ткиво на современата експериментална реалност. Овој роман е еден вид лично сведоштво на главниот лик Адам кој како доверлив раскажувач во прво лице ни ја раскажува сопствената историја за живот во две тела, но и за вториот живот на другите новотелци кои ги среќава.
          Отсекогаш, човекот стоел пред запрашаноста за тоа како да се надмине бездната на одминувањето, стареењето, потонувањето во вителите на смртта? Денес, во ерата на генетскиот инжињеринг, клонирање и трансплантација на органи, Курејши предвидува нов начин на создавање вечен живот и младост во медицинската лабораторија. 
          Другоста на телото во овој роман може да се подведе и под деконструктивно читање кое настојува да ги покаже конфликтните сили во самиот текст кои ја растураат привидната заокруженоста на неговото значење. Деконструкцијата постои во тоа што во центарот на овој роман не е подмладувањето на женскиот пол и лик, туку машкиот лик Адам ја репрезентира потребата за телесни идеали, искористувањето на телото и неговата контрола од страна на општеството. Курејши, преку умешната игра со јазикот, ја отвора можноста за поигрување со значењата. Авторот ткае мрежа од бесконечни значења за телото.
          Адам бил професор по книжевност и писател кој отсекогаш пишувал за слава, пари и женска наклонетост. Бил полничок и ќелав. Поради нарушената работа на срцето, горната усна постојано му била згрчена. Кога прв пат станал свесен за неговото изобличување, посочено од разочараната љубовница, ја обоил косата и се запишал на вежбање. Авантурата на Адам започнала на една забава на една режисерка. Адам го сретнал Ралф кој ги прочитал сите негови есеи, рецензии и мемоарите Предоцна. Ралф му се доверил на Адам за неговиот претходен живот - сакал да биде актер, но бил многу стар.

          По пензионирањето, отишол во Јужна Америка и дознал за доктор кој на старите богати луѓе им ги отстранувал мозоците и ги трансплантирал во тела на млади мртовци. Му признал дека тој е новотелец по пат на операција. Ралф се вратил со вториот живот за да може да заигра на штиците како Хамлет, Лир, Просперо. Ралф во самопрезентацијата, вели: Го гледам вашиот живот од почеток, паралелно со мојот. Сум Ве забележал во ресторани, дури сум Ви побарал и автограм. Вие ги истражувате моите мисли. Мојот дел на аудицијата за драмската школа беше од Ваше дело. Адам, јас сум постар од Вас (Курејши, 8).
          Адам го прифатил предлогот на Ралф за подмладување и брзо одлучил да зачекори по вториот пат. Од Марго побаралшестмесечно отсуство и решил да замине на пат за да го купи своето помладо тело. Адам му бил прв иницијант на Ралф кој го однел во болницата - запуштен магацин во една индустриска зона вон Лондон. Докторот кој и самиот бил новотелец му рекол дека ќе треба да си одбере тело. Расата, полот и големината се негов избор. Во просторијата гледал голем број трупови. Во овој дел од романот постојат макабрични елементи: Имаше редици и редици тела положени на носилки: бледи, темни и такви помеѓу, шарени, со чисти кожи, влакнести и без влакна, брадести и со широки гради, високи, широки и набиени. Секое тело имаше број во пластично кесе над главата. Некои изгледаа чудно, како да се заспани, со главите благо навалени на едната страна, со нозете на различни страни... ( Курејши, 30).
          Следниов цитат на Адам претставува алка помеѓу Еросот и Танатосот, своевиден dance macabre: Овој пат бев уплашен на друг начин: не само од смртта, туку од она што може од неа да произлезе - нов живот. Како ќе се чувствувам? Кој ќе бидам. (Курејши, 34)
          Одминувањето на животот, неговото протекување остава траги врз човечките тела. Адам, поради староста, сè повеќе се плаши од стрелите на Танатос и од забрзаното лизгање кон пепелта на (од)умирањето. Тоа го забележуваме во следниов цитат:Живеев долго, но мојот живот, како повеќето животи се чинеше дека помина пребрзо, додека не бев подготвен. (Курејши, 21)
          Телото претрпува промени, одминувањето на годините има свои импликации врз телото кое се троши и старее. Дознаваме за болното, корозирано тело во оној миг кога Адам се опишува себеси на следниов начин: Сакате да знаете за моето здравје? Не се чувствувам особено болен, но сум во средината на седмата деценија, мојот кревет е мојот чун низ овие последни години. Колената и грбот ми задаваат огромна болка. Имам хемороиди, чир и катаракта. (Курејши, 5-6)
          Во 19 век, дебелината и староста кај луѓето претставувале показател за моќ, богатство, ум. Подоцна, тие биле прогонети и прогласени за другост. Вишокот значел личен недостаток или немање волја, а витоста значела придржување, имање јас, следење на тренд.
          Во 20 век, практиките на владеењето со телото почнале да се сметаат за преокупација на средната класа, а грижата околу диетите почнала да се поврзува со стремежот кон идеализираната физичка тежина и облик на телото. Завладеа тиранијата на витоста и младоста и се развија диети, вежби, операции. Познатата поговорка: Во здраво тело - здрав дух е поврзување на телото со духот врз основа на здравјето и спортувањето, а современото барање убавината и здравјето да се поврзат со витоста и младоста, би ја изразиле во поговорката: Вито тело, витален ум. Клучниот елемент на променетите перцепции на телото не е тежината, туку очекувањето постегнат, поконтролиран профил на тело. 
          За тоа колку се дава нагласка на телото во современиот живот кај сите луѓе, говори фактот што Адам и жена му сакале да ги набљудуваат сопствените тела и да дискутираат за нивната форма. Таа и јас дискутиравме за нашата чоколадна зависност и за нашите тела: кој дел на некого од нас на пример, изгледа како полн со сладолед и се проширува. Разни диети и можни вежби беа секогаш актуелни кај нас. Сакаше да ме обвинува дека не сум „затегнат” , дека сум всушност пивтиест, но се закануваше со убиство и самоубиство ако споменев некој од нејзините делови без воодушевување. (Курејши, 22)

 

          Телесниот идеал е да се има кротко тело, научено на самоподобрување и трансформација во служба на тие норми. Мускулите станаа културна икона, а вежбањето се воздигна на пиедесталот како пат до телесната совршеност. Вежбањето стана правилен став, знак за човековата грижа за себе и за тоа како им изгледа на другите луѓе, што укажува на силна волја да се управува со себеси, енергија да се направи нешто од себеси. Примарно е стегнатото, витото и младото тело, а негова другост претставува дебелото и старото тело кое означува мрзливост, отсуство на дисциплина, застареност и др.
          Мишел Фуко разликува две арени на општествената конструкција на пост-модерното тело: надсетилно и корисно тело. Надсетилното тело вклучува научни, филозофски и естетски претставувања на телото, стандарди на убавина, диети, модели на здравје и друго. Тоа е збир пропишани правила со кои живото тело се тренира, покорува и станува приспособливо и корисно тело. (Џепароски, 105)
          За да го спознае своето тело, секој човек се служи со патот на споредбата на своето V.S. другите тела. На тој начин, дознаваме за својата добра или лоша форма. Стариот Адам станува камера на младите тела кои ги среќава, тој се набљудува себеси, но и другите тела: Не можев да не забележам колку дотерано изгледаа сите, особено тетовираните мажи со пирсови, украсени како излог на продавница за накит, со коси обоени во контрасни бои. Се облекуваат за да ги покажат повеке своите тела отколку гардеробата. (Курејши, 12)
          Во романот, Курејши ги сопоставува машкото и женското тело по однос на нивниот третман. За разлика од мажите кои не обрнуваат многу внимание на сопствениот надворешен изглед, најчесто жените се тие кои се робови на добриот физикус и кои би направиле сè за да изгледаат младо и совршено убави. Еден цитат од романот одлично ја илустрира ваквата сопоставеност: Едно од задоволствата да се биде маж е гледањето како жените се облекуваат и се соблекуваат, како се шминкаат и како ја бришат шминката. Кога се работи за телата, жените веруваат дека внатрешноста ја носат надвор. Како и да е, без оглед на високото ниво на одржување, пребарувањето по продавници и промисленоста, можностите за судење и критиката, наспроти мажот, кој плиснува вода на лицето и зачекорува бестрашно облечен во што и да најде на крајот на креветот. (Курејши, 12)
          Романот одлично го илустрира фактот дека мажите би направиле сè за да останат живи, за да го продолжат животот, а жените би направиле сè за да изгледаат вечно младо, витко и убаво. Затоа, на жените повеќе се гледа како на тело, убава обвивка, која кај мажите предизвикува две чувства истовремено: восхит ако е убаво тело и згрозеност доколку е запуштено и старо. Најчесто, женското тело е тоа што се објектифицира во масмедиумите, рекламите и уметноста. Во еден цитат Адам за таквото посакување на женското тело, вели: Никогаш не го изгубив страотното одушевување од женските тела. Жените изгледа го разбираа ова: дека силата на нашата желба нè излудуваше и нè ужаснуваше. Би можеле да убиете жена поради тоа што многу ја посакувате. (Курејши, 42 )
          Курејши експлицитно го илустрира митот за женската убавина според кој жената секогаш треба да остане иста како на дваесет годишна возраст: млада, убава, витка.Беше реткост жена ми и нејзините пријателки да не зборуваат за ботокс и дотокс третмани, за храна и за обликот на нивните тела, нивната големина и физичка кондиција и за видот вежби кои ги практикуваат или не. Познавав жени и не само актерки, кои имаа тимови лични тренери, нутриционисти, јога - учители, масери, луѓе одговорни за нивната убавина, кои се грижеа за нивните тела секојдневно, како стремежите и грижите на умот да можат да се излечат преку телото. Кој не сака да биде попосакуван и според тоа посакан? (Курејши, 37)

          Според Курејши, и жените и мажите подеднакво се загрижени за стареењето. Затоа, не е случајно тоа што во романот токму маж, поради загриженоста од стареењето, го менува своето одминато тело за ново. Овој лик го опишува телото и сите негови рефлексии (раст, развој, стареење) на следниов начин: Секое тело е различно, но сите се идентични во нивната неконтролираност: телата прават различни ненамерни нешта, како плачење, кивање, уринирање, растење или сексуално возбудување. Набргу откривате дека телата може да станат мошне привлечни и одбивни за други тела, дури или особено - кога не сакаат. Некои тела се таква непријатност за нивните сопственици: можат да бидат непредвидливи како диви животни, или прегреани од чувства, а нема термостат - што тие не само што гладуваат  или се обидуваат да ги обликуваат туку и ги камшикуваат или ги казнуваат. (Курејши, 41)
          Курејши смета дека кога луѓето стареат се срамат од изгледот на нивните тела и ги чувствуваат врз себе допирите само од медицинските лица, кои, колку-толку, се обидуваат да го продолжат животот на нивните тела. Затоа тој вели: Како што стареете и се разболувате, телото ви е сè помалку моден објект, сè помалку луѓе сакаат да ве допрат. (Курејши,42)
          Адам гради емигриран идентитет - неговото претходно чувство за идентитет уште постоело, но сега добил нов идентитет со новата платформа. Со влегувањето во новото тело добива нови дистинктивни црти, идентификатори кои го прават различен од другите, но и различен од вистинскиот Адам - писателот. Така, со животот во две тела, тој е алтер - его на Адам, а воедно е и Никој, бидејќи никогаш не би можел да биде како Марк во чие тело бил сместен. Новотелците претставуваат другост во однос на обичните смртници. Како нов човек, Адам вели: Бев странец на земјата, никој и ништо, кој никаде не припаѓа, само тело, осудено да почне повторно во кошмарот на вечниот живот. (Курејши, 152)
          Адам го избрал сопствениот калап - идеално убав младич со кафеави очи, витко, мускулесто Аполоново тело. За своето ново тело вели: Моето ново тело беше повисоко и потешко од мојата претходна платформа, но се чувствував полесно и поподвижно отколку што се сеќавав, како да бев на тркала од моќен автомобил. Не бев ниту старотелец ниту новотелец. Бев никој. (Курејши, 79)
          Добивањето на новата платформа Адам ја прославува со Баханалија - празник на новото раѓање и на животот: оди во едно кафуле и со вино го прославува новиот животен век. Бидејќи морал да исконструира нов идентитет, како идентификатори кои го одредуваат му се: новото име кое е комбинација со старото - Лео Рафаел Адамс, облеката за дваесетипетгодишни момчиња, новата фризура, илузијата дека е студент по филозофија и психологија, работата по барови и ресторани. Сакал да патува и на пат сретнал двајца младичи кои го поздравиле и кои го познавале вистинскиот сопственик на телото - Марк од Лос Анџелес, неуспешен пејач и жиголо кој се самоубил.
          Во романот постои хронотоп на прагот - во првите глави топос се современите улички од Лондон, а во останатите глави постои калеидоскоп од топоси на европски метрополитенски срца: Париз, Рим, Амстердам, Виена, Берлин и градови во Грција.
          Темата на огледалото е присутна во романот на две нивоа:
          1. како тема на двојникот, сенката, метаморфозата: Адам се метаморфозира во друг човек и на тој начин станувадвоен човек, сенка на вистинскиот Адам и 
          2. тема на огледалото т.е. огледалната, пред-епиповска фаза на Лакан: темата на огледалната фаза во која огледалото е имагинарниот идентитет, постои во следниве зборови на Адам: Во огледалата изгледав и клониран и преобразен. Каде и да се свртев, имаше повеќе јас, многу, многу повеќе нови јас, сè додека не ми се заврте. (Курејши, 35-36 )

 

          Адам како старец размислувал за детството, а сега како младич, размислува за иднината. Бидејќи во претходниот живот не патувал многу, решил да си приушти иницијација од таков тип. Станал манекен во Париз, бил одбирач на влезот во клуб во Виена и позирал гол на една Италијанка-сликарка, во Швајцарија им помагал на млади кои снимамале филм, уживал на грчките острови. Го вработила Патриша, сопственичката на центарот за релаксација, а се спријателил и со поетесата Алиша.
          Новиот Адам бил хедонист кој ги правел оние работи кои некогаш му биле забрането овошје. Пробал алкохол, марихуана, екстази, ЛСД, хероин, порнографски циклус на груб секс. Адам научил тај-чи, јога, да свири на тапани, пливал, танцувал по ноќни клубови, дишел со промискуитетни бели дробови. Новотелецот вели: Бев во потрага по задоволства. Наскоро го шпартав Париз, потоа отидов во Амстердам, Берлин, Виена. Ги видов црквите и музеите во Италија, и тие ме видоа мене. Повеќето денови се будев на различни места. Патував со воз или со автобус, на најбавниот можен начин. Немаше брзање(Курејши, 63)
          На една забава на брод сретнал жена која во ист ден како него станала новотелка. Сретнал и младич по име Мат кој веќе три години бил новотелец. Од Адам барал да му вети дека кога ќе поминат уште три месеци и ќе се врати во старото тело, ќе му го даде новото тело на Мат. Сфатил дека му се заканува опасност од Мат. Потоа се маскира во жена и бега од островот. Се враќа во Лондон со надеж дека ќе си го врати претходниот начин на живот и идентитет.
          На почетокот од иницијацијата, кај Адам постои ксенофилијата, односно голем пиетет кон тоа да стане новотелец, но на крајот, кај него се појавува ксенофобијата т.е стравот од тоа да се биде поинакво тело V.S. обичните тела. Адам сфаќа дека е мутант, сенка која  прогонува, но и е прогонувана. Адам е некаде помеѓу: тој не е оној претходниот  Адам, но не е и вистинско смртно тело. Затоа вели: Мат и јас бевме мутанти, изроди, човечки трупови - факт кој можев да го заборавам барем кога бев со вистински луѓе, оние со смрт во себе. Немав време да почнам нов живот како друга личност и очекувајќи да се вратам, ми недостигаше стариот живот. Бев во чистилиштето, чекалница во која нема реалност, но има мноштво немири. (Курејши, 131)
          На улица ја видел жена му Марго како се мачи со количката за купување и и’ помогнал до дома. Од разговорот со Марго, сфатил колку бил дистанциран и студен со неа и со семејството, па си ветил дека ќе се подобри кога ќе се врати во старатаформа.
          Покрај темата за медицинскиот експеримент, авторот во романескната мрежа како тема ја инкорпорирадеконструктивистичката игра со промената на половите и родовите, кои не треба да се гледаат како вечно зададени константи. Според Џудит Батлер, треба да се отвори полето на можности на родот. Родот е перформативна, отворена категорија на можности, а не на скаменети зададености. (Батлер, 204)
          Родот не треба да се сфати како стабилен идентитет. Адам сретнал жена, докторката Риборн која во претходниот живот била маж, а во вториот живот си го променила полот во женски. Курејши низ игра ги деконструира и имињата на ликовите: Риборн на англиски значи повторно родена, а Адам го носи името на пра-човекот, но воедно означува и  прв иницијант во индустријата со новотелеци.
          Курејши низ гласот на докторите го изразува сопствениот став и иронија за купувањето и злоупотребата на телото во постмодерното општество. Во овој роман, доминантен стил е иронијата која ја осудува инструментализацијата на човечките тела. Затоа, во следниов цитат се слуша гласот на Курејши кој вели : Наскоро сите ќе зборуваат за ова. Ќе има нова класа, елита, суперкласа на супертела. Ќе има продавници во кои ќе се оди за да се купи телото што го сакаш. Јас ќе отворам една со вистински тела, а не со кукли од излогот. Бинго! Кој сакаш да бидеш денеска? Телото во коешто си сега не е вредно самото по себе, туку по работата што е извршена врз него. Луѓето што го прават тоа се како богови, продолжувајќи живот... (Курејши, 117)

 

          Заклучок: Во романот, Адам добива нов физички изглед, но кај него постои стара свест за светот, се дава отисок на низата авантури во кои физичката обнова, не е доволна за да се достигне пиедесталот од среќа.
          Курејши во едно интервју за овој роман изјавил: Кога ќе наполните педесет години, имате мноштво идентитети, животи и врски, така што ако почнувате одново, вие сте сведен на никој. Адам заземал високо место, а одеднаш го игнорирале неговиот душевен и интелектуален капацитет. Како убав новотелец сите го посакуваат само неговото тело, а не неговата суштина под амбалажата.
          Според Курејши, излезот е во прифаќањето на фактите дека како што во младоста го откривате љубовното возбудување како нешто ново, така и во староста мора да откриете други извори на среќа, таму каде што можете: во супституциите како што се уметноста, љубовта, работата, или во идентификацијата со децата, обидувајќи се своето его да го пренесете на нив, така што нивното уживање да претставува уживање и за вас.

 

                                                                           ЛИТЕРАТУРА

 

1. Батлер, Џудит, Проблеми со родот, Скопје, ЕвроБалкан прес, 2005.
2. Грос, Елизабет, Недофатни тела, Скопје, Македонска книга, 2002.
3. Дерида, Жак, Другиот правец, Скопје, Темплум, 2001.
4. Иглтон, Тери, Литературни теории,  Скопје, Тера Магика, 2000.
5. Курејши, Ханиф, Тело,  Скопје, Табернакул, 2006.
6. Малуф, Амин, Погубни идентитети, Скопје, Матица Македонска, 2000.
7. Марковска, Слободанка, Сузана Симоновска, Антропологија - зборник  текстови, Скопје, Догер, 1999.
8. Петреска, Емилија, Невидливиот оглав на витоста, Скопје, Културен живот, 1-2, 2006.
9. Фројд, Сигмунд, Три расправи за сексуалноста, Скопје, Ѓурѓа, 2006.
10.Џепароски, Иван, Аспекти на другоста, Скопје, ЕвроБалкан, 2007.
11.Шелева, Елизабета, Од дијалогизам до интертекстуалност, Скопје, Магор, 2002.