ИНТЕРПРЕТАТИВНИ РЕСТРИКЦИИ

Марија Ѓорѓиева

ISSN 1409-715X

          Амбицијата на толкувачките процеси да обезбедат максимална интензивност или екстензивност во смисла да понудат што поголема исцрпност, сеопфатност или, пак, апсолутна валидност на одделните интерпретации секогаш се соочува со неможноста за сопствена непроблематична реализација. Имено, секоја интерпретативна практика, независно од тоа што ќе постави како приоритет во својот фокус, нужно, се соочува со интерпретативните рестрикции. Станува збор за рестриктивноста што произлегува од неколку параметри кои се неминовни и детерминирачки одредници коишто го врамуваат и го насочуваат секој акт на толкување: одделните контекстуализации на толкувањето, одделните интерпретативни конвенции и компетенции.
          Во таа генерална рамка, фокусот го поставуваме врз две конкретни категории кои може да се посматраат од аспект на нивниот статус на  интерпретативни рестрикции: дискурзивните заедници за коишто говори Линда Хачион и интерпретативните заедници кои се елаборирани од страна на Стенли Фиш. Реферирањето на овие категории е во насока на препознавањето одредени типолошки релации помеѓу нив, а кои ќе бидат двојно функционални:
          1. функционалност во смисла дека овие категории ги илустрираат рестрикциите врз кои се темели секој толкувачки процес и кои, на тој начин, ја потврдуваат и неизбежната контекстуализација на секоја интерпретација;
          2. функционалност во смисла дека овие категории ги илустрираат иманентните капацитети на романескниот жанр да ги интегрира толкувачките процеси и модели, при тоа демонстрирајќи ги можностите на романескните текстови да го автотематизираат проблемот на книжевното толкување, и следствено, самите да генерираат извесен толкувачки модел.
          Стенли Фиш ги разгледува интерпретативните заедници во рамки на пошироката херменевтичка концепција во којашто приоритетна станува интерпретативно-читателската позиција, наместо и наспроти авторската позиција, односно наместо и наспроти текстот како предмет на толкување. „Интерпретативни заедници се оние кои имаат исти интерпретативни стратегии не за читање (во конвенционална смисла), туку за пишување текстови, припишување карактеристики и намери на текстовите“ (2003, 286). Анулирајќи ја толкувачката релевантност на формалните карактеристики на текстот и на авторската намера, а во корист на привилегираната структура на читателското искуство, Фиш ја темели својата аргументација врз следните упоришта: прво, наспроти идејата за „самодоволноста на текстот чија смисла чека да биде откриена", тој ги посматра текстовите како „структури на значења" кои не се фиксирани, туку се создаваат низ интерпретативните стратегии на читателот; второ, наспроти конвенционалниот поим на читањето како „чиста, рамнодушна перцепција", Фиш го дефинира читањето како „збир интерпретативни стратегии ставени во акција", припишувајќи им на тие стратегии моќ „за припишување карактеристики и намери на текстовите" (2003, 277-286).
          Несомнено, интерпретативните стратегии ја претставуваат клучната категорија во одредувањето на интерпретативните заедници: додека толкувањето е „способност неразделна од човекот“ (Фиш 2003, 287),  толкувачките стратегии не се ниту природни, ниту вродени, ниту, пак, универзални, туку имаат статус на стекнати компетенции. Значи, станува збор за стратегии кои постојат и пред актите на читање, така што, во крајна линија, тие го одредуваат обликот на она што се чита. Според тоа, интерпретативните стратегии, односно интерпретативните заедници се видени како начин на алибирање на појавите кои стануваат очигледни во  интерпретативната практика, а кои се именуваат како стабилност и различност на толкувањето: за Фиш, стабилноста и различноста на толкувањето, првенствено, се функции на интерпретативните стратегии, а воопшто не на текстовите. Проследувајќи ги контрадикторните толкувања на едни исти стихови во Милтоновиот Вариорум, од страна на различни толкувачи во различни периоди, Фиш смета дека токму интерпретативните контроверзи на текстот ја аргументираат неговата повеќезначност која редовно е индицирана од страна на читателите, а не од иманентноста на самиот текст (2003, 270). (Макар што свеста за опасноста од интерпретативна анархија која произлегува од произволноста во толкувањето, посредно, упатува на онаа релација којашто и Умберто Еко ја зема како конститутивна во толкувачките процеси – помеѓу текстот и читателот/интерпретаторот). „Со стабилноста и различноста на толкувањето се потврдува дека постои нешто независно од и нешто што им претходи на интерпретативните акти, нешто што ги создава“ (Фиш 2003, 284).

          При тоа, стабилноста на толкувањето ја подразбира, подеднакво, и стабилноста на толкувањата меѓу различни читатели (што ќе рече дека тие припаѓаат на иста заедница), од една страна, но и истоветноста со која еден читател повремено ќе употреби различни интерпретативни стратегии, при тоа создавајќи различни текстови (што ќе рече дека тој припаѓа на различни интерпретативни заедници), од друга страна.
          Со синтагмата дискурзивна заедница Линда Хачион ја означува   „комплексната конфигурација на споделени знаења, верувања, вредности и комуникативни стратегии“ (1994, 91). (Хачион ја посочува дистинктивноста на discursive community наспроти discourse community, што претставува „чисто социореторичка конструкција, временски и просторно неутрална“) (1994, 91). Упатувајќи на симултаната инклузивност и ексклузивност што ја имплицираат дискурзивните заедници, Хачион, всушност, упатува на ограничувачките импликации на дискурзивните контексти, како и на ограничувањата кои произлегуваат од партикуларноста не само во однос на времето и просторот, туку и во однос на класата, расата, родот, етничката припадност, сексуалниот избор, националноста, возраста, професијата, бројните микрополитички групирања. Меѓутоа, Хачион го заговара двојното сфаќање на дискурзивната заедница: прво, во поширока комуникациска смисла, така што дискурзивните заедници имаат пошироко референтно поле во однос на интерпретативните заедници; второ, во потесна смисла, партикуларизирајќи го функционирањето на дискурзивната заедница во насока на илустрирање на начините „како се случува иронијата“, било да е таа интенционално упатена како иронија, било да е интерпретативно изведена како иронија. Во секој случај, Хачион ја афирмира дискурзивната заедница како еден релационен и интерактивен модел кој ја опфаќа „комплексната интеракција помеѓу интерпретаторот, ироничарот и текстот“ (1994, 123). Наспроти тоа, Фиш го заговара приоритетот на читателот/интерпретаторот кој има клучна улога во „припишувањето значења и карактеристики на текстовите“. Меѓутоа, неговото сфаќање на интерпретативната заедница и на структурата на читателското искуство и компетенција, недвосмислено, соодветствува на вториот случај на интерпретативно детектирање на иронијата за што говори Линда Хачион. Комплексната интеракција помеѓу интенцијата на ироничарот, заклучокот на интерпретаторот и текстот упатува на фактот дека и двајцата учествуваат во процесите на интенционално креирање на значењето на текстот. Оттаму, ако интенциите се „форми на конвенционално однесување“ (Хачион 1994, 123) дали тоа не имплицира дека тие треба и да се читаат конвенционално, односно да се читаат во рамки на одредени интерпретативни заедници?
          Оттаму, станува можно повлекувањето одредени паралели помеѓу дискурзивните и интерпретативните заедници на неколку рамништа:
          1. Несомнено, станува збор за две рамки кои учествуваат во воспоставувањето интерпретативни  рестрикции и контекстуализации. Ако се земе предвид дека интерпретацијата е еден комплексен процес којшто ги опфаќа комплементарно поставените постапки/фази на разбирање, објаснување и толкување, тогаш дискурзивните заедници, првенствено, се актуелизираат во процесите на разбирање, додека, пак, интерпретативните заедници стануваат особено активни во процесите на толкување, иако, во крајна линија, и двете се дел од широко сфатениот процес на интерпретација.
          2. И интерпретативните заедници, и дискурзивните заедници се динамични и варијабилни: тие се создаваат и исчезнуваат, овозможувајќи го циркулирањето на поединците од една во друга интерпретативна заедница, односно истовремената припадност на поединецот во неколку дискурзивни заедници. „Интерпретативните заедници се прошируваат и пропаѓаат ..... поединци се префрлаат од една во друга интерпретативна заедница. Нема фиксирани текстови, постојат само интерпретативни стратегии кои ги создаваат“ (Фиш 2003, 286-288). „Секој човек во својот живот е член на бројни променливи заедници. Секоја дискурзивна заедница на секој свој член му нуди мултиплициран идентитет и компетенции. Различни дискурзивни заедници нудат и различни конфликтни одлуки“ (Хачион 1995, 101).

 

          При тоа, она што се сугерира како предност на припадноста кон повеќе интерпретативни и дискурзивни заедници се однесува на обезбедувањето интерпретативни пролиферации кои се во заемен, дијалошки и корективен однос: секое толкување ги потенцира оние димензии на текстот кои биле превидени или тенденциозно потиснати во претходните (канонски) интерпретации; секое толкување ги рехабилитира одделните интенции кои еднаш биле занемарени за сметка на афирмирањето на останатите интенции.
          3. Премисата на Стенли Фиш за непостоењето фиксирани текстови, туку само интерпретативни стратегии кои ги создаваат, го имплицира статусот на текстот како „структура на значења“ која се менува во зависност од интерпретативните претпоставки. Од друга страна, дефинирањето на улогата на дискурзивните заедници во рамки на функционирањето на иронијата, подеднакво, упатува на еден интерпретативно-комуникациски процес каде што „две или повеќе значења се поставени едно спроти друго; иронијата е во разликата, иронијата ја прави разликата; таа е игра меѓу значењата во просторот којшто секогаш има критичка острица“ (Хачион 1994, 105). 
          4. Дискурзивната и интерпретативната заедница, подеднакво, делуваат како интерпретативни рестрикции со оглед на тоа што разбирањето и толкувањето кои се реализираат во рамки на, односно низ призма на припадноста кон одредена дискурзивна/интерпретативна заедница секогаш се реализираат врз позадината на интерпретативните стратегии врз кои се темели една интерпретативна заедница (според Фиш), односно врз позадината на интерпретативните интенции со кои толкувачот ја констатира иронијата (според Хачион).
          Второто рамниште каде што станува очигледна врската помеѓу дискурзивната и интерпретативната заедница се однесува на нивната функционалност во смисла на демонстрирање на начините на кои овие заедници се интегрираат во романескнен контекст и, на тој начин, посредно, упатуваат на интерпретативните процеси, модели, постапки кои се реализираат во одреден романескнен текст (во таа смисла индикативни се романите Блед оган на Владимир Набоков, Нишалото на Фуко на Умберто Еко,Травничка хроника на Иво Андриќ, Водена земја на Грејам Свифт).
          Романот на Умберто Еко Нишалото на Фуко е парадигматичен по однос на демонстрирањето на начините на кои функционира интерпретативната заедница. Романот ја следи опсесивната потрага на трите главни лика (Казаубон, Белбо, Диоталеви) по тајниот Темпларски план, така што во насока на докажување на неговото постоење тие се оддаваат на опсесивно-параноидно читање и поврзување на различни текстови и контексти.

 

           „Купот белешки за нас беше еден вид вкрстени зборови чии 
           полиња се празни, но без одредници. Значи, треба да се 
           пополнат полињата така што по можност сe да се вкрсти. Но, 
           можеби примерот е непрецизен. Во крстозборките се 
           вкрстуваат зборови, а зборовите треба да се вкрстат преку 
           еден заеднички збор. Во нашата игра не вкрстувавме 
           зборови , туку поими и факти ... Кој било податок добива на 
           значење доколку е поврзан со некој друг. Врската ја менува 
           перспективата“ (Еко 1989, 513).

 

          Од таа гледна точка, индикативен е и резултатот на нивното истражување: духовито-иронично поврзување на екстремно диспаратни појави, при што, на пример, ликовите ја докажуваат поврзаноста меѓу Фројд, Маркс, Јејтс и темпларското движење, односно сличноста меѓу Робер Флуд и Аристотел, т.е. меѓу окултистички ракописи и текстови со научна провиниенција.

 

           „Собирав знаења, искуства и не отфрлав ништо. Сè внесував во 
           картотека ... Си создадов себеси еден вид меморија од 
           картончиња од мека хартија, со вкрстени референци. Кант 
           ... Кумова слама ... Лаплас ... Кант ... Кенигзберг ... теорема 
           на топологија ...  Помалку како игра која те предизвикува да 
           одиш од колбас до Платон во пет пасуси по пат на 
           асоцијација на мисли ... Врските се секогаш тука, довола е 
           желбата да ги побараме“  (Еко 1989, 190).

 

            „Соочен со можноста да ги комбинира фрагментите на една туѓа
           приказна, наоѓаше поттик да пишува, во наративен облик,
           сопствен“ (Еко 1989, 31). 

          Несомнено, станува збор за една интерпретативна заедница која го реализира читањето текстови низ призма на она што самиот У. Еко го означува како херметичка семиоза. Ликовите се претставени како припадници на една интерпретативна заедница која поседува свој канон (езотерични, херметични) текстови, која развива свои методи на читање и на интерпретација на тие текстови, а начинот на примена на тие методи во насока на поврзување на различните текстови по секоја цена афирмира  една заедница на параноидни читатели. Во таа смисла, романот Нишалото на Фуко интегрира своевидна илустрација на она што самиот негов автор го именува како „егзегетска параноја" која, наспроти „херменевтичкиот здрав разум“, манифестира „високо ниво на интерпретативна акробатика" (Еко, 2001). (Романот Водена земја на британскиот автор Грејам Свифт исто така е илустративен по однос на начинот на кој во романескнен контекст се интегрираат интерпретативните заедници. Во случајов, таа заедница е отелотворена во групата студенти по историја кои заедно со нивниот предметен наставник учествуваат во создавањето сопствена реинтерпретативна визија на светската историја). Можностите за романескно артикулирање на функционирањето на дискурзивните заедници се илустрирани во романот Травничка хроника на Иво Андриќ: неуспешната рецепција на Расиновата трагедија Бајазит од страна на турскиот везир се должи на неговата неприпадност кон дискурзивната заедница на странецот, т.е. францускиот конзул. Од негова гледна точка е неприфатлив начинот на (неверодостојното) сценско претставување на турската традиција, односно претставата за харемот во неа:

           „Везирот потоа уште долго се смееше искрено и гласно, не
           криејќи дека  е разочаран и дека не ја разбира смислата на
           вредноста на таквата духовна забава и го кажуваше тоа
           отворено, речиси грубо, со безобѕирноста на човек од друга
           цивилизација“ (Андриќ 1984, 165).

          Токму припадноста кон различни дискурзивни заедници доведува до  различно толкување и на комуникациската и геостратешката важност на патиштата: за странецот тие се предуслов за прогресот, додека за Балканецот тие се само начин за полесно и побрзо доаѓање на освојувачките закани, и затоа непотребни. Во таа смисла, францускиот конзул осведочувајќи ги бројните неуспешни комуникации (официјални и неофицијални), објаснувањето го пронаоѓа токму во рамки на она што Линда Хачион го означува  како припадност на различни дискурзивни заедници:

           „Секојпат да имаш пред очи дека постапките на овој свет не 
           смееш да ги мериш со своја мерка, ни да ги примаш со 
           својата чувствителност, инаку во најкратко време ќе 
           пропаднеш ... зашто и добродетелите на еден човек ние ги 
           примаме и ги цениме наполно само ако ни се укажуваат во 
           облик што им одговара на нашите сфаќања и наклоности“
            (Андриќ 1984, 328).

          Според тоа, интерпретативните и дискурзивните заедници сфатени како носители на интерпретативните рестрикции упатуваат на неминовните ограничувања во чиишто рамки се реализираат одделните толкувања на туѓите искази/постапки/текстови. Во таа смисла, нивната интерпретација и разбирање афирмираат увид во одредени конвенции и манифестираат одделни компетенции (јазични, книжевни, културални), а на сметка на потиснување и занемарување на останатите. Од друга страна, тие заедници го стимулираат и придвижувањето на интерпретативната верига која е сочинета и од „интерпретативни консензуси“ (Ќулавкова 2007, 211), и од интерпретативни дијалози, и од интерпретативни конфликти.

                                                                           ЛИТЕРАТУРА

1. Андриќ, Иво. 1984. Травничка хроника. Прев. Тодор Димитровски. Скопје: Мисла:Македонска книга:Култура.
2. Eco, Umberto. 1989. Fukoovo klatno. Prev. Siniša Zdravkovic, Beograd:Beletra.
3. Eco, Umberto. Granice tumačenja, Beograd:Paideia, 2001
4. Фиш, Стенли, „Толкување на Вариорум“, Херменевтика и поетика, прир.Катица Ќулавкова, Скопје:Култура, 2003, 268-291.
5. Ќулавкова, Катица. „Интерпретативна заедница“, Поимник на книжевната теорија, прир. К. Ќулавкова, Скопје:МАНУ, 2007, 211-212.
6. Hutcheon, Linda.1994. Irony’s Edge. London/New York: Routledge.