СЛОВАЧКО – МАКЕДОНСКИ КНИЖЕВНИ И КУЛТУРНИ ВРСКИ

Звонко Танески

ISSN 1409-715X

          Задачата и улогата на нашиот текст е да ги прикаже во синтетизирана форма достигнувањата и резултатите од истоимениот научен проект, изработен на словачки јазик, од наша страна, во Институтот за светска книжевност при Словачката академија на науките во Братислава. Подоцна, проектот е одбранет во малку модифицирана форма и како докторски труд на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Константин Филозоф“ во Нитра, во јуни 2008 година. Според досегашните академски проследувачи на проектот, но и според наше лично убедување, станува збор за прва комплексна и аналитичка книжевно-научна студија за историјата на словачко-македонските книжевни и културни врски, почнувајќи од заедничкото кирилометодиевско наследство, па сè до денес. Студијата содржи и исцрпен прилог на двојазична систематска библиографија на заемната книжевна рецепција меѓу двата народи во периодот од 1945 до 2008 година. Карактерот и суштината на целото истражување имплицитно нудат и потполна и објективна слика за интересот, позицијата и развојот на македонистичката културна мисла во Словачка, бидејќи се плод на долгогодишна посветеност во областа на допирите меѓу македонистиката и словакистиката. Всушност, и поентата на наведената студија лежи во нашата активна заинтересираност за унапредување на заемното книжевно и културно запознавање меѓу Словаците и Македонците и за поттикнување на нивна понатамошна активна творечка комуникација.
          Во прв ред, од позиција на компаратист и на профилиран македонски словакист, кој има нескриени намери да ја продлабочува и да ја разоткрива во детали оваа не многу позната проблематика, се одлучивме при истражувањето константно да ги применуваме духот и методологијата на современото компаративно книжевно проучување, кои би требало да дадат посебен печат и вредносни мерила во разоткривањето на овој досега недоволно застапуван феномен во книжевните толкувања во Словачка и во Македонија. Тоа, сепак, не значи дека претставуваме единствено сува строго научна студија, богата со информации и со библиографски белешки. Научниот пристап во проектот, како што неодамна беше оценет од неколку словачки и македонски научни авторитети, се обидува да го инкорпорира во себе и нашиот субјективен однос кон провокативните прашања поврзани со словачката и со македонската култура. Затоа се надеваме дека по објавувањето на студијата во книга - ќе се препознае во неа и суптилната креативна енергија што би требало да биде интересна и интригантна за поширок круг читатели кои се едноставно љубители на убавата литература, а не само за оние кои професионално се интересираат за словачко-македонските книжевни релации.
          Во обемната студија Словачко-македонски книжевни и културни врски се обидуваме да направиме задлабочена и ерудитивна анализа во областа на историјата на пошироката дисциплина (книжевната наука), но и во потесната дисциплина (теорија и историја на книжевниот превод); врз позадината на историјата на преводот да ги окарактеризираме основните трендови на словачката и на македонската книжевност и творештвото на најзначајните нивни претставници; да се сосредоточиме и врз временските општествени контексти на раѓањето и на преводите на делата. Смислата на нашата научна платформа беше свесно да се сумираат и досегашните истражувања на словачко-македонските книжевни врски, кои досега беа често предмет на секундарно или парцијално внимание на неколку словачки, чешки и македонски книжевни научници и историчари по 1945 година. Методолошкиот систем на истражувањето покажува, исто така, какво место и значење има реципираната книжевност и култура во реципирачката словачка односно македонска книжевна и културна средина. Истражувањето вклучува и еден специфичен размер во себе, кој не е секогаш присутен во истражувањата од сличен вид.

          Таа специфика е содржана во обидот да се претстави и полниот фонд на рецензии и критики, објавуван низ периодиката (не само во Словачка и во Македонија, туку и во други земји), кој ги следел, ги приближувал и ги пропагирал преводите од македонската книжевност на словачки јазик, а се разбира и реципрочно – преводите од словачката книжевност на македонски јазик. Целта на таквата специфика беше да создаде реална слика за развојните фази на преведувањето во домашната книжевна култура, за потребите кои преводот ги исполнувал, за причините поради кои некои преводи биле или не биле пожелни согласно идеолошките притисоци во двете земји во некои историски периоди, како и за создавањето претстава за словачките и македонските автори кои под влијание на „туѓиот“ книжевен материјал се издвојувале од домашната книжевна традиција и се воздигнувале до позиција на заменици - словачки односно македонски претставници на меѓукнижевното и меѓукултурното општење.
          При истражувањата од историјата на книжевниот превод, ја посматравме интерпретацијата на словачко-македонските книжевни врски низ културно-историска оптика, при што регистриравме, пред сè, како е проектиран читателот во книжевноста од која доаѓа оригиналното дело и какви отстапки предизвикува културата на преводот во таквиот контекст. Дијахронискиот след на словачките преводи од македонската книжевност и на македонските преводи од словачката книжевност се, значи, претставени во нашиот труд како културотворна појава. Ваквиот обид за презентација на историјата на книжевниот превод не го затвора просторот за понатамошни истражувања, туку напротив – директно повикува на создавање нови синтези за негово можно дополнување. При дедукцијата на геополитичките детерминанти на книжевниот превод обрнувавме внимание и на географските и на историските координати во земјата на реципирачката книжевност, на економските и на политичките предуслови на конкретниот временски период, на културната зрелост и на традицијата на врските со земјата од која потекнуваат оригиналните дела кои биле преведувани, а со тоа и вреднувани во земјата кои делата ги примала. Затоа, преводите ги оценуваме и врз позадината на општествената комуникација, според степенот на изграденост на културните врски, но и согласно потребите и критериумите на издавачката политика во двете земји. Во таквото сфаќање на истражувачкиот комплекс и самите преведувачи стануваат вистински посредници меѓу т.н. јазични и културни заедништва, при што ги согледуваат сличностите и разликите во прифаќањето на информациите во двете или во повеќето социокултурни ареали. На тој начин се покажува дека „највисоката компетенција на преведувачот е интеркултурната компетенција – сфатена како способност да ги прима и да интерпретира сигналите од домашната култура и да ги трансферира до системот сигнали во туѓата култура“ (Rakšányiová, 2006, 15). Тоа е, неспорно, точен став, затоа што „во модерните размислувања за преводот, преведувачот се смета не само за посредник меѓу два јазици, туку во поширока смила и главно како посредник меѓу две култури - како културен медијатор“ (Gromová, 2006, 47). Тоа ќе рече дека и во овој случај, најдлабоката смисла на книжевноста е смислата за културата, затоа што за формирањето и за развивањето на националната книжевност како најсуштествена се јавува свеста за правото на сопствена култура во чии рамки се изразуваат сопствените надежи и идеали преточени на мајчиниот јазик. Но, отвореноста на една книжевност кон странските книжевни хоризонти е неопходна не само и не пред сè заради збогатување со нивните искуства, туку и заради тоа што во партнерските корелации, во конфронтациите и во натпреварувањето со нив – таа се спознава подобро и самата себеси.
          Следствено, нашата студија за словачко-македонските книжевни врски се здоби со следнава структура:

 

Вовед
1. Кирилометодиевското наследство – почеток на словачко-македонските книжевни и културни врски
2. Словачките браќа Крижковци и нивните Писма од Македонија (1890 – 1893)
3. Павел Јозеф Шафарик и(ли) рецепцијата на дводомноста во словачката и во македонската книжевност
4. Људовит Штур и Крсте П. Мисирков
5. Книжевно-историската и културно-општествената ситуација во Македонија до 1945 година во сооднос кон словачката култура
6. Словачката и македонската книжевност во заемните контакти по 1945 година
6. 1. За некои преведувачки карактеристики во словачко-македонските поетски антологии
6. 2. За специфичните аспекти во рецепцијата на творештвото на Милан Руфус во Македонија и(ли) за неколкуте пропусти на македонските книжевници
6. 3. Драмското творештво во словачко-македонските културни врски од втората половина на дваесеттиот век до денес
6. 4. За Изгубениот рај од Рудолф Слобода и за „изгубените“ во македонскиот превод на романот
6. 5. Диониз Ѓуришин и Милан Ѓурчинов
Заклучок
Прилог:
Словачко-македонска книжевна библиографија (1945-2008)
Резиме на македонски јазик
Резиме на англиски јазик
Користени извори и литература
Регистер на автори и преведувачи.

 

          Како исклучително важен прилог во студијата, двостраните библиографски документациски регистри на заемната рецепција на двете книжевности, ги поделивме (поради подобрата прегледност и ориентација на материјалот) и на неколку подгрупи и тоа:

 

- Македонски автори (и македонската книжевност) во словачкиот печат, во критичките огласи и во книжевно-научните публикации на словачки и на македонски јазик
- Македонски автори во книжевно-антологиските публикации на словачки јазик
- Книжни (цели) публикувани изданија од македонски автори на словачки јазик
- Словачки автори (и словачката книжевност) во македонскиот печат, во критичките огласи и во книжевно-научните публикации на македонски и на словачки јазик
- Словачки автори во книжевно-антологиските публикации на македонски јазик
- Книжни (цели) изданија од словачки автори на македонски јазик.

 

          Кога зборуваме за врските и за соодносите меѓу словачката и македонската книжевност мислиме и на тоа што заемно ги поврзува, а преку поврзувањето и ги динамизира, ги навраќа кон позициите на сопствената препознатливост, но и ги вклучува во поширокиот меѓукнижевен и меѓукултурен процес. Од тој аспект, терминот „врски“ треба да го разбереме како ознака од општ карактер со која при компаративното вреднување на двете книжевности се вреднуваат, всушност, развојните прашања на генезата и на контактите во нивниот културно-општествен континуитет. Со еден збор, на истражувањето на меѓукнижевните врски гледавме како на значаен удел во спознавањето на овие две национални книжевности и на нивното место во меѓународниот книжевно-културен организам.

          Во својот труд, меѓу другото, пристапувавме и со искрена почит кон вистинските вредности и достигнувања на прилично постојаниот интерес на словачката културна јавност за Македонија и за македонската книжевност во втората половина на дваесеттиот век. Затоа настојувавме да го афирмираме тука и начелото на ново сфаќање на врските меѓу споредуваните книжевности и да ги погледнеме нив со инструментариумот на новите истражувачки постапки, да ги доближиме до потребите на современата наука за така да станат активен елемент во современиот спознавачки, истражувачки, а со тоа и прагматичен културно-општествен живот. Словачката лингвистичка и книжевно-научна фела негувала големи симпатии кон Македонија, независно од тоа што Словаците најверојатно ги познавале најмалку Македонците од сите Јужни Словени што имало не само своја историска, политичка, географска, туку и јазична причина, бидејќи до неодмна не го познавале совршено македонскиот јазик. Иако во Словачка до пред извесно време не се профилира изворно и темелно ниту еден стручњак за македонистика, симпатиите беа спонтани и трајни без разлика на тоа што објективниот интерес за македонскиот јазик и книжевност, во суштина, се ограничуваше на неколку индивидуалци. Така се случи, улогата на пропагатори на македонската култура во словачката средина да ја понесат и да ја извршуваат најмногу профилираните кроатисти, србисти или воопшто „југослависти“, во помала мерка – бугаристи, а делумно и општоприфатени слависти. Сепак, се чини дека најголеми посредници на македонската книжевност во Словачка беа војводинските Словаци. Општествената поставеност на Словаците од Војводина овозможувала во повеќе наврати во минатото да се конкретизираат народната (словачка) свест и идејата за словачко-македонска соработка во форма на преводи во книжни изданија, но и во форма на претставувања на македонски автори во нивната книжевна периодика на словачки јазик. Тоа се форми што тогаш не можеа да ги реализираат Словаците од Словачка, кои живееа во понеповолни општествено-политички и економски услови. Творечките резултати од војводинските словачки преведувачи станаа постепено дел од словачката култура (книгите излегуваа претежно во Нови Сад - во просторите на тогашната југословенска федерација, но беа достапни и во Братислава, а драмските претстави се реализираа во тогашна Чехословачка и беа специјално подготвувани за изведба во Словачка). Без оглед на тоа што денес соработката со војводинските Словаци во поглед на рецепцијата на македонската книжевност е занемарлива, треба да се признае дека политичките развојни прилики во втората половина на дваесеттиот век го потврдија фактот дека секогаш кога имало поволна ситуација, соработката на војводинските Словаци со братиславските влијателни кругови во Словачка се интензивирала во прилог на македонската книжевност и култура. Поради сите тие причини, станало небаре природно тоа што некои преводи од македонската книжевност на словачки јазик се направени „од втора рака“ (според терминологијата на Диониз Ѓуришин) – со помош на преводите од српскиот или од некој друг јужнословенски јазик. Ситуацијата во обратниот случај – со словачката книжевност во Македонија – беше само малку подобра со оглед на тоа што некои македонски бохемисти, слависти или компаратисти во извесни периоди активно се специјализираа на словакистички дела, а со тоа обрнуваа и подлабоко и пососредоточено внимание во следењето и во претставувањето на словачката книжевност во своето домашно културно милје.
          Со оглед на фактот што нашата студија сè уште не е објавена како книга во Словачка, а тоа значи дека и нејзините потенцијални читатели и пошироката јавност не можат засега во полн обем да ја сублимираат сразмерноста и веродостојноста на нашите гореизнесени ставови – ќе си дозволиме нескромно, на крајот од текстов, да ги соопштиме и некои од стручните рецензентски ставови искажани по повод нашите научно-истражувачки согледби во доменот на словачко-македонските меѓусловенски книжевни и културни проникнувања.

          Имено, за д-р Соња Стојменска – Елзесер од Институтот за македонска литература во Скопје, „трудот се одликува со сериозен пристап, задлабочен и ентузијастички однос кон третираните прашања, акрибичност и изострен нерв, кој воедно нема страв да проценува и да критикува, но не се воздржува и да пофали, кога за тоа постојат цврсти аргументи. Стилот на авторот вибрира меѓу научна прецизност и интимна проживеаност, што и’ дава на книгата истовремено и белег на студиозност и информативност, но и на питко четиво кое за љубопитните отвора нови книжевни простори и понудува своевидни духовни придобивки“. За проф. д-р Андреј Червењак од Универзитетот во Нитра, студијата може да се окарактеризира како „заслужен труд, кој според изборот на материјалот, неговата теориска рефлексија, методиката и методологијата - природно се наметнува за самостојно книжно издание, кое може да претставува придонес не само за македонистиката, туку и за словачката транслатологија, компаратистика и културологија. Не е исклучено студијата да стане и основа за дискусија по повод различните проблеми од теоријата и од практиката на книжевниот живот не само кај нас, туку и во пошироките европски простори“. Најпосле, за д-р Јан Јанкович од Словачката академија на науките „трудот е предизвикувачки и откривачки, тој е значајна пресвртница во заемните врски на нашите народи и книжевности. Студијата може да се означи за дело со основоположничко значење, кое е актуелно, а воедно и предодредено за долг живот во општествената практика на двата наши народи. Во ситуација кога ниту во Словачка ниту во Македонија не постојат дела за историјата и за книжевноста на нашите пријателски народи, овој стручен труд може да изврши и многу други функции и посланија. Делото ќе биде темел и за истражување на нашите идни заемни врски, а може да резонира и во поширок славистички контекст“.
          Како автор на претставениот проект ми преостанува да подвлечам уште еден од можните заклучоци од студијата за словачко-македонските книжевни и културни врски, а тоа е дека појавата на ваквото дело претставува своевидно заокружување и дообликување на мојот повеќегодишен ангажман во развивањето и во проследувањето на овој компаратистичко-славистички научно-културен корпус. Словачко-македонските книжевни врски во многу нешта се разликуваат од врските што ги има словачката или македонската книжевност со другите европски и светски книжевности. Тоа се врски на т.н. „мали“ словенски литератури, кои во историските невремиња се стремеле за самостоен живот, за себедокажување и за себепотврдување. Сепак, можеби и самата егзистенција на таквите врски ќе претставува повод повеќе за двете страни – за исклучителни вложувања, активности и проекции во иднина. Појавата на студијата, секако, ќе претставува и поттик за наши нови заложби во тој правец. Впрочем, објавата на трудот веќе ја сметаме и за природен исчекор во градењето на нашата трасирана професионална ориентација. На тој начин, како што објаснивме погоре, сакаме да веруваме дека и словачката и македонската книжевност кои се едни од движечките сили на развојот на своите култури, не смеат да останат на маргините од поширокиот јавен интерес, па затоа треба да се направат заеднички чекори со кои двете книжевности ќе се претстават и ќе се наметнат уште поуспешно во меѓународни рамки интензивирајќи го и дијалогот со останатиот свет.

 

                                                                          ЛИТЕРАТУРА

Gromová, Edita: Medzikulturny faktor v preklade a jeho reflexia v translatologickom výskume. In: Letná škola prekladu 4 (Medzikulturny a medzipriestorový faktor v preklade – Zbornik prednášok 27. ročnik, Budmerice 21 – 23 september 2005). Bratislava, 2006, s. 47.
Rakšányiová, Jana: Preklad v kultúre a kultúra v preklade. In: Letná škola prekladu 4 (Medzikultúrny a medzipriestorový faktor v preklade – Zborník prednášok 27. ročník, Budmerice 21 – 23 september 2005). Bratislava, 2006, s. 15.