MАКЕДОНСКАТА КНИЖЕВНОСТ ВО ПЕРИОДОТ НА ТРАНЗИЦИЈА: НЕКОИ НАЈНОВИ ТЕНДЕНЦИИ ВО ПРОЗАТА

Анастасија Ѓурчинова

ISSN 1409-715X

          Во последната деценија од 20 век и првиве неколку години од 21 век, и македонската книжевност се развива во согласност со целокупната општествено политичка и културна клима во земјата и регионот, наоѓајќи се себеси на премин, крстопат, во период на себе-испитување или – транзиција. Во оваа смисла, таа ги споделува искуствата на другите словенски или источноевропски земји кои се нашле во слична ситуација, но се одликува и со голем број специфичности, карактеристични за нејзината еволуција.
          Покрај источноевропскиот, да не заборавиме дека Македонија исцело му припаѓа и на балканскиот општествен и културен контекст, што само ја усложнува нејзината позиција и ги определува нејзините специфики. Етничките судири, политичката нестабилност на регионот и сериозниот ризик за прелевање на војната од соседството, придонесоа животот во Македонија во последнава деценија и половина да стане возбудлив, непредвидлив, како и  главно исполнет со резигнација, анксиозност и неизвесност за иднината.
          И македонската книжевност во последниве петнаесетина години се видоизменува, се проблематизира, но секако опстојува, се обновува и донесува низа интересни сведоштва за епохата во која живееме. Новонастанатата политичка ситуација, проблемите со зачувување на името, јазикот и границите на земјата, како да ја доведуваат Македонија во една постколонијална состојба, со нагласена потреба од редефинирање и преиспитување на највиталните национални прашања. Но, сето ова придонесе и за ново чувствување на стварноста и книжевно промислување на некои од најсуштинските теми од егзистенцијален карактер, како на пример оние на традицијата, актуелниот општествен миг, идентитетот, односот кон другиот и другоста и сл. Нашата книжевност во последнава деценија и половина се видоизмнува, се проблематизира, но опстојува, се обновува и донесува низа интересни сведоштва за епохата во која живееме. Сите книжевни облици доживуваат трансформација, но општествените процеси и идеолошките промени се особено видливи во прозната и во драмската литература.
          Македонската прозна продукција ги елаборира овие тематски преокупации  преку различни книжевно-уметнички постапки, главно од постмодерен карактер, и тоа најмногу преку деконструкција на претходно важечките стилски модели. Во таа смисла, во прозните текстови е сè поприсутна хибридизацијата и поместувањето на границите на книжевниот жанр, користењето на интертекстуалниот и интеркултуралниот пристап, имаголошките релации, нагласената употреба на иронијата и сл.
          Да се задржиме накусо на секоја од овие категории.
          Цврстата поделба на книжевните жанри постепено го отстапува местото на нивната измешаност, вкрстување и меѓусебно проникнување, преку сè почесто претопување на романот, есејот, хрониката, автобиографијата, дневните колумни, новелата и сл.
          Во согласност со една од основните карактеристики на литературата на постмодернизмот, и македонската книжевност во изминатава деценија обилно се служи со техниките на интертекстуалноста. Проблематизирајќи го концептот за оригиналноста во творештвото и македонските автори обилно се користат со цитати, преработка на веќе познати книжевни модели и постапки и нивно вклучување во новиот текст.
          Интеркултуралниот пристап, пак, неминовно води до проблемот на идентитетот (од секаков вид: национален, културен, родов и сл.), кој, како еден од клучните проблеми на современата литература не ја одминува ни македонската книжевност. Како општа карактеристика може да се истакне дека во делата од изминатиов период ова прашање почнува да се разгледува многу поотворено, пофлексибилно, напуштајќи го вкоренетиот балкански став за цврстината и неменливоста, согледувајќи ја потребата од постојано преиспитување и пресоздавање на идентитетот, сфатен во најширока смисла на зборот.

          Имагологијата, или начинот на кој се гледаме едни со други исто така е мошне присутен, особено кога се работи за односите помеѓу одделни литератури и култури, но слично како и другите книжевности околу нас и нашата литература е поретко спремна да проговори за начинот на кој ги гледаме нашите соседи тука на Балканот, а многу  почесто и со поголем интерес го третира односот Балкан-Европа, западна-источна цивилизација, култури на центарот и оние на периферијата и сл.
          Прашањето за традицијата исто така доживува своевидно критичко превреднување. Иако споменатата постколонијална ситуација сè уште бара често навраќање кон минатото и корените, со полна свест и почит за културното наследство македонскиот автор денес најчесто умее со умерена доза на иронија и со неопходна дистанца да се осврне кон традицијата на својата земја, откривајќи ги нејзините доблести на нов и достоинствен начин.
          Голем број дела настанати во последниве петнаесет години донесуваат и јасен став кон зовриената атмосфера во која живееме и којашто нè опкружува. Изолацијата, затвореноста, кревкоста на новонастанатите држави, анксиозноста поради несигурната безбедносна и економска ситуација, проблемите со визите и отежнатото движење вон границите на земјата, сето тоа остава трага и во книжевните дела. Писателот не е повеќе затворен во „кула од слонова коска”, туку најчесто има смелост отворено да проговори за најактуелните состојби, правејќи го тоа на најразлични начини, се разбира во согласност со сопствената поетика.
          Споменатите постапки може да се разгледаат преку делата на неколку современи автори, но можеби најексплицитно преку една парадигматична книга, која во голема мера ги содржи сите претходно споменати особености. Станува збор за делотоИнсомниа (2001) на Димитрие Дурацовски, кое со својата жанровска оригиналност, со дневничката структура, со нагласената интермедијалност и изостреното чувство за согледување на актуелните состојби, се изделува од другите прозни остварувања. Напишана како дневнички запис во текот на една година, од февруари 1999 - до февруари 2000, помеѓу 47 и 48 роденден на авторот, оваа книга стои некаде помеѓу личната исповед и фикцијата. Но, книгава не е само дневник на еден човек во одреден временски период. Во неа се вклопени цели раскази, одломки од познати и непознати книжевни дела, електронски пораки и писма, книжевни и ликовни критики и рецензии, и многу, многу суптилни сеќавања. „Собирам”, вели авторот, „напластени баналности и тривијалности, куп испишана хартија, талог на минатите денови...” Фрагментарноста како принцип е интегрален дел од оваа проза, што е најверојатно мотивирано и од бесоницата, која стои во нејзиниот наслов. Од неа како да произлегува и изместеноста, децентрираноста и дисперзивноста во нарацијата: „Дење главоболка, зашеметувачко сонце, вертиго. Ноќе, инсомниа”. По малку иронично, авторот нè уверува дека станува збор за состојба која нему му делува плодотворно и поттикнувачки во творечка смисла, па вели: „Кога ќе се наспие, човек грдо се вразумува и отапува. Од она што ненаспан го мачело останува само бесплоден срам.”
          Во врска со интертекстуалниот и интермедијалниот пристап, вознемирените мисли на Дурацовски се испреплетуваат со мислите на многу негови духовни претходници - Џојс, Пруст, Едмунд Бирс, Бруно Шулц, Гомбрович и Виткаци на книжевен, како и Марсел Дишан, Фелини, Висконти и Густав Малер на уметнички план. „Сите книги се веќе напишани”, вели Дурацовски, „од Хомер и Шекспир сè е варијација на едни исти теми, рециклирање, препишување, допишување...”. „Признавам”, додава понатаму, „препишувам, цитирам, парафразирам, имитирам. Не сакам да бидам свој, универзален и посебен. Сакам да бидам периферен и маргинален. Да бидам секој – за да бидам никој.” Интермедијалниот карактер на книгата произлегува од нејзината извонредна ликовна опременост, во која авторот ја вградил својата огромна ерудиција, како и префинетиот сликарско-уметнички сенс.

          Споменатата маргиналност нè доближува до уште една тема којашто Дурацовски мајсторски умее да ја прeзентира во својата проза, а тоа е темата за т.н. провинција. Живеејќи и творејќи во Струга, на брегот на Охридското Езеро, со многу смелост и цинизам авторот се осврнува и на ранливоста на сопствениот идентитет, на осцилирањето меѓу литературата и сликарството, на провинцијата и осаменоста како личен избор. Насилното оттргнување од поширокиот југословенски простор и одбивањето да го прифати главниот град Скопје како место на живеење, го водат авторот кон доброволно прифаќање на животот на „периферијата”, која ја сака и покрај свеста за сите нејзини недостатоци. „Да се успее во Париз, тоа е лесно. Светски успех, кој се граничи со невозможното, е да се живее овде, во провинција.” И понатаму, со јасна доза на резигнираност, констатира дека всушност „сите ние живееме во една длабока провинција, каде што не се случува скоро ништо, освен по некоја мала, валкана војна, раселувања, нови држави и сл.“ Се разбира, провинцијата кај Дурацовски не е пречка за негова рамноправна комуникација со најголемите имиња на уметноста и културата од целиот свет, бидејќи единствено страшна и поразителна е „провинциjата на духот", која е апсолутна независна од големината на просторот што го населува(ме).
          Во своите ноќи без сон авторот Дурацовски се покажал како извонреден набљудувач на нашата провокативна и зовриена стварност. Притоа, клучно место во неговите размисли има кризата, не само долготрајната општествено политичка, туку и воената криза, која во мигот на создавањето на книгата добива драматични размери токму во непосредното соседство. Воената интервенција и бомбардирањето на соседната земја го вознемируваат авторот, но донесуваат претчуство за слична таква криза и во домашниот простор. Освен тоа, кризата на поширокиот план коинцидира и со кризата однатре, онаа на духовен план, која го доведува Дурацовски во континуирана состојба на немир, очајување и меланхолија. „Се наоѓаме среде хаос”, пишува тој, „го губиме градот, државата, себеси”. Критиката веќе забележала дека овие тревожни лични сведоштва на авторот, го доближуваат романот Инсомниа до денес мошне актуелниот теориски хоризонт на дислоцираност, внатрешен егзил и маргиналност, познати, на пример, од делата на Хоми Баба, Гајатри Спивак и други светски теоретичари (Шелева, 2003).
          Покрај Инсомниа, во овој преглед заслужуваат да се наведат барем уште неколку примери од  творештвото на некои од најприсутните и најинтересните автори кои делуваат во последнава деценија, меѓу кои би ги вброиле Венко Андоновски, Гоце Смилевски, Луан Старова, Лидија Димковска и Александар Прокопиев. 
        Папокот на светот (2000) од Венко Андоновски е роман којшто добил некои од највисоките книжевни признанија: роман на годината на „Утрински весник” во 2001 и меѓународната награда за балкански литератури „Балканика” во 2002. Романот на Андоновски е составен од две навидум независни приказни, сместени во различни времиња: едната во средновековието, во 9 век, а другата во современоста, во 20 век. Првата приказна е бавна, аналитична и мисловна, додека втората е брза, динамична и практична. Изграден врз фонот на византиската и црковнословенска култура и традиција, романот во својата основа ја има оваа игра со времињата, која во текот на нарацијата си добива своја целосна осмисленост и оправданост. Во еден постмодерен, „умбертоековски” манир, тргнувајќи од амбиентот на средновековниот манастир, за потоа да се префрли кон животот на младите луѓе во втората половина на 20 век, Андоновски ја развива идејата за папокот како центар на светот, како симбол на жената и страста, како средиште на човековата мудрост.

 

       Разговор со Спиноза е вториот роман на младиот автор Гоце Смилевски, дело кое е добитник на наградата за најдобар роман во 2003 година. Тргнувајќи од биографијата на Барух де Спиноза, познатиот филозоф од 17 век, португалски Евреин од Амстердам и автор на познатата Етика, ова дело се стреми да оствари најнепосреден контакт и со современиот читател. Историската матрица му послужила на младиот македонски писател да создаде една оригинална и возбудлива приказна, т.е. да ги искаже своите размисли околу некои вечни прашања на човековата егзистенција. Највпечатливиот проблем што е засегнат во оваа книга е дихотомијата меѓу разумот и чувствата, меѓу рационалното и емоционалното спознавање на светот. На мошне оригинален начин тој ја испишува оваа „фиктивна” биографија на Спиноза, поигрувајќи си со прашањето за историската вистина и фикцијата. Биографијата на филозофот е напишана двапати, еднаш видена низ призмата на рационалноста, а вторпат низ призмата на емоционалноста. Во првиот дел го гледаме Спиноза кој мисли, homo intellectualis, а во вториот – Спиноза кој чувствува - homo sentimentalis. Првиот концепт го подразбира трагањето на филозофот по бескрајноста, апсолутот и вечноста, додека вториот ја означува телесноста на човекот Спиноза, неговите копнежи, страсти и „слатки мигови на минливоста”. Тоа е книга родена од осаменоста, како состојба од која се раѓаат најгорливите желби и копнежи. Оттаму и потребата од дијалог, од „разговор” со Другиот, што е содржано и во самиот наслов на делото – Разговор со Спиноза. Иако македонската критика најчесто го определува овој роман како образец на постмодерно писмо, самиот автор се оградува од ваквата определба, упорно тврдејќи дека неговата книга претставува пример за „задоцнет романтизам” во нашата книжевност.
          За нашава тема особено е интересен и циклусот романи со заеднички наслов „Балканска сага” на писателот Луан Старова. Него го сочинуваат делата: Татковите книги, Време на козите, Патот на јагулите и Балканскиот жртвен јарец, голем број од нив веќе преведени на неколку европски јазици. Почнувајќи да ја следи „балканската одисеја” на своето семејство, Старова трага по корените, но уште повеќе и по „откорнувањето” на неговите членови, следејќи ги нивните преселби и движења од една во друга држава на Балканот. Се мешаат во овие дела повеќе традиции, повеќе култури, повеќе идеологии, сменување на „системи”, сè до најновите, актуелни настани на Балканот. Балканскиот циклус на Луан Старова претставува сведоштво за соживотот и судирот на различните култури на просторите на Југоисточна Европа, т.е. сведоштво за постојано актуелниот феномен на „мултикултуралноста” во македонската реалност. Особен успех забележа неговиот роман Времето на козите, кадешто авторот преку метафората на козата и нејзиното уништување, т.е. уништување на сè што е природно и изворно кај луѓето, упатува жестока критика на тоталитарните режими.
       Скриена камера е наслов на прозниот првенец на поетесата Лидија Димковска, којшто е исто така добитник на високи литературни признанија. Овој роман претставува извонреден пример за литературата на „егзилот”, на странствувањето, на прашањето за „домот” и чувствувањето на неговото присуство или отсуство. Авторката Димковска, која долго време живее некаде помеѓу триаголникот Македонија – Романија – Словенија и го носи својот „дом” секаде со себе, на мошне искрен и инвентивен начин ги поставува прашањата за средбата и судирот на луѓето и културите, видени кај неа секогаш од една нова, поинаква и оригинална перспектива.

 

          Во прилог на глобалната тема на нашиот меѓународен истражувачки проект (Трансформација/транзиција во словенските книжевности по 1989 година), би завршилe со една слика преземена од кратките прози на Александар Прокопиев, автор на урбаниот сензибилитет, кој е подеднакво опседнат со својот град, Скопје, но и со многу други, европски и неевропски градови (Белград, Охрид, Париз, Варшава, Њујорк ...) Тој секогаш со особено задоволство се осврнува на темата на патувањето, било да е тоа реално или имагинарно, остварено или посакувано. Од еден негов расказ ќе ја извлечеме и една од најилустративните слики на македонската состојба во транзиција – сликата на чекалницата, т.е. оригиналното поигрување со зборовите транзиција и транзит-зона. Граѓаните на една транзициска земја, смета Прокопиев, се патници во транзит, оставени во чекалницата на некој голем аеродром, каде што со сиот багаж собран околу нив, но и со поглед внимателно вперен во најавната табла, трпеливо го чекаат летот што ќе ги одведе кон нивната ветена дестинација... (Прокопиев, 2000: 73-74)                                        
          

 

          ***

 

          Општ впечаток е дека македонските писатели, како впрочем и нивните сродници од другите источно-европски и балкански земји и култури, бездруго научиле да живеат и да творат во оваа денешна состојба на премин, промена и привременост, којашто обично се нарекува „период на транзиција”, која подразбира краткотрајност, а која веќе премногу долго трае за да биде определена само со својата категорија на минливост. Но, во оваа и ваква ситуација тие ги создаваат своите дела со голема свежина и оригиналност, приклонувајќи се кон различни поетики и книжевни „идеологии”, оставајќи зад себе сведоштво токму за ова бурно и хаотично, на мигови апатично, но многу почесто возбудливо и провокативно време во кое денес живееме.

 

                                                                          Референци

 

Димитрие Дурацовски, Insomnia, Скопје, Магор 2001.
Александар Прокопиев, 77 антиупатства за лична употреба, Скопје, Магор 2000.
Елизабета Шелева, „Невдоменост во куќата на романот”, во: Отворено писмо, Скопје, Магор, 2003.