МАКЕДОНСКИТЕ БИОГРАФИКЦИИ ВО РЕЛАЦИЈА СО ХОЛИВУДСКИОТ „BIOPIC“ (БАЈОПИК)

Соња Стојменска - Елзесер

ISSN 1409-715X

          Биографизмот како посебна сфера на книжевното творештво уште од времето на своите почетоци (значи, од античките биографии на Плутарх и Светониј, преку средновековните житија и хагеографии, како и биографиите на светци во речиси сите религии), па сè до современите видови на книжевни документарно-популарни и уметнички биографии, секогаш носел белег на комплексна полифункционалност. Со самото тоа што директно учествуваат во креирањето и насочувањето на колективната меморија, биографиите отсекогаш биле подложни на извесна политика: тие отсекогаш се пишувале/создавале токму за одредени конкретни не-случајни луѓе и тоа секогаш со одредена цел и мотивација. Биографиите се специфичен текст во кој се врши свесна селекција на одредени документарни податоци за животниот пат на некоја личност кои се ставаат во функција на постигнување на извесна цел. Иако за уметничката биографија од било која уметност (книжевна, филмска) примарна е естетската функција, таа секогаш е комбинирана и со постигнувањето други пошироки социо-културни општествени цели (на пример, за средновековните биографии била најважна религиозната и етичко-морализаторска функција, за некои деветнаесеттовековни биографии - преродбенско-националната, за други горливи историски констелации -политичката и сл.).  
          Оваа отвореност на жанрот им е особено привлечна на современите уметници кои преку биографиите успеваат да испишат низа други текстови и со тоа да  остварат повеќеслојни уметнички дела. Тоа е веројатно и една од причините за експлозивниот наплив на биографизам во дваесеттиот век, посебно на филмското платно и во литературата.
          Во филмологијата посебно се третира жанрот на биографски филм познат и под кратенката бајопик (biographical picture). Веќе постојат забележителен број студии посветени на оваа тематика (меѓу нив и библиографија која ги опфаќа поважните студии за бајопикот: Bell, Alana. "Biopic bibliography." Biography: an interdisciplinary quarterly (23:1) [Winter 2000] , p.212-222). Триесеттите години на ХХ век се период во кој својот зенит го достигнува т.н. модернистички бајопик, додека крајот на деведесеттите и првите години на дваесет и првиот век веќе означуваат ескалација на постмодернистички пристап кон биографизмот воопшто, па и на филмското платно – бајопикот станува интердисциплинарен и се разгранува според основниот мотив: политички (Никсон, ЏФК), спортски (Али - за Мухамед Али, на пример) и најмногу уметнички – скикарство, музика, литература (Фрида Кало, Силвија Плат, Рембо, Оскар Вајлд, Амадеус, Ван Гог и многу други). Во студијата на Џорџ  Ф. Кастен Бајо/Пик: Како Холивуд создава колективна меморија (1992) евидентирани се речиси триста вакви филмови снимени во студијата на Холивуд во периодот од 1927-1960 година преку кои се истражува специфичниот код на биографскиот жанр. Почнувајќи од деведесеттите години, пак, се забележува нов бран на бајопик во кој доминираат женски историографии и тоа посебно биографии на жени-уметнички од различни уметности. Во овие стории се губат границите помеѓу естетиката на уметничкиот филм, феминистичките политики и популарните наративни форми. Бајопикот генерално може да се базира врз целосно реалистичен дури мелодраматичен пристап или врз помалку или повеќе фикционален пристап.
          Ваквата тенденција во филмот се рефлектира и врз интересите на книжевниците. Евидентна е сè поголемата заинтересираност и на писателите за биографизам во кој, исто така, се расчаталуваат двете насоки: реалистичко проследување на вистинскиот животен пат на личноста – јунак на романот или  фикционално, прилагодено, модифицирано користење на биографските факти за некоја личност во сосема нови контексти. Биографската литература која вибрира меѓу фактицитет и фикција претпоставува книжевна постапка која на специфичен начин ги претвора историските факти во естетски креации и ја возобновува, но и ја збогатува меморијата за конкретната историска личност.

          Станува збор за специфична книжевна технологија на културна меморија во која доаѓа до израз инвентивноста на самите  писатели. Преку овој специфичен книжевен жанр се збиднува однос кон историското како „средба со другиот“, која ги релативизира времињата и просторите и во која се коегзистентни и компатибилни ликот што се толкува и оној што него го толкува, односно јунакот на романот и неговиот автор. Прашање е сепак колку новата приказна – романот за нечиј живот -  е приказна за историската личност за која зборува, а колку - за самиот писател на делото. Ваквиот тип романескни прози поставуваат интересни релации помеѓу животот и уметноста, меѓу минатото и сегашноста.
          Без било каква пејоративна конотација би истакнале дека овој тип книжевно писмо би можел да се смета за своевидна книжевна мода која секако била во допир и со тенденциите во моќниот филмски медиум. Книжевните моди се еден значаен  сегмент од динамизмот на книжевноста и честопати се одговорни за поттикнувањето и создавањето нови книжевни постапки, форми и конвенции.  
          Во тој контекст, може да се констатира дека и низа македонски романи од последниве десетина години (Смилевски, Гоце, (2002), Разговор со Спиноза, Скопје: Дијалог; Ќорвезироска, Оливера (2005), Заклученото тело на Лу, Скопје: Магор; Чаповски, Иван, Тагата на Мајлс Франклин под Кајмакчалан, Скопје: Култура, 2005 и други) се вбројуваат во ваквиот интернационален бран биографска литература која, меѓу другото, има и допирни точки со бајопикот.
          Гоце Смилевски го остварува својот роман преку прозното поигрување кое опфаќа најмалку три нивоа на интертекстуалност: со биографијата и погледите на филозофот, со делата напишани за него од други автори, како и со суптилните естетски пораки на фламанското сликарство. При работата врз својот роман Смилевски ги користел  постоечките биографии на Спиноза, како оние од неговото време – од Жан-Максимилиан Лукас и Јохан Колерус, така и оние од денешно време - на пример, од Маргарет Гујан-Вур и Стивен Недлер. Каков е Спиноза на Смилевски? Двослојноста на романот му дава можност на авторот да го измисли/прикаже/толкува Спиноза во две противречни варијанти; во првиот дел како обестрастено, интелектуално битие кое тежнее кон апсолут, поточно како homo intellectualis, а во вториот, како страстен, жив, топллокрвен човек кому не му е „туѓо ништо што е човечко“, поточно како homo sentimentalis. Ваквата книжевна постапка на интересен начин ја доловува токму дихотомијата што владее во целата филозофија на Спиноза меѓу разумот, бесконечноста, апсолутот, духот од една, и емоцијата, сетилноста, убавината на минливите нешта, самиот живот, од друга страна.
          Романот на Оливера Ќорвезироска се поврзува со личноста на Лу Андреас Саломе - импозантна креативна личност-персона: психоаналитичарка, писателка и  интелектуалка. Иако нејзините книжевни остварувања не се здобиле со трајна популарност, макар што во времето на нејзиниот живот биле доста читани, сепак, нејзиното име останува запаметено низ вековите, првенствено поради неговата поврзаност со неколкумината славни мажи кои биле нејзини љубовници, меѓу кои се истакнуваат веќе спомнатите Ре и Ниче, но и Рајнер Марија Рилке, Сигмунд Фројд и др. Самиот наслов на книжевната биографија на Лу од перото на Ќорвезироска покажува дека е концентрирана врз еден многу нејасен и провокативен детаљ од нејзиниот живот – фактот дека Лу не знаела за телесна љубов сè до нејзината триесет и петта година, додека, подоцна, љубовната страст и’ станала опсесија. Мистериозната причина за тоа, односно приказната што може да се исплете околу овој необичен факт, е и основната нишка што ја следи овој роман. Тој е еден вид реинтерпретација и во себе содржи низа линкови со други уметнички, биграфски и есеистички дела посветени на Лу Саломе. Во таа смисла, директно надоврзување и дијалог може да се забележи со есеистичката книга на француската писателка Франсоа Жиру со наслов Лу: приказна за една слободна жена, како и со романот на српскиот писател Светислав Басара Срцето на земјата, во кој, на специфичен начин, се измислуваат варијации на љубовната врска меѓу Лу и Ниче. Целото ткиво на романот е прошарано со извадоци од кореспонденцијата и од делата на Лу, со песни од Рилке, како и со цитати од книгите на Ниче.

          Третиот македонски роман споменат во овој контекст се врзува со биографијата на австралиската писателка Мајлс Франклин и тоа доминантно со еден конкретен сегмент од неа. Нарацијата се задржува врз престојот на Франклин на Балканот како медицинска сестра во една воена болница за време на Првата светска војна. Повторно во центарот на вниманието е жена-писателка која во своето време била истакната феминистка и поборничка за женските права. Сепак, тоа не е доминантната мотивација; првенствено, мотивот на авторот за нејзиното биографско разоткривање е можноста да се проговори преку нејзините погледи и доживувања (претпоставени, иако потполно документирани) за бесмислата на Балканските војни, за специфичната ситуација во пределите на Егејска Македонија и пред сè, да се оживее трагиката на егејското население.
          Зошто се избрани токму овие личности? Што значат тие за колективната меморија? Дали македонските автори инсистираат на нив за да ги внесат или да ги засилат нивните присуства во македонскиот културолошки контекст или едноставно преку нив сакаат да раскажат своја приказна и всушност пишувајќи за нив испишуваат приказна за себе?! Сите романи се реалистични во својот метод: фактите во нив доблесно се користат и од нив зрачи неопходната свест за минатото која ги засилува индивидуалностите на сегашноста. Јунаците не се само историски личности – персони кои ги пробиле временските бариери, туку тие се, пред сè, егземплари – средства за нешто друго, метафори...
          Првата е првенствено филозофска, втората - психоаналитичка, третата – историско-политичка. За нивното истражување неопходна е историски фундирана имагинација; на пример, потребно е Смилевски да ги замисли условите за живот во Холандија од времето на Спиноза, за Ќорвезироска - да се впушти во растолкување на комплицираните односи меѓу мажите на Лу и неа (што подразбира биографски податоци и за Ниче и Фројд паралелно), а Чаповски - во детали да ја познава историјата на егејскиот крај, како и податоците за необичната личност на австралиската писателка која од незнајни, авантуристички или други побуди, се наоѓа во еден миг од својот живот во пределите на страшниот и суров Балкан. Во тој градбен имагинациски процес особено потенцирана улога има визуелизацијата, така што не е случајно што за Смилевски фламанското сликарство има посебна улога при создавањето на ликот на Спиноза. Тој се служи токму со сликарските дела, како што се портретите на Спиноза од непознати сликари, потоа со Рембрантовата слика „Час по анатомија“ директно инволвирана во нарацијата и воопшто, сета амбиенталност и нагласена сликовност, играта на темнините и светлините во вид на писмен дискурс, многу му должат на сликарскиот медиум.
          Слично на сликарството и фотографијата има, можеби уште повеќе, моќ на конзервација на проверливите факти, но и на инспирацијата за нивно реинтерпретирање. Лу Андреас Саломе, јунакињата на романот на Ќорвезироска, веројатно најмногу е запаметена по една необична фотографија на која таа ја „тера“ со бич колата во која се впрегнати двајца од нејзините обожувачи: Пол Ре и Ниче. Славната фотографија снимена во Швајцарија во 1882 година, си нашла своевидно место и во романот на македонската писателка како доказ на моќта на визуелната имагинација при градењето приказна.
          Во романот на Чаповски тој визуелен елемент како да се надополнува со помош на споредниот лик на пријателката на Мајлс Франклин - сликарката Полард која постојано, во слободните интермеца меѓу премрежјата во болницата, успева да ги овековечи преку цртеж неповторливите глетки околу себе... Исто така, и кај него фотографиите на ликови од историјата се постојано присутни во раскажувачкото ткиво, а при градењето на ликот на Франклин секако, пресудна била и нејзината фотографија од младешките години која Чаповски ја коментира, а во самото издание на романот - ја поставува на почетокот од текстот.

 

          При градењето на овие биографии-романи односно биографикции како што ги наречуваме во оваа пригода, навистина се користи реалистичко писмо, но тоа на благ начин се претвора во фикција која се одлепува од конкретноста и добива потполно други димензии. Поважни од реалистичките описи и факти во овој случај стануваат самиот избор, односно селекцијата за одделните биографски сегменти кои се опфатени во нарацијата; се  разбира, не станува збор за линеарни биографии кои ја следат личноста од раѓање до смрт, туку само за одделни  моменти, средби, мигови, настани, доживувања... Битна е и нивната распределеност, начинот на организација во приказна, што особено доаѓа до израз во романот на Смилевски кој токму и си поигрува со структурно-организирачките можности, а не помалку важни се самиот тон на раскажување и акцентирањето на одделните сегменти. Нарацијата во ваквите романи подразбира доминантна улога на авторот-раскажувач и авторитативен тон кои се наследени од класичната и популарна биографија, но кои во современите форми на биографикции овозможуваат нови изразни форми, поигрувања со односот кон читателот, со убедливоста, верноста и веродостојноста и сл.
          Линкот што го поставуваат овие биографии-романи меѓу минатото и сегашноста говори за моќта на книжевниот збор кој успева да ги релативизира просторите и времињата, па дури и приватностите и персоналностите, и преку одредени историски вистини за конкретни личности и настани, всушност, да поттикне општи хуманистички пораки. Вклученоста на овие три македонски романи во струењето што секако е под силно влијание и на филмскиот бајопик (не само холивудски, туку и во интернационалната кинематографија) укажува на фактот дека македонските книжевни остварувања не се во вакуум, туку ги следат светските креативни превирања и на своевиден начин се вклучуваат во културните и книжевни тенденции (не би требало да постои страв дури и да го употребиме повторно поимот книжевни моди за кој веќе истакнавме дека го сфаќаме во неговиот позитивен контекст) и со автентични вредности во сферата на македонскиот јазик, го збогатуваат разноликиот книжевен хоризонт.