ДА СЕ ДОЈДЕ ВО СВЕТОТ, ВО ЈАЗИКОТ И ВО ИЗВЕДБАТА НА ПОЕЗИЈАТА

Наташа Аврамовска

ISSN 1409-715X

          Поимите на културниот простор и на идентитетот коишто овде се контекст на промислата на поезијата, вкрстувајќи се, директно го поставуваат проблемот на јазикот. Јазикот притоа е разбран како фундаментален чинител на општествената врска, односно на културниот идентитет на една заедница. Поединецот пак, доаѓајќи на светот, првенствено се раѓа во јазикот на сопствената култура, учи да го набљудува и поима светот според налогот на значенската решетка на јазикот на неговата култура.
          Овој процес на усвојување на јазикот на сопствената култура, процесот на поопштествување на сопственото битие, Петер Слотердајк го означува со поимот тетовирање. Во неговите франкфуртски предавања, Да се дојде во светот, да се дојде во јазикот, во седум наврати, Слотердајк секојпат одново ја изложува драмата на овој процес на тетовирање на поединецот, пронижувањето на неговиот нервен систем со отпечатокот на општествената врска:

           „Само поради тоа што сме среде некаква повест, можеме да
           почнеме да ја раскажуваме сопствената повест. Ние сме
           , земени во status quo, сè друго освен неиспишани листови (...) не
           можам (...) за собраните списи што од почетокот ги прибира
           секој живот да пронајдам поприкладен израз од тетовирањето. (...)
           Она што ми лебди пред очи се тетовирањата на душата, коишто за
           нас ги изговараат нашите темелни слики, тоа се тетовирања на
           нервите кои како поврзување на смислата и како крчење на
           доживувањата се имаат зариено во нас, тоа се енграми кои ни
           даваат сигнали за аларм и акција, за повлекување и за копнеж 
           (Sloterdijk,Doci na svijet – dospjeti u jezik, MD, Zagreb, 1992: 10-11).

            Поезијата, пак, е древниот јазик на меморијата. Сплотеноста на мерките на Ерато и на Аполон во нејзиното создавање, вдахновеноста на поетското изрекување во спрега со музичките принципи на стихотворењето, ја чинат најдоминантен литературен вид: мнемотехнички устроен, податен за паметење и преповторување. Нејзиниот ритмички говор (звучниот, акустичкиот ритам), го донесува ефектот на автоматска повторливост. Станува збор за еден монотон елемент во повратна каденца составена од акорди на чисти акустички вредности на говорниот јазик, без оглед на значењето. Безмалу секое дете во Македонија наизуст може без да трепне да ја изведе пред вас магијата на брзозборката:

„Ономоно дономоно / триафиле карафиле/ стотопито моногито/
љајтин,  гујтин/ суезе сукезе/ делимар кокошкар/ зби, кации/
тенеќе, напрсток.“ (Миладиновци, 669)


           Народната поезија е ризница на културната меморија на заедницата, ризница на народното знаење. Во залажувалките, заспивалките и брзозборките, гатанките, поговорките и магиските формули, јуначките песни и приказните, компримирано е вековното искуство, знаењето на заедницата, коешто од колено на колено се пренесувало со посредството на запаметената реч. Така се одржувала општествената врска на заедницата, јадрото на нејзиниот културен идентитет. Во услови на писменост, со посредство на запишаната реч која во непроменет облик можела да стаса до пошироко распространетата заедница, станало возможно обединувањето на заедницата на многу поголема територија во единствен културен идентитет. Овој процес во Европа започнува од 18 век (во периодот на просветителството) и оттогаш како задолжителен предмет во наставата се воведува народната (националната) литература. За таа цел се кодифицираат литературните јазици на народите коишто прераснуваат во нации. Народните приказни се преточуваат во писмена форма како поучни четива, перформанските на значајни поетските творби стануваат заштитен знак на општествено релевантните собири: чествувањата и одбележувањата. Така настануваат модерните европски граѓански држави.

 

          Но што е со поединецот, новородениот, секогаш одново спроведуван низ семантичките јазли на општествувањето во јазикот? Според Слотердајк, секој живот наликува на Борхесовата „песочна книга" (ibid: 21), во која нумерацијата на страниците е сосем произволна, а првите и последните страници се недосегливи, при што амбисот на нивната недосегливост му се заканува на љубопитникот со дезориентација на неговата укотвеност (ситуираност) во рамките на стварноста и со лудило. Ваквата песочна книга затоа никој не може да ја поседува. Но токму поезијата (Слотердајк вели: die Dichtung) - особено во општествени услови кога комуникацијата честопати станува празно ломотење  - се нурнува во потрагата на откривањето на автентичното искуство на тетовирањето и тетовираноста. Оттаму, според него, уметноста е првенствено себеизложување и сведочење, а дури потоа,креација.
          Тоа е она себеосведочување за кое говори Хуго Бал, кој откако ќе раскине со надреалистите се свртува кон уметноста како сведоштво. Во своите дневници запишува: „Дали човек треба да си тетовира срце на челото? Тоагаш сиот свет би видел: срцето му удрило во глава (...)“. Или, на друго место:

 

           „Тетовирањето првенствено секако било хиератска уметност. Кога 
           поетите би морале своите стихови или дури само своите праслики 
           да си ги врежуваат во сопственото месо, веројатно многу помалку 
           нешта би биле напишани. Од друга страна, во многу помала мерка 
           би можеле да ја заобиколиме првобитната смисла на 
           публикацијата како облик на себеразголување.“ (Sloterdijk, 1992: 12)

 

          Сведочејќи, во извесни периоди или пројави, поезијата се огласува со силината на општествен пресврт: во периодот на романтизмот, во периодот на авангардата пред Втората свеста војна, во периодот на студентското движење во шеесеттите години на минатиот век. Во овие периоди на силовити проблици на нови светогледи поставени со силата на поетското изрекување, независно дали нивната светотворна реч е изнајдена во вдахновението од новиот ритам на машините и индустријата, во алогичноста на сонот или во поривот да се воскресне вистинитоста, стварноста на изрекувањето, осудата на светот и општеството, во секој од нив, значи, поезијата отвора нови светогледи, создава нова чувственост и го профилира не само нејзиниот индивидуален читател, туку на чудесен, многукратно посредуван начин во бројните системи на општествената комуникација и општествениот субјект. Овие пресвртни периоди во развојот на поезијата се шират како пожар кој не ги признава границите на симболичкиот простор на другите јазици. Јазиците на другите култури ги подиставаат меѓите на нивните симболички ораници и допуштаат да бидат опожарени со возобновувачкиот оган на плодородието на смислата, кое веројатно на другата почва ќе биде модифицирано според поднебјето, според мерката на неговото сонце и светлината.
          Би завршила нагласувајќи го токму овој аспект: универзалното поетско искуство кое го наоѓа својот пат до другиот во светот на културите. Имено, на дамнешното, свештено, хиератско искуство на поезијата, постојаната потрага по нов јазичен склоп со кој би се изразила една нова состојба, нова чувственост, би се заграбило од морето на сеуште недосегнатите можности една нова растрепереност, разбрануваност на познатото во нов, необичен сооднос, нов облик, со кој би откинал од просторот на неуловливото и неискажливото: ново значење во светот. За уметникот на зборот секојдневната јазична практика, правилата на нејзината изведба се материјал чија разградба е налик на духовен  скок кон темнината на модрозеленото огледало што се наѕира од урнисот над мостарскиот мост и себераспарчување над неговата огледална поврвнина:

          Велимир Хлебников

           Откако ја скрши кората на зборот,
           Пилето на луѓето летна в синевината
           И  купиштата на бројките со взорот
           Врз клада од коски просторите тешки
           И децата мајките без здив
           Ги ставаа в неговите раце жешки,
           Дека тоа беше божество за нив.

           (препев: Е. Клетников)

за да се доживее преобразбата на нурнувањето, потопеноста во звукот на космичката креација, што ние, другите, обичните смртници можеме да ја наслушнеме во длабочината со која вибрира резонантната кутија на морската школка и, само понекогаш, за миг, во светлината на изведбата на поезијата. Во мигот на таква светотворна светлина на поетското изрекување, во свети мигови на изведбата на поезијата, кога таа се случува, кога се одвива пред нас, не се потребни преводи. Таа ги потресува темелите на нашето поимање и доживување на самата можност на човековото огласување, кое одекнува како да извира од врелата утроба на Земјата, грутка која крвави со ритамот на срцебиењето саможртвено устремена кон вишините на синевината. Секогаш одново доживувам во паметењето неколку ретки мига на такви изведби: разнесени од водите над Дрим или кои одекнале под светиот свод на Света Софија.