ЕМЕ СЕЗЕР - ПОЕТСКИ ГЕНИЈ НА ФРАНКОФОНСКАТА ЛИТЕРАТУРА НА XX ВЕК И ЦВРСТА ПОЛИТИЧКА ЛИЧНОСТ

Лилјана Тодорова

ISSN 1409-715X

          Во чест и слава на Еме Сезер, еден од најзначајните поетски великани на црнечката франкофонска поезија на XX век, Францускиот културен центар во Скопје во соработка со Народната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски”, во октомври 2008 година, организираа пригодна изложба која со својата основна мисла претставуваше поттик за едно книжевно патување по чудесниот франкофонски простор на Антилите, островите во Атлантикот спроти јужно-американскиот континент (ante-ilum) каде денес се создава една извонредно богата литература со „разноликост на стилови” (“diversalité de styles”- според Edouard Glissant). Таа литература тежнее, особено, да реконструира еден живот и еден свет негиран и од неправедната и мачна историја на оваа плурална популација – „дојденци” од Африка, што е во потрага по својот идентитет, залагајќи се за рехабилитирање и афирмација на своите традиционални културни и цивилизациски вредности.
          Еме Сезер потекнува од овој дел на Антилите, поточно од островот Мартиник каде е роден во Бас-Поинт на 26 јуни 1913 год. и каде почина во Фор-де-Франс, главниот град на островот, на 17 април 2008 г. како угледна и ценета личност, доживувајќи, на задоволство на своите сограѓани, деведесет и четири годишна возраст. Му беа оддадени високи национални почести со присуство на погребот на самиот претседател на Република Франција, Никола Саркози, на поранешниот генерален секретар на Меѓународната организација на франкофонијата и некогашен претседател на Република Сенегал Абду Диуф, на Госпоѓа Сеголен Роајал и на бројни политички и книжевни достоинственици, меѓу кои и неговите соработници Роже Депестр, добитник на наградата Гонкур за 1982 год. и писателот Клод Риб. Со нив, мартиниканскиот народ од Фор-де-Франс со достојна почит ќе го испрати во вечноста својот заслужен долгогодишен градоначалник - мандат што Сезер го исполнуваше полни 56 години (од 1945 до 2001) и пратеник во Националното собрание на Франција, политичка должност што исто така, долго ја извршуваше (48 години - од 1945 до 1993), паралелно со другите свои активности на хуманист, решителен антиколонијалист, промотор на африканската самосвојност и култура и на африканската составка на идентитетот на своите Антилци. Со такви основни мисли и заложби ќе се одликува и неговото значајно книжевно дело на поет, есеист и драмски писател.
          Израснат во семејство на предци кои биле меѓу првите учители на Мартиник, Сезер доследно го следен тој интелектуален интерес и завршувајќи го основното образование како одличен ученик, добива стипендија од француската влада за школување во Париз. Во 1931 година го продолжува образованието во гимназијата Луј ле Гранд, а потоа како студент во прочуената Екол нормал супериор, каде го стекнува своето професорско и интелектуално оформување. Тука се среќава со африканскиот интелектуалец Леополд Седар Сенгор кој веќе активно е вклопен во ангажираните црнечки кругови во Париз, работејќи на осознавање на нивниот потиснат, но не и откорнат идентитет, задржан во африканската компонента на нивното битие и свест. Како човек од акција, Сезер спонтано и успешно во тој период го креира поимот негритида (négritude) и за прв пат го употребува во 1931 година кога, заедно со гвајанскиот поет Леон Гонтран Дамас и сенегалците Сенгор и Бираго Диоп, го основаат весникот Црниот студент (L’Etudiant Noir)со кој тежнеат да ја изразат својата книжевна и политичка борба. „Денешните млади Црнци не сакаат ни потчинетост ни ’асимилација’. Тие сакаат еманципација” (1) - пишуваа тие во нивниот програмски број. Така се оформуваат како движењенегритида (црнештво) за реакција против културната асимилација, а за ревалоризација на африканската култура и на нејзините вредности, преку болното трагање по своето вековно постоење што е извор и за нивна гордост. Повеќе културно одошто политичко, движењето негритида во своите визии (иако извесни нивни ставови денес можат да се чинат и контрадикторни) проектираше еден активен хумнизам кон сите поробени за одбрана на човековото достоинство и против откорнувањето од идентитетот, сегрегацијата, понижувањето и потчинувањето од било каков вид, особено кога тоа е упатено кон црниот човек, најчесто сведуван на роб.

          Пред дипломирањето, непосредно пред Втората светска војна, Сезер успева да го оформи своето најзначајно поетско делоТетратка за едно враќање во родниот крај (Cahier d’un retour au Pays natal) и, во една прва верзија, да го објави во делови во едно списание. Во оваа поема стожерен збор е токму црнештвото кое е анализирано и дефинирано низ еден процес, односно низ потрагата на поетот (како и на сите црнечки народи) по самиот себе:

          Мојата негритида не е камен, глувост што бурно негодува на
          дневната врева
          мојата негритида не е бела дамка од мртвица во рожницата на
         мртвото око на земјата
          мојата негритида не е ни кула ниту пак катедрала

          таа длаби во црвеното месо на почвата
          таа нурнува во врелото месо на небото
          таа ја пробива непробојната онемоштеност на својата чесна
          трпеливост.

                     (Cahier d’un retour au pays naral, 1939) (2)

          Поемата Тетратка е едновремено и медитација и испит на совеста заради стекнување самосвест за сопствените вредности по долговековното ропско опстојување на овие народи – „дојденци” (депортирани) од Африка кои, откривајки ги своите корени, јазик и традиции чувствуваат задоволство да се биде Црнец, што е еднакво на сознанието и за сопствената гордост, ослободена од лажни вредности и од суета. Овде е всушност содржана темата на познатата метафора „слегување во пеколот “(“descente aux enfers”) со која Сезер, а потоа и книжевните критичари, најчесто ја формулираа портагата на црниот поет по неговиот идентитет.
          Во тие студентски денови Сезер се беше спријателил во Париз со хрватскиот интелекуалец Петар Губерина, подоцна еминентен лингвист и академик, автор на фонетската метода “Suwa Lingua” за учење на говор, со примена за учење и на странски јазици, кој во тоа време се бавеше и со проучување на црнечката поезија за кој интерес беше заслужен и самиот Сезер. Работеа и заедно и во еден период пред војната, во летото 1938 година, престојуваа кај Губерина во Шибеник. Тука Сезер ја подготвува дефинитивната верзија за печат на својата поема Тетратка... Убавата Далмација му беше вдахнала на Сезер и голема желба да се врати на својот остров. Доаѓајќи на Мартиник, тој во 1939 година ја објавува поемата со импресивен Поговород Петар Губерина. Тетратка за едно враќање во родниот крај е всушност ремек-дело на Сезер напишано на четириесеттина страници во слободен стих. Тоа претставува и разработка на неговото поетско искуство кое беше истовремено поетика на длабоко медитирање, на ангажиран израз преку оружјето на зборот и на необични лирски слики проткаени со поетиката на надреализмот. Сето тоа заедно, иако обилува со херметизам, не престанува да импресионира со својата оригиналност зашто, како и во поезијата на Сенгор, овој надреализам е специфична коегзистенција на реалното и имагинарното, односно претставува естетски и политички влог кој во поезијата тежнее да ги искаже потсвесните желби, надежи и гнев потиснати во битието на негро-африканецот. Андре Бретон, и самиот, беше воодушевен од оваа силна поезија и искажа пофални зборови, а за второто издание во 1943 год. кое беше билингвално (англиско-француско) напиша и Предговор, како што тоа го направи и за новата поетската збирка на Сезер во 1946 - Чудесно оружје (Les Armes Miraculeuses) што го означи неговото пристапување кон надреализмот. Исто така, и Сартр ќе даде генерална поддршка на оваа поезија на луциден револт и воопшто на движењето на „Црнештвото”, односно на панафриканизмот, на идејата за деколонизација. Имено, кога Л.С. Сенгор во 1948 год. по повод стогодишнината од аболицијата на ропството во колониите (1848) ја објави Anthologie de la Nouvelle Poésie nègre et malgache de langue francaise, Сартр прифати да напише предговор кој го наслови, индикативно, „Црниот Орфеј“ („Orphée Noir“), инспириран токму од метафората за „слегувањето во пеколот” во потрага по црнечките цивилизациски вредности, дефинирајќи го на тој начин извонредниот квалитет, оригиналноста и спецификите на оваа црнечка вербална поетика.

          На Мартиник Сезер се вработува како професор и во 1941 година го основа списанието Tropiques (Тропи) со кое извршува големо влијание на епохата преку публикување особено на поезија на „отпор”, против културната алиенација што ја спроведуваше колаборационистичкиот и репресивен режим на Виши. Преку ова списание ќе се оформат и ќе израснат неговите достојни следбеници Едуар Глисан (Edouard Glissant), Франц Фанон (Frantz Fanon), Даниел Максимен (Daniel Maximin) и др. Со поезијата на Сезер всушност, по еден долг период на регионалистичка литература која се развиваше на Мартиник како една домородна книжевна школа, потпрена пред се’ на елементи на романтизам, на етнографија, ритуали, морални конфликти во самиот црн интелектуалец, предрасуди и комплекси на инфериорност, но и на судир со „beke”- господарите (креолци) на плантажите со шеќерна трска, се профилира една креативна модернизација, всушност, една полувековна изразност со сите свои битни фази која води и кон универзализација, особено во доменот на поезијата. Кај Сезер тоа се чувствува не само преку некои аполинеровски одблесоци, на пример, во поетската збирка Сонце со пресечен врат (Soleil cou coupé, 1948) или збирката Катастер (Cadastre, 1961), туку и низ еден подбор на изразни зборови кои одекнуваат како вербална магија и револт, слично на револтот на Лотреамон, како експлозивни салви, урагански сили, вулкански ерупции што ослободуваат од окови, и сето тоа придружено од низи од раскошни стилски средства како смели метафори алтернирани со асонанци, алитерации, анафори и сл. На пример:

          Eveilleur, arracheur,
          Souffle souffert, souffle accoureur
          Maître des trois chemins…

                     (Cadastre, Ed. du Seuil, Paris, 1961)

          По ослободувањето на Мартиник, Сезер, навистина, не прави радикални чекори за политичка еманципација и, поради падот на земјата на економски план и тешката социјална положба, како млад 32-годишен пратеник во Францускиот парламент во 1946 година гласа за основање на француските прекуморски департмани: Гваделуп, Француска Гвајана, Реинион заедно со островот Мартиник, зашто тоа го смета како акт за репарација од колонијализмот. Но, тој сепак, секогаш, ќе биде спремен да се спротивстави на создавање лажни привиди што се спротивни на болната вистина за потчинетоста на неговите Антилци и смело да ги демистифицира. Така, во знак на протест, нема да го прифати францускиот Закон од 2005 година во кој се спомнуваа и позитивни аспекти на колонизацијата, па ќе успее тој контроверзен член во него да биде укинат. Во таа смисла, особено беа смели неговата полемичка Расправа за колонијализмот (Discours sur le Colonialisme) од 1950 година и подоцна, неговата Расправа за Негритидата (Discours sur la Négritude) од 1987, како анализа на европската колонијалистичка идеологија во која тој ги изнесе и своите бескромпромисни ставови кон расните дискриминации и предрасуди.
          Бидејќи не е склон кон компромиси, Сезер ќе ја напушти и Француската комунистичка партија во 1956 година, предизвикан од интервенциите во Унгарија од страна на тогашниот СССР и ќе ја основа во 1958 год. Прогресивната партија на Мартиник, која во својата програма предвидуваше автономија на Мартиник. Подоцна, од 1978 год. се придружува кон пратеничките редови на Социјалистичката партија во Националното собрание на Франција. Како градоначалник пак, покрај водењето грижа за економскиот и демографскиот растеж и за вработувањето на населението на Мартиник, Сезер ќе биде особено ангажиран за културниот развој и за негувањето на културните традиции и на народните уметности: занаетите, танцот, музиката. За таа цел, ќе биде иницијатор за формирање и на перманентни културно-уметнички структури, чија дејност создаде можност за основање на престижниот Фестивал на Фор-де-Франс преку кој се вреднуваат и денес ваквите традиции на Мартиник. Постојано буден за спречување на културната алиенација, Сезер, уште во 1947 година во Париз, каде го поминуваше практично половината од своето работно време делејќи го со работата во Фор-де-Франс, го беше основал, заедно со сенегалецот Alioune Diop и колегите Paul Niger и Guy Tirolien од Гваделуп, списанието Présence Africaine со цел да се афирмираат одделните франкофонски литератури. Денес, списанието е прераснато во угледна париска издавачка куќа која зад себе има богат издавачки франкофонски репертоар, меѓу кој се наоѓаат и две драмски дела на Сезер.

          Паралелно со ваквата политичка и културна дејност, Сезер ќе продолжи да го развива и збогатува своето поетско дело со нови збирки поезија кои во 1976 година ќе бидат собрани во три тома комплетни дела. На нив ќе се надоврзат збиркитеОковувања (Ferrements, Seuil, Paris, 1960, 1991), Јас, валавичарот на ламарина (Moi laminaire, Seuil, Paris, 1982) и Поезија (La Poésie, Seuil, Paris, 1994). Истовремено ќе пишува и есеи, историски трудови, но пред се’, драмски дела кои ќе го афирмираат неговото име и во гоемите европски средини. Еден Антоан Витез ќе го издигнува во Париз како значаен меѓу авторите што го обележаа театарот на дваесеттиот век. Особено ќе биде забележана неговата драма Трагедијата на кралот Кристоф (La tragédie du roi Christophe) од 1963 година, инспирирана од мачната историја на Хаити, првата независна црнечка република во светот (1804 год.) каде Сезер престојува половина година поканет да одржи серија предавања. Ова е драма и на современа Африка со сите контрадикторности, беда, неписменост, корупција на властите со кои се соочуваат земјите на т.н. Трет свет. Исто така, значајно е и неговото театарско дело А кучињата молкнаа (Et les chiens se taisaient, 1958, 1997) во кое е прикажан животот на еден револуционер, моментите од неговите падови и победи, како и убавите стремежи и замисли за иднината, за Утрешниот ден, сето тоа напишано, како и кај повеќето африкански поети, во неримувани стихови:

          Замислувам дека светот е шума. Така!
          Има баобаби, се вишат дабови, црни елки, бели дрвја ореови;
          посакувам да растат сите, цврсти и густи, различни по дрво, по става,
          по боја,
          но еднакво полни со сок и така што едното да не му пречи на другото,
          различни во нивната основа
          но оф!
          нека со нивните врвови се соединуваат да многу високо во етерот и
          рамно така што да сочинуваат за сите
          само еден покрив
          единствен велам заштитнички покрив…

                     (Et les chiens se taisaient, Ed. Présence africaine) (3)

          Меѓу театарските творби на Сезер за одбележување е особено Една  сезона во Конго (Une Saison a Congo, 1966), дело што ја преставува трагедијата на една значајна личност од Африка, Патрис Лумумба, водачот за извојување независност на Конго од белгиската колонијална власт. Евоцирано е,поточно, неговото загинување во 1960 год. кога ја предводеше борбата на својот народ. Во 1968 год. со пиесата пак Бура (Une Tempête) Сезер ќе направи една достојна адаптација на истоимената пиеса од Шекспир, поттикнат од темата за идентитетот и за колонијалните расни конфликти.
          Афирмирајќи се како хуманист и борец за слободен развој на културните вредности на своите сонародници и за признавање на специфичностите на нивното африканско потекло, на идентитетот и на јазикот од кој и тој самиот црпеше бројни африканизми, Сезер стекна голема слава уште при живот и во 1982 година ја доби престижната француска Grand Prix national за својата поезија. Неговото книжевно дело е светски познато и преведувано на многу јазици, меѓу другото на: англиски, шпански, германски и др., а бројни меѓународни симпозиуми и омажи беа посветени на неговото проучување и осветлување. Притоа, книжевниот опус на Сезер  е оценуван како дело со длабоки и оригинални мисли, со отворени перспективи кон универзалното и со естетика што го поставува во првите редови меѓу најдобрите франкофонски писатели, како „nègre fondamental”- „суштествен црнец”, како ќе го нарече во својата книга Луј Патрис (4), што се’ заедно го чини Сезер незаобиколен автор во светската книжевна историја. Поради неговите бројни заслуги и како политичка личност, дадена е иницијатива која е и прифатена од значајни писатели и од француски истакнати претставници на јавниот и културниот живот, Сезер наскоро да им се придружи во вечноста на најзаслужните великани во францускиот Пантеон.

Белешки:

1. “Les jeunes Nègres d’aujourd’hui ne veulent ni asservissement, ni “assimilation”. Ils veulent l’émancipation”.
2. “Ma negritude nest pas une pierre, sa surdité ruée contre la
clameur du jour
ma négritude n’est pas une taie d’eau morte sur l’oeil
mort de la terre
ma négritude n’est ni une tour ni une cathédrale

elle plonge dans la chair rouge du sol
elle plonge dans la chair ardente du soleil
elle troue l’accablement opaque de sa droite patience.”
3. “Je suppose que le monde soit une foret. Bon !
Il y a des baobabs, du chene vif, des sapins noir, du noyer blanc;
je veux qu’ils poussent tous, bien fermes et drus, différents de bois, de port, de couleur,
mais pareillement pleins de sève et sans que l’un empiète sur l’autre,
différents à leur base
mais oh !
que leur tête se rejoigne oui très haut dans l’éther
égal à ne former pour tous
qu’ un seul toit
je dis l’unique toit tutélaire…”

  1. Rencontre avec un nègre fondamental, Entretiens avec Patrice Louis, Arléa, Paris, 2004.
    Da se vidi i : Ngal, George, Aimé Césaire. L’Homme à la recherche d’une patrie, Dakar, 1975