КОМУ МУ Е КАКВА ПЕСНА АМАНЕТ - НЕКОЛКУ ВПЕЧАТОЦИ ЗА ТРАНЗИЦИЈАТА И МАКЕДОНСКАТА ПОЕЗИЈА

Елизабета Шелева

ISSN 1409-715X


Вовед

          Суштинската желба и потреба на секој писател е да биде во постојана транзиција, трансфер, транслација. Така барем Салман Ружди тоа убаво го кажува во својот текст „Имагинарни татковини“.
          Тоа важи и за македонските писатели и поети - ако погледнеме наназад, во периодот на сите драматични настани кои се случуваа од 1990 година наваму. Магматичната реалност се’ повеќе почнуваше да личи на фикционално дело, а медиумите ги проголтаа натуралистичките дражи на призорот „in sity“.
          Поетите меѓутоа, и понатаму останаа на трагата на сопствените, иманенти „транзиции“, непрекинливи метафизички „себства“, неуморно спроведувајќи „трансфери“ од митологијата, историјата, личната егзистенција - во нежното и продорно ткиво на лирската есенција.
          Тие, подобро речено, се впуштиле во биопсијата на реалноста: која ли е таа навистина и каква е оваа чудна, урагански вртоглава реалност во која, без опомена, исчезнуваат сите упоришта на Светот? Сите упоришта на Себството, кое копнежлилво се врти кон интимната светлост на поробената, бегалска душа!

Трауматски субјект: враќање на реалното

          Со семејно-историски трауми поткопаната онтологија на субјектот, го карактеризира поетското творештво на Богомил Ѓузел; неговата поетска интонација меѓутоа, ШКРГУТАВА, сиромава во плачот, до самата морничавост набиена со жестина на непокорниот, суров Бунтовник, кој потентно го испишува своето лирско мементо на историјата.
          Богато „надарен“ и тетовиран со комплексен, како личен, така и национален багаж, тој бескомпромисно, неуморно се занимава со архетипската вина на потеклото и „источниот грев“ на настанокот, продирајќи до самото јадро на библиските преданија. Како и секој голем поет, Ѓузел настојува секоја од поетските драми, за кои така впечатливо и страстно пишува, да подари аура со универзална длабочина, а, бидувајќи застапник на поетската „логистика“ и слоевитиот херменевтички опстанок - неговите песни се отров за секоја малодушност - реставрација на мала, а сепак најдрагоцена, интимна резистентност - повик за еротско совладување на (мета)физичките волци, кои се врткаат наоколу.

Поезија и егзистенцијална стеснетост

          Карактеристична за последната, поетска декада од 20 век е појавата на т.н. заветни книги од доцното творештво на веќе етаблираните и живи класици на македонската литература, во кои се рефлектираат пред се’ личните, но и генеричките теми на човечките суштества, соочени со хоризонтот на животната минливост, неминовното проштевање меѓу постоењето и светот околу себе.
          Тука се согледува големата поетска сила и талент на секој автор, кој во средбата со овој, несомнено болен и потресен, онтолошки мегдан - треба да пронајде достојно и убаво алиби за својот лирски настап.
          Песните на неодмана починатиот Петре Андреевски, потресно убаво говорат за потресната убавина на смртта и за убавиот мртовец. Создадени во возбудлива, взаемно пронижувачката кореографија на Ерос и Танатос - овие пораки на лирскиот субјект како, всушност, да говорат „од онаа страна“ на животот и смртта, постоењето и непостоењето - не пронаоѓајќи веќе никаков суштински рез или разеделба помеѓу споменатите онтолошки крајности. Напротив, животот и смртта себеси поетски се посакуваат, се оплодуваат, се бараат еден со друг во Убавината, всушност, ја надминуваат сета морбидност, стравовите, неутралноста врзана за небитието, ја хуманитаризираат и естетизираат самата смрт. Тие се поетски обред на сеединството на исчезнувањето-во-настанувањето.

          Покрај Блаже Конески и неговата тестаментална книга Црн овен, во овој низ од дела секако ги вбројуваме и најновите поетски збирки на Матеја Матевски. Тие се пронижани со нему својствениот поетски ракопис, интимистичка поетска саморефлексија, со длабока, а нежна интровертност. Поетскиот субјект, покрај инсомнијата, која е темниот фон на неговата потрага за големата Песна, ги бележи новите сведоштва за својата прошетка „во внатрешниот предел“, во шумите на себството. Во тој поглед, исклучително е впечатлив и значенски слоевит особено лирскиот циклус „Епитав на бестијариумот“, кој се воздигнува како моќна хтонска катедрала со анимални симболи на злото - шкорпии, шакали, волци, скакулци, влекачи, мршојадци, пајаци - во името на сите неискажани искушенија на ова мрачно невреме.
          Привидно едноставната, транспарента архитектура на овие песни ни малку не се поклопува со нивното, фундаментално напорно, медитативно искуство и неизлечивата самотија на лирскиот субјект. Во тоа е всушност самата срж и главниот „мамец“ за читателот, кој дури на крајот се запознава со потресната еднаквост на овој со оној свет, зад привидно спокојните, анимистички слики на дрвја, минерали и корени.
          Понекогаш и самите наслови на поодделни книги (Лакримариум на Петре Андреевски, Завевање на Матеја Матевски,Опстанок на Богомил Ѓузел, Книга Тма на Јордан Даниловски), сами по себе, се индикативни во поглед на егзистенцијалната тежина, која ја содржат поради македонската, неприродно долга транзиција. Тука е, од своја страна, застапена уште и есхатолошката атмосфера на милениумскиот преврат (кој настапи по 2000 година), воскреснувајќи ги најдлабоките архетипски стравови на човештвото.

Поетика на сомнителната татковина

          Поетот населува повеќе татковини. Поетовиот Дом е во плурал. Понекогаш, таа состојба (погрешно?) се поима и доживува како онтолошка бездомност на поетот. Таква е судбината и предизвикот можеби на секој автентичен творец.
          Всушност, во песните на Богомил Ѓузел го воочуваме тој фундаментален парадокс на припадноста и отпадништвото: многу често, самото име (идентитетот) е доживотна стигма („сопственички жиг“), на делегираната вина (на предците), клаустрофобично доживување на малиот простор (соба, куќа, татковина), априорно прогонство (кон библискиот аксиом), чувство на неизлечива отуѓеност во сопствениот дом. Дури и гробот (татков) е - поскауваниот симболичен дом, одземен со декрет на политичките моќници.
          Од друга страна, Радован Павловски и понатаму го негува својот препознатлив, екстатичен поетски номадизам. Обземен од паганскиот дух и немир, кој останува недопрен од општествените стеги, неговиот лирски субјект и натаму го освојува „говорот на цвеќето“, бестатковинско небо, распаднати куќи, ветровити предели, моќни љубовни занеси. Тој, во вистинската смисла на зборот, е станар на некои други времиња; имун на императивите (на стерилната и презрена граѓанска) вкоренетост; отпорен на се’ што не е во најдобра врска со природата, вселената, Битието.
          Влада Урошевиќ, во своите песни напишани во надреалистичен поетски клуч, на својствен начин, го допира топосот на бездомноста, овој пат, во многу необичаен, пост-апокалиптичен пејсаж. Неговиот лирски тон е речиси замрзнат, дециден до суровост, ултимативен. Нема место за други работи, се’ е прашање на описот, се’ се однесува на некои опседнати „предели“ (и, понекогаш, планети), кои знаат да бидат немилосрдни, пластични, негостољубиви, панични, мртви, преодни (а можеби „само“ - транзициони?), воени. Во секој случај, предели на страв и стрепет, со непријатен, ониричен карактер, одбивни како својот метафизички студ.

Урбаниот егзистенцијализам

          Градот никогаш досега не се наоѓал во жарот на поетскиот интерес, како во текот на последните декади на 20 век (и условно кај младите поети, како Јовица Ивановски, Никола Маџиров, Лидија Димковска, Игор Исаковски).
          Идеолошкото поентирање на урбаната компонента, јазично-стилскиот урбанизам, препознатливиот не-конформизам во настапот и стилот на пишување го обележува творештвото на овие автори, кои на својата кожа дирекно ги почувствуваа сите „исцелувања“ на урбаната транзиција, која темелно го промени самиот изглед на Градот, но и начинот на животот, по пат на нараснувачката глобализација, билбордизација, новата „урбанизација“, накитената естрадност.
          Скопје како поетски топоним, каков што го гледа транзиционата генерација, во лириката на Јовица Ивановски делува прилично далеку од едносмерниот локал-патриотизам: распарчено, контаминирано, иритирачко, отуѓено до дното. Кафулето прераснува во поетски хронотоп, азил за изрекување на онтолошките пцости и семиотичка арена за музичката герила, склон на (панк) рокот. Жестоко се напаѓаат сите бастиони и рецидиви на малограѓанштината, како: нацијата, државата, самото семејство.
          И лирската интонација на Игор Исаковски му припаша на овој контра-културен, урбан регистар на индивидуален радикализам. Етосот на бунтовничкиот либерализам, многу често, го бои неговото писмо со идеолошки и реторички пцости. Ескапизмот на „сексот и шишето“ е тргнувачката база на антилирскиот субјект и неговите разнолики урбани искуства, кои тој потоа асоцијативно ги поврзува со мета-книжевното искуство, како и со мрачниот ритам на блузот, како свој суштински либидинален потпирач.
          Стилско-поетското нарастување на простата физичка амбиенталност на градот (во таа смисла, и Скопје како топос) го наоѓаме во творештвото на Никола Маџиров, кое повеќе наметнува симболизација и семантичка надградба на препознатливите урбани детали, воздигнувајќи ги до ниво на урбаниот егзистенцијализам во кој е фрлен пост-модерниот лирски (анти)херој.
          Суптилните трепети на неговата поетска интонација, така, повеќе се приближуваат кон надреалната де-кириковска морничавост на модерните градови, поаѓајќи во пресрет на феноменологијата на сенката, пеперугеста недофатливост на призорот, вендерсовите ангели, своевидни метафизики на улицата. Воедно, урбаниот простор - просторот на најдлабока лична бездомност и вплетканост во лавиринтот на недостижната љубов.

Женска пост-поезија

          Македонската поезија во транзицијата обележува и нагласена родова сензибилизација - појава на неколку авторки, кои подеднакво се супериорни во својата мета-книжевна ерудиција, како и во самосвесното разбивање на закоравените патријархални обрасци и поимања на женскоста.
          Ни малку лирични, меки, сентиментални во својот настап и интонација, тие се, пред се’, припадници на (не) „редот“ Амазонки, кои со својата жестокост, оправдана со револт, со богато и неретко болни искуства - испишуваат горди, автоиронични, строги страници на женска пост-поезија. Со својот живот потпишувајќи го своето писмо како глас на побуната, тука се вбројуваат: Катица Ќулавкова, Лилјана Дирјан, Вера Чејковска, Лидија Димковска.
          Означена како нивни заеднички поетолошки именител, пост-поезијата претставува оптимален начин за искажување и калемење на богатиот реторички и дискурзивен регистар, со кој тие располагаат. Освен вообичаениот лирски идиом, воочливо е присуството на постапката на наративизација и драматизација, нагласена есеизација, пародизација, полемизација на дискурсот. Пост-поезијата составува строг колаж на канонизираната со идиоми популарна култура, како и взаемна провокација на улицата и библиотеката.

          Пронижана со црн хумор, егзистенцијална тетоважа на повеќекратните прогонства, со радикален само-оспорувачки поетски субјект, со необично калемен интертекст - македонската женска поезија остава убедливо сведоштво за творечки продуктивната транзиција на родот (или, родова транзиција) во рамките на транзиционото време на „промени и премини“.

Шаманска мистика на поетските слики

          Од друга страна, за македонската лирика во транзицијата подеднакво привлечно останува и определувањето за ре-сакрализација на поетскиот свет и поетскиот говор, обредно-митската сликовитост на поетските слики, поетски супрематизам и поетика на тишината и белината, истрајна концептуалистичка работа на самиот јазик како творечки медиум.
          Можеби е тој и таков лирски став причинет всушност, од кризни, непостојани и крајно профанизирани времиња, во кои (и не само) за поезијата, отстанува толку малку слух. Во основа, длабоко личната поетска побуна својето ново кредо го пронаоѓа во херметизмот на темниот дискурс, кој останува имун и непробоен за неповиканите, недостојни содржини.
          Во оваа група на автори го вбројуваме Методија Златанов, доследен поет-истражувач и застапник на визуелната поезија. Вдахната со длабоко религиозен став кон поетскиот чин, поткрепена со лично религиозно искуство - неговата лирика се гради на препознатливата внатрешна архитектура и симетрија со божествен принцип. Мистичната заумност на зборовите, „стиховите-фотони“, несомнениот јазикотворен талент за градење на неологизми, концептуалистичката работа на текстот - н е  е единственото, што го обележува творечкиот пристап на Златанов. Покрај останатото, тоа е дискурс за љубовта како онтолошка храна, дискурс за пренаселената желба на себството, беспоштедното преиспитување на сопствената (не)припадност на светот и себе, врз се’ - реторички неумолив и потресен огнен аскетизам.
          Моќното и интенционално мрачно писмо на Јордан Даниловски исцртува смели понирања на еден длабоко интровертен поетски субјект, наклонет кон повеќестрани улоги - од номад до мистик, од врач до варварин, од Лебед до мажјак, од алхемичар до Фаун, од тревар до имагинарно словенско божество. Неговиот идиом е архаизиран, минималистички сочинет, гномски, анаграмски расточен, елиптичен - а сепак - сугестивен, со својата бујна, опоменувачка интонација.
          Лирската проблематика на двојството, подвоеноста на световите и времињата, кружењето на необичните ликови - симболи (град, брег, тишина, соба; лебед, Атма, Вра, Сен), го допира доживувањето на онтолошка морничавост и тајна граматика, која хтонски извира од пра-словенските корени на поетското вдахнување.
          Останувајќи на безбедна оддалеченост од традиционалната поетска исповедност и лесни брзи комуникации со читателот, Даниловски е, наспроти тоа, склон кон долга, темелна преработка; комплексна симболизација на своите „референцијални“ импресии - како би, на крајот, достигнал фундаментално естетско просветлување, достојно на својот, повеќе пати споменат, шамански пра-чинител.