ОД КОЛОНИЈАЛНАТА КОН ПОСТКОЛОНИЈАЛНАТА РЕАЛНОСТ НА КУЛТУРИТЕ

ПАНОРАМА НА ФРАНКОФОНСКИТЕ ЛИТЕРАТУРИ ОД ЛИЛЈАНА ТОДОРОВА

Славица Србиновска

ISSN 1409-715X


Живееме денес во една епоха на културна
топлина (chaleur culturelle) која го помага
дијалогот на културите, која пак, од своја
страна, ја одржува „топлината“ и ги спречува
луѓето и идеите да се вратат кон ледената
ера (l’ere glaciare) на монологот.

Едгар Морен

          Истражувањата од областа на компаративната книжевност во рамките на македонската култура добиваат сè поизразит карактер на истражувања кои се изведуваат во дијалог со културолошките студии. Обидувајќи се да го проблематизира прашањето за состојбите во книжевноста и истото да го развие во пошироките рамки на културата,  Лилјана Тодорова создава опширна студија заснована токму врз таков методолошки пристап. Таа е еден од најистакнатите автори, проучувачи на книжевностите создавани на француски јазик и на македонската книжевност, која во целото свое творештво темелно ги применува основните теоретски и историски начела на компаративната книжевност.
          Во студијата под наслов Панорама на франкофонските литератури, Тодорова дава прегледна слика на книжевностите создавани во различни национални средини во кои франускиот јазик е средство за изразување на разновидните културни вредности. Студијата обединува еден исклучително богат свет од културни перспективи кои, според канадскиот книжевен критичар Жерар Туга, се именувани како книжевна франкофонија или француска плуралистичка литература (une littèrature française pluraliste). Според Тодорова, обединувањето на франкофонските литератури во една плурална книжевна целина се остварува врз основа на неколку концепции: прво, значајна е улогата на употреба на францускиот јазик како мајчин јазик - како во: Белгија, Романска Швајцарија, Луксембург, Монако, Северна Америка (Квебек во Канада, во Акадија, односно во Нов Броншвик), па употребата на францускиот јазик во меѓународната комуникација - како кај повеќе словенски народи каде францускиот јазик се појавува како културно наследство: Бугарија, Полска, Македонија и други, потоа употребата на францускиот јазик кај народи со латинско потекло: Романија, или како официјален јазик паралелно со националните јазици: јуруба, фулфулде, бујумбура, бауле и други - во Африка и како јазик користен во меѓународната комуникација кај народите со креолско потекло - како кај населението од земјите во Индискиот океан, Сејшелите, Реинион, Маурициус или Мартиник, или во арапските земји од Магреб, Египет, Либан, Тунис, Мароко, Алжир (иако Алжир не е членка на франкофонијата), Мавританија, се’ до: Виетнам, Винуату, Лаос, Камбоџа, земјите од Азија и Океанија.
          Освен според користењето на францускиот јазик како одредница за обединување на културите во една плурална целина, Тодорова говори за франкофонијата како модел на комуникација и соработка помеѓу културите заснована врз солидарност, човекови права, мир, демократија и во врска со тоа, вели: „Сепак, најизразена при сето ова е културната димензија на франкофонијата која, всушност, со посредство на заедничкиот јазичен израз, го стимулира контактот меѓу културите од сите хоризонти и запознавањето на нивниот културен идентитет”. Во контекст на споменатото објаснување, особено е значајно толкувањето на франкофонија како одредена стратегија на поврзување на културите, меѓутоа и како однос во кој подеднакво се почитува културната специфичност на различните национални јазици и култури. Во врска со оваа стратегија е особено значајно размислувањето на Леополд Седар Сенгор  кој го нагласува еманципирачкиот карактер на односите помеѓу културите кои во меѓусебната комуникација го користат францускиот јазик, а кои се подеднакво посветени на негување на африканските јазици со кои ја потврдуваат специфичноста, богатството и шаренилото од светови на Негритидата.

          Во смисла во која Тодорова ја обликува т.н. панорама на франкофонските литератури се соочуваме со проблематиката на два значајни става во современата критика и литературна антропологија. Таа говори за поврзувањето на културите, меѓутоа го негира односот кој подразбира едноличност на културниот израз изведен под закрила на францускиот јазик и традиција. Студијата, со целокупната своја методолошка поставеност, го афирмира плуралниот карактер на односите кои се зановани врз признавање на Другоста, на Туѓото и во пристапот настојува да го проблематизира т.н. интеркултурно разграничување на Другоста паралелно со моќта да се разговара и да се одржува дијалогот на културите.
          Во целината изведена како куса историја на литературите кои потекнуваат од различни културолошки контексти, Тодорова говори за тековите на белгиската франкофонска заедница, за литературата на Романска Швајцарија, за литературата на Канада на француски јазик, за литературата на Карибите – Антилскиот архипелаг (Гвадалупе, Мартиник и Хаити), за литературата на франкофонска Африка, за литературите на Блискиот исток и на Магреб, но и за литературите на т.н. Црна Африка или Супсахарска Африка, потоа за литературите на Индискиот океан, Мадагаскар, Маурициус и Виетнам, а на крајот, Тодорова ја објаснува врската помеѓу македонската литература и франкофонијата.
          Франкофонијата, според Тодорова, е културен феномен кој го започнува својот развиток на територијата на колониите, во Нигер, Африка, во периодот на осумдесеттите години, а својот врв во остварувањата на односите помеѓу културите го достигнува со самитот во Париз во 1986 година. Интересно е дека Тодорова во својата студија успева да го проблематизира сложениот однос и да посочи на можниот дијалог помеѓу различните култури, односно помеѓу плуралните национални контексти од различните континенти кои по завршувањето на колонијалната и почетокот на постколонијалната епоха резвиваат размена на искуства на демократија повторно врз основа на колонијалната јазична основа против која настапувале при истакнување на својата национална самобитност, а тоа се францускиот јазик и француската култура.
          Создавањето на Белгија во периодот на деветнаесеттиот век од областите Валонија и Фландрија го условува воведувањето на поимот белгиска книжевност во која, согласно со тековите на француската книжевност, го развива неосимболизмот карактеристичен за творештвото на поетот Е. Верхарен и драмскиот писател М. Метерлинк, потоа модерните текови забележливи пред сè во сферата на театарската уметност, како кај авторите: Фердинанд Кромеленк, Жорж Сион, Сузан Лилар и други. Меѓу поетите од Белгија, Тодорова го истакнува модерниот израз на поезијата на Анри Мишо како поезија со изобилна имагинација која е поврзана со патувањата во далечните и егзотични земји Индија, Кина, Екватор и други, феминистичката поезија на Ана Ноај, веб-либризмот во поезијата исполнета со сентиментални изрази на Пол Фор, прозата на Блез Сандрар исполнета со визуелно доживување преку слики, а означена со изразот „симултанизам”.
          Периодот на деветнаесеттиот век доминантно ја определува оваа книжевност со тенденции кои го најавуваат нејзиното осамостојување што е видливо во настапот на авторите како Шанфлери, потоа Курбе и други реалисти и натуралисти, меѓутоа, меѓу нив најактивни околу ова прашање се авторите кои работат во списанието „Млада Белгија” кое дејствува под мотото „Да бидеме свои”. Меѓу авторите од оваа култура, Тодорова особен интерес покажува за творештвото на Шарл де Костер, автор на херојско-комична епопеја за фламанскиот народ под наслов Легендата и херојските, весели и славни авантури на Оленшпигел која е создадена во стилот на духовитиот говор на Рабле.

          Во крајот на деветнаесеттиот век, особено се значајни делата на романсиерот Камиј Лемоние кој пишува во духот на реализмот и натурализмот на Зола и Мопасан, поетот на симболизмот Албер Мокел и драмскиот автор Едмон Пикар кој создава дела со доминантно влијание на пантомимата и хорот. Особено е интересен фактот дека авторот на романи со ликот на славниот инспектор Мегре, Жорж Сименон и’ припаѓа на белгиската книжевност.
          Влијанијата на книжевните струи од Франација се евидентни и во присуството на претставници на т.н. нов роман во литературата, во развиениот есеистички пристап на Жан Тудор, но и во романескното творештво на познатата романсиерка Маргарет Јурсенар која е по потекло Белгијка, а според државјанството - Французинка и Американка.
          Во освртот за Швајцарија или Хелветската република, Тодорова го посочува фактот дека таму има 18,9 % население кое говори француски јазик. Делот од оваа федерација признаена во почетокот на деветнаесеттиот век кој официјално говори француски јазик, создава култура во која има многу значајни автори. Меѓу нив, се истакнуваат писателите, есеисти и критичари: Рудолф Тофер, Александар Вине, Анри–Фредерик Амиел, Филип Моне. Во Романска Швајцарија авторката ги истакнува романсиерите со исклучителен наративен израз како романсиерот Шарл Фердинанд Рамиз кој остварува поврзување помеѓу материјалното и метафизичкото, со развивање на дилемите поврзани со многу етички аспекти кои најтемелно ги тематизира во романите Знаци меѓу нас (1919) и Земјината убавина (1927). Поетите, Рене Моракс (кој го најавува развојот на модерниот поетски израз, но и на модерниот театар) и Анри Спис (кој особено го негува неосимболистичкиот стил) имаат свои наследници на ова тло, објаснува Тодорова и упатува на поезијата на Мишел Гарно, поет со современ израз од деведесеттите години кој ги познава класичните форми, меѓутоа има однос и кон арго – јазикот. Тој е поет кој се обидува да создава на начин кој потсетува на Борис Вијон. Прозата е застапена со разнообразни жанрови кои го тематизираат секојдневјето, семејните односи, животот во санаториумите и други проблеми произлезени до животот на обичниот човек. Меѓу многубројните прозаисти, Тодорова особено се задржува на творештвото на Жак Шесекс кој со делото Чудовиште ја освојува наградата на Академијата Гонкур.
          Значен придонес во развојот на лингвистиката од оваа област дава Фердинанд де Сосир кој ги определува насоките за развојот на соверемената компаративна граматика, потоа Жан Старобински кој е значаен по својот исклучителен придонес во современата херменевтика, а во областа на книжевната критика свој прилог во анализите на швајцарската литература даваат Дени де Ружмон и Жан Пијаже.
          Во европскиот круг на франкофонски литератури се вклучени и литературите на Луксембург и Монако.
          Литературата на Канада создавана во областа Квебек наречен Нова Франција, според Тодорова е специфична токму поради нејзината тесна поврзаност со менталните особености и со сензибилитетот на луѓето кои го населуваат подрачјето на Северно-американскиот континент. Овде живеат луѓе доселени од Западна Франција, од Нормандија, Поату или Ил де Франс, објаснува Тодорова и за оваа книжевност говори низ призмата на врските остварувани со историјата на културата на Франција.
          Квебек е оформен како француска колонија во 1608 година од страна на Шамплен, а неговата самостојност е проблематизирана со доаѓањето на англо-саксонската популација која го загрозува опстојувањето на франкофонската група народ. Сепак, со насоките кои во литературата на Канада ги посочува критичарот Анри–Рејмон Касгрен, оваа литература развива одлики кои се разликуваат од француската литература развивана во Франција. Рани влијанија во квебечката литература можат да се забележат од епохата на романтизмот: тука станува збор за влијанија кои произлегуваат од делата на В. Иго и Ламартин.

 

          Во периодот на шеесеттите години од деветнаесеттиот век, Тодорова регистрира засилено зацврстување на Квебек и неговата француска традиција. Тоа се случува во периодот на засилениот налет од англофонски влијанија во кој голем дел од авторите создаваат во духот на т.н. патриотска школа на Квебек.
          На квебечката традиција и’ припаѓаат првите компаратистички дела на Жан Жак Ампер и Адолф де Пуибиск кои, потпирајќи се врз книгата Историја на Канада од Франсоа Гзавие Гарно (вистински квебечки пантеон), успеваат да го разрешат конфликтот создаден околу двојството „победничка раса и победен народ”. Романтичарскиот книжевен израз на оваа култура кој е со задоцнето влијание, овде прераснува во интерес за книжевните текови на модерната литература која во канадската литература се развива од 1895 година до 1930 година. Во овој период се формира влијателната Монтреалска книжевна школа. Теми кои доминантно ја определуваат оваа литература, а кои се провлекуваат со децении, се оние поврзани со вкоренувањето и преиспитувањето на идентитетот во услови на егзил.
          Автентична компонента на оваа литература е доживувањето на т.н. „квебечки” немир кој во една егзистенцијалистичка варијанта ќе се развива во творештвото на генерацијата на Сен Дени–Гарно, потоа во поемите на Алфред Дероше и на Ж.О. Лоранж.
          Литературата на Квебек е примарно определена од јазикот кој трпи лексичко влијание кое доаѓа од Америка во периодот на 17 век, а потоа, паралелно со ова влијание, се појавуваат и книжевни влијанија кои дејствуваат врз начинот на стилизирање на книжевниот израз. Поради ова, таа е создавана на еден специфичен француски јазик кој е под дејство на регионализми, архаизми, дијалектизми, англизми или американизми, но, и под двојно влијание на францускиот и англискиот историски контекст кои овде остваруваат комплексен сооднос. Овие сложени релации ќе добијат свој израз во творештвото на поетската група Хексагон на чие чело ќе дејствува Гастон Мирон. Овој поет ќе успее својата книжевна активност да ја поистовети со политички чин и да го разбуди чувството за реалноста на Квебек, вели Тодорова, за неговата географска, историска и општествена стварност. Во периодот на шеесеттите години од дваесеттиот век, во Квебек, паралелно со достигнувањата во поезијата, стануваат значајни достигнувањата во сликарството, особено е значајна школата на сликарскиот автоматизам од периодот на 40-те и 50-те која резултира со публикации со надрелистички карактеристики, како оние на Жан Мари Лапоент.
          Поезијата на канадската поетска група Хексагон е определена од тенденции за воздигнување на националниот идентитет на Квебеќаните и поради тоа е примарно насочена кон воздигнувањата од романтичарски вид, со цел книжевноста да го направи она што многумина го нарекуваат чин на осамостојување или чин на т.н. „мирна револуција” на Квебек. Тоа е остварено, меѓу другото, со официјализирање на францускиот јазик и со определување на значењето на овој простор како високо автономен по однос на остатокот од северно-американскиот континент или конкретно, Канада. Меѓу поетите за кои покажува особен интерес, Тодорова го истакнува значењето на Андре Руа, поет способен да го изрази своето силно чувство и да го стави акцентот врз емотивниот свет, човек кој гостувал во Македонија на Струшките вечери на поезијата.
          Литературата на Квебек во текот на седумдесеттите години е повтроно развивана под двојно влијание, од една страна е присутно влијанието на формалистичката француска поезија, а од друга, влијанието на американската рок култура или контра-култура. Во периодот на осумдесеттите, во неа навлегува постмодернистичкото влијание кое дефинитивно го буди интерсот заДругоста, а со тоа се чувствуваат засилените тенденции кои го проблематизираат порано истакнуваното одделување и осамостојување на овој регион.

          Задржувајќи се на романескното творештво, Тодорова говори за творештвото на Робер Шарбоно и Андре Жиру кои остваруваат дела во кои нарацијата е под силно влијание на социологијата и психологијата, додека пак голем број автори, како на пример Режан Дишарм, долго време ќе настојуваат да бидат во тек со достигнувањата на францускиот нов роман.
          Канадската култура своевидни резултати ќе покаже и во подрачјето на театарот, особено оној кој ќе биде создаван под влијание на Living theatre.
          Тековите на оваа литература ќе бидат определени и од оценките и теориските толкувања на литературата на канадската критика од Квебек која се развива повторно под двојното влијание на тековите на науката за книжевноста и од Франција, и од Америка.
          Истакнувајќи го својот интерес за литературата создавана на француски јазик во Квебек, Тодорова посебен дел од своето истражување посветува на уметноста која се создава под влијанието на усмената традиција врзана за традиционалните жанри: бајка, легенда, поговорка, песна, гатанка, што придонесува за прифаќањето на оваа книжевност и култура како култура со традиција. Во доменот на традиционалната уметност, авторката упатува на собирањето на народните умотворби што е регистрирано на почетокот на дваесеттиот век, во напорите кои ги вложува Мариус Барбо со цел да регистрира голем дел од усмената традиција и со тоа да ја потврди самобитноста на овој регион и култура. Врз основа на усмената традиција, објаснува Тодорова, литературата од овој дел од светот го стабилизира тлото врз кое ја гради својата специфична автонимија, паралелно развивајќи го дијалогот со тековите во светската книжевност.
          Со толкувањето на литературата од канадската област Квебек, авторката го актуализира и интересот за македонските автори кои се концентрираат врз темата на враќањето, односно врз она што ги мотивирало да заминат од родниот крај и врз она што влијаело на начинот на кој го осмислувале својот идентитет. Такви се авторите: Стојан Христов, Атанас Близнаков, Петар Стаматов, Петар Гиневски, Перса Гиневска, Невена Аџиева, Бисера Микаровска, Марија Јанева и други. Тие се концентрираат врз автобиографскиот роман, врз лириката и во голема мерка, врз усмената книжевна традиција. Покрај овие литературни текови, Тодорова забележува дека литературата на Канада изобилува со мноштво книжевни појави врзани со творештвото на многу други автори – доселеници како што се Црнците, Италијанците и други автори кои во своите дела ги изразуваат своите соочувања со двојниот идентитет карактеристичен за современата епоха на номадско живеење и определување на луѓето. Впрочем, Канада по колонизирањето, повеќе од двесте години живее со мноштвото култури на доселениците и митологии на претците; тоа е контекстот во кој таа успева да го изгради својот идентитет определен со плурализмот од влијанија сфатени како специфичен квалитет на оваа стварност.
          Литературата на Карибите – антилскиот архипелаг која е всушност литература на Хаити, Мартиник и Гваделуп, е определена од одликите кои ги диктира сосема друга географска зона каде се случува неверојатно богато вкрстување на традициите; тоа е подрачје на вкрстување на црнечката култура од Африка, староседелската на Индијанците и колонизаторската на Французите и тоа во делот од овој архипелаг кој бил освоен од Франција. Оваа култура се нарекува креолска, а јазикот кој добива поедноставена граматичка страуктура и се говори со користење на голем процент (околу 80%) од француската лексика се вика креолофонски јазик, а литературата се нарекува креолофонска. Креолскиот јазик, како што објаснува Тодорова, е оригинална јазичка конструкција во која покрај основата, а тоа е француската лексика, е вклучен зборовен материјал и од индијанското домородно население и од африканските робови кои пристигнувале на островите од Африка.

 

          Креолскиот јазик го говорат пет милиони народ вклучително со населението на Лујзијана сместена во големиот слив на Мисисиспи во близина на Мексико. Во литературата од Лујзијана голем е придонесот на Доминик Рукет, автор на поезија пишувана под импресии на неговиот живот помеѓу индијанското племе Чактас.
          Литературата на овие острови станува забележителна и влијателна кон крајот на 19 век кога, како и во Канада, започнува организирање на книжевниците околу списанието Le Jeune Haiti и околу списанието La Ronde. Оваа литература има свои претставници во интимната лирика, патриотската и рефлексивната лирика. Оваа литература во периодот од 1915 до 1934 год. потпаѓа под американска колонијална власт и го збогатува изворот од кој се напојува, меѓутоа доминантно влијание во нејзиниот развој има сепак, француската традиција вкрстена со домородната традиција и специфичната колективна меморија изразена во локалниот фолклор, ритуали и влијанија врз книжевноста кои се поврзуваат со вуду-религијата. Особено се истакнуваат поетите: Доминик Иполит, Ида Флобер, Прајс Марс и други. Во доменот на прозата се доминантни романите на Жак Стефан Алексис кој пишува текст заснован врз етнографски материјал во кој се наметнуваат дилемите поврзани со начинот на кој со колонијалните владетели, Американците, се справува еден интелектуалец со црнечко потекло. Тоа е содржината на романот Маскираниот црнецод 1933 год. Паралелно со развојот на прозата која ја брани домородечката кауза се појавува и ангажирана проза, како онаа на Жак Румен и неговиот роман од периодот на педесеттите години под наслов Господари на росата. Со појавата на интелектуалци школувани во Париз или во Монтреал, се развиваат лингвистиката, историјата на книжевноста и театарот.
          Во периодот по Првата светска војна, писателите од Антилите, според Тодорова, ги надминуваат регионалните рамки и се приклучуваат на светските текови на позијата со песните на Жилбер Гратиан, потоа со романот на Рене Маран кој добиваГонкурова награда во 1921 година, потоа се приклучуваат кон надреалистичките текови под чие влијание е особено поезијата на Етјен Леро, но и песните и драмските остварувања на Еме Сезер. Поезијата на Еме Сезер и неговиот активен, ангажиран однос и соработка со Африканецот Л. С. Сенгор и Гвајанецот Леон Дамас, ги создаваат основите за развој на движењето нареченоНегритида.
          Сезер како професор во Fort de France ја пишува својата прочуена поема Тетратки за едно враќање кон родната земја во која ја развива поетиката на Негритидата и поетиката на своето поетско искуство исполнето со револт близок до оној на А. Рембо. Тој е писател кој засилено настапува со еден антиколонијалистички дискурс, особено присутен во неговите драмски остварувања, истовремено поставувани и на театарските сцени во Франција, и во други земји во светот. Со делото Трагедијата на кралот Кристоф, тој се приклучува на тековите кои ја актуализираат идејата за независноста, но и проблемите на т.н. земји од Третиот свет; тој, имено, покренува прашања поврзани со автономната историја на Хаити. Меѓу писателите од Мартиник, Тодорова ги истакнува придонесите на Жозеф Зомбел, журналист и професор кој предавал во Дакар, а кој е познат по својот роман Улица на црнечките колиби од 1950 година; потоа, на Патрик Шамоазо кој во 1922 година ја добива Гонкуровата награда, а кон крајот на дваесеттиот век се истакнува како автор кој со делото Пофалба на креолитетот наметливо го поставува прашањето за постколонијалниот свет и кој се занимава со проблемите на идентитетот и другоста. Овој автор проговара за потеклото на луѓето кои ги населуваат Антилите, за нивните страдања при присилното одделување од тлото на Африка, но говори и за придобивки стекнати со прилагодувањето во новата средина, за културата создавана врз традицијата, врз усното творештво, за силните влијанија на мелодијата и хармонијата, на ритуалите, ликовната уметност и сите други аспекти на животот кои стимулативно влијаеле врз книжевниот израз на писателите. Шамоазо е во кругот на писатели од Мартиник кои се залагаат за признавање на идентитетот на Антилите заедно со Едуар Глисан, меѓутоа, тој е автор кој, во исто време, се залага за почитување на различностите.

          Значајни автори од овој дел од светот кои имаат свој придонес во светската книжевност, според Тодорова, се и поетот Ги Тиролиен и писателката Мариз Конде; нејзиното романескно писмо е збогатено со исклучитени описи на природата на Антилите поврзани со натприродните африкански претстави и слики. Меѓу овие автори, најзначајно место зазема писателот Сен Џон Перс по потекло од Гвадалупе, добитник на Нобеловата награда во 1960 година и познат по своите поетски остварувања од збиркитеПофалби, Дождови, Снег.
          Африканскиот континент е во голем дел зафатен од колонизаторските јазици и влијанија кои го диктираат развојот на културите, а тоа се франкофонската традиција и култура, англофонската и лузитанската, а покрај нив, тука се присутни и јазиците и културите кои успеваат да се наметнат како автономни и да го официјализираат употребувањето на јазиците: свахили, хауса, јоруба, манденг, фула, сусу и други. Проблемот кој е видлив по однос на домородните јазици се лоцира во писмото, односно во можноста јазикот да добие свој писмен израз во што повторно влијание има политиката, јазикот и културата на колонизаторите. Овој однос Тодорова го обележува како однос традиционално – модерно со намера да го означи поврзувањето на домородната култура и традиција со европските јазици и култури на колонизаторите.
          Познато е дека Л. С. Сенгор, Е. Сезер и Л. Дамас се основачи на движењето наречено Негритида кое инсистира на воспоставување однос кон негро-африканската литература во нејзиниот изворен облик. Во таа литература се содржани многу аспекти кои алудираат на незадоволството од колонизаторскиот притисок и насилните влијанија, а кои прераснуваат во романтичарски насочени и борбени пројавувања на идеи за стекнување независност. Тоа е литература со модерен израз, способна, што се потврдува со творештвото на Л. С. Сенгор, да го изрази тоталитетот на реалноста со поврзување на јас и светотво еден универзум кој успева сликите на природата, усната традиција и живописниот реален африкански амбиент да ги впише во колонизаторскиот јазик. Таа со тоа изразува еден специфичен, космополитски став кон негро-африканскиот идеален вид на поврзување на имагинарното и на реалното во еден т.н. над-натурализам. Меѓутоа, врската помеѓу традиционалната африканска култура, според објаснувањата на Тодорова, не е само еднонасочна. Таа ги истакнува африкански влијанија кои оставиле силен печат врз творештвото на: Пикасо, футуристите, надреалистите, дадаистите, односно врз творештвото на: Рембо, Андре Жид, Мишел Битор, Жан Жене и други. Од друга страна, влијанието на француската култура и јазичен израз ја формира африканската книжевност од супсахарска Африка која е сочинета од делата на: Бираго Диоп, Бернард Дадие, Фили Дабо Сисоко, Амилкар Каблар, Амаду Ламин Сал и други. Меѓу поетесите од ова поднебје, особено се значајни: Вероника Таџо, Танела Бони, Мамаду Сисе, Колет Синами Уето Агосу и други, кои, како и горенаведените, се претставници на африканската литература од периодот на седумдесеттите и осумдесеттите години. Тоа се автори и авторки длабоко поврзани со африканскиот континент, неговиот сенизбилитет, звуци, природа и ритмови кои резултираат со силно изразен мистицизам кој ја определува специфичноста на овој културен феномен. Во поезијата се преплетуваат емоционални слики, филозофски рефлексии за минливоста и ефемерноста на мислата и постоењето, симболични претстави на амбиентот, илузија и сон што, во голема мерка, создава основа за испреплетување на реалното и имагинарното. Со успешно поврзување на традиционалниот народно–религиозен и ритуален театар со модерниот израз карактеристичен за театарот на колонизаторите, африканските писатели создаваат богата и специфична театарска култура која е двојно врзана, од една страна, за обредните домородни свечаности, а од друга, за ангажираниот израз на културата во која „црниот човек го изговара своето НЕ.” Во тој дух создаваат авторите: Сони Лабу Танси, Јозуах Коси Ефуи, Абдулај Фание Туре и други.

 

          Врз основа на наследството стекнато од африканските усни пејачи гриоти се издигнува африканскиот роман. Првиот африкански роман е Црното момче чиј автор е Камаја Лај. Усмената традиција врз која се изградува романот е раскажувањето на гриотите од гвинејската фамилија Кујате кои пренесуваат многу преданија поради големата прецизност и значење да добијат своја рефлексија во романескното творештво.
          Во традицијата од усмени творби особено се истакнува епот Сунџата во кој се опеани јуначките дела на Сунџата, легендарен јунак од древното царство Манденг кој на француски е запишан, според зборовите на Мамаду Кујате, од писателот Џабрил Тамсир Ниане. Покрај Камаја Лај, меѓу романсиерите, според Тодорова, особено се истакнува нобеловецот Воле Сојинка кој припаѓа на англофонската африканска книжевност, но, тој е автор кој паралелно со африканските франкофони писатели се повикува на Негритидата и на идеите за самостојност и самосвест на африканскиот свет. Еден дел од африканските романсиери, како на пример писателот Абдулај Саѓи, се повикуваат на француската колонизаторска традиција и создаваат во тесна релација со неа, особено го прифаќаат влијанието на реализмот на еден Балзак, раскажуваат за вклопувањата на селанецот во модерниот градски живот, додека пак авторите како Нази Бони од Буркина Фасо се концентрирани врз критиката на колонијалните влијанија и го нагласуваат феноменот на разградувањето на културната оригиналност на Африка под дејство на Туѓото.
          Во релација со традицијата која понекогаш може да претставува блокада во развојот на културата, се појавува критика по однос на континуираното инсистирање на самобитноста сфатена како негативен феномен на самозатворање во културата. Паралелно со тоа се развива и политичкиот ангажман на писателите – романсиери кои како главен лик го земаат интелектуалецот поставен помеѓу двата света, оној на колонијализаторите, и оној на колонизираните народи. Гвинејскиот прозаист Камаја Лај, според Жак Шеврие, во своите романи успева да оствари однос помеѓу два сосема оддалечени света, оној на африканските гриоти, каков што бил Амади Кумба и тој на Франц Кафка, што претставува совршен, меѓутоа многу сложен тип на релација кој компаратистичките и херменевтичките текстови континуирано се обидуваат да го пре-објаснуваат.
          Монго Бети во романите Парпети или Навика за несреќа, Суровиот град и Завршена мисија го тематизира проблемот на морална деградација на африканскиот интелектуалец со примена на специфичен сатиричен говор изведен под влијание на Волтеровата рационалистичка сатира. Шејк Амиду Кане е сенегалски писател кој во романот Двосмислена авантура го актуализира односот помеѓу европската и африканската култура, претворајќи го во основна преокупација на главниот лик во романот.
          Фердинанд Ојоно се фокусира врз колонијалните проблеми развивајќи ги примарно како расни проблеми поврзани со разликите помеѓу колонизаторите и колонизираните. Тој, во тој контекст, гради богата психологија заснована врз сложени преиспитувања на ликовите. Во таков дух е раскажуван романот Стариот црнец и медалот.
          Амаду Курма, писател од Брегот на Слоновата коска, во романот Сонцето на независноста од периодот на седумдесеттите години на дваесеттиот век, се концентрира врз бујната афричка природа и врз определбата на ликот да направи синтеза помеѓу исконските темели на анимизмот и оние на религијата на исламот.
          Во целокупната африканска романескна продукција значајно место во духот на постколонијалните реакции добива и темата за позицијата на африканската жена. Во романите на Усман Самбен Деловите на Божјата шума и Ксала е изложен односот помеѓу традицијата и модерниот свет во чиј центар е поставена африканската жена и нејзиниот статус по линијата на таа релација.

          Жената во африканската литература се појавува и како романсиерка која е во состојба да ја изложи ангажираноста преку критикување на диктаторските режими на Африка како што тоа го прави Акуа Чочо Екие во романот Злосторство на улицата на угледните луѓе од 1989 година, потоа Нифатсу Диало која пишува историски роман со настани од деветтнаесетиот век или Кен Бигил, авторка на автобиографскиот роман Лудиот баобаб.
          Во однос на текстот и употребата на јазикот, Тодорова укажува на потребата на колонизираните кои ја создаваат уметноста на јазикот на колонизаторот или на француски јазик, да отстапуваат од стандардниот јазик и притоа, да користат африканизми во стилистичкиот израз. Таа го објаснува т.н. калемење на францускиот јазик на африканската душа и начинот на трансформација на јазикот кој при пишување на романот се открива во својата специфична, африканизирана варијанта.
          Л. С. Сенгор, објаснувајќи го феноменот култура, говори за присуство на две димензии кои Тодорова настојува да ги истакне: корените на родниот крај и отуѓеното поврзување со колонизаторската култура сфатено и како форма на поврзување и како активна асимилација. Истакнувањето на традицијата која е во непосредна врска со потребата на африканските народи да ја стекнат својата самостојност, Тодорова го остварува преку освртот врз Сунџата, епот од Манденг - дел од царството Мали. Тоа е еп за кралот волшебник и неговиот син во кој е опеана историјата на Царството Манденг. Епот е споредлив со големите индиски епови Рамајана и Махабхарата, но и со францускиот еп Песната за Ролан. Тоа е историја на царството која трае од тринаесеттиот до седумнаесеттиот век. Епот за јунакот Сунџата е особено актуелен во годините на стекнување независност на народите во Африка кои истовремено тежнеат кон ефективна унификација на Африка. Во духот на традицијата претставена со споменатиот еп, авторите ги актуализираат моралните вредности, многу аспекти на автохтоната митологија кои во романите најчесто прераснуваат во вистинска философија. Особеност на епот Сунџата е неговата вкоренетост во географските простори на западна Африка и во нејзиниот универзум. Исто така, бележењето на усното творештво на француски јазик, според Тодорова, создава основа за запознавање на богатството на културата на народите од Африка, но и можност за откривање на овие култури со сите нивни непознати вредности пред останати литератури и култури во светот.
          Книгата на Л. Тодорова говори за еден сложен пат на афирмација на африканските култури каде голем дел од јазиците кои се говорат и создадените традиции се изведени во усмена форма, тие не се запишани и според тоа се богатство кое исчезнува. Повикувајќи се на зборовите на познатиот писател од Мали, Амаду Хампате Ба, таа го објаснува овој специфичен феномен на постоење на една култура како појава каде со смртта на секој стар човек умира и традицијата врз која е втемелена оваа култура.
          Во земјите покрај Средоземното море, наречени уште земји на Магреб, влегуваат повеќе литератури создавани на арапски, јазикот бербера и на француски јазик, тоа се тунижанската, мароканската, алжирската и јудео-магрепската. Теми на литературата од овој дел од Африка се исламот, борбата за независност што е вид на конфронтација со која се соочува секој писател од овој дел од светот, бидејќи тој настојува да го проблематизира употребувањето на францускиот јазик. Францускиот јазик во овој дел од светот, според повеќето писатели, е изнуден со сила и претставува прогонство на кое е принуден секој кој го употребува со намера да создава на тој јазик. Во истиов контекст се наметнуваат темите за статусот на жената и за социјалните односи.
          Познати автори од овој регион на светот кои пишуваат на француски јазик се: Виктор Барукан, Мулуд Фераун, Албер Меми, а меѓу жените писателки познати се авторките Жамила Дебеш и Асиа Џебар. Поет кој пишува за одделувањето од родниот крај е Т. Бен Жалун во делото Бадемите загинаа од нивните рани, макар што истиот се истакнува и како романсиер со делото Песочното дете и Затвор в самица.

 

          Во својата сложена компаративна анализа на културите на Магреб, Тодорова согледува влијанија од Бодлеровиот модернизам, надреализмот и херметизмот. Познати автори од Египет се: Жорж Енен, Раул Парм, Џојс Мансур, Ут Ел–Кулуб и други.
          Во областа на Индискиот океан каде како франкофонски литератури се одделуваат литературите создавани на островите Мадагаскар и Маурициус (покрај франкофонските влијанија во Виетнам), познати автори се: Луј Ио, Шарл Ренел, Пјер Камо, Жан Жозев Рабеаривело и други. Рабеаривело во својот роман под наслов Интерференција од 1988 година настојува да реализира една критичка слика по однос на трансформациите предизвикани од развојот на политичката и културната реалност на земјата со тоа што дејството го врзува за периодот на деветнаесеттиот век, ги опфаќа епохите под власта на домородните владетели и ги проблематизира реалностите од периодот на колонизирањето.
          Од подрачјето на островот Маурициус, свој културен придонес во творештвото на француски јазик даваат: Рибер Едвард Харт, Лоис Масон и Малколм де Шасал во почетокот на векот, додека пак од подоцнежниот период на дваесеттиот век, се изделува Е. Моник кој истовремено е приредувач и почитувач на делото на А. Шопов.
          Во културата на Виетнам свој придонес даваат и авторите кои пишуваат на францускиот јазик, а кои со прифаќањето на културата на Франција развиваат писмо посветено на еманципација на личноста, потоа афирмираат еден специфичен сатиричен однос кон реалноста и воведуваат социјална критика која се занимава со животот на луѓето од маргините. Такви дела создават: Нат Линк, Чак Лам и Тронк Фу.
          На крајот од својата аналитичка студија, Тодорова во духот на компаратистичките истражувања, го разгледува односот меѓу македонската и француската култура. Во прилог на тоа, интересни се записите кои ги регистрираат првичните контакти помеѓу населението кое живеело на територијата на Македонија и крстоносците предводени од Боемон I, а кои, движејќи се по Via Egnatia, престојувале во Прилеп и Битола, во Дебар, потоа, патописните белешки на Филип ди Френ Кане кој говори за Скопје и за јавниот часовник во градот во периодот на владеење на Отоманската империја, при што во своите коментари за Скопје говори како за град кој ù припаѓа на Македонија, потоа патописите на: Иг Пуквил, Луј Феликс де Божур, Еспри-Мари Кузинери и Езра Леон.
          Особено значајни се записите на Виктор Берар од периодот на деветнаесеттиот век кој ја истакнува самостојноста на Македонија. Од овој период, клучни се бележењата на Огист Дозон кој презема и преведува песни од зборникот на браќата Миладиновци од 1861 година. Периодот на деветнаесеттиот век е забележлив по контактите кои сè понепосредно се остваруваат на релацијата Македонија – Франција: отворен е првиот конзулат и присутен е вице-конзулот Белен де Буге на Франција во Битола, потоа, се прифаќа францускиот јазик како јазик на дипломатијата, многу интелектуалци го учат францускиот јазик, а се отвора и Првата Француска школа во Битола во 1854 година. Улогата на француското културно влијание во рамките на Отоманската империја, особено објавувањето на многу списанија на француски јазик во Цариград, потоа изведбата на драмски и оперски претстави, кулуминира со основањето на Друштвото на Пријатели на Франција од страна на Шарл Дејр и со основањето наФранцуско-македонското списание. Во прилог на ова, особено е значајно формувањето на Катедра за македонски јазик во Париз каде се формираат првите француски слависти–македонисти од почетокот на векот, Антоан Меје, Андре Мазон, Андре Мајан и други. По Втората светска војна, на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” се основа Катедра за романски јазици и книжевности.

          Директен контакт со франкофонските култури на Африка се остварува во периодот на 1953 година кога во Скопје гостува гвинејскиот ансамбл на Кеита Фодеба. Инаку, во развивањето на соработката меѓу Франција и Македонија, значаен придонес има Жан Касу од Друштвото за култрна соработка помеѓу Франција и Македонија.
          Во рамките на овие културни релации, големо влијание има француската книжевност врз делата на романсиерите, драмските писатели и поетите; тоа влијание е забележливо кај: В. Малевски, С. Јаневски, А. Шопов, В. Урошевиќ, К. Чашуле, Т. Арсовски, М. Матевски и други автори. Постои и обратно влијание, односно влијание кое македонската култура го има извршено врз француските писатели, а кое може да се забележи во делата на Ежен Гилвик и Жак Гошрон. Исто така, познато е влијанието на легендите и балканските мотиви во Ориенталните новели на Маргерит Јурсенар. Развивањето на македонско – француските односи го потврдуваат и многубројните антологии – избори од творештвото на француската книжевност во Македонија подготвени од В. Урошевиќ, М. Ѓурчинов и други автори.
          На крајот од својата студија, Тодорова се осврнува на тесната соработка помеѓу гвинејската и македонската култура преку воочување на многу реализирани контакти: веќе споменатото гостување на ансамблот на Кеита Фодеба, реакциите по однос на овој африкански балет, преводот на книгата Црното момче од Камара Лај од Гвинеја, гостувањето и настапот на Мори Канте на џез фестивалот во Скопје, потоа соработката на Ацо Шопов, поранешен амбасадор во Сенегал и Л. С. Сенгор на културен план, многуте преводи на поезија, во поетскиот израз и во политиката, потоа соработката остварена во рамките на Струшките вечери на поезијата со поетите: Мамду Траоре Реј Отра, Роже Готу Зому, Фандие Туре, Мамаду Тиан Пунчу Диало и други.
          Последниот дел од студијата дава кус преглед на преводите од француски на македонски и од македонски на француски јазик со кој Тодорова ги документира македонско – франкофонските релации: преводот на романот на Анатол Франс под насловКренкбиј е прво дело преведено од француски на македонски јазик, потоа преведувани се делата на: Алфонс Доде, Жил Верн, Балзак, Стендал, Флобер, Е. Зола, Ромен Ролан, М. Пруст, потоа поезијата на: Аполинер, Анри Мишо, Антонин Арто, Рембо, Бодлер, Жак Гошрон, Анри Мешоник и други автори кои своја интегрална верзија имаат во антологиите како што е Златната книга на француската поезија од В. Урошевиќ објавена во 1996 година. Во овие релации, Тодорова ги истакнува и преводите од историјата на француската драма, како оние на делото на: Молиер, Корнеј, Ками, Сартр, Бекет, Јонеско, а на француски се преведувани и подготвувани многу антологии на поезија од македонската култура кои ги приредуваат Жак Гошрон и Милан Ѓурчинов, потоа направени се преводи на поезијата на: Кочо Рацин, Славко Јаневски, Ташко Георгиевски, Влада Урошевиќ, Ефтим Клетников, издадена е антологија на македонската проза на француски јазик подготвена од Ѓ. Старделов, П. Бошковски и С. Мицковиќ, преведен е избор од собирачката дејност на Марко Цепенков подготвен од Т. Саздов, потоа преведувана е прозата на Петре Андреевски, Петре Бакевски и други автори. Постојат и преводи кои ја доближуваат македонската култура до франкофонските култури на Швајцарија, Белгија, Канада и Луксембург.
          Студијата на Лилјана Тодорова, иако во насловот ја содржи одредницата панорама на франкофонските литератури, по својата суштина е исклучително богата компаратистичка студија која ги објаснува и ги доближува до македонскиот читател - за прв пат во интегрална верзија - сознанијата поврзани со многу колонизирани култури. Во својот пристап, авторката истовремено, користи историски пристап колку што применува и теоретска анализа на поетиките на овие разновидни книжевности и култури. Во своите анализи на франкофонските култури, таа постојано настојува да истакне два аспекта: првиот, со кој им дава обележје на самостојни културни вредности и упатува на нивната самобитност што е особено изразен феномен кога станува збор за квебечката култура од Канада и вториот аспект поврзан со истакнувањето на значајниот дијалог со француската култура.
          Со претставувањето на тековите на културите од островите во Индискиот океан, Тодорова ни доближува еден неверојатно егзотичен и богат свет кој можеме да го анализираме во релација со тековите на развој на македонската култура. Сосема оправдано, авторката, на крајот од книгата, ги сумира македонско – француските односи и заемните културни влијаниеја низ студиозниот преглед и анализа на македонската и француската традиција која има своја длабока историја.