РЕЦЕПЦИЈАТА НА БЕЛИ МУГРИ ОД КОЧО РАЦИН ВО СЛОВАЧКАТА КНИЖЕВНА И КУЛТУРНА СРЕДИНА

  • Печати

Звонко Танески

ISSN 1409-715X

          Намерата на нашиот текст е да понуди комплексен преглед на словачката рецепција на делото од Кочо Рацин во целата втора половина на дваесеттиот век, преку преводите и критичките текстови на словачки јазик, кои помогнале во објективното спознавање на македонскиот поет во словачки контекст. Словачката страна покажувала нескриен и релативно постојан интерес за творештвото на Рацин, почнувајќи од 1953 година (кога се појавиле првите преводи на песни од Рацин, подготвени од војводинските Словаци, а објавени во словачкото списание Нов живот во Нови Сад), па сé до обемното книжно издание на Бели мугри во Братислава (Biele úsvity, 1990), во кое преведувачите Јан Јанкович и Вилијам Марчок, благодарение на својот извонреден превод, го претставиле речиси целокупниот поетски опус (со исклучок на песните од циклусот Антологија на болката) на македонскиот автор пред словачката книжевна и културна јавност. Словачкиот книжевен историчар и научник Јан Јанкович тогаш напишал и долг афирмативен поговор за Рацин со наслов Поет – легенда (1990). Во суштина, целиот процес на книжевно и културно восприемање на Кочо Рацин во Словачка станува, на крајот на краиштата, и еден од главните параметри во постепеното „оживување на сликата“ за македонската книжевност и за нејзините високи вредности во словачката културна и читателска средина - почнувајќи од периодот по 1945 година, па сé до денешни дни. Во сиот тој временски распон, словачката книжевна јавност ќе се потсетува и индиректно (пишувајќи во бројни и различни пригоди за македонската поезија) ќе го споменува името на Кочо Рацин – родоначалникот на модерната македонска поезија. Од тие причини вклучуваме во нашиот текст и прилог со исцрпни библиографски регистри на словачки објави од / за творештвото на Кочо Рацин (согласно ограничената должина на текстот, не ги вклучуваме, на пример, текстовите од оние словачки книжевни критичари кои се повикуваат на името и на значењето на Кочо Рацин при презентирањето на кратките и општи прегледи за развојот и за карактеристиките на современото македонско поетско писмо), кои се однесуваат исклучиво на преводите или на критичката интерпретација на Рациновото дело. Впрочем, и наведените библиографски регистри, самите по себе, можат да посведочат за присутноста и за степенот на апсолвираната рецепција на Кочо Рацин во Република Словачка.
          На самиот почеток треба да се потенцира незаобиколниот факт дека приемот на творештвото на Кочо Рацин во Словачка претставува, во прв ред, добар приказ за изграденоста на културните врски меѓу двата словенски народи кои во извесни историски премрежја имале слични судбини, па затоа можат да понудат и посоки во поглед на заемното приближување на словачкиот и на македонскиот книжевен развој. Словачката страна уште при првите преводи на Рацин го согледала објективно феноменот дека тој, од формален аспект, е поет кој се навраќа на традицијата - олицетворена првенствено во фонот од стиховите на македонското народно творештво. Но, во таа смисла, словачката критичко-вредносна мисла со право оди дури и дотаму што во Рацин гледа и обнова на континуитетот на „книжевната школа која се роди на бреговите на Охридското езеро, кајшто дејствуваа учениците на Кирил и Методиј по прогонувањето од Велика Моравија. Автентичноста на поетската порака е акцентирана и во животот на поетот – револуционер... Изворот на неговата поезија, сликовитоста, експресивноста и емоционалноста на изразот треба да се бара токму тука – среде бедата и маките на едноставниот работен човек, во длабока и суштинска врска со народот, со неговата историја и копнежи“. (1) Од тие причини, може да се подвлече дека преводот на делото од македонскиот народен бард Рацин на словачки јазик претставува важен книжевен настан во словачката средина, кој во себе сублимира голем број културолошки и слоевити пораки.

          Уште во првите преводи од 1953 година, Андреј Чипкар во новосадското списание Нов живот го запознава словачкиот читателски аудиториум дека збирката Бели мугри од Кочо Рацин е прва печатена поетска книга на македонски јазик (1939). Чипкар ги наведува врвните уметнички дострели на Рациновата поезија, но воедно ги искористува и прагматичните постулати од општествената клима на конкретното време со тоа што ги внесува песните на Рацин и во некои од учебниците и во читанките за основните и за средните училишта на словачки јазик, кои во поранешната Југословенска федерација редовно се објавуваа во Војводина, а потоа (благодарение на ангажманот на војводинските Словаци односно т.н. „Словаци од долна земја“) се ширеа и во просторите на тогашната Чехословачка социјалистичка република. По првите преводи на Андреј Чипкар, словачката културна јавност во Војводина била благовремено информирана од страна на Марија Мијавцова (Нов живот, 1968) и за востановената книжевна награда која го носи името на Рацин, како и за манифестацијата Рацинови средби, која секоја година се одржува во чест на поетот во неговиот роден град Велес. Во тој домен, не било случајно ниту тоа што токму со читањето на песните од Кочо Рацин се отвориле деновите на македонската литература и култура во историскиот словачки град Мартин во 1973 година. За нивниот превод имаат голема заслуга и војводинските Словаци, кои останале верни во проследувањето на Рациновото дело сé до распадот на Југославија. Имено, во 1991 година во новосадското списание на словачки јазик Гласот на народот (Hlas ludu) ќе се објави и една од првите рецензии на најуспешниот книжен превод на словачки јазик на творештвото на великиот македонски поет од 1990 година, издаден во Братислава. Автор на рецензијата Легенда за Рацин и неговата поезија е Јан Цицка, кој во својата анализа на Рациновото творештво преведено на словачки јазик, како и во стремежот за правилна проценка на мајсторството на преведувачите на песните, но и по прашањето за оправданоста и за несомнената потреба од квалитетно книжно издание на Рацин на словачки јазик, се повикува, меѓу другото, и на заклучоците од инспиративниот поговор на Јан Јанкович.
          Набрзо потоа, изданието ќе го рецензира и Иван Доровски во Чешка, пишувајќи во 1991 година два свои осврти во чешките книжевни списанија Еднаквост (Rovnost) и Слободна реч (Svobodné slovo) за словачкиот ценет потфат при афирмацијата и презентацијата на Кочо Рацин на словачко тло. Истиот автор ќе објави краток текст за „делото на Кочо Рацин во Чехословачка“ уште во 1989 година во македонскиот дневен весник Нова Македонија, во кој повеќе се осврнува на чешките преводи на песните на македонскиот поет, но ги зема превид, се разбира, и преводите на песните на словачки јазик (во прв ред, преводот на Феро Липка, објавен во братиславското книжевно списание Ревија за светска литература – Revue svetovej literatúry во 1977 година), но и преводите од „брошурното издание“ на Рацин на словачки јазик, објавено во Скопје во 1978 година под наслов Biele svitania и под заштитен знак на МНТ и на неговата драмска едиција. Тој превод на словачки јазик е направен од Вера Јанева-Стојановиќ, Донка Роуз и Станислава Шурлежаноска. Стручен соработник во подготовката на изданието е Владимир Милчин. Во ова издание, кое е подготвено во пресрет на Деновите на словачката култура во Македонија и со тоа имало само тесен информациски досег за присутните учесници на манифестацијата, нема пагинација на страниците, а паралелно се во него дадени, на левата и на десната страна, двојазично (на македонски и на словачки јазик) 10 песни од Кочо Рацин. Текстот е печатен со измените настанати во текот на неговото подготвување за сцена.

          Слично послание како скопското двојазично издание од 1978 година изврши, исто така, и брошурното издание Бели мугри – Biele úsvity (Pro memoria) издадено во Словачката академија на науките во Братислава (поточно, се работи за заедничко издание на нејзините членки: Институтот за светска книжевност, Институтот за славистика „Јан Станислав“ и Словачкиот славистички комитет) во 2008 година, кое послужи за потребите на словачката делагација на Светскиот славистички конгрес во Охрид, во септември 2008 година, каде што се одбележуваше, меѓу останатите бројни научни активности, и стогодишнината од раѓањето на  големиот македонски поет Кочо Рацин.
          Во секој случај, од огромно значење за сите нас е тоа дека уште при првите панорамски претставувања на македонската поезија во книжевните списанија објавувани во Братислава, името на Кочо Рацин е споменувано на првите редови во уводните студии на приредувачите, кои се обидувале колку што можат најдобро да го приближат корпусот на современата македонска поезија пред словачкиот читател. Имено, во неколку наврати, Феро Липка ќе напише дека „традицијата на македонската поезија не е долга: првите песни – не вклучувајќи го народното творештво – се појавија во деветнаесеттиот век (Константин Миладинов, Григор Прличев), додека понатамошниот развој на македонската поезија се одвиваше без внатрешен континуитет, без надоврзување, со големи скокови: реката на поезијата долго се губеше за повторно и неочекувано да избликне од темнината на времето. А, повторно избликна дури во дваесеттиот век, во периодот меѓу двете војни, во револуционерните, социјално ангажирани песни на Кочо Рацин“ (2). Словачката книжевна и културна средина ги примала, значи, мошне објективно и прецизно фактите за животот и творештвото на Рацин. Затоа, во преводите на песните од Кочо Рацин на словачки јазик се истакнуваат и констатации од типот дека „книжевното дело и општествено-политичката активност на Кочо Рацин се битни поради тоа што кулминираа во време – премногу важно за Македонија и за судбината на Македонците. Дури и самиот факт што тоа дело е напишано на јазикот од сопствениот народ, кој не само што не бил признаван, туку бил и прогонуван - претставувал чин, иако во Рациновиот поетски свет не ја наоѓаме само сликата на дамнешните македонски состојби и револуционерни подвизи. Рациновата поезија има естетски вредности, кои ја оправдуваат и нашата денешна желба да ја претставиме неа пред словачкиот читател“. (3)
          Таквата јасно изразена желба во словачката средина била прилично силна и константна за што, во извесна и имплицитна доза, сведочи и преводот на драмата Рацин од македонскиот писател Борис Вишински (Братислава: ЛИТА, 1983, превод: Јан Јанкович), каде што македонскиот поет Кочо Рацин ја има ролјата на еден од протагонистите. Сепак, треба недвосмислено да се признае дека книжното издание на Бели мугри дополнето со песните од циклусот Огномет (Братислава, 1990) претставува врв на словачките заложби за претставување и етаблирање на Рацин во нивниот домашен книжевен и културен контекст. Токму по тој повод, еден од преведувачите – Јан Јанкович во својот поговор кон изданието ќе заклучи убедливо дека „Рацин го поведе својот народ и неговиот јазик на европската книжевна сцена кон крајот на триесеттите години што е навистина парадоксално, бидејќи во македонскиот Охрид дејствуваа учениците на Кирил и Методиј уште во мугрите на нашата историја и основаа таму прв словенски универзитет, богата книжевна школа. Појавата на Белите мугри претставуваше прв чекор по новиот пат. По ослободувањето, таа стихозбирка стана брзо основна книга, богатство на младата литература, учебник за поезија, бидејќи претставуваше мост меѓу македонската народна лирика и модерната поезија. Уште во времето на појавата и’ беше особено внимание посветено на збирката од страна на домашната критика. Критичарите веднаш го воочија и го сфатија нејзиното историско и културно-политичко значење“. (4) Во таа насока, треба да се дополни и тоа дека и тогашната словачка книжевна критика зазела позитивен став и го примила македонскиот поет Кочо Рацин како значаен автор од просторите на поранешна Југославија, чии уметнички вредности се неспорни.

 

          Рациното име, како едно од ретките македонски писателски имиња, е затоа застапено и во неколку престижни енциклопедии на еминентни писатели од светот (како и во енциклопедиското списание Пирамида), објавени во Република Словачка. Тоа претставува, всушност, уште еден несоборлив доказ дека за словачката академска и книжевна јавност не постоеле никакви дилеми околу европскиот дух на Рациновата поезија, која ги потврдила, во прв ред, за себе и во себе модерните европски програми на релацијата симболизам – експресионизам – социјалистички реализам, за што говорат неспокојноста и мотивските јадра во неа, (5) без разлика на тоа што неговата поезија се осврнувала најмногу врз социјалната и материјалистичка поетичка концепција.
          Рецепцијата на Бели мугри од Кочо Рацин во словачката книжевна и културна средина дава, меѓу другото, и до знаење дека т.н. мали култури (какви што се словачката и македонската) не се неминовно и „малцински“ култури во Европа. Токму творците од форматот на Кочо Рацин можат попрво да докажат дека во овој случај се работи за феномен „мали јазици, големи литератури“. Да се зборува за „мала култура“ е, во таа насока, попримерно отколку да се зборува за „културна малечкост“. Културата, како секундарен моделиран систем е можно да се истражува како јазик и сума текстови, нашишани на тој јазик. Во таа смисла, јазикот станува механизам на складирање на информациите и создавање традиција. Малечкоста потоа се јавува како релевантна за културата тогаш, кога е определена со помош на сопствените или на туѓите текстови. А, токму словачката рецепција на великиот Рацин е добар показател и за општата величина на македонската книжевност на која тој и’ припаѓа, затоа што Рацин е „Прометеј на својот народ, па со самото тоа симболично припаѓа и на културата на сите народи во светот“. (6)


БИБЛИОГРАФСКИ РЕГИСТРИ

Кочо Рацин во словачката книжевна периодика и во критичките одгласи на словачки јазик


1953

RACIN, Kočo: Dni. Lenka. Preklad: Andrej Čipkár. In: Nový život, Roč. 5, 1953, s. 155-156.
čIPKÁR, Andrej: K desiatemu výročiu smrti Kostu Racina 1909-1943. In: Nový život, Roč. 5, 1953, s. 154.

1968

Cena Koču Racina. Preklad: Mária Myjavcová. In: Nový život, č. 4, Roč. 20, 1968, s. 379.
Racinové stretnutia. Preklad: Mária Myjavcová. In: Nový život, č. 4, Roč. 20, 1968, s. 382.

1973

čIERNÝ, Jozef: Básen Kostu Racina v Martine. (Večer poézie a prózy Macedónie v Martine v rámci Dni macedónskej kultúry). In: Matičné čítanie, č. 21, Roč. 6, 1973, s. 3.

1977

RACIN, Kočo:Ohnostroj. Preklad: Fero Lipka. In: Revue svetovej literatúry, č. 5, Roč. 13, 1977, s. 59-61.

1988

RACIN, Kočo: Oberači tabaku. Prekladatel neuvedený. In: KMET, Ján: čitanka pre druhý ročnik stredného vzdelávania a výchovy. Nový Sad: Ústav pre vydávanie učebnic, 1988, s. 249-250 (s bibliografickou poznámkou).

1990

JANKOVIC, Ján: Básnik – legenda. Doslov. In: RACIN, Kočo: Biele úsvity (Бели мугри). Výber z poézie. Bratislava – Nový Sad: Tatran – Obzor 1990, s. 72-84.

1991

CICKA, Ján: Legenda o Racinovi a jeho poézii. In: Hlas ludu, č. 38, Roč. 48, 1991, s. 10.
Rec: Biele úsvity. (Бели мугри) Výber z poézie / Kočo Racin. Preklad: Ján Jankovič a Viliam Marčok. Bratislava: Tatran, Nový Sad: Obzor-Tvorba, 1990.

Одредници за Кочо Рацин во книжевно-антологиските
публикации на словачки јазик

1987

RACIN, Kočo. In: ENCYKLOPÉDIA SPISOVATELOV SVETA. Bratislava: Obzor, 1987. Spracoval kolektiv autorov. Zostavovatel Ján Jiriček. Heslo pripravili: Branislav Choma a Zlatko Klátik), - 648 s.

1989

RACIN, Kočo: Biele úsvity. In: ENCYKLOPÉDIA LITERÁRNYCH DIEL. Bratislava: Obzor, 1989. Spracoval kolektiv autorov. Zostavovatel: Libor Knežek. – 864 s. (Autor hesla: Ján Jankovič).

Цели публикувани изданија од Кочо Рацин
на словачки јазик (книги и брошури)

1978

RACIN, Kočo: Bielé svitania (Бели мугри). Obsah: До еден работник (Jednemu robotnikovi). Денови (Dni). Тутоноберачите (Trhači tabaku). Ленка (Lenka). Проштавање (Rozlučka). Татунчо (Tatunčo). Елегии за тебе (Elégie pre teba). На Струга дуќам да имам (Keby som mal v Struge kram...). Копачите (Kopači). Preklad do slovenčiny: Вера Јанева-Стојановиќ, Донка Роус, Станислава Шурлежаноска. Соработник: Владимир Милчин. - Скопје: Македонски народен театар (Едиција Драма), 1978, - 36 стр.

1990

RACIN, Kočo: Biele úsvity (Бели мугри). Výber z poézie. Preklad: Ján Jankovič a Viliam Marčok. Bratislava: Tatran, Nový Sad: Obzor-Tvorba 1990, - 87 s.

2008

RACIN, Kočo: Biele úsvity – Бели мугри (Pro memoria: Bratislava, Tatran 1990, 84 s., Preklad: Viliam Marčok a Ján Jankovič, Ilustrácie: Nada Rappensbergerová). Zostavil a vydal Ján Jankovič. Informativne texty do macedónčiny preložil Zvonko Taneski. Bratislava: Ústav svetovej literatúry SAV – Slavistický ústav Jána Stanislava SAV – Slovenský komitét slavistov, 2008.

Словачките објави на Кочо Рацин во македонскиот печат и
во критичките одгласи на македонски јазик

1989

ДОРОВСКИ, Иван: Поет на социјалниот реализам. Делото на Кочо Рацин во Чехословачка. In: Нова Македонија, Скопје, бр. 15325, Год. 45, 1989, стр. 23.

1991

Бели мугри на словачки во издание на „Татран“ од Братислава. Во: Нова Македонија, Скопје, бр. 15788, Год. 47, 8. 1. 1991, стр. 9.
Ohlas: RACIN, Kočo: Biele úsvity. (Бели мугри), Výber z poézie, Preklad: Ján Jankovič а Viliam Marčok. – Bratislava: Tatran 1990.

Словачките објави на Кочо Рацин во чешкиот печат и
во критичките одгласи на чешки јазик

1991

DOROVSKÝ, Ivan: Bilé červánky poezie. In: Rovnost, č. 4. Roč. 106, 5. 1. 1991, s. 5.
Rec: Biele úsvity. (Бели мугри) Výber z poézie / Kočo Racin. Preklad: Ján Jankovič a Viliam Marčok. Bratislava: Tatran 1990.
DOROVSKÝ, Ivan: Bilý rozbresk. In: Svobodné slovo, 20.2.1991, s. 5.
Rec: Biele úsvity. (Бели мугри) Výber z poézie / Kočo Racin. Preklad: Ján Jankovič a Viliam Marčok. Bratislava: Tatran 1990.


Белешки:

1. JANKOVIč, Ján. In: RACIN, Kočo: Biele úsvity. Bratislava: Tatran 1990 (непотпишан текст на внатрешната страна од корицата).
2. LIPKA, Fero: Súčasná macedónska poézia. In: Revue svetovej literatúry, Bratislava, č. 5, Roč. 14, 1978, s. 30. Tiež: Na prahu nového obdobia. In: Revue svetovej literatúry, Bratislava, č. 4, Roč. 26, 1990, s. 2., Tiež in: Nepokoj v krajine (Antológia súčasnej macedónskej poézie) . Doslov. Bratislava: Slovenský spisovatel 1990, s. 139. Во однос на „немањето внатрешен континуитет и надоврзување“ на македонската поезија и литература воопшто во дијахрониски след за кој зборува Ф. Липка – се воделе уште во минатото бројни и стручно елаборирани дискусии и полемики во македонската книжевна наука. Ние лично сме застапници на тезата дека во тој домен не треба да се зборува за дисконтинуитет, туку можеби за “специфичен, општествено и историски детерминиран (нетипичен) развој“ на македонската книжевна реч - согледан во сооднос  или во споредба со состојбата во некои други балкански и европски национални книжевности.
3. JANKOVIč, Ján: Básnik – legenda. Doslov. In: RACIN, Kočo: Biele úsvity, Bratislava: Tatran 1990, s. 72.
4. JANKOVIč, Ján: C. d., s. 82.
5. За различните можни читања на Рациновата поезија пишувавме по друг повод и подетално во еден свој постар текст: ТАНЕСКИ, Звонко: Како го читаме Рацин. Во: Стремеж, бр. 5-6, Год. 48, Прилеп, 2002, стр. 103-109.
6. JANKOVIč, Ján: Básnik – legenda. Doslov. In: RACIN, Kočo: Biele úsvity, Bratislava: Tatran 1990, s. 84.