КНИГАТА КАКО СВЕДОШТВО

КОН КНИЖЕВНИ СВЕДОШТВА БИЛЈАНА АНГЕЛОВСКА, СИГМАПРЕС, 2008

Владимир Мартиновски

ISSN 1409-715X


ги нижам во бисерна ниска
и создавам песна
која може да радува
во тажните денови
да затопли
во студенилото
да осмисли
во бесмисленото

Билјана Ангеловска,  „Пишувам“

          Секоја книга е сведоштво. Секоја книга едновремено сведочи, како за автентичниот и неповторлив внатрешен свет на секој/а автор/ка, така и за времето во кое тој/таа живее и создава.
          Секоја книга е сведоштво за некогаш поминатите мисловни патеки и патешествија, доживеаните емотивни состојби, естетски проблесоци, научни потфати или духовни предизвици. Во воведните страници од Расправата за методот, Декарт нèпотсетува дека благодарение на книгите, луѓето можат да учествуваат во разговор со „најдобрите мисли на најдобрите луѓе“.
          Читана и проучувана како сведоштво, секоја книга е драгоцена...
          За многумина е и ќе остане драгоцена постхумно објавената книга Книжевни сведоштва на прерано починатата професорка по општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, реномирана поетеса, книжевна теоретичарка со компаратистичка ориентација, критичарка и антологичарка, Билјана Ангеловска (1962-2007). Покрај објавените книги Најмладата македонска поезија (антологија, 1987), поетските книги Мермер и епидерма (1992) и Гуштер на дорски столб (1999), компаративната студија Античкиот мит и современата македонска книжевност (2006), како и многубројните книжевно-научни прилози, критички опсервации и статии објавени во научни зборници и во книжевната периодика, книгатаКнижевни сведоштва повторно ни нуди широк увид во исклучително богатата и разновидна творечка дејност на Билјана Ангеловска, во која се проникнуваат и нејзината иманентна поетика и координатите на нејзините научни преокупации.
          Книгата Книжевни сведоштва е драгоцена од повеќе причини. Прво, затоа што преку неа се документираат прецизно и прегледно многубројните био-библиографски податоци на една творечка личност која е несомнено мошне значајна за македонската современа книжевност и книжевна наука. Второ, затоа што преку оваа книга јавноста добива можност за читателска средба со значаен дел од необјавените остварувања од богатата и разновидна книжевна оставина на Билјана Ангеловска.
          Изборот од необјавените поетски текстови го сочинува најголемиот дел од книгата Книжевни сведоштва: приопштени се сто и триесесет поетски творби на Ангеловска, распоредени во циклусите „Вино на мојот живот“, „Обземеност“, „Љубов“, „Одѕвон“, „Неизбежност“ и „Фанфари“. Заедно циклусите го образуваат поетскиот дел од книгата, кој носи наслов „За тебе поезија“. Впрочем, начинот на презентацијата на лириката на Ангеловска, остава впечаток на внимателно и доследно конципиран поетски ракопис во кој тематските целини се заокружени во најубавата смисла а зборот, што е вистинска реткост за овој тип книги, објавени по авторовата смрт.
          Една од стожерните одлики на објавените песни, а и воопшто на лириката на Ангеловска, е исклучително директното и сугестивно доловивање на најинтимните чувства и размисли за животот и смртта. Преку елиптичната лирска синтакса и специфичното поетско стакато, секој (најчесто краток) стих од песните на Ангеловска едновремено е и надоврзување на претходната мисла, но и нова поетска порака. Лириката на Ангеловска е пред сè и над сè плод на потреба за саморазбирање. Песната прераснува во естетска артикулација на крајно непредвидливите и недофатливите виулици во умот / замислен во себе, како во песната „Празно гледање“.

          Всушност, речиси во секоја од песните на Билјана Ангеловска се случува еден вид двојна (и меѓусебно поврзана) интериоризација: и онаа на лирскиот субјект, и онаа на самата поезија, како во стиховите од песната „Разбирање“:

          Разбирање
          прв чекор одобрување
          затоа и најдобро се разбираме
          себеси.
          Генијалност
          Собрана во прст
          насочен кон себе.

          Во лирскиот свет на Ангеловска, песните, неретко, се еден смел „разговор со себе“, како што гласи насловот на еден парадигматичен поетски текст. Препуштајќи ? се на неочекуваната плима од мислите, која надоаѓа со секој нов збор (како во песната „Враќање кон стихот“), поетесата низ чинот на создавање на песната напати чувствува галовност на душата („Текст“), но напати дури и оган од крикови („Недопрено допирање“). Во лирските исповеди и солилоквиуми на Ангеловска, лирскиот субјект честопати се обраќа кон самиот себе или, пак, за себеси говори како за „некој друг“ или, како за „сите нас“. На пример, во песната „Забраздување“ лирскиот субект се обраќа кон себеси (како во некои од најпознатите песни на Катул):

           ги сакаш луѓето а тие си заминуваат
          со брзи чекори наспроти твоето бавно
          вртење во круг и кристални солзи.

          Притоа, сознанието дека бекство од себеси нема („Сенки“), или, кажано малку поинаку во песната „Страв“ (И сакаше да си сам / ама не можеш), не резултира во очајување и резигнација, туку, напротив – во постојан обид да се воспостави дијалог со себеси и со другите преку креативниот чин. Во некои песни лирскиот субјект (си) препорачува преиспитување и нурнување во внатрешните длабочини, за кои, уште во Антиката се велело дека се најдлабоката бездна: Сврти се во својот круг / можеби ќе видиш / подобро одошто е („Поинакво гледање“). Како резултат на задлабочената интроспекција, во некои песни лирскиот субјект силно ја воочува внатрешната противречност, поделеност и двојност: сакаш да си сам а / двојноста те раскинува(„Близнак“).
          Лириката на Англеловска никогаш не признава инерција на исказот. И покрај доминантните теми, секоја песна е различна, неповторлива и единствена, како и непредвидливиот тек на мислите: Во непознат смер / трга мислата / пластови крие во себе(„Магла“). Во оваа лирика е видлива силната катарзична моќ на поетските искуства. Дури и во потресните песни, во кои (пред сèпреку сонот) се најавува смртта, но и желбата за напуштање на овој свет („Истоштеност“, „Убиство“, „Твој простор“, „Страв“, „Лична тажаленка“), лирскиот субјект ја сочувува спокојноста на мислата, суптилната (само)иронија, достоинствениот лирски тон и потребата за нијансирање на поетските пораки. Дури и кога лирскиот субјект смело го поставува прашањето Како се умира во песна? („Корени“), низ стиховите прострујува свеста за „непрекинатото постоење“ низ поезијата. Имено, иако на едно место експлицитно се иронизира античкиот мит за поезијата како споменик / потраен од бронза („Хорот за Хорациј“), лирскиот субјект, на друго место, признава дека поетскиот потфат е еден вид ритуал за бесмртност (...) Сепак е нешто / овој копнеж вечност („Желба“). Дури и кога констатира дека вечноста боли / дури и да е твоја (Вечност) или дека сe е прокоба, стиховите и песните надоаѓаат како еден вид ослободување („Линија“). Така, во антологиската песна „Текст“ и чинот на пишување, но и чинот на читање, претставуваат постоење / посветено / само себеси. Оттука, иако во повеќе текстови се оркестрира и се варира темата за трошноста на телото, за минливоста и за неизбежноста на исчезнувањето, во песната „Претпоставки“ ја среќаваме следнава „поетска препоставка“:

          Исчезнувањето сепак
          му припаѓа само на времето
          просторот останува наш
          со секоја идеја за одмин
          и потреба за останување.

          Аналогно на сочуваните песни од античките лиричари (особено оние од Сапфо, Алкај или Катул), лириката на Ангеловска е особено заинтересирана за противречностите со кои е исполнет секој човеков живот, а кои најинтензивно се изразуваат преку поетизираните љубовни искуства и нијанси во доловувањето на спротивставените состојби на духот кога се љуби. Помеѓу постхумно објавените песни, едни од најефектните и највпечатливите се дваесеттината поетски песни преку кои запознаваме една компонента не толку експонирана во претходните збирки на Ангеловска – љубовниот сензибилитет. Како во песните на Сапфо и Катул, во љубовната лирика на Ангеловска (особено во песните „Човечки е“, „Идол“, „Сега – не“, „Бунтовност“, „Сонување“, „Недоглед“, „Искуство“, „Јас“, „На непознатиот познаник“, „Можеби“, „Твојата моќ“, „Ми недостасуваш“, „Крај“, „Кога мислам на тебе“, „Мисли“, „Кога веќе те нема“, „Како“, „Нашата разделба“, „Не се чуди“...), лирскиот субјект едновремено, и љуби и се сомнева во љубовта, и тагува и се радува, и настапува сигурно и се двоуми, и им се препушта на чувствата и се обидува да се дистанцира од нив... Силната рефлексивна компонента, еден од „носечките столбови“ во лириката на Ангеловска, е присутна и во овие песни и им дава особен шарм.
          Преку многубројните впечатливи лирски минијатури („Сепак љубов“, „Забуна“, „Виделина“, „Откривања“, „Нешто“, „Стварност“, „Потрага“, „Сенка“, „Таму си“, „Тежина“, „Спознание“, „Вид“, „Секојдневие“, „Динамика“) јасно се гледа дека Ангеловска постигнала моќна кондензација на поетскиот израз, која таа ја ползувала и во нејзините прозни остварувања. Во таа смисла, книгата Книжевни сведоштва, меѓу другото, претставува сведоштво за упатеноста на Ангеловска и во вештината на раскажувањето. Афинитетот кон хибридизација на поетскиот и прозниот дискурс најдобро се гледа преку изборот од осум куси прози и раскази: „Мисли кон безредието“, „Нејзината уметност“, „Сепак“, „Талкање“, „Неспокојство“, „Крија“, „Капки“ и „Небесна биографија од раѓање“. Строгата (напати аскетска) селекција на лексичкиот материјал, впечатливата ритмика и балансираната метафорика, на кусите прози им (до)даваат и бележити поетски квалитети.
          Проткајувањето меѓу поезијата и прозата, како и полиграфските потфати на Ангеловска, се гледаат и во последниот дел од книгата, насловен „Отклик на душата“, а го сочинуваат: расказот „Грч“ и една од последните песни на Ангеловска, песната „Постоење“, во којашто лирскиот субјект поентира: Мудроста е во мене / тагата е тука / и затоа се насмевнувам. 
          Потрагите по мудроста во креативниот универзум на Ангеловска се нераздлени од античката митологија, литература и култура. Како и во двете збирки поезија објавени за време на нејзиниот живот, кои уште со насловите го најавуваа дијалогот со Антиката (Мермер и епидерма, Гуштер на дорски столб), постхумно објавените песни се проткаени и со многубројни „антички“ референци: Епикур, Едиповата среќа, Пенелопино ткаење, лавиринт, Хорациј, Платон, харијатида…
          Во овој контекст, во предговорот на книгата со право се констатира дека: „Тешко е да се сретне човек, толку, би се рекло, во љубов со својот предмет на професионален интерес, како што беше Билјана. Нејзиното познавање на античката книжевност, но и на современата македонска книжевност не беше обично, студено и дистанцирано, туку емотивно и топло“ (2008, 7). Сосема природно е што доминантно место и во трите селектирани книжевни анализи („Митот – извориште на книжевната инспирација“, „Еротиката во Антиката“, „Ноктурната на Ацо Караманов“) имаат истражувањата посветени на врските помеѓу митот, античката литература и македонската современа литература. И овие текстови сведочат за страстното проучување на естетските дострели на античките дела и неисцрпниот дијалог на книжевноста со митот. Оттука, и поетските, и прозните, и критичките текстови на Ангеловска, сочинуваат силно книжевно сведоштво т.е. книга која може да радува / во тажните денови / да затопли / во студенилото / да осмисли / во бесмисленото... 
          Оттука, ако се има предвид макотрпната и крајно суптилна (и од уреднички, но и од емотивен аспект) работа на овој тип изданија, несомнено е дека книгата Книжевни сведоштва е и сведоштво за љубовта спрема Билјана Ангеловска од неколку многу значајни личности во нејзиниот живот. Зад конципирањето на книгата, изборот и редакцијата на текстовите, предговорот и библиографијата стојат мајката на Билјана, Нада Ангеловска, како и нејзините колешки и блиски пријателки, професорките: Маја Бојаџиевска, Славица Србиновска и Лидија Капушевска – Дракулевска.  Нивниот тимски креативен влог заслужува особен респект и е од суштинско значење за раѓањето и (во)обликувањето на оваа книга.