ПРОМИСЛУВАЊЕ НА ДЕЛОТО ПРИЈАТЕЛИТЕ БОН И БОНА ОД ОЛИВЕРА НИКОЛОВА

НИЗ ПРИЗМАТА НА СЛОВАЧКИОТ КНИЖЕВНО-ТЕОРИСКИ ОПИТ НА ДЕТСКАТА ЛИТЕРАТУРА

Звонко Танески

          Појдовната и замислена намера на текстов е содржана во обидот за проблемска интерпретација на романот за децаПријателите Бон и Бона (1974) од македонската писателка Оливера Николова. Студијата, најпрво, ќе се задржи врз рецепцијата на наведеното дело во словачкиот книжевно-културен простор, а потоа и ќе ги апострофира неговите вредности промислувајќи го него преку некои избрани гледишта произлезени од книжевно-теорискиот апарат на словачката книжевна наука, која во поглед на методолошкото освојување на постулатите на литературата за деца има долга и богата традиција. Напоменуваме, сепак, дека контекстуалниот пристап од типот на историските околности и предуслови, како и од типот на оправданоста и на функционалноста на избраните дела за превод во процесот на продирање на македонската детска литература во Словачка, ќе го загатнеме само маргинално (согласно зацртаните лимити и спецификата на текстот) – дотолку повеќе што на таа проблематика сме пишувале и досега поопширно во повеќе наврати и другаде. Нема да бидеме во можност да го синтетизираме ниту проблемот на прецизно и студиозно проследување, согледување и диференцирање на бројните (академски) книжевно-теориски схеми кои темелно и оправдано ја проучуваат детската литература од различни аспекти и од различни позиции. Во секој случај, се надеваме дека нашиот аналитички поглед (проследен од словачката книжевно-теориска перспектива) врз делото Пријателите Бон и Бона од познатата македонска писателка О. Николова ќе придонесе барем во проширувањето на оптиките, на просудбите и на критичките вреднувања на ова дело во домашните книжевно-научни кругови.
          Словачкиот превод на Пријателите Бон и Бона е објавен како заеднички проект на издавачката куќа Младе лета од Братислава и на издавачката куќа Обзор од Нови Сад во 1978-та година. Првичната иницијатива за проектот беше покрената од страна на словачката културна заедница од Војводина, која благодарение на својот активен ентузијазам во последните неколку децении на дваесеттиот век направи голем и неспорен влог во презентацијата на македонската литература во словачки контекст [1]. Но, клучната заслуга за одличниот превод на книгата од Оливера Николова ја има, всушност, Јан Јанкович - еден од најплодните и најнеуморните преведувачи и афирматори на македонската литература на словачко тло. Добар препејувач на ракатката стихови пак што се, исто така, составен дел од ова прозно остварување, е поетот Јан Штрасер, додека илустрациите се дело на Карол Ондреичка. Во тој домен, треба да се признае фактот дека и словачките графички решенија на Ондреичка се речиси подеднакво инспиративни, убедливи и успешни, како и илустрациите на Бисерка Перовска во македонското оригинално издание – и како такви несомнено придонесуваат за задржување и за продлабочување на вниманието на читателите при читањето на книгата [2].
          По излегувањето од печат на словачкото издание на Пријателите Бон и Бона од О. Николова се објавија во книжевната периодика на словачки јазик и првите позитивни огласи и рецензии за нејзиното дело – на пр. рецензијата на Катарина Кривакова (во списанието Vzlet, Год. 10, бр. 2, 1979, стр. 21) или на Јурај Тушиак (во Nový život, Год. 31, бр. 2, 1979, стр. 188-190), за набрзо потоа да се појави текст од Оливера Николова и во читанките по мајчин јазик за учениците од словачка народност во Војводина (Види: Nikolova, Olivera: Ako rastie vlasť. In: Čipkár, Andrej – Kardelisová, Mária:  Vynálezca detských snov – Čitanka pre 3. roČnik základnej výchovy a vzdelávania - stvrté, pozmenené vydanie. Nový Sad: Ústav pre vydávanie učebnic, 1980, s. 87-88). Впрочем, за прилично нагласениот интерес за делото од Николова сведочи и фактот што делото Пријателите Бон и Бонапретставуваше воопшто - втора книга за деца од македонски автор која беше преведена на словачки јазик (по Белото циганче од Видое Подгорец во 1970-тата година, во превод на Марија Топољска, која доживеа и свое второ издание во 1986-тата година), па затоа може да се каже дека таа претставуваше и своевиден поттик за подотворање на вратите за поголема застапеност на македонската детска книга во словачката, но и во блиската чешка средина. Така, се појавија подоцна на словачки јазик и македонски автори за деца во неколку словачки книжевни антологии, но и цели книжни изданија: Волшебното самарче од Ванчо Николески (во превод на Јозеф Валихора, 1986), Патуваме, патуваме од Киро Донев (во превод на Мирослав Демак, 1989) иЛетувалците од Славино од Александар Поповски (во превод на Јан Јанкович, 1990). По распаѓањето на чехословачката федерација (1993) пак, Оливера Николова доби и два книжни преводи на чешки јазик, кои беа објавени во Брно. Во 1995-тата година беше таму објавена нејзината прва, но мошне прочуена и култна книга за деца Зоки Поки, а во 2008-та година и тројниот роман (за возрасни) - Вежби за Ибн Пајко.

          Како што веќе соопштивме, словачкото книжевно-научно и теориско искуство во реципирањето на детската литература е доста богато, аналитичко и континуално - погледнато хронолошки и сразмерно во еден подолг временски период на опстојување. Критичкото регистрирање на творештвото за деца и младина во Словачка датира уште од крајот на првата половина на дваесеттиот век. Интензитетот во научното проследување на детската литература се зголемил по 1948-та година, кога започнал и вистинскиот развој во проучувањата на детската литература, кои можат да се поделат во две етапи: „во периодот на педесеттите години се отвораа организациските и персоналните бази на истражувањето, а помалку или повеќе емпириски и врз основа на издавачката практика се согледуваше проблематиката на развојот на детската литература и теориските прашања кои се споени со неа; од почетокот на шеесеттите години, пак, може веќе да се зборува за институционална, за организациска и за персонална обезбеденост во истражувањата на детската литература, која доживеа брз напредок и во теориско-методолошката област. Квалитативно, двете клучни етапи ги разграничува првата половина на шеесеттите години кога се објавуваат првите монографии за дотогашните искуства со творештвото и рецепцијата на литературата за деца, а тогаш се иницираат и нови методолошки пристапи“ [3].
          Паралелно со формирањето на модерната детска литература во Словачка се формирала и првата генерација професионални литерарни научници, кои систематски ја рефлектираат во своите научни дела ваквата сфера од книжевното творештво. На активностите на истражувачите-основоположници - Златко Клатик (1922-1990) и Јан Полиак (1929-1977), но и на Павол Петрус, Ленка Дединска, Рудо Мориц и Лидија Кисељова се надоврзале помладите – Ондреј Слиацки и Хенрих Пифко, чија работа се поврзува со покренувањето на списанието Златен мај (1956-1992), како и со ангажманите во редакцијата на издавачката куќа Младе лета (од 1956 година) во Братислава. Оваа издавачка куќа при своите проекти ги вклучуваше редовно и научниците од Литературно-научниот институт при Словачката академија на науките во Братислава, како и професорите и предавачите на факултетите во Нитра, Трнава, Банска Бистрица и Прешов. Поголемиот дел од тие институции, со текот на времето, станаа агилни, интердисциплинарни и специјализирани центри за истражување на феноменот на детската литература и се активни сè до денес. За означување на естетскиот принцип на творештвото на постарите генерации словачки писатели за деца, на пример, најпрво заживеа поимот на нитрианската школа – „детски аспект“ (Франтишек Мико, Јан Копал), па на тој начин, постепено и целата нивна генерација го доби називот „генерација на детскиот аспект“ (О. Слиацки). Надминувањето на изолираноста и на периферноста во проучувањето на детската литература во споредба со другите литерарни видови доби на интензитет во првата половина на шеесеттите години, кога феноменот на детската литература станал интересен и за реномираните научници од областа на литературата за возрасни: Станислав Шматлак, Јулиус Ноге, Бохуслав Ковач и др. Во седумдесеттите години, по заслуга на споменатата нитрианска школа, се продлабочува истражувањето на детската литература и се појавуваат нови профилирани специјалисти во таа област: Вилијам Оберт, Ева Витезова, Марија Валентова, Ева Тучна, Марта Жилкова итн. Во братиславскиот научен центар со свои трудови посветени на детската литература се етаблираат Хенрих Пифко, Станислав Шматлак, Јулис Ноге, Златко Клатик и Бохуслав Ковач; потоа во Трнава (Јан Седлак), во Банска Бистрица (Милан Јурчо) и во Прешов (Зузана Станиславова, а делумно и Вера Жемберова)...
          Ако си дозволиме да се повикаме на неколку книжевно-научни искуства на словачките академски проследувачи на феноменот на детската литература, можеме да констатираме дека романот за деца Пријателите Бон и Бона од македонската авторка Оливера Николова претставува складно и квалитетно дело во кое авторката не само што ги востоличува туку и ги освежува спротивставените посоки на ликовите. Македонската писателка не само што спонтано проникнува во психолошките походи на главниот детски лик – девојчето Јана, туку проникнува и во „психологијата“ на нејзините пријатели Бон и Бона (изведени од бонбона); се задлабочува во нивната „оживена индивидуализација“ врз која од самиот почеток е поставен, бездруго, и комичниот елемент на целата приказна:

„...ни две ни три, туку – цин, цин, и врз нејзината дланка, наместо бонбоната, и застанаа две малечки човечиња.
Еј, како во приказна!
- Добар ден, - рекоа тие во еден глас и се поклонија божем се во кралски дворец. – Добар ден, - одвај одговори Јана. Мошне се зачуди и се уплаши.
- Јас сум Бон, - рече едниот, - не грижи се, девојче. Бон значи – добар, а тоа е многу важно и треба да се запомни. Без тоа не одиме понатаму...
- А јас сум Бона, - рече таа. – Бона, девојче, значи... Што значеше, Бон?
- Тоа значи гение.
- Вистина? – Бона се искикоте. – Сé досега не знаев. Девојче, ова мора да го запомниш? Тоа е исто толку особено важно. И без тоа не одиме понатаму. Така ли, Бон?
- Така, - рече Бон, - така. Ајде сега отстапи!“ (стр. 101, 103) [4].

          На ваков начин и започнуваат непредвидливите, но возбудливи авантури што ги преживува Јана со помош и со посредништво на Бон и Бона (а, со неа и нејзините родители, сосетката - тетка Цаца, милиционерот и останатите протагонисти), затоа што Бон и Бона поседуваат тајни „рамно 101. Еден, нула, еден, исто и отспреди и одзади. Разбирате? Е, сега повелете!“ (стр. 125). Приказната, всушност, не е толку заснована врз акциите, колку што е заснована врз ситуациите – восприемени како малечки детски чуда и восклици, небаре заврзани во чувствителната меморија на девојчето Јана кое се наоѓа во фазата на растење. Затоа, не се ни толку важни настаните (предадени во одделни поглавја во романот), колку што се важни чувствата и претставите, кои тие ги предизвикуваат кај главниот лик, а во солиден обем и во неговата околина. Авторката, во таа смисла, си поигрува со мотивот и со постепеното созревање на ликот. Умее да се персонализира и успева да се инфилтрира во секој свој лик при што будно ги набљудува и ги развива настаните, но внесува и емоции во смислата на таквите настани. Тоа ќе рече дека и во ова дело на О. Николова се забележува „зближување на авторскиот творечки субјект со субјектот на детскиот перципиент... станува збор за претстава и копнеж за добивање на многу едноставно решение при сложеното слевање на двата погледи, т. е. многу едноставна реализација на неверојатно сложеното симбиотичко подвојување на аголот на гледање на детото со оној на веќе возрасниот“ [5]. Затоа, моделирањето на прозната слика за аголот на гледање на главниот лик – девојчето Јана - го содржи во себе и стремежот за развивање на нов агол на гледање (смената на погледот со промената на возраста) што значи дека двата погледи, генерално, не се ставени во позиција на потполна, силна конфликтност, но за сметка на тоа, пак, самиот лик на девојчето Јана прераснува во носител на тоталната смисла и порака на романот (без разлика на тоа што мајката и таткото на Јана се, на пример, рамноправни учесници во приказната, која, на крајот на краиштата, е смислено конципирана и ефективно реализирана). Улогата на сентиментот, сепак, не се повишува на рамниште на определувачка енергија во структурирањето и движењето на приказната за девојчето Јана кое „многу сакаше бонбони“, без разлика на експлицитното предупредување во воведот на романот: „Но, еден ден, девојчето Јана забележа дека бонбоната што ја лиже не е како дотогашните. / И, за среќа! / Зашто, ако не го забележеше тоа, и оваа приказна немаше да започне“ (стр. 97).

          Авторската фантазија во Пријателите Бон и Бона се движи слободно дури и во неочекуваните асоцијативни споеви и во прилично брзите премини во текстот, кога Бон и Бона успеваат да спојат многу далечни нешта. Таквата фантазија и елементите на чудесното (како во случајот со обрачот низ кој се станува невидлив или случајот со елката што оди) се евидентни и во игрите со зборови (на пр. Рејкјавик – градот во Исланд, ама воедно, кај Николова, и име на шапката, а подоцна и на гулабот од сосетката Цаца), кои претставуваат соодветно избран креативен принцип што го отсликува имплицитно и процесот на самото созревање, растење). Таквиот принцип, се разбира, секогаш е точно подреден на зацртаниот план на главната идеја на приказната. Понатаму, друг механизам на детската диоптрија на гледање на светот во ова дело е и сонот. Затоа, Јана ги прашува Бон и Бона: „- Дали... дали има тајна и за соништата? / - Се разбира дека има, - рекоа заедно и Бон и Бона, и воздивнаа како за излишни работи“ (стр. 159). Сонот е весела игра, слична на илјадниците детски игри, во која сé се прелева и се слева во една разновидна целост. Сонувачкиот и фантазирачкиот поглед на субјектот – олицетворен во малото девојче Јана го надминува тука рационалниот и логичниот пристап на веќе возрасната Јана, која ја „растура реалноста“ и го обновува единството на светот во првичниот облик од специфичниот агол на гледање на некогашното дете Јана. Таквата насоченост е оправдена и поддржана во споменот сфатен како изборен маневар во чија целина се поврзува само суштинското или она што во меморијата на Јана се зарило најинтензивно. Тоа се „првите и последните тајни“, кои се најчесто оживеани преку реминисценциите на детството и имаат носталгичен набој:

„...децата растат, а Бон а Бона остануваат малечки. Колку што децата повеќе растат, толку Бон и Бона изгледаат помалечки. Така, разликата меѓу нив сèповеќе и повеќе се зголемува, и еден ден... еден ден тие ќе бидат толку оддалечени едни од други, што не ќе умеат ништо да си кажат. Ќе останат да се помнат тајните што заеднички ги откривале“ (стр. 223).

          Но, Јана притоа не заборава ниту на храброста што и ја влеале Бон и Бона уште при нивната прва појава и ја научиле да гледа поубаво околу себе, да размислува и никогаш да не се чувствува осамено. Затоа, на самиот крај кога „малечката Јана стана голема Јана, а потоа стана и мајка на едно малечко девојче“ признава:

- Да, мила моја, да... никогаш повеќе нема да дозволам да бидеш осамена. Кажи им го тоа на твоите пријатели Бон и Бона, и... поздрави ги од мене.
Нејзиното девојче отрча среќно.
А големата Јана си ја стави раката на срце. Тука беа нејзините Бон и Бона.
Цел живот ги носеше во себе (стр. 229).

          Сето тоа нè доведува до констатацијата дека Оливера Николова во Пријателите Бон и Бона не создала авторска имитација на детска игра, туку им пружила на читателите жива, убедлива врска меѓу возрасниот и детето (возрасната Јана го содржи некогашното дете Јана, а во нејзиното дете, пак, се содржи идниот возрасен). Аналогијата во врската меѓу возрасниот и детето лежи во заемната поврзаност на реалното и на фикциското ниво. Авторката така прецизно ја проектира целата фиктивна приказна, во суштина, врз основата на природната (а не на стилизираната) детска имагинативност.
          Ако го земеме пак предвид ставот на Самуел Болдоцки дека „во современата книжевна теорија и критика се вреднуваат високо токму оние дела за деца во кои авторите достигнале хармонија меѓу аспектите предодредени за детето со оние предодредени за возрасните и во кои на детето се смета како на вистински читателски субјект – партнер во книжевната игра“ [6], тогаш делото Пријателите Бон и Бона од О. Николова е едно од нив, бидејќи тука таквата хармонија не е значајна само во делот на авторскиот елемент на книжевната комуникација, туку и во елементот на реципиентот, затоа што, како што е познато, успешните дела за деца знаат често пати да ги заинтересираат и возрасните читатели со оглед на тоа што, во значајна мера, се приспособени и на читателскиот пристап кон нив. Затоа, сумарно може да се напомене дека елаборираниот роман за деца од Николова ги инкорпорира во себе следниве концепти:

1. востановена партнерска врска на авторката со детскиот реципиент и хармонија меѓу детскиот аспект и аспектот на возрасните (тетка Цаца, мајката Јана);
2. разновидност и шареноликост на теми и мотиви (Рејкјавик, елка, роденденско цвеќе, обрач низ кој се станува невидлив...);
3. непринудна и природна дидактичност (да се прави добро, да се помага, до крајната поука да се дојде преку сопственото логично просудување и искуство);
4. игривост, ефективни поенти, хумористични и весели моменти (летечката торта, милиционерот...); и
5. истенчено чувство за детската душа и за потребите на детскиот свет.

          Крстопатот меѓу детството и возрасноста кај Оливера Николова претставува понекогаш и небезбедно место, „раскрсница на чести непријатности“, но воедно и место преку кое може да се помине безбедно, ако меѓу децата и возрасните владее разбирање и хармонија; ако се познаваат себеси и другите во вистинскиот облик, без илузии и без преголема сентименталност. Тогаш крстопатите на растењето и на созревањето претставуваат безбедно исходиште за понатамошниот живот. Дотолку повеќе, во Пријателите Бон и Бона се забележува и т.н. „натежнување на чувствителноста над приказната, зголемен акцент на карактерот и на функционалноста на внатрешните конфликти во споредба со подоследното преферирање на улогата на надворешните настани во формирањето на карактерната страна на ликот на девојчето“ [7]. Во таа смисла, ликот на Јана во романот на Николова е образец за среќно и за безгрижно детство, каде што на преден план е презентиран типот на активно, настојчиво, ослободено дете што живее во кругот на современото семејство, во кругот на училиштето и на општествените реалии – каде што може да ги истакне својата храброст и копнежот за спознавање на светот, но и барањето за позитивни човечки односи. Партнерскиот однос на авторката кон светот на девојчето Јана е очигледен, пред сè, во моделирањето на животната реалност во која реализацијата и решавањето на двостраните врски меѓу возрасните и детето се ориентирани врз психолошкиот профил на детето, односно врз неговите почетни, развивачки и крајни состојби. Девојчето Јана размислува, согледува, трезвено ја перципира својата ситуација, сака да живее среќно, да биде храбра, да не се чувствува осамено, да биде вклопена во атмосферата типична за своето детство, па затоа и негодува, малку и подлажува, но „во интерес на нештото, на зацртаната цел“. Ликовите на возрасните (мајката, таткото, кројачот...) во споредба со неа, се, небаре, само силуети над кои девојчето се издигнува со помош на своето богато инстинктивно (одбранбено) чувство за рамнотежа и за избалансираност на животните шанси во епицентарот на животот. Поголемиот број позитивни морални црти е на нејзина страна – од конфронтацијата на дватаморални пола Јана излегува дури и малку „пријатно изненадена“, но со апсолвирано животно познание:

- Простете ми, тато и мамо, Бон и Бона навистина не постојат. Многу се радувам што ќе си имаме братче и сестриче. О, ама ќе биде весело! Никогаш повеќе нема да сум сама...
Нејзиното срце одеднаш олесне, се развесели и зачрчори. Пријателите никогаш не се забораваат. Каде и да се, оние што ги сакаме ги чуваме секогаш во нас...
Таа, одеднаш среќна, си ги замисли Бон и Бона во прегратките на некое малечко и осамено девојче, кое си го нема копчето на своето елече (стр. 220, 227-228).

          Возрасната Јана, значи, сфаќа што значи пријателството, во што сè тоа го задолжува човека и која е цената што треба да се плати за созревањето, за растењето, за возрасноста. Затоа, детскиот аспект на Јана може да се протолкува како ориентација врз детето со акцент на перспективата за возрасноста во самото детско видување, во детското спознавање и во доживувањето на светот или, со други зборови - со акцент на единството на детското и возрасното. Во партнерската врска на детското и на возрасното се комплементаризира, впрочем, и целата уметничката порака на детскиот аспект.

          Временската контракција комбинирана и со временската инверзија на приказната ја сигнализира обврзувачката улога на настанатата промена и заштитеноста од можен конфликт, што најмногу е видлива во пресвртот на животната ситуација на самата хероина: „Јана се насмевна. Колку беше убаво што сè ќе почне од почеток и што сé ќе продолжи... / Поминаа оттогаш многу, многу години. / Малечката Јана стана голема Јана, а потоа стана и мајка на едно малечко девојче“ (стр. 228). Следствено на тоа станува природно што ваквиот тип текстови е композициски позатворен, но со прилично речити наслови на поглавјата (Копче за храброст, Обрач, Цвеќе за мама, Најсаканата Јана, Како да се биде добар, Што е премногу, Тајната сто и прва...), кои врз основата на романот ги забодуваат стожерните точки на дејството, а со тоа и ја олеснуваат рецепцијата на пообемната романескна целина. Затоа, и во случајот со девојчето Јана во Пријателите Бон и Бона „преовладува концепцијата на самосвесен, животоспособен, интелигентен детски јунак, способен за самостојно и активно освојување на светот околу себе. Таквата активност станува доволен извор за раскажувачкиот конфликт во кој возрасните ко-актери, по правило, имаат детензивна улога“ [8]. Полемиката на детскиот свет со забревтаниот, но и поудобен и порамнодушен свет на возрасните се трансформира во инстинктивна одбрана во самиот однос кон него. Полемиката се води во името на потребата од искрен интерес и од човечка топлина во заемните врски, а тоа е ситуацијата каде што возрасната Јана, на крајот, станува длабоко свесна за напнататазрелост на својата личност (јас – не јас):

„Таа многу си го сакаше своето девојче, одеше на работа, брзаше и работеше, мислејќи постојано на своето девојче, и веруваше дека сè е во ред.
Но еден ден, нејзиното девојче и рече:
- Мамо, моите пријатели Бон и Бона велат дека малечките девојчиња не смеат никогаш да се чувствуваат осамени.
Таа со насолзени очи го прегрна своето девојче и рече:
- Да, мила моја, да... никогаш повеќе нема да дозволам да бидеш осамена. Кажи им го тоа на твоите пријатели Бон и Бона, и... поздрави ги од мене“ (стр. 228-229).

          Таквата последица на крајот од романот е, всушност, исполнет резултат на максимата од авторката за „светот на девојчињата“ од самииот почеток на романот: „Што им е тешко на девојчињата на овој гооолем свет! Срцето мораат да си го стегаат, солзите да си ги голтаат, рацете да си ги кршат, и никому да не кажат. Ако кажат – не би биле повеќе девојчиња, туку баби – тужибаби. Зар е тоа право?“ (стр. 100-101). „Девојчинството“ сака да биде спокојно по секоја цена, а мора да биде задоволно и во утробата на својата чувствителност, па затоа и сака по секоја цена да се слее со хармонијата оти израснато е од претставата дека чувството како највисока вредност, како регулатор на човечките врски, ги покрива во својата апсолутност сите останати врски.
          Ако се повикаме уште и на теориските премиси на Јан Копал, тогаш за ликот на Јана во Пријателите Бон и Бона од Оливера Николова може да се дополни и тоа дека „во детскиот аспект се појавува раздвоеноста во возраста како контаминација на детското и возрасното. Детското е видено и вреднувано преку погледот на возрасниот, а возрасноста преку погледот на детското. Станува збор за димензионално присуство на обете компоненти во детскиот аспект, а во контекстот на експонирањето на едната или на другата компонента и за процесуалност или за типолошки промени во текстот“ [9]. Возрасниот партнер (мајката Јана) пристапува кон детското (нејзиното девојче) со интенција на разбирање, со интенција за договор со детското – при што во дијалошкиот акт ја евоцира иницијативата на детското за да го пренасочи приматот на својата призма на возрасен и да не ја укотвува истата во примат-позиција, туку да ја стави неа зад потребите и барањата на детското. Тоа се чини дека е неопходно, бидејќи детето ја претпочита игривоста, конкретноста, сликовитоста, фантастичноста, персонифицираните, антропоморфизирани, хиперболизирани или анимирани ликови од природниот и од технчкиот свет кои со своето суштествување се воздигнуваат во општи симболи на моралната и на вредносната скала на човечкото општество. Детето побрзо ги учи нештата и појавите изразени преку контрастот, па затоа и повеќе му одговара игривата, динамична форма на нештата отоколку онаа статичната и стереотипната што е посвојствена за возрасните. Во таа насока, според наше убедување, треба високо да се оцени потегот на писателката Оливера Николова, која ја срушила педагошката авторска надмоќ над детскиот јунак и му дала шанса на детскиот субјект да се претстави како комплетно човечко битие. При тоа, Николова не пишува за нешта кои се едноставно проследени или копирани од животот на детето, туку создава дело со творечка фантазија, кое заслужува интензивна творечка сосредоточеност и од страна на читателот.
          Во согласност со сите горенаведени особености на делото Пријателите Бон и Бона од О. Николова може со право да се заклучи дека добрата литература за деца издвојува простор токму за чувствителното и за карактерното растење и созревање, па го пренесува така и читателот од брегот на детството до брегот на возрасните. Во тоа лежи и нејзиното послание – да му се помогне на младиот човек во сложениот процес на себеспознавање и да му покаже дека во тој процес тој не е сам. При тоа, и хумористичните ситуации се појавуваат најчесто при промените на реалното во фиктивно и обратно. Преку хумористичната постапка му се отвора на читателот за проверка и мерата на нивната веродостојност. Погледот на младиот човек низ (за него) прагматично зголеменото стакло на возрасните претставува, најпосле, и ефект на забрзување на растењето. Благодарение на таквите естетски квалитети (кои посегаат оттаде границите на конвенционалното во поглед на отстапувањето на повеќе простор за детскиот субјект, како и во поглед на неговото соживување во процесот на читањето на детската книга), делото на О. Николова постојано го плени и го задржува будно вниманието на голем број домашни и странски читатели и љубители на детската литература.


Белешки


[1] Подетално види: Taneski, Zvonko. 2009. Slovensko-macedónske literárne a kultúrne vzťahy. Bratislava: Juga.

[2] Набрзо по излегувањето на словачкото издание на Пријателите Бон и Бона, на ТВ Кошице била изведувана и телевизиска трилогија работена според ова дело на О. Николова.

[3] Stanislavová, Zuzana – Marčok, Viliam. 2004. Vznik a premeny modernej literatúry pre deti a mládež (Literárna veda o literatúre pre deti a mládež). Dejiny slovenskej literatúry III – Cesty slovenskej literatúry druhou polovicou XX. storočia (Viliam Marčok a kolektiv ed.). Bratislava: Literárne informačné centrum, 375.

[4] Со оглед на тоа што текстов е наменет, во прв ред, за македонската читателска публика – цитатите од делото на Николова не ги предаваме во преводот на словачки јазик, туку во оригиналот – на македонски јазик. Притоа го користиме изданието: Николова, Оливера 1986. Тајната на жолтото куферчеПријателите Бон и Бона (илустрации Бисерка Перовска). Скопје: Мисла. За книгата Пријателите Бон и Бона, Оливера Николова ја освои и наградата на РТВ Скопје и Струшките вечери на поезијата во 1975 година, а македонската книжевна критика ја толкува оваа книга како „роман-приказна што побудува еднакво интересирање и кај возрасните, и кај децата. Мошне инвентивно компонирана, со мноштво оригинални опсервации, таа е антиконвенционална, зашто е ослободена од стандардни и стереотипни кажувања, зашто е плод на една богата креативна имагинација... оваа книга на О. Н. стои на самиот врв на современото македонско творештво за деца“ (Ѓорѓи Арсовски). Види повеќе: Портрет – Оливера Николова(Критиката за Оливера Николова) во: Синтези, бр. 12, 2008, стр. 26.

[5] Tučná, Eva. 2000. Margin álie o literatúre pre deti. Nitra: FF UKF, s. 17.

[6] Boldocky, Samuel. 1996. Podnetnosť literatúry. Báčsky Petrovec: Kultúra, s. 142.

[7] Obert, Viliam. 1999. Výchovné tendencie detskej literatúry. Nitra: UKF, s. 48.

[8] Stanislavová, Zuzana. 1991. Pribehová próza pre najmensich. žánrové aspekty textu literatúry pre deti a mládež. Bratislava: Mladé letá, s. 90.

[9] Kopal, Ján. 1997. Próza a poézia pre mládež (Teória / poetológia). Nitra: Enigma, s. 21.