ОКСИДЕНТАЛНАТА АЛИСА

  • Печати

Ненси Армстронг

          Алиса во земјата на чудата ни дава посебен пристап до оној момент во историјата на сексуалноста кога, како што вели Фуко, нормалниот пар се повлече од јавноста, а западната култура ја започна својата вековна преокупација со сексуалното однесување на жените, децата, на ментално растроените, на мастурбаторите, на хомосексуалците, на сиромашните, на домородците, на провинцијалците и на етничките малцинства. Ќе го користам ова извонредно успешно дело на детската литература за да покажам како ликот на лошата и грда жена ги преформулира сфаќањата на доцновикторијанските читатели за тоа какви се децата, па така, и какви треба да бидат возрасните.
          Но, пред читањето на Алиса, морам да го појаснам широкиот спектар културни сфаќања што оваа жена ги внесе во фантастичните репрезентации на детството на Луис Керол. Воедно, ќе ја користам „другата“ жена за да воспоставам врска меѓу она што Фуко го нарекува премин кон девијантност и европскиот начин на справување со азиското и со африканското население, штотуку окупирано од големите империјалистички нации. Мојата кратка историја на овој лик ќе укаже како истата култура што им даде право на одредени Англичани да надгледуваат други Англичани на начин толку елоквентно опишан од страна на Е. П. Томпсон (E.P.Thompson), ненадејно, а сепак, незабележливо, се сврте кон еден проект од целосно различен вид и значење“ [1]. Помалку загрижени за класната разлика отколку што беа за време на раниот деветнаесетти век, Викторијанските владејачки класи пренасочија поголем дел од својата културна енергија кон колониите. Со усвојување на многу дескриптивни процедури од оние што Едвард Саид ги идентификува со ориентализмот, тие развија густа и сеприсутна низа разлики меѓу себеси, како англиски мажи и жени, и луѓето од неевропско потекло. Објаснувајќи како сликата на лошата и грда жена ја оформи идејата за детството што ја имаше средната класа, исто така ќе укажам како оваа промена на фокусот од нормалност кон девијантност ја смени идејата на Англија за себеси како нација.
          Саидовата студија за ориентализмот претполага дека некои од најефективните методи на империјализмот може да се чинат мошне оддалечени од проблемите на политичката стратегија. Ориентализмот беше научен проект, како што објаснува тој, што „ја одржуваше посебноста на Ориентот, неговата ексцентричност, неговата назадност, неговата тивка рамнодушност, неговата женска пенетрабилност, неговата пасивна попустливост“ (206). Иако беше научен проект, овој начин на претставување на не-Европјаните помогна да се подели светот на она што денес го нарекуваме Прв и Трет свет. Преку ваквото пишување, продолжува Саид, „Ориентот постоеше како место изолирано од главните текови на европскиот прогрес во науките, уметностите и трговијата“ (206). Така Саид ни помага да разбереме како овој начин на претставување на не-Европјаните можел да создаде блискост меѓу припадниците на Првиот свет при нивното проширување кон Азија и кон Африка, блискост која ги надминуваше националните разлики [2]. Сепак, и најдобрите прикази за културниот империјализам претполагаат дека моќта се движи само во една насока – од европските владејачки класи кон пониските класи и нанадвор кон колониите. Давајќи ни детален опис на карактеристичниот начин на кој европските средни класи ги поставуваа другите етнички групи во негативен однос со себе, Саид никогаш не се запрашува како оваа идеја за возврат ги смени луѓето што ја користеа – чувството што го имаа за себеси како нација на мажи и жени, употребите на кои ги подложуваа сопствените тела, формата и содржината на нивните желби и стравови и, оттаму, причината за идентификација меѓу Европјаните. Го користам терминот оксидентализам за да упатам на ефектите од практивувањето на ориентализмот. 
          Ограничувајќи ја политичката моќ на оние форми на моќ кои потекнуваат од  реалните мажи, нивниот труд и институциите, дури и таквите корисни културни истории како Саидовата остануваат несвесни за степенот до кој полот соработуваше со расата за да го произведе модерниот оксидентализам. На историчарите кои се далеку помалку самосвесни од него, тој им го остава тврдењето дека империјализмот беше економски мотивиран и придвижуван [3]. Прифаќајќи ја оваа претпоставка, понатаму, разни историчари, исто така, го прифаќаат верувањето од деветнаесеттиот век дека работата не само што го одредуваше квалитетот на нечиј приватен живот туку и сведочеше за стабилноста на целата земја. И, како и нивните истомисленици од деветнаесеттиот век и за други аспекти, овие научници претендираат да користат други претпоставки кога ја опишуваат организацијата на неиндустриските општества. Може да се тврди дека тие всушност ги прифаќаат основните премиси на теориите создадени да докажат дека другите култури се помалку развиени од западноевропските (Болт). Опширните проучувања во компаративната антропологија спроведени за време на деветнаесеттиот век покажаа дека различните сексуални практики произведоа помалку ефективни форми на владеење и системи на економска размена (Стокинг, Леви, Гилман/Stocking, Levy, Gilman). Сметајќи ги ваквите практики како инхерентно девијантни, овие проучувања заклучија дека желбите на примитивните луѓе беа, на некој начин, слични на оние желби кои моралните реформисти, докторите по медицина, општествените научници и политичарите им ги припишуваа на европските проститутки [4]. Од ваквите претпоставки, им беше многу лесно да почнат да ги гледаат луѓето управувани од такви желби како детинести и криминоидни, примитивни и дегенерирани верзии на Европјаните [5].  Истата логика која велеше дека човековата фамилија беше здрава поради тоа што добро му одеше работата, можеше еднакво да се користи при инсистирањето дека другите култури беа сиромашни затоа што нивните жени беа лоши. Културите кои не успеваа да ги доместицираат своите жени, следствено, постоеја во оксиденталното имагинарно како места кои, со зборовите на Саид, „бараа западно внимание, реконструкција, дури и избавување (206).
          Во мојот обид да ја поврзам викторијанската сексуалност со британскиот империјализам, ќе ги превртам вообичаените приоритети на причина и на последица кои ги заговара конвенционалната модерна историографија. Но, на тој начин, едноставно ќе ја преземам логиката што Англија ја користеше за опишување на другите култури  и ќе ја искористам за да ја опишам самата англиска култура. Ќе се обидам да покажам како ликот на жена изобличена од изразот на сексуална желба не само што почна да ги дефинира одредени жени како неевропски туку, за возврат, го редефинираше европското тело, како такво кај кое недостигаат овие желби. На овој начин, ќе укажам дека сликата на двотелната жена ја даде и потребната теорија за осмислување на модерниот империјализам и психолошките средства за нејзино спроведување. Европската претстава за другата жена не ја оцрнуваше толку неа колку желбата што таа ја поттикнуваше кај другите.  Сликата го направи тоа така што ја спои оваа желба со опасноста од кастрирање. Бидејќи, како што ќе покажам, колонијалните Англичани очигледно ја сметаа желбата за другата жена како некомпатибилна со еден друг вид желба што меѓусебно ги врзуваше во заемната верност кон жените дома.

I. Проститутки и домородци

          Мојот приказ на овој настан почнува со една многу оспорувана законска регулатива донесена во 1864-тата и дополнета во 1866-тата година и повторно во 1869-тата. Како што Џудит Валковиц (Judith Walkowitz) незаборавно појасни во нејзината студија за викторијанската проституција, Законот за заразни болести ги назначуваше проститутките како извор на венерични болести и се обидуваше да го победи проблемот на инфекција со тоа што едноставно го ограничи на нивните тела. Новиот закон бараше сите жени кои се сметаа за проститутки да се регистрираат и да подлежат на редовни пелвични испитувања. Тој назначуваше хирурзи кои ќе ги извршуваат овие испитувања  и ги овластуваше да ги затвораат заболените жени до 6 месеци. Иако немаме доволно простор за целосен преглед на медицинските процедури, сакам да ја истакнам ревносната ефективност со која професионалните мажи како Вилијам Актон (William Acton) ја извршуваа оваа работа.  Столворт (Stalwart), либерал, ценет хирург, и автор на бројни медицински книги и расправи, кому Актон гордо тврдеше дека „му асистирал при деталниот преглед на 58 жени со спекулум … за време на еден час и четириесет и пет минути“ (85).  Не може да се прочита неговото детално сведоштво без да се протолкува како запис за тоа како една класа ја понижуваше другата подлегнувајќи ги нејзините жени на недоброволни пелвични испитувања. 
          Кога ќе разгледаме кои метафори се користеа за опишување на заразените жени, станува сосема јасно дека ритуалите на прочистување од токму ваква природа се извршуваа во името на националното здравје. Со исклучок на неколкуте спротивставени гласови (како на пример Џон Стуарт Мил (John Stuart Mill)), експертската екипа мобилизирана во одбрана на Законите за заразни болести го користеше јазикот на кластата кога размислуваше за жените кои таа ги присилила да се регистрираат како проститутки. Овие жени беа, со зборовите на едно медицинско лице,

„нечисти, облечени во секакви партали, некои изгледаа полуизгладнети, цели вошливи, кој и да се најдеше во нивна близина одбивно бегаше; немаа основни правила за пристојност, нивното зборување посолено со зборови болни за увото; очајно неуки, изгледаа, со нивната крајна развратност,  лишени од сите добри нешта што го чинат човечкото суштество“ (Велика Британија 727).

          Метафорите на загаденост ги поттикнуваа и најтехничките медицински дискусии да заклучуваат дека овие жени всушност беа причината за инфекција, или „отров,“, како што почесто се нарекуваше. Некои од нивните претпоставки за женското тело овозможија специјалистите по оваа болест да тврдат дека маж добил болест од жена и во случаи кога неговите симптоми се далеку понапреднати од нејзините, поради тоа што нејзиното тело испушта отровни течности дури и во нормални услови. Така еден експерт заклучи дека „утеричните празнења се едни од основните манифестации на болеста, и сметам дека овие празнења, секако, може да се спроводници за вирусот“ (Велика Британија 120). Жените од работничката класа беа уште посклони на  заразни болести од причина што, според друго сведочење,

„Во оние моменти кога жената треба да се воздржи од секаква сексуална комуникација, поради нејзината природна месечна нерамнотежа, добро е познато дека, освен во ретки случаи, тие не се воздржуваат, напротив, им пружаат сексуално задоволство на војниците како и обично, и поради тоа што менструалното празнење кај оваа категорија жени е крајно иритирачко, како последица често се јавуваат уретритис, орхитис, итн“ (Велика Британија 730).

          Иако се знаеше дека ефектите на живата се извонредно токсични, особено кога луѓето се исцрпени и неисхранети, медицинската професија често ја класификуваше како „противотров“ (Велика Британија 119). Официјалниот заклучок на извештаите за ефективноста на Законот за заразни болести донесен во 1864-тата година признаваше дека тој ниту го намали бројот на проститутките ниту го спречи ширењето на болести. Тогаш, многу кажува фактот што истиот извештај е генерално позитивен во врска со Законот затоа што истиот сосема случајно донесе два позитивни резултати. Првин, даде масивни количества информации за венеричните болести што сведочеа „за нивната застапеност кај сите општествени класи, нивната подмолна природа, честитот неуспех на сите освен мажите со големо искуство да ги препознаат и, згора на тоа, за најважниот факт, дека отруениот foetus in utero е честа причина на предвремениот абортус“ (44). Со други зборови, според заклучокот, жените од пониските класи раширија отров низ англиското општество, којшто директно го напаѓаше мајчинството. Не само што среднокласните мажи беа отстранети како опасни медијатори меѓу отровот во телата на едната категорија жени и бебињата во телата на другата, туку оние мажи што имаа специјализирани познавања за болестите, повторно среднокласни мажи, беа исто така единственото нешто што стоеше меѓу неродените деца и болестите што се чинеше дека директно ги загрозуваа.
          Иако своите пациенти ги опишуваат со сè друго освен женствени термини, важно е (всушност, клучно за потребите на разбирањето на тогашната фетусна политика) да се забележи како истата група експерти им припишуваше мајчински квалитети на институциите во кои овие жени беа затворани. На таа основа, на пример, официјалниот заклучок на извештаите успеа да измолкне победа од челустите на поразот: „Доказите покажуваат дека во еден најбитен поглед законот се покажа како успешен ... тој што се однесува на чувствата на несреќните жени со кои треба да се справи; далеку од тоа да се спротивставуваат на неговото спроведување, се чини дека тие ја ценат неговата вредност за нив“ (Велика Британија 44). Еден доктор ги понуди овие докази за да покаже „дека престојот во болницата, во некои случаи, имаше извонреден ефект“:

„Неодамна влегов во една куќа со полицискиот инспектор. Слушнав жена како чита на глас, кога дојдовме до холот, застанав да слушнам, и, на мое изненадување, сфатив дека чита од Банјановиот Напредок на аџијата [6]. Влегов во собата и најдов дури седум жени испоседнати околу убава дваесет и петгодишна жена која читаше од Напредокот на аџијата и сите слушаа со најголемо внимание“ (729).

          Меѓутоа, за да заклучи низа од слични опсервации кои се изразено спротивни на сликата на отровната жена што ја опишав во претходниот параграф, истиот човек препорачува „точно половина од категоријата“ проститутки – најверојатно оние не многу подготвени да го продолжат нивното заробеништво – насилно да ги пратат во поправен дом откако ќе ги излечат од нивната болест. „Тоа“ вели тој „ќе биде милосрдие исто колку и чиста претпазливост, за да се скријат од задоволувањето на нивниот грев за година или две“ (733).
          Да се свртам накратко кон една друга група законски мерки, исто наменети за насилно регулирање на сексулноста на работничката класа. Почнувајќи од 1859-тата година, се разви цела низа меѓусебно засилувачки практики развиени во врска со мајчинството за институционално да им го обезбедат на децата она што човечката природа очигледно не успеа да им го даде. Се појавија првите друштва за заштита на децата; се донесоа посигурни процедури за посвојување; се донесоа закони за ограничување на бројот на деца во фамилијата, за регистрирање на акушерките и гонење на оние што ги фрлаа новороденчињата во јавните тоалети. До 1874-тата година се донесе англискиот Закон за регистрација како дел од заедничкиот напор од страна на државата да ги регистрира раѓањето и смртта на секое дете без оглед дали е вонбрачно или мртвородено [7]. Но и покрај сите овие законски мерки и воведувањето и на цуцлата и првата вештачка детска храна, требаше да настапи нашиот век – да настапат 1920-те – па позначително да се намали стапката на детскиот морталитет во Англија (Роуз 182-86). Самиот факт што овие мерки извисија исто толку очајно како и Законите за заразните болести, сметам, е значаен. Тој имплицира дека јавноста толку религиозно инсистираше да се регулираат жените од работничката класа поради тоа што самото такво инсистирање го решаваше проблемот. Симболичката активност околу мајчинството го пренесе ненадминливиот проблем од доменот на производството во еднакво ненадминлив проблем во доменот на репродукцијата. На тој начин, причината за бедната физичка состојба на работничката класа можеше да се прелоцира на моралната состојба на нивните жени.
          Ако се свртиме од правниот дискурс на новите и подемни општествени науки, можеме да видиме како женското тело се разви во текст кој им овозможуваше на писмените луѓе да воспоставуваат морални разлики меѓу нив и другите социјални и етнички групи. За време на втората половина на деветнаесеттиот век, лудниците обезбедуваа субјекти за испитувања коишто ги идентификуваа жените предиспонирани за ментални болести. Во својата добро позната студија Тело и ум (Body and Mind), на пример, Хенри Модсли (Henry Maudsley), тврди дека жените склони кон наследни ментални недостатоци може да се идентификуваат по такви „„телесни и ментални белези“ како „неправилна и несиметрична конституција на главата, недостаток на регуларност и хармонија на  цртите ... изоблишеност на надворешното уво . . . тикови, гримаси ... пелтечење и грешки во изговорот ... необични очи“, и  склоност кон јазични игри“ (Шоуволтер/Showalter, 106).  А мажите од писмените класи соодветно се советуваа да ги прегледуваат потенцијалните сопруги и да бараат „видливи знаци на внатрешни и надворешни недостатоци кои би влијаеле на воспитувањето“ (Шоуволтер, 107).
          Како што викторијанските интелектуалци стануваа сè поапсорбирани во класификувањето, познавањето и контролата на девијацијата, женската  анатомија се нудеше себеси како текст на кој овие девијантни квалитети на умот стануваа особено читливи. Општествените научници открија, на пример, дека женската морална состојба може да се прочита од одредени детали на нејзиното лице и гениталии. Некои тврдеа дека гениталиите на проститутките беа типично зголемени од гнојни чиреви и тумори [8]. Други демонстрираа дека лицата на овие жени типично имаа издадени вилици, рамни носеви, деформирани чела и прилепени ушни школки. Врз база на таквите хомологии, науката  разви низа аналитички процедури според кои може да се одреди природата и однесувањето на еден аспект од жената гледајќи во друг. Истата логика на телото ги натера пионерите на антропологијата да изведуваат дисекции на жените од групите неодамна ставени под европска власт.  Тие луѓе открија дека азиските и африканските жени обично ги носеја истите црти на лицето и гениталиите кои ги карактеризираа само проститутките и лудите жени во Европа [9].
          Да се привикнеш на овие законски и научни дефиниции на телото, значи да препознаваш една страшна симетрија [10] што исто така ги организираше и визуелните медиуми. За време на 1860-те, фотографите ги напуштија естетизираните портретирања на лудоста што ја величаа индивидуалноста на човечката свест. Место тоа, почнаа да ги сликаат лицата на лудите жени, проститутките и домородците на начин што потсетува на денешните полициски фотографии (Слики 30.130.2). Определувајќи се за новиот стил, науката очигледно се обидуваше да скрои разлика меѓу империјалната Европа и другите (види Марабл/Marable, Секула). Целта на ваквата фотографија не беше да се фати индивидуалноста на девијантанта личност туку да се класифицира девијантноста на начин што вклучуваше многу различни културни ставови и однесувања во еден единствен систем на класификација во кој полот играше голема улога. Навистина може да се тврди дека со самото фокусирање врз проститутки, луди жени, и доморотки, овој класификационен систем идентификуваше форми на социјална разлика со промискуитет и ментална болест. Еден друг пример на научна фотографија може да помогне да се објасни зошто овој стил беше толку ефективен. Слика 30.3 ни го открива квазипорнографскиот квалитет што доаѓа од подложувањето на телото на другиот на погледот (gaze). Земени од колекцијата на експедициските фотографии на Дезире Шарни (Désiré  Charney), овие снимки му даваат на гледачот чувство на обиколување на телото па дури и, во случајот со бројните жени, пенетрирање во самото тело (Дејвис). Истовремено, апаратот ја користи оваа моќ да го соголи телото од сите националини или етнички поединости. Фотографијата на домородците го носи називот „Макуанец [11], арапски Индиец и црн Креолец од Ријунјан [12],“ но самата фотографија им ги постава телата небаре дава различни проекции на една иста личност. Другиот портрет е едноставно наречен „Група на негринки“ да ги направи доморотките уште поеднородни од доморотците.
          Едновремено со производството на научното тело, може да се забележи развој на еднакво стереотипното „салонско“ тело. Ова најдобро се илустрира преку делото на кружокот на Џулија Маргарет Камерон (Julia Margaret Cameron), чии модели често беа истакнати личности од викторијанското општество. Членовите на кружокот го користеа апаратот за да ја  обоготворат емоцијата во стилот на предрафаелиткото сликарство [13]. Како сликарите на кои им се восхитуваа, овие фотографи беа привлечени од жените во моментот на љубовно венење или напуштање на овој свет (Офелија која се дави и лудата Лејди од Шелот [14] им беа омилени теми и на едните и на другите). Но нивното дело најмногу се помни по фотографиите на предпубертетски девојчиња (Слика 30.4). Иако високо естетизираната женскост беше заштитен знак на групата, напати фотографираа и обични луѓе. И кога го правеа тоа, го присвојуваа документарниот стил. Телата што прават портрет како „Месаровата посета“ се во изразен контраст со кревкото, бело, оноземско уметничко тело (Слика 30.5). Во комбинација со насловот, набиеноста на фигурите во оваа фотографија воспоставува суптилни асоцијации меѓу (женственоста на) слугинката и мажествениот карактер на нејзиното тело и работата. Ниту пак можеме да го превидиме имплицитниот расизам во темните нијанси што го бојадисуваат обичното тело наспроти она скоро проѕирно сино-бело тело на елитната женскост. На тој начин, фотографијата во деветнаесеттиот век ја воспостави разликата меѓу двата типа девојки како разлика на самото тело. Типичен пример е една од фотографиите на Луис Керол на девојчето за коешто ги напиша книгите за Алиса. На оваа фотографија, наречена „Алис Лидел како просјачка,“ никако не може да ја помешаме Алиса со девојчиња од пониските класи. Таа ни прикажува елитно тело во пасторална позадина кое го гледа набљудувачот директно во очи (Слика 30.6).
          Го истакнав контрастот меѓу овие два модуса на репрезентација со цел да го утврдам нивниот заговор. Иако меѓусебно неспојливи, и двете се родија заедно и се однесуваа  како единствен културен феномен, едниот во мислите секогаш го повикуваше другиот [15]. Пред средината на 1870-тите оваа слика на двотелната жена ја преплави префинетата викторијанска култура. Веќе посочив како ги исполнуваше страните на научните студии и висеше по ѕидовите на уметничките галерии. Но таа беше редовно прикажувана во дневните весници, неделните магазини како и месечните и сезонските журнали и рецензии. Со години закачена на вкусно декорираните ѕидови со сентиментални цртежи и слики со масло; почиваше на салонските маси во отворени фотографски албуми; пристигаше на разгледници во ходниците; ги разведруваше рекламите за производи за домаќинството и илустрираше некои од тогашните најпопуларни романи, патеписи и мисионерски дневници [16].
          По многу нешта ова беше истата слика што претходно ја идентификуваше самата женственост со жените од новата владеачка класа (Армстронг/Armstrong). Меѓутоа нешто ѝ се случи на сликата кога почна да оперира на меѓународно ниво, овластувајќи ги Англичаните да надгледуваат припадници на помалку развиените нации врз основа на убедувањето дека неевропските жени не беа жени во вистинска смисла иако дефинитивно беа од женски пол. Едно нешто беше да се дефинираат Англичаните од работничка класа во негативен однос со Англичаните кои ги поседуваа средствата за производство. Сосема друга работа беше да се „реформораат“ неиндустријализираните култури кои го организираа производството и репродукцијата на сосема различен начин. Можеби навистина културните разлики ги направија новопотчинетите народи помалку подготвени да се гледаат себеси како дефектни верзии на среднокласна Европа или помалку спремни да се чувствуваат зависни од своите претпоставени. Европските интелектуалци, пак, од нивна страна, мораа да ги преиспитаат логиката и технологиите на другоста со цел да ги видат таквите луѓе како детинести и женствени верзии на нив самите. Сметам дека токму поради оваа ревизија на категориите на себството и другоста на популарно ниво, колонијалниот потфат изврши најголемо влијание врз луѓето дома и, на тој начин, врз она што, како луѓе од средна класа, сè уште мислиме дека сме денес.

II. Африканизација на англиското девојче [17]

          Откако покажав дел од пропорциите што ги зазема во културата, сега би сакала да го разгледам влијанието на двотелната жена врз категоријата што ја произведе. Како што ветив, ќе ја користам Алиса во земјата на чудата за да објаснам како среднокласните жени почнаа да се разбираат себеси во однос на нивните девијантни двојнички. Напишана и објавена во 1860-те заедно со Законот за заразни болести и законските мерки за намалување на детскиот морталитет, приказната на Керол донесе голем дел од истиве текстуализирачки процедури во цела една нова област на човековото искуство. Врската меѓу детската литература и оваа опсесија со телата на лудите жени и проститутките може да се забележи на самиот почеток на приказната, во следниот опис на падот на Алиса во зајачката дупка:

„Првин, проба да погледне надолу и да види кон што се движеше, но беше претемно да се види било што: тогаш погледна на страните од дупката и забележа дека се полни со креденчиња и полици за книги: виде, ваму-таму, по некоја мапа и слики закачени на клинци. Симна тегла од една полица на поминување: имаше налепница „МАРМЕЛАД ОД ПОРТОКАЛ“, но на нејзино разочарување беше празна: не ѝ се фрлаше теглата, од страв да не убие некого долу, па успеа да ја протне во едно од креденчињата додека паѓаше крај него“ (18)  [18].

           Сметам дека во овој дел од книгата присуствуваме на настан од голема историска важност. На почетокот на нејзиниот пад (секогаш симбилично предупредување кога се работи за жените) изворот на страв е лоциран бо светот вон нејзиното тело [19]. И покрај тоa, Алиса е чудно незагрижена за она „кон што се движеше“ и со добра причина. На полпат во зајачката дупка се наоѓа себеси во целосно домашен ентериер.
          Тогаш апетитот на Алиса, како што обично прави апетитот, го презема нејзиното тело. Зграпчува тегла обележана како „мармелад“ [20] и овој празен знак на задоволство мистериозно ја пресвртува траекторијата на нејзината желба. Алиса привремено го губи својот интерес за храна. Станува анксиозна. Откако го нарушува домашниот ред, не сака ништо друго освен да ја врати теглата на свое место. Апетитот отстапува место на  еднакво компулзивната желба за самоконтрола, кога Алиса почнува да се сфаќа себеси како некој што ги загрозува другите. Или како што пишува Керол „не ѝ се фрлаше теглата, од страв да не убие некого долу“. Никаде пред тоа во прозата што ја имам прочитано – а има многу издадени дела што им кажуваат на девојчињата како да се однесуваат како девојчиња – не можам да си спомнам за нешто слично: девојче во моментот на паѓање, но девојче што е само бледо љубопитно за она што ќе ѝ се случи. Тогаш, по само неколку реда, скоро невидливата опасност надвор од нејзиното тело отстапува пред опасноста одвнатре, таква што може да еруптира во секој момент. Како последица, Алиса го губи својот страв од паѓање и сега се плаши да се пушти.
          Во тој момент, како и телото на жените од работничката класа и на туѓинките, телото на Алиса е потенцијално вон контрола и, поради самата негова природа, има потреба од регулирање. Но додека проблемот со тие други женски тела имаше генитално потекло, сите проблеми со телото на Алиса започнуваат и завршуваат со нејзината уста. Со секој залак храна доаѓа до губење на физичката контрола. Една таква епизода ја извишува над гранките на едно дрво каде некој гулаб си ги засолнил своите јајца, надвор од дофатот на змиите. Следниот дел од нивниот дијалог објаснува како јадењето го дестабилизира идентитетот на Алиса:

  „Ама јас не сум змија, кога ти велам!“ рече Алиса. „Јас сум – јас сум – “
  „Па ајде! Што си?“ рече Гулаб. „Гледам ќе ми измислиш нешто!“
  „Јас – јас сум девојче,“ рече Алиса, со малку сомневање, зашто се сети на многуте промени што ги претрпе тој ден
  „Само што не ти поверував!“ рече Гулаб, со тон на длабок презир. „Сум видел јас многу девојчиња во мое време, ама ниту едно со такво вратиште како твоето! Не, не! Ти си змија; и џабе одрекуваш. Сега уште и ќе ми кажеш дека немаш јадено јајца до сега!“ (54).

           Керол се погрижил Алиса да има проблем со контролирање на својата уста кога ѝ дал огромен апетит и ја ставил во свет направен од храна. Земјата на чудата содржи такви суштества како што се лажната желка, ракот, белите риби кои успеваат да пливаат со грбовите покриени од трошки леб. Состојбата на Алиса, вака дефинирана, не повикува да размислиме зошто Керол оживеал еден свет донесувајќи ја во живот богатата трпеза и зошто конструирал идентитет на девојче во однос на предмети толку чудно ревитализирани. Со оглед на инстантната и трајна популарност на неговата книга, чувствувам дека мора да бараме одговор во новата конзумерска култура. Доволна е само нејзината логика за да се поврзе колонијалниот подвиг со апетитот на малото девојче.
          Џенифер Вик (Jennifer Wicke) убедливо покажува дека прозата ја продолжи долгата интимна врска со рекламирањето. Во деветнаесеттиот век, тврди таа, прозата се угледуваше на рекламите во обид за самопромоција. Меѓутоа, во викторијанскиот период некои романи сакаа да се одделат од простата масовна кутура со критикување на авторите и читателите кои беа маѓепсани од вредностите на литературниот пазар. Со други зборови, романите зазедоа амбивалентен однос кон сопствениот комерцијален успех и кон категоријата луѓе чиишто морални вредности беа основа за  литературниот авторитет. Ричард Боулби (Richard Bowlby) уште повеќе ги определи 1860-тите како момент кога конзумеризмот стана дел од мајчинството. Одеднаш купувањето беше нешто што требаше да го прават жените, а не мажите [21]. Згора на тоа, во Англија и Франција се појавија стоковни куќи кои ги изложуваа стоките на империјата во атмосфера што уникатно го комбинираше купувањето со рестораните и забавата. На тој начин, новиот модел на купување го поврзуваше набавувањето предмети со задоволството на нивно разгледување и буквално нивно консумирање, или јадење.  Томас Ричардс (Thomas Richards) ни прикажува како возбудите на Кристалната палата во 1851 [22] и свеченостите на Краличиниот јубилеј од 1887-та [23] се пренесоа во стоковните куќи. Во он ашто личеше на огромните и осветлени музејски изложби на предмети од многу различни страни на светот, објаснува тој, „потрошувачот беше кралица и кралицата беше потрошувач, а фестивалите како Јубилеите служеа за драматизирање на фактот дека монархот и потрошувачот беа еднакви во очите на пазарот“ (163). Но демократијата беше опасна. Елаборирајќи ги начините на кои уметноста соработуваше со комерцијализмот во додворувањето на женскиот потрошувач, Реми Сеслен (1984) тврди дека „целата машинерија на стоковната куќа – архитектурата, специјалните изложувања на стоката, специјалните попусти и настани – имаше една цел: заведување на жената. Ова беше модерниот ѓавол кој ја искушуваше модерната Ева“ (39). Всушност, такво беше мамењето да се купува што клептоманијата, страст од која страдаа жени од респектабилните класи, стана проблем за прв пат во историјата (Абелсон/Abelson).
          Кога ќе се внесат овие увиди во читањето на Алиса, станува очигледно дека нејзиниот пад во зајачката дупка иницираше нов момент во историјата на желбата. Тешко е да се замисли некоја од хероините на Џејн Остин до таа мера загрозена од купување. Преголемата заинтересираност за стоките кои се продаваа во градот навистина можеше да претставува помала маана кај една таква, инаку добродушна, жена како што е придружничката на Кетрин Морланд во Нортенгерска опатија, или дури да го издаде деформираниот сензибилитет на Огаста Елтон во Ема, но ниту подобноста за брак ниту класниот статус на жената не висеа во воздух секогаш кога таа купуваше [24]. Нејзиниот однос кон предметите не ја одредуваше толку колку што откриваше каков тип на жена е, додека пак мажите што ја привлекуваа ваквата жена откриваа значително повеќе. Нејзиниот избор на сексуален објект ултимно откриваше каква позиција ќе заземе таа жена во англиското општество.
          Проблемите на Алиса со апетитот ни кажуваат како се менуваше желбата како што жените стануваа потрошувачи во светот на стоковните куќи. Таа чувствува зазор поради желбата што претходните генерации едноставно не можеле да ја почувствуваат. Секогаш се грижи како да се вклопи. Оваа тегобност продуцира еден тип на вкус специјално формиран со цел да ја регулира желбата за храна. Како последица, таа престанува да го прождира секој јадлив предмет што ќе го сретне и почнува да грицка од едната или другата страна од печурката, а ова однесување го стабилизира телото изобличено од апетит. Таквата контрола врз конзумирањето ѝ дозволува на Алиса да порасне без да ја наруши својата фигура. Иако на крајот на приказната расте нејзината големина, таа си ја задржува својата претпубертетска става што ја разликува од другите жени. Тогаш, како што апетитот ја зазема централната улога во детското тело, можеме да видиме како истовремено ја редефинира и сексуалната желба. Способноста на девојчето да го совлада апетитот ни покажува дали тоа ги содржи оние желби што ги карактеризираат мажите како и непокорните жени или не, и дали е предодредена не да се вклопи [25].
          Како што ја направи сексуалната желба зависна од варијабилноста на оној вид апетит присутен во детството, Керол исто така ја ревидира улогата што вкусот требаше да ја игра во светот на примамливите предмети. Важно е да се забележи колку внимателно тој го врзува проблемот со апетитот со еден друг вид орална агресија. Неговиот чудесен свет е направен и од литература и од храна, а бајките за ѕверови како и трпезариската маса ги даваат неговите ликови.  На тој начин, од моментот кога посегнува по празната тегла на која пишува „Мармелад“, зборовите и храната за Алиса егзистираат во чудно заменливи односи. Ако ништо друго, секогаш постои опасност да ѝ се испушти дека не би ѝ пречело и да ги изеде своите соговорници. Заедно со постојаната глад, нејзиното тело содржи и дисидентски гласови што се инфилтрираат и ја превртуваат содржината на нејзините говорни изведби.  Кога ќе ѝ побараат да застане и повтори „Ова е гласот на мрзливкото,“ ни вели Керол, „главата ѝ беше толку полна со Песната на ракот, што одвај знаеше што зборува; а зборовите излегуваа навистина чудно“. Кога ќе дојдат зборовите, тие се изобличени од апетитот: „Ова е гласот на ракот [вели заменувајќи го „мрзливкото“ со „ракот“]: Го слушнав како изјавува, „ме прерумени, мора да ја зашеќерам косата““ (98). Кога го заменува мрзливкото со ракот Алиса го заменува порокот мрзливост со преопседнатост од храна, типична женска слабост. Како таква, замената покажува дека апетитот го изобличува женскиот говор, бездруго како и женското тело. Навистина сите елементи на приказната заедно заговараат дека апетитот го изобличува говорот поради тоа што говорот, како и апетитот, потекнува одвнатре од женското тело. Писмото, од друга страна, доаѓа од возрасниот свет на училниците и книгите надвор од телото. Затоа секоја грешка во нејзините говорни изведби го засилува нашето чувство дека Алиса би можела да го контролира својот апетит кога само нејзиниот говор би се држел до писмото.
          Во англиското општество што Керол ѝ го нуди на имагинацијата на девојчињата, предметите се однесуваат токму како транзиционите предмети [26] во британската теорија за односите меѓу предметите. Воедно и себство и не-себство; тие го претставуваат себството како објект во светот. Па така кога Алиса наеднаш ќе израсне над своите стапала повеќе од нормално, истите стапала се однесуваат како синегдоха на самото тело: „Оф, моите кутри стапала, кој ли сега ќе ви обува чевли и чорапи, милички? Сигурно јас не ќе можам! Ќе бидам ептен предалеку да ми е гајле за вас“ (14). Раздвојувачкиот ефект на оваа самообјектификација всушност ја уништува Алисината самоконтрола со цел да ја произведе: „Но мора да сум си учтива со нив,“ си мислеше Алиса, „или може да не одат кај што сакам јас!“ (14-15). Така, глумејќи надмоќ над правилата на својата култура, добива нова надмоќ над себеси. Токму на тој начин Алиса се справува со своите нозе: „„Да видиме. Ќе им купувам нов чифт чизми секоја зима.“ И си продолжи да си планира како ќе го направи тоа. „Мора да одат по пошта“, си помисли; „и колку ли ќе биде смешно, да си праќаш подароци на своите стапала““. (15) Така Керол го претставува детството како недостаток токму на тој вид знење-моќ што ги карактеризира модерните инститиуционални култури. Ова е моќта што субјектите ја применуваат врз предметите, моќта да се класифицира, да се вреднува, да се конзумира. А здобивањето со писменост е она што ги овластува субјектите да ги држат предметите на свое место.
          Меѓутоа, откако не доведоа до овој заклучок, незгодите на Алиса не водат до сржта на една контрадикција. Мора да си спомнеме дека предметите обично доаѓаат изрежани со покана за конзумирање. „Изеди ме“ или „испиј ме,“ велат тие. Нејзиниот компулзивен одговор на етикетата „мармелад“ укажува дека всушност писмото го создава апетитот што Алиса треба да го контролира преку читање и повторување. Како тогаш може апетитот да настанува во нејзиното тело ако веќе е настанат од писмото? Алиса во земјата на чудата го дефинира развојот на хероината како здобивање со еден посебен вид писменост што ја прифаќа оваа контрадикција. Со други зборови кажано, самата Алиса ја отелотворува фантазмагоричната спирала од желба и воздржување што наскоро жените ќе ја искусат во светот направен од примамливи објекти. Алисиниот пад во зајачката дупка открива апетит за мармелад. Сепак, поради тоа што ја поседува писменоста на владеачката класа, Алиса се здобила со апетит за правила многу пред да почнат нејзините авантури. И покрај тоа што нејзините авантури во земјата на чудата ги поттикнува нешто што повеќе личи на аверзија кон книгите, приказната на Алиса е, пред сè, борба за поседување на типот на вкус кој доаѓа со писменоста. Како и нејзината желба да влезе во градината со рози, нејзиниот апетит за мармелад и белите риби е конечно израз на тој вкус.
          Со цел жената да порасне внатре во спиралата на желбата што го прави вкусот, предметите мора да се привлечни одвнатре. Мора сами да се претстават на потрошувачот како работи на кои таа мора да им одолее. Не постои ниту еден вид апетит што не бара контрола во фантазијата на Керол за малите девојчиња, ниту пак каков било гест на контрола што не имплицира присуство на некој апетит. Дали свесно или не, нему му беше логично да ја изложува својата хероина на постојана опасност од нејзиниот апетит поради тоа што овој однос кон предметите беше есенцијален за формирањето на новиот женски потрошувач. Всушност, веќе се обидов да аргументирам дека неговата приказна покажува како стравот од апетит стана неопходен во производството на вкусот што ги идентификуваше жените од привилегираните класи. Мислам дека може да забележиме како токму оваа суптилна но длабока промена ја совладува Алиса за време на нејзините авантури; додека се двоуми меѓу двата пола на желба и воздржаност, сета можност за задоволство се отцепува од апетитот и се приврзува за самоконтролата.
          При читање на овој приказ на детството како приказна за битката меѓу зборовите и апетитот за моќта да се дефинира женското тело, се обидов да укажам како и зошто се случи дело од детската литература да ја репродуцира двотелната жена што обликува две сосема различни територии на викторијанската култура и ги поврза една со друга. Но, ништо не ја разјаснува ситуацијата толку добро како илустрациите за романот што се појавија во изданието од 1866-тата година, публикувано од Мекмилан. Проучувањата на овие илустрации искристализираа неколку прототипови за војвотката и веројатно исто така и за кралицата. Една можна инспирација од Националната галерија е портретот наречен „Гротескна старица“ од сликарот Квинтен Масис (Quinten Massys) од доцниот петнаесетти век (Слика 30.7). Морам веднаш да додадам дека ова воопшто не одговара на тоа како самиот Керол ги осмислил овие две моќни жени кога ги скицирал за неговиот илустратор Џон Тениел (John Tenniel) (Слика 30.8). Во оригиналните цртежи, тие поседуваат нормални тела. Сосема е веројатно дека Тениел, повеќе запознаен со иконографијата на илустрирање, им избрал тело што ќе ги идентификува со жените кои викторијанската наука ги портретираше како сексуално дефектни (Слика 30.9). Една од најчудните работи за познатата сцена во која Војвотката го забиберрува [27]своето дете е фактот што таа има исто лице како и нејзината готвачка, иако едната фигура е свртена во профил а другата во анфас (Слика 30.10). На тој начин, сцената каде тие како во ноќна мора ги побркуваат готвењето храна и доењето бебиња нèпотсетува на научното подредување на домородците во гореопишаните фотографии. Сликата сугерира дека готвачката и Војвотката претставуваат две проекции на едно исто тело – изобличеното тело што одгледува желби кои ја поништуваат мајчинската норма. Спротивно на другите жени во романот, Тениел ја црта Алиса со контури на „салонското“ тело, кое го дисторзира секогаш кога апетитот ја презема контролата врз него. Така таа е префрлена од оригиналните цртежи каде што Керол ја скицира во поза што потсетува на Офелија, во илустрациите на Тениел без какви било гротескни трансформации (Слика 30.11 а, б). Илустрациите на Тениел многу јасно истакнуваат дека има само два типа жени во земјата на чудата – слатки девојченца кои  знаат да се контролираат и жени акрепи кои не се контролираат. На една особено впечатлива илустрација, Тениел сугерира дека, иако претставуваат две страни на една иста културна паричка, овие жени станале толку различни што можат да се најдат на исто место само во фантазијата (Слика 30.12). Доаѓајќи до ваков заклучок, само укажувам дека ова познато дело на детската литература од децата на писмените класи бараше да го замислуваат телото како нешто надвор од контрола, нешто што секогаш треба да се регулира. На тој начин, соработуваше со многу други видови писма за да го смени стравот од тоа да се биде друг, преку кој културата неизбришливо ги брендира субјектите како свои.

III. Конзумирање/конзумирачки предмети [28]
         
          Во Алисиното збогување со Светот на чудата: „Вие не сте ништо друго освен шпил карти!“, би можело да се каже дека волшебната приказна на Керол за детството ги одекнува чувствата на Маркс за статусот на предметите во услови на доцниот капитализам од „Фетишизмот на стоката и нејзината тајна“. Во ова поглавје на Капиталот, Маркс замислува момент во историјата на индустриските култури кога односите меѓу предметите ќе ги одредуваат односите меѓу луѓето. Природниот однос меѓу луѓето и предметите, како последица, претрпува инверзија со која луѓето се доминирани од предметите што ги произведуваат. Во овие услови, човечката желба престанува да одредува што предметите се и предметите одредуваат што луѓето посакуваат. Во тој поглед, начинот, вели Маркс, на кој предметите се однесуваат во услови на доцниот капитализам потсетува на нивното однесување во фантазијата што Керол ја припишува на едно дете. Додека оваа сличност го посочува историскиот однос меѓу британската опсесија со детската сексуалност, особено онаа на девојчињата, и новата конзумерска култура, таа не го врзува овој особен пресврт во историјата на сексуалноста со империјализмот, барем не на експлицитен начин.
          Воведот на Арџун Ападураи (Arjun Appadurai) кон Општествениот живот на предметите расветлува дел од ова прашање. Тој го објаснува односот меѓу западното инсистирање дека зборовите можат да ги доминираат предметите и нашата еднакво упорна претпоставка дека субјектите треба да ги доминираат објектите:

„Современиот западен здрав разум, надградувајќи се на различни историски традиции во филозофијата, правото и природните науки, има силна тенденција да се спротивставува на „зборовите“ и „предметите“.  Иако ова не беше секогаш така дури ни на Западот ... постои моќна современа тенденција да се гледа светот на предметите како инертен и нем, придвижен и анимиран, всушност спознатлив единствено преку луѓето и нивните зборови“ (4).

          Сепак, од оваа преспектива, повеќето нешта не се разбирливи од причина што луѓето велат: „иако од теоретско гледиште човечките двигатели им даваат значење на предметите, од методолошко гледиште токму  предметите во движење го осветлуваат нивниот човечки и општествен контекст“ (5).  Кога го вели ова, Ападураи дефинира една потреба од подобри начини за востановување на општествена историја на предметите која би ги вклучила културните трансформации низ кои поминуваат при патувањето од едно место до друго и позицијата што ја заземаат во односот со човечките суштества како резултат.  Веќе знаеме дека секоја размена на добра секако повлекува размена на знаење. Стоките циркулираат пораки што ги претвораат критериумите за нивна селекција во комплицирана игра на престиж која вклучува ескперти од светот на уметноста, научниците, трговците како и производителите и потрошувачите. Според Ападураи, повеќето објаснувања на конзумерската култура се задоволни со ова сфаќање – она што „Бодријар го гледа како појавување на „објектот“, односно нешто што повеќе не е само производ или стока туку, во основа, знак во системот на знаци со статус“ (45).  Исто како што тој е приморан да излезе надвор од нашата постиндустриска култура за поцелосно разбирање на начинот на кој предметите се однесуваат таму, нам ни треба нешто повеќе за да воспоставиме врска помеѓу британскиот империјализам и предметните односи што ги карактеризираат модерните жени.
          Генијалната компарација на Ападураи меѓу потрошувачите во конзумерската култура и членовите на карго култот [29]може да ни помогне да ja дефинираме овaa концептуална празнина и да ја затвориме. Оваа споредба произлегува од принципот дека „како што институционалните и просторните движења на стоките стануваат покомплексни, а алиенацијата меѓу производителите, трговците и потрошувачите расте, веројатно ќе се појават културно формирани митологии за протокот на стоките“ (48). Понатаму, со значителниот пораст на когнитивната и просторната дистанца меѓу производството, дистрибуцијата и употребата, овие прикази преземаат нови зачудувачки карактеристики. Карго култот  што се размножи во бездржавните општества на Пацификот во овој век дава инструктивен пример на оваа експланаторна магија:

„Иако често регулирана според домородните модели, ритуалната практика на карго култовите во многу случаи не беше ништо друго освен масивен обид да се имитираат оние европски социјални форми кои се чинеа најфункционални за производството на Европските добра. Во еден вид обратен фетишизам,  она што беше реплицирано беше тоа што изгледаше најмоќно кај европските општествени и лингвистички форми во обид да се зголеми веројатноста (дека ќе се добијат) европските добра. Но култовите, колку и да беа дисторзирани, беа потрага не по сите европски добра, туку само по оние добра што се сметаа за особено функционални за одржувањето на статусните дисконтинуитети на локалните општества“ (52).

          Описот на карго култовите е мошне близок до дефиницијата на Ролан Барт  за митологијата како комплексна слика, предмет или знак што е отцепен од историјата на своето производство и оттаму изгледа егзистира ослободен од секаква позната форма на човечка контрола. Всушност, не може да постои никакво историско објаснување за овој вид предмет од причина што самиот си е свое најдобро објаснување или магичен наратив.
          На еден или друг начин, повеќето литературни теоретичари и историчари би се согласиле со ставот на Фуко дека доминацијата на субјектот над објектите беше есенцијална за хегемонијата на средната класа уште на почетокот. Односно, им даде авторитет на категоријата морални реформатори, санитетски експерти, професионалци, интелектуалци и управници од секаков вид над хетерогеното поле на регионалните и етничките практики [30]. Меѓутоа, моето читање на Алиса во земјата на чудата се обидува да покаже дека во втората половина на деветнаесеттиот век се случи нешто со односот меѓу субјектите и објектите. Би можело дури и да се каже дека тие ги сменија својствата и позициите во односот едни со други, да не важеше фактот дека секогаш знаеме кога нештата во земјата на чудата се превртени. Секогаш кога се јавува таквата промена, таа не ја претставува генералната состојба на нештата туку нештата како што веројатно се во сонот на детето. Работите личат на писмото поради тоа што изгледа дека често поседуваат извесно знаење за сопствените својства коешто Алиса го нема. Значи, како и писмото, се чини дека тие имаат моќ над неа. Но, како и објектите кои се преземени во сложените церемонии кај карго култот, објектите од кои се сочинети детските фантазии се дисторзирани пораки; наместо да ги репродуцираат статусните разлики на другата култура, предметите едноставно се селектираат и комбинираат за да ги одржат статусните разлики карактеристични за домашна Англија.  Самата Алиса е една од тие нешта. Во таа смисла, треба да се истакне дека највознемирувачкиот момент за Алиса доаѓа рано во нејзините авантури кога не успева, за првпат, пред многуте подоцнежни случаи, точно да изрецитира една стихотворба.  „Сигурна сум дека ова не се точните зборови“, се жали таа. „Сепак мора да сум Мејбл [31], и сепак ќе мора да живеам во таа трошна куќичка и да немам никакви играчки, и, оф леле, толку, толку многу лекции за учење!“ (27). 
          Ако ја следиме понатаму аналогијата на Ападураи, мора да заклучиме дека овие дисторзии на возрасната викторијанска култура се само второстепено критика или прародија на културата на средната класа. Првин, ајде да замислиме култура во која предметите мора да се држат под контрола. Понатаму да замислиме дека само читливоста на предметите го прави возможен авторитетот, заедно со способноста да се прочитаат. Што би се случило тогаш ако окултните предмети почнат да ја преплавуваат таа култура од сите страни на Империјата – ако не чудни предмети, тогаш нецелосни предмети и нови материјали од кои може да се направи каков било предмет, да го направат чудни раце во далечни места. Овие предмети несомнено ќе изгледа дека пристигаат со помош на стоковната куќа по долг, дискунтинуиран и очигледно арбитрарен процес што успева да дестабилизира секакво чувство за материјална вредност на нештата и трудот употребен да се направат. Во овие специфични услови, предметите одеднаш можат да се здобијат со мистериозна вредност која, и покрај тоа, мора да се преведе во статусните разлики на префинетото општество или пак да го поремети статусот кво, исто како што прави Алиса замислувајќи дека ги сменила местата со кутрата Мејбл и мора да се задоволи со нејзината скромна куќа и образование. Со други зборови, предметите стануваа опасни како што нивната вредност стануваше сè почитлива како општествена валута. Сонот на Алиса ја реплицира оваа трансформација на предметите од империјалниот пазар. Но, бидејќи е дете, таа ги изведува истите дисторзии врз светот на целосно познатите предмети од домаќинството. На наједноставното ниво, може да заклучиме, приказната на Керол понуди комплексен јазик на предмети кои прават класни дистинкции. Не само што им кажа на возрасните дека таквиот јазик е дел од фантазијата и бара интервенции од страна на официјалната култура; приказната исто така го направи тој јазик достапен за следните генерации деца. 
          Ако приказната навистина беше напишана во условите кои ги изнесов, тогаш што кажува таа за врската меѓу таквото девојче и британскиот империјализам? Ако ништо друго, ни кажува дека женското тело во извесна смисла е објектот над објектите – оној што го објектифицира кодот којшто ги регулира сите нив. Зашто токму односот на Алиса кон нејзиното тело е она што го одредува односот на субјектите кон објектите кој преовладува не само во земјата на чудата туку веројатно и во домаќинството што некој ден сосема бувално ќе го отсликува нејзиниот вкус. Иако ограничена во рамки што ја обележуваат како илузија, приказната сепак имплицира дека самиот разум – способноста на зборовите да ги доминираат нештата – зависи целосно од способноста на Алиса да го доминира апетитот што се чини дека e најдиректниот израз на самото тело. 
          Како што аргументирав, теглата од мармелад е исто така знак на опасниот апетит како и вкусот што го контролира. Всушност, за да постои вкус, апетитот мора веќе да биде присутен, не во контрадикција со вкусот, туку како друга позиција во истиот континуум на желбата.
          Изгледа дека цела низа културни практики од јаслите до стоковните куќи работеше сложно за да произведе желба за предмети што изгледаше нерационална до тој степен до кој тие предмети беа нечитливи. Како што предметите беа отцепени од историјата на нивното производство и размена, вкусот стана понеопиплив. А, како што вкусот стануваше помалку видлив од самите нешта, квалитетот на предметите видливо се префруваше на потрошувачот. Рекламерите, како последица, почнаа да ги рекламираат нивните продукти со помош на такви квалитети какви што имаа женските потрошувачи „припадност, сексуална привлечност, моќ, дистинкција, здравје, заедништво, другарство“ (Ападураи 56). Во еден момент од нашиот век, „таа“ очигледно стана објектот што го продаваа. Алиса нè воведува во почетокот на овој процес. Ни покажува дека ниту една желба за добрата на Империјата не беше ослободена од опасност од причина што таа желба беше лоцирана во жената. Таму го зема обликот на апетит способен да ги поништи полот, расата и класата; го дефинираше нејзиното тело како такво тело што може во секое време да ја претрпи загубата на овие дистинкции; па така беше дизајнирано да произведе страв, не само страв кај жените кои тежнееја кон вкусот на средната класа, туку страво од други жени кои не ги носеа нивните дистинктивни белези на самоконтрола.

IV. Еротизирање на Африка

          Може да се превиди важноста на оваа слика ако мојот аргумент останеше во доменот на жените и децата – иако тука дефинитивно сакам да го лоцирам центарот на хегемониската култура. Со цел да согледа како и машкоста и политичката пракса зависеа од овие развои на женскоста и психолошкиот домен, можеме на кратко да го разгледаме Рудниците на Крал Соломон(King Solomon’s Mines) од Х. Рајдер Хагард (H. Rider Haggard). „Овој роман се отпечети во Лондон во септември 1885“, ни кажува Вилиjам Минтер (William Minter) „само шест месеци по средбата на европските сили во Берлин за одредување на правилата за поделба на Африка. Бидејќи постигна моментален успех, се продадоа 31.000 копии во Британија, а во САД само во првата година помина низ тринаесет изданија “ (3). Посветен „на сите големи и мали момчиња што го читаат,“ романот на Хагард помага да се објасни како мажите се вклопуваат во психосексуалната формација што ја опишав; демонстрира токму каков вид маж се дефинира во однос на двотелната жена што оформи голем дел од викторијанската култура.
          Да се јаде во Хагардовата Африка значи да се зависи од нехранлива жена. Дури и кога земјата ги задоволува потребите за живот, таа храна носи можности за загадување на Англичаните. Токму со такви зборови нараторот го опишува откривањето на извор нарешен „чаша лоша вода“ по денови оскудна егзистенција во пустината

„Како се најде на такво чудно место не застанавме да се запрашаме, ниту пак се двоумевме на неговиот црн, одбивен изглед. Беше вода, или нејзина добра имитација, и тоа ни беше доволно. Скокнавме и се стрчавме, и за секунда сите бевме на стомаци и сисавме од одбивната течност како да беше нектар за боговите“ (287-88).

          Дури и водата е црна во Африка. Нејзино конзумирање чудно ги ревитализира и загрозува белите авантуристи што симултано стануваат помажествени и помалку Европејци. Како што нараторот им објаснува на своите англиски читатели, „Ти, мој читетеле, што треба само да свртиш неколку рачки и да повикаш „топла“ и „ладна“ (вода) од огромен невидлив бојлер, немаш поим што е луксузноста на едно калливо валкање во одвратна млака вода“ (288).
          Воздржаноста прави голема разлика, како што ќе каже Конрад [32] за петнаесеттина години,  при одредување дали таквите моменти на (буквалната) инкорпорација на Африка ќе ги окрепат или расипат Европјаните. 
          Ова станува особено јасно кога хероите ќе се најдат во друг критичен момент кога ги поминуваат заледените планиснки врвови што се испречуваат меѓу нив и древниот пат до Соломоновите рудници. Со она малку сила што им останува пред смрт од глад, Англичаните успеваат да убијат „голем елен“. Немајќи како да го зготват, мора да го јадат сировото месо инаку ќе умрат.  Со доза срам нараторот ја оживува сцената за читетелот: „Звучи ужасно, но, искрено, никогаш немам пробано нешто толку вкусно како тоа сирово месо“ (296). Ни го нуди фактот на нивното закрепнување како доказ дека Англичаните со право го конзумирале тоа месо: „За четврт час бевме други луѓе. Ни се вратија животот и снагата, нашиот слаб пулс пак се засили, а крвта ни навали низ вените“ (296). Оскудната Африка можеби ни изгледа како антитеза на состојбата на вишокот од работи за јадење што Алиса ги среќава во земјата на чудата. Како што еден Англичанец им вели на другите, „изгладнетите луѓе не смеат да бидат пробирливи“ (296). И покрај сè, неконтролираното јадење исто така може да се покаже фатално за телата на Англичаните во Африка. „Свесни за последиците од прејаденост врз прегладнетите стомаци“, нараторот го повикува првиот принцип на добар вкус што е исто толку есенцијален за преживување и во светот на Алиса: „внимававме да не прејадеме, престанувавме и кога бевме сè уште гладни“ (296). Да остане англиско девојче, Алиса мора да го совлада сопствениот апетит. Но, да останат англиски мажи, првин овие Англичани мора да исцедат храна од пустите предели на Африка, а потоа мора да ја победат крвожедната жена.
          Иако нараторот Квотермејн ветува, „нема ниту фустан во целава историја“ (245), овој недостиг на фустани не значи отсуство на жени. За Хагард остсуството на фустани едноставно значи недостаток на жени кои се соодветно облечени – односно недостаток на вистински Англичанки.  Всушност, присуството на друг вид жена провејува низ целата приказна, а злосторниците на приказната ги носат истите женски недостатоци првпат откриени од раните општествени научници и овековечени од фотографите на деветнаесеттиот век. Еве како нараторот се сеќава на своите први импресии од вештерката Гагула, со зборови кои на друго место во културата ги одвојувале проститутките и лудите жени од норамалните луѓе. Во сцена што потсетува на првиот поглед што Џејн Ејр го фрла врз Рочестеровата „луда, злобна и ѕверска“ сопруга, Квотермејн

го гледаше закржклавениот мајмунски облик како се измолкнува од сенката на колибата. Се влечкаше на сите четири, но кога долази до местото каде што седеше кралот се исправи и, фрлајќи го превезот што му го скриваше лицето,  откри неверојатен и чуден лик. Наводно беше жена во длабока старост, толку свената што не беше поголема од едногодишно дете, и беше направена од збирштина од длабоки пожолтени брчки.  Меѓу брчите лежеше потонат процеп кој претставуваше уста под која нанадвор се шилеше брадата. Не се гледаше нос; всушност целото лице како да беше земено од леш испечен на сонцето, да немаше еден пар крупни црни очи, сè уште полни со жар и интелигенција, што искреа и си играа ...  како накит во мртовечница (Хагард 320-21).

          Додека Африканецот е црн и често достоен за восхит поради неговата машкост, Гагула е пожолтена и дегенерична сенка на црнилото што ѝ го кодира телото во ориентализмот. Таму и полот и генерациските разлики исчезнуваат во парадоксот на древниот фетус. Како и грдите жени во наративот на Керол, нејзиното тело дава простор во кој разликата меѓу машкоста и женскоста како и меѓу зрелоста и детството се дезинтегрира. Како што прават жените во Алиса во земјата на чудата, така и таа ужива во примената на сила врз своите потчинети што е убиствена антитеза на мајчинската улога. Мажите кои ја делат нејзината моќ преземаат („сурови и сензуални“) женствени црти, што укажува дека тие ја делат и нејзината дегенеричност (317).
          За да дојдат до местото каде ќе се соочат со оваа жена и ќе ја совладаат, трите англиски авантуристи мора да поминат низ предел искартографиран на сличен сексуален начин како и телото на Гагула. „Самото сеќавање на настанот ме прави немоќен“, признава нараторот. „Таму, право пред нас, беа две огромни планини ... со форма исто како на женски гради“ (286). Според мапата што им ја остава еден португалски авантурист што пред многу векови исчезнал во потрага по рудниците, Англичаните мора да поминат низ соголена  пустина а потоа да се искачат до врвови што личат на „женски гради“ а всушност се „мртви вулкани“ (287). Тие што ќе успеат да ги совладаат овие опасни врвови, се спуштаат во територија на која доминираат убиствени вештерки пред да дојдат до пештерата што го чува влезот во прочуените дијамантски рудници.
          Доколку неговите читатели не успеат да го сфатат грубиот симболизам, Хагард направил мапа за да им помогне да си го визуеализираат теренот по кој патуваа овие херои – неговата верзија на неосвоената територија северно од Трансваал во Јужна Африка (Слика 30.13). Мапата ја претставува оваа територија како женска фигура. Според логиката на оригиналната фигура, неверојатното богатство во утробата на Африка ги носи мажите долж полегнатото женско тело, и ги мами да влезат во отворот што може да биде или уста или гениталии – и што и да биде, имплицитно е и двете наедно. Не може да не се забележи сличноста меѓу мапата и телото на Гагула чиишто очи „искреа и си играа ... како накит во мртовечница“. И двете укажуваат на примамливите тајни содржани во женското тело на Африка, чиешто познавање може да се покаже смртно за Европјаните доколку го добијат. Со оглед на фактот што му се виде соодветно да ѝ го даде на Африка истото тело што Европа им го даде на лудите жени и проститутките, можеме добро да си претпоставиме зошто Хагард ја заврши својата приказна со убивање на повеќето жени во неа заедно со мажите што потклекнале под нивната магија. Поради тоа што приказната ги повикува своите читатели да си замислат воспоставување ред кај друг народ преку доместицирање на неговите жени.
          При опишувањето на поетиката на овој корпус од културниот материјал, како што покажав, расправам за каузалноста на сликата –  одлика што ја имаат само некои слики, и тоа често оние од најбанален вид, здобиена во одредени временски моменти. Ова е моќта да се произведе здрав разум и да се креира јавната политика. Модерната историографија прави полесно да разбереме како Европејците ги претставуваа Африканците и Азијците отколку како делови од тие претстави циркулираа меѓу фактот и фикцијата за да ја редефинираат белата среднокласна индивидуа. И покрај тоа, според она што го видовме за размената меѓу Англија и нејзините другости, се чини сосема можно дека цела една категорија луѓе – не само автори и интелектуалци, туку секаков вид читатели како и писатели – конечно сфатија што се како Европејци во однос на имагинарната жена. Размислувајќи за другите култури во поглед на нејзиното темно и моќно тело, овие луѓе сметаа дека се особено способни да раководат со Азија и Африка. Една студија во Зборникот на трудови на Кралскиот колонијален интитут (Proceedings of the Royal Colonial Institute) за 1869-тата гo припишува ненадминливиот успех на англиските колонии на фактот дека нивните мажи беа способни за самоуправување. Студијата признава дека во „француската љубов кон семејството, нивното негување на семејни врски, нивната патријархална едноставност на живеење, има многу за восхит, многу што Англичаните треба да го научат“. Но, продолжува авторот, „во потполното отсуство кај Французите на виталниот самоуправувачки принцип, постои, според мене, фатален извор на национална стагнација“ (Робинсон/Robinson, 139). Како што францускиот недостиг на самоуправување ги прави инфериорни наспроти Англичаните, нивниот почит кон фамилијата ги поставува Французите над оние што тие ги колонизираат. Додека логиката содржана во популарните слики на женското тело го возвишуваше националниот карактер на секоја империјална нација, таа всушност го надминуваше национализмот, како што имплицира цитатот, за да продуцира една слична форма на машко здружување (bonding) ширум среднокласната Европа. Ова здружување беше неопходно за една империја.

          Романот Рудниците на Крал Соломон ја лоцира англиската супериорност во однос на Африка не само во машката способност за самоуправување туку и во братството меѓу мажите. Не постои никаков сомнеж во романот дека хомосоцијалната врска е поважна и повозвишена од хетеросексуалната љубов [33]. Културите каде што жените се мешаат во политиката се примитивни култури чиишто жени се забележливо неженствени. Доместичноста на европските жени пак сведочи за напреднатата состојба на европската култура. Таквата основа за национална супериорност секако ги потчинуваше жените [34]. Меѓутоа, со тоа што ги правеше политички зависни од мажите, истата логика ја направи машкоста симболички и психолошки зависна од жените. Па така секој од хероите на Хагард мора да има жена во своето минато. Кажувајќи ни дека жени подобни за брак постоеле многу одамна и далеку, тој исто така го осигурува читателот дека никаков фустан нема да ги намали чувствата што ги спојуваат тројцата мошне индивидуализирани мажи во единствен херојски лик. Во секој момент, трајноста на државата и здравјето на културата целосно зависат од одржувањето на хомосоцијалната верност. Но, како што навестува сеприсутноста на лоши и грди жени во приказната, таквата верност за возврат може да постои само паралелно со отсуствота на англиски жени. Ив Косовски Сеџвик (Eve Kosofsky Sedgwick) ни помогна да ја сфатиме  оваа триаголна конфигурација како таква во која жената е апсолутно неопходна [35]. Деградираната двојничка на идеалната англиска жена осигурува врската меѓу мажите да остане врска меѓу семејни мажи кога тие се далеку од дома. Жените со темна кожа воедно ја отелотворуваат еротската желба и ја редуцираат на гнасната возбуда при зјапање (gazing). Приказните за имеријалното освојување потсетуваат на фотографиите на проститутките, лудите жени и домородците  поради тоа што нивните карактеристични мапи, пикторални предели и описи на другите народи богати со детали инскрибираа пораки врз една друга култура кои ја направија разбирлива за Европејците [36]. Со гледањето, понатаму, дојде и знаењето, чувството за себеси како субјекти врз и над објектите на нивниот поглед. Еротизмот сврзан со изобличената површина на туѓите тела ја произведе желбата за гледање и спознавање на овие тела. Желба што само ја засили хомосоцијалната врска. И покрај тоа што економската машинерија на британската империја е расклопена, нешто слично на оваа психосексуална формација, верувам, се задржа и се насели во постиндустриските бирократии.
          Сепак, во последниве две децении, жените почнаа да преминуваат во традиционално машките подрачја на знаење. Поминавме долг пат при артикулирањето на својата историја и како жени од доминантната класа и како симболичко средство со кое категоријата професионални мажи и менаџери го наметнуваа својот авторитет како субјекти наспрема секоја група што ја правеа објект на ниваните анализи.  Подобро разбирање на начинот на кој сексуализирачките метафори и процесите на доместицирање придонесоа за европската доминација врз Африка и Азија секако ќе донесе ново разбирање за културните средства со кои Соединетите држави се трансфромираа себеси од колонија во нација од  „Првиот свет“ помеѓу крајот на осумнаесеттиот век и 1916 кога Ленин го напиша својот есеј за империјализмот. Меѓутоа, во скорешниве обиди да го решиме нашиот однос кон луѓето од други класи и култури треба уште многу да се работи. Новиот бран на културна критика сè уште претполага дека мора или да бидеме субјект кој соучествува во моќта на гледањето или пак да бидеме објект, односно по импликација објект на порнографскиот поглед. Стратегијата на идентификување на луѓето според „субјектните позиции“ во огромниот и компликуван диференцијален систем на интереси и потреби веројатно е најефикасниот начин што сега го имаме за избегнување на проблемот што се наметнува секогаш кога ќе ги класификуваме политичките интереси со помош на тела инскрибирани со белези на раса, класа и пол. Но дури и „субјектот“ на критичкиот термин „субјектна позиција“ претендира премногу лесно повторно да се поклопи со популарната и сентименталната верзија на буржоаското себство. По дефиниција, ова себство му дава приоритет на отелотворениот субјект наспроти телото како објект. Да инсистираме на тоа да бидеме „субјекти“ наспрема „објекти“ значи да претпоставиме дека мора да имаме одредени моќи на опсервација, класификација и дефинирање за да постоиме; овие моќи нè прават луѓе. Според логиката што го управува таквото размислување, како што го формулира деветнаесеттиот век, само одредени видови субјекти се навистина субјекти;  да биде човек секој мора да биде еден од „нас“.
          Ако Алиса во земјата на чудата носи порака за современите читатели, тогаш таа е едноставно да не потсети дека објектите не се ниту неподвижни ниту неми. Со растење, укажува приказната, можеби сме станале несвесни за хетерогеноста на однесувањата што треба да се засведочат кај објектите и за какофонијата од пораки што треба да се слушне. Ако чувствуваме дека објектите добиле моќ над нас како никогаш досега, тогаш веројатно е така поради тоа што тие се оние што, како што предлага Керол, навистина имаат моќ да нè класифицираат како соодветни за одредени општествени места, наместо ние да ги класифицираме нив. А ако, всушност, пораката која ја носат објектите веќе не ги прави пожелни за нас толку колку што нѝ нуди себство што треба да го посакуваме, тогаш треба да ја преиспитаме разликата меѓу оние субјекти кои мислиме дека сме и сликите што ни овозможуваат да се гледаме себеси на тој начин. Без „нив “ се чини не би имало ниту еден од „нас“. Зашто Алисане ни дозволува да замислиме среднокласна култура ниту без вртоглава низа неповрзани предмети ниту без мажи и жени убедени дека нивниот статус како субјекти има врска со нивната способност да го класифицираат и контролираат тој свет на објекти. Доцновикторијанската конструкција на полот тука станува особено важна. 
          Ако има барем малку вистина во моето читање на Алиса, вкусот е битно средство за контролирање на предметите. Во оној момент во деветнаесеттиот век кога настана конфузија вкусот стана привилегија и обврска на жените. Тој идентификуваше специфичен однос со предметите како дистинктивно обележје на женскиот субјект;  таа беше тоа што го купуваше, носеше и ставаше во својата куќа. Врз нејзината самоконтрола почиваше добросостојбата на британските сопрузи и деца, добросостојбата на светот и на самата нација. Меѓутоа врз присуството на опасниот апетит за предметите кај неа, почиваше целата премиса дека таквиот вкус е неопходен, зошто што друго ако не нејзиниот апетит ги правеше тие објекти толку неодоливи? Во тој поглед, за националниот интерес помалку беше битно мажите да останат мажи во значењето дефинирано од Хагард, отколку жените да останат жени во значењето дефинирано од Керол. Англичаните можеби беа особено погодни за империјалниот потфат на доместицирање на Африка и Азија, но англиските жени беа одговорни за ставање на предметите што надојдоа од колониите на своето место. Да го сторат тоа жените мораше да ги посакуваат тие предмети, а кога веќе почнаа да ги посакуваат, жените станаа опасни. Со желбата што почна да ги запоседнува нивните тела некаде во последните децении од деветнаесеттиот век се појави можноста жените некогаш да ја урнат империјата на среднокласната свест и целосно да подлегнат на примамливоста на новиот свет на објекти.      

Оваа идеја започна со еден труд кога бев стипендист на Рокефелер во Центарот за општествени науки на Универзитетот Веслијан во 1987-88-та и прерасна во сегашнава форма за време на 1989-90-тата кога имав среќа да се вратам во Центарот. Ја изразувам мојата благодарност на колегите од Центарот за време на овие години, како и на поранешниот директор Ричард Ван и сегашниот директор Ричард Оман што обезбедија поволна и предизвикувачка работна средина. Посебно благодарам за Ендру Зегеди-Мазак (Andrew Szegedy-Maszak) кој беше инспирацијата зад мојата дискусија на фотографија, групата на Фаундари кафе, Еван Ваткинс (Evan Watkins), Лора Векслер (Laura Wexler) и Мајкл Траск (Michael Trask).

        

(превод од англиски: Наталија Јовановиќ)

Белешки


[1] Во Семејни богатства (Family Fortunes), Леонор Давидов (Leonore Davidoff) и Кетрин Хол (Catherine Hall) покажуваат како одделувањето на англискиот дом од работното место му даде ново економско значење на домот, и видливата  добросостојба на домашните услови на мажот почна да сведочи за просперитетот на неговата работа. Според Роберт Фишман (Robert Fishman), елитите продолжија да живеат во центарот на градот за време на поголемиот дел од осумнаесеттиот век додека пониските класи ги окупираа неговите надворешни маргини. Но, за време на раниот деветнаесетти век, овие позиции се сменија. Лондонските трговци почнаа да ги претвораат своите комбинирани домови и канцеларии во канцеларии и да ги прелоцираат своите фамилии во земјоделската област околу градот (Фишман - 18-38). Ова беше истиот период кога англиската економија беше особено подлежна на ненадејни бранови на инфлација и банкарскиот систем привремено го напушти златниот стандард (Ештон (Ashton)). Според Давидов и Хол, во овој период мажите благословени со богат дом во предградието не само што ја зацврстија својата економска превласт во Англија туку и го воспоставија својот специфичен начин на  семеен живот како стандард за нечија способност за самоуправување. Со едноставно  префрлување на нивниот аргумент од национални во интернационални рамки, можеме да замислиме како мажите што водеа ваков живот можеа да ги пренесат своите квалитети на оние со кои соработуваa во странство, квалитети на поседување куќа, градина, жена, деца и домашни помошници слично како нивните.

[2] Ленин, на пример, ја гледаше Европа во 1916 доминирана од меѓународната буржоазија, класа чии членови меѓусебно се расправаа за контролата врз она што сега се нарекува „Трет свет“. И покрај внатрешната тензија, се работеше за класа обединета од заедничка култура, додека работните класи останаа жално поделени по раса, регион и етничка припадност. Ленин го заврши својот познат есеј Империјализам во избезуменост. Не можеше да разбере што не тргна како што треба со Марксовото претходно предвидување дека работниците низ целиот свет ќе се обединат за да направат интернационална класа додека владеачката класа ќе се намали и подели под притисокот на растечката конкуранција (123-28).

[3] Во Мамон и потрагата по империја (Mammon and the Pursuit of Empire) , Ланс Е. Дејвис (Lance E. Davis) и Роберт А. Хатенбак (Robert A. Huttenback) признаваат дека „од сите објаснувања на Импеијата ниедно не е победливо од она се однесува на економската придобивка“ (7). Но гледајќи ја економијата на империјата со око на скептиците од деветнаесеттиот век, Дејвис и Хатенбек истражуваат до кој степен „просперитетот на Британија во доцниот деветнаесетти век зависеше од  нејзините економски и политички односи со својата Империја. Тие откриваат дека додека одржувањето на империјата дефинитивно им беше од корист на некои, тоа скапо ја чинеше Англија во целина.

[4] Лондонската работничка класа и лондонската сиромаштија (London Labour and the London Poor) том IV од Хенри Мејхју (Henry Mayhew) ни дава одлична демонстрација за тоа како социолошкиот интерес во урбаниот криминал концептуално се испреплетуваше со антрополошкиот интерес во примитивните култури. Уште пред десетата страна од студијата за криминалните видови што ја сочинуваа категоријата на „оние кои не сакаат да работат“, Мејхју се чувствуваше приморан да ја дефинира проституцијата и да ги опише нејзините варијанти од античките времиња до денес во сите познати земји во светот: „Општата намера на ова истражување ќе биде да се исцрта позицијата што ја имаше женскиот пол на различни возрасти и во различни земји,  да се измери нејзиниот углед, да се утврди прифатениот морален стандард, да се потврди значењето на брачниот договор, законите што се однесуваа на полигамијата и конкубинството, вредноста што им се припишуваше на женската доблест и скромност, и, на тој начин, да се разгледа проститутката во сооднос со системот на кој припаѓаше“ (37).  На тој начин, истражувањето на Мејхју ја прошири употребата на една специфична хетеросексуална моногамија од криминализирање на англиските пониски класи до примитивизирање на другите култури. Така тој го преобрази начинот на кој неговата класа ги гледаше жените  во универзалниот систем на вреднување на човечките суштества.

[5] Од особена важност во тој поглед беше растот на физичката антропологија, во Англија предводена од Лондонското антрополошкото општество.  За преглед на нивниот обид да формулираат сеопфатна парадигма која ја поврзува биолошката супериорност со европските карактеристики, види Рејнџер (Rainger).

[6] Напредокот на аџијата (Pilgrim’s Progress) од Џон Банјан (John Bunyan) e познато англиско  дело од седумнаесеттиот век за патот на христијанинот и, во вториот дел, на неговата жена од земското до небесното царство. (заб. прев.)

[7]  Овој Закон дозволуваше 42 дена грејс период пред да мора да се регистрира бебето, и не бараше да се регистрираат мртвороденчињата. Така, сè уште постоеше голема можност за прикривање на постоењето на бебето. За дискусија на овој проблем види Роуз (Rose) 121.

[8]  Треба да се истакне дека процедурите за прегледување на проситутките според Законот за заразни болести веќе функционираа, без оглед колку несвесно, во рамките на еден модел што ги детекираше симетричките изобличувања од двете страни на женското тело. Вилијам Актон ја предлага следнава листа на симптоми добиени од дваесет и четири пациентки примени во болницата Св Бартоломеј (26 ноември 1840): „1. Бубон (надуени лимфни жлезди), рана на влезот на вагината. 2. Рани. 3. Кондиломата (генитална инфекција), лупење. 4. Јадеж, гонореа, лупење. 5. Загноен бубон, гонореа. 6. Брадавици, гонореа. 7.Многу големи рани на бедрата. 8. Две големи рани на вулвата, два бубона. 9. Гонореа, излупен јазик. 10.Лупење околу анусот. 11.Кондиломата на вулвата (многу црвена), два бубони. 12. Многу голема кондиломата, лупење на грлото. 13. Кондиломата, јадеж и чуден осип. 14. Мала рана на вулвата, осип на телото, болки во грлото. 15. Празнење на вагината, подигната кониломата. 16. Рани на лабиумот, веројатно почетни. 17. Кондиломата. 18. Егзема, јадеж, фагеденски (чирни) рани. 19. Кондиломата, лупење многу големо. 20. Многу голема кондиломата, бело лупење меѓу ножните прсти и на грлото. 21. Кондиломата, многу изразена афектација на јазикот. 22. Кондиломата. 23. Празнење на  вагината, површински чирови. 24. Два бубона, кондиломата.“ Едноставно сакам да посочам дека кога Актон именува заболен дел од телото, тој е или на устата или во гениталниот предел. Не само што ги лоцира овие две области при испитувањето на заболените пороститутки туку исто така ја претвора оваа листа во систем за собирање идни податоци. „Како што ќе го испитате секој пациент,“ вели тој, „ставете крст на соодветната линија, а кога ќе заврши консултацијата, ќе имате табеларен преглед на формите на болеста што сте ги забележале“.

[9]  Оваа практика е тесно поврзана со тврдењата за обратен дарвинизам. Видете, на пример, Пик (Pick)  и Гилман 191-216. Не е изненадувачки да се види дека атакот врз женското движење во деветнаесеттиот век ги претставува таквите активисти физиолошки колку што е можно поразлични од „нормалните“ европски жени.  Синтија Игл Расет (Cynthia Eagle Russet) цитира еден викторијански антрополог кој „ги осудува „суперфициелните, рамноградести, тенкогласни Амазонки, кои исфрлуваат гнасни муабети за тиранијата на мажите и ропството на жените““ (27).

[10] Алузија на песната Тигар од Вилијам Блејк. (заб. прев.)

[11] Жител на Маку, на Хаити. (заб. прев.)

[12] Остров во југоисточен Мадагаскар кој бил под француска власт. (заб. прев.)

[13] Друштво англиски сликари и писатели од 19 век кои го обновуваат едноставниот ренесансен стил пред Рафаел. Тие ги сликаат жените како недостапни и беспомошни, но заводливи. Нивните модели беа најпосакуваните жени во Англија. (заб. прев.)

[14] Митска девојка опеана кај Тенисон (Tennyson) која се дави во обид да дојде до витезот Ланселот кој не ја запознава и не ѝ ја возвраќа љубовта. (заб. прев.)

[15] Интересно, европските проститутки во колониите ја загрозуваа и кршеа категоричната дистинкција меќу двата вида на тела. Маргарет Мекмилан (Margaret Mac Millan) пишува: иако говорникот на митингот за „Општествено зло“ во Бомбај 1891 си честиташе себеси што нема ниту една Англичанка меѓу нив, постоеше страв дека Индијците можеби не можат да ја видат разликата. Не е за изненадување тоа што исто така постоеше загриженост во официјалните и неофицијалните кругови за порнографијата во која беа инволвирани Европејки.

[16] Важно е да се сфати дека уште на почетокот новородената уметност на рекламирањето го користеше колонијалното тело да ги продава своите стоки. Види, на пример, Ричардс 119-67.

[17] „Girlhood“ не го преведувам како моминство затоа што на македонски се губи идејата за детство што ја носи англискиот збор. (заб. прев.)

[18] Сите цитати се од од Луис Керол 1987 (1865) Алиса во земјата на чудата. Превод од англиски Богомил Ѓузел. Скопје: Македонска книга: Детска радост: Култура: Мисла: Наша книга. (заб. прев.)

[19] Нина Ауербах (Nina Auerbach) го опиша овој пад како „слатка пародија на Битието“ и го поврза со апетитот на Алиса.

[20] Во оригиналот стои само „мармелад“, не е кажано дека е од портокал. (заб. прев.)

[21] Реми Г. Сеслен (Rémy G. Saisselin) нуди корисен краток преглед на историските сили што ја овозможија оваа сменета асоцијација со половоста (regendering) – па така и повторното поставување на сцена – на потрошувачката: За прв пат во историјата буржоаските жени станаа слободни и со време за рекреација, додека претходно тие остануваа дома и учествуваа во економскиот живот на домаќинството. Акумулацијата на капитал во деветнаесеттиот век им овозможи на жените од оваа класа да уживаат во слободното време, да ги напуштат ентериерите и да водат еден вид аристократски живот моделиран врз старото благородништво. Мажите работеа за да им ја дозволат на жените можноста за претерано конзумирање. Овој контраст на занимања меѓу мажите и жените се манифестираше дури и на нивната облека: машката мода остана прибрана, економична, дури и пуританска, додека на женските костуми или фустани им беше дозволено да бидат дворјански, односно, разнобојни, луксузни, лелеави, непрактични, скапи и декоративни. Жените ја одредуваа модата, а не мажите, како што беше во старото дворјанско општество. (42)

[22] Кристалната палата беше подигната во Хајд парк во Лондон 1851 за одржување на импозантната Голема егзибиција на која покрај изложената технологија од другите земји учеснички Англија, тогаш во екот на индустриската револуција,  требаше да ја демонстрира својата технолошка надмоќ. (заб. прев.)

[23] Краличиниот јубилеј од 1887 го прославуваше педесетгодишното владеење на кралицата Викторија. На својата златна годишница кралицата одржа банкет во Бакингамската палата за педесет странски кралеви и принцови заедно со најистакнатите англиски личности во тоа време. Кралицата го одржа и Дијамактскиот јубилеј во 1897. (заб. прев.)

[24] И двете премногу внимаваат на изгледот. Добрата но простодушна г-ѓа Ален, на пример, ја советува Кетрин да не го придружува Џон Торп, но не затоа што би можела да остави погрешен впечаток туку да не си го уништи фустанот, а Огаста Елтон е преокупирана од потребата куќата да ѝ е стилски средена. (заб. прев.)

[25] Овие и други примери, продолжува тој, „ја откриваат врската меѓу растечката поларизација на официјалните дефиниции на женска сексуалност и сексуализацијата на тие репрезентации во фантазиите на одредени групи мажи“ (86). Првин, особено поврзан со мојот аргумент е описот на Морт на детската порнографија што ги трансплантира особините на другите жени (откриени гениталии и развратен поглед) врз самата нивна антитеза, англиското девојче. Потоа доаѓа неговата употреба на двотелната фигура на жената за да објасни како машката желба историски се оттргна од жените подобни за мажачка кон жените со кои беше невозможен брак.

[26] Преодни предмети кои ја заменуваат мајката кај детето (кукла,мече и сл.). Подоцна во развојот таа улога може да ја играат и симболи или зборови. (заб. прев.)

[27] „Pepper“ на англиски значи и тепа и бибер. Војвотката и му дава бибер на бебето и го тепа зашто кива од него. (заб.прев.)

[28] „Consuming objects“ може да се прочита и како предмети што ги конзумираме и како предмети што конзумираат.

[29] Култ кон западните предмети кој се развива кај домородците од Тихиот океан. Култовите варираат, но најчесто, без да се знае дека чудните добра (како пушките) ги произведува развиениот свет, се верува дека новодојденците истите ги добиваат со молитви на своите предци на небото (во вид на товар спуштен од авион, т.е. карго), и доколку се следат нивните ритуали (како молење на крстот или марширање во строј) и домашните богови ќе им пратат исти на своите луѓе. Слична верзија е и верувањето дека чудните предмети им се пратени на доморотците од нивните богови, а по грешка стигнале кај новодојденците. Тие можат да се вратат само со молитви, магии и другите домашни ритуални практики, а одбивање на новонаметнатите практики.  (заб. прев.)

[30] Види Рејмонд Вилијамс (Raymond Williams),  Долг (Long), особено неговата дискусија за порастот на читателската јавност и популарните весници, 156-213.

[31] Во овој дел од книгата Алиса, свесна дека веќе не е истата Алиса пред да падне во дупката, пробува да сфати која е споредувајќи се со другите девојчиња што ги знае од училиште. Пред да си го провери знаењето со рецитирање таа гордо вели дека сигурно не е Мејбл зашто Мејбл знае многу малку додека таа знае многу работи. (заб. прев.)

[32] Џозеф Конрад во Срце(то) на темнината вели дека во Африка кога ги нема месарот што ти ја врши тешката работа ниту полицаецот и соседот да те потсетат што е исправно, остануваш со својата внатрешна сила  „Овие мали нешта прават голема разлика“. (заб. прев.)

[33] Вејн Кестенбаум (Wayne Koestenbaum) ги дискутира хомосексуалните еротики на Хагардовото писмо за „момчето-читач“ кое е „често возрасен маж“ (151-61). Кестенбаум тврди дека порастот на чистата романса напишана од машки автори во втората половина на деветнаесеттиот век нудеше „прибежиште не само од женската проза, туку и од Англија која замислуваа дека кралицата Викторија ја феминизирала“ (153). Таквите дела очигледно им служеа на интересите на империјата затоа што ја потврдуваа машкоста на мажите кои беа приврзани еден кон друг репрезентирајќи ја врската меѓу мажите како она што ја одржува империјата.

[34] Во својата критика на Гарет Стедман Џоунс (Gareth Stedman Jones) Јазици на класата, Џоан Скот (Joan Scott) покажува дека чартизмот (движење во деветнаесеттиот век за еднакви политички права на мажите во Британија - заб. прев.) беше делумно поразен од несвесниот сексизам во неговата реторика. Скот пишува, „„Јазикот на класата“, како што го говореа чартистите, ги поставуваше жените (и децата) во помошни и потчинети позиции. Ако жените се качеа на говорничките платформи, организираа потрошувачки бојкоти и основаа свои посебни друштва, тоа го правеа под чартистичка заштита за да бараат машки права и на тој начин да ги потврдат правата на сопственост што ги поседуваа преку трудот на нивните сопрузи и татковци“ (64-5). Така чартистите го прифатија машкиот концепт на полот кога се договорија да ги отстранат жените од работните места и да ги засноваат своите политички права врз фактот дека сопственоста на трудот го овластува човекот на политички права поради тоа што го дефинира како маж. Економската потчинетост автоматски феминизира според таквиот критериум, со феминизирање и политичко обесправување истовремено.  

[35] Сеџвик го претставува видот на анксиозност  што провејува во прозата од доцниот осумнаесетти век како еден од предусловите потребни за оној вид заедништво  што може да одржува една империја. За таквата анксиозност, вели таа „правиот збор е „хомофобија“. Во англискиот готски роман, можноста – привлечноста, опасноста – од едноставно испуштање на средниот женски термин станува експлицитна, всушност опсесивна литературна тема. Со него доаѓа многу поцврсто организираниот, отворено проскриптивен пристап кон сексуалноста и хомосоцијалното заедништво“ (82).

[36] Томас Ричардс опишува една слика на група номадски Арапи загледани во слоганот „Сапунот на Пирс е најдобар“ изрезбан на еден клиф на сред пустина. Над оваа слика се јавува тврдењето дека производот е „формулата за британското освојување“. Според Ричардс, „вистинското значење на оваа тврдење – веројатно најголемото ветување што го направила една реклама во деветнаесеттиот век – лежи не толку во неговата практична примена колку во фактот дека го искористил британски империјалист од 1890-те за да ги претстави производите како магичен медиум преку кој англиската моќ и влијание во колонијалниот свет може да се засили и зголеми “ (122-23). Сметам дека оваа опсервација може исто така да се примени на мапата што Хагард ја вклчува во својата приказна и на простетските направи што Гуд (Good) ги донесува во пустината, кои му даваат натприродни моќи во очите на домородците.