СООЧУВАЊЕ СО КУЛТУРАТА

ЖИВОТ ВО МИНИЈАТУРИ

Мерсиха Исмајлоска

          Современото писмо на авторот Чак Палахнук, кореспондирајќи со сценариото и филмот Боречки клуб,  го поткрепува објаснувањето на Лари Гилберт за револуцијата. Тоа е писмо кое многу радикално и насилно ги крши клишеата и создава хаос во она кое е испробано и во она од кое чувствуваме замор.
          Разгледувајќи ја теоријата на фокализација и раскажувачки ситуации на Франц Штанцал се добива впечаток декатрадиционалните и постженетовските интерпретации на феноменот раскажувачки текст можат да користат при испитувањето на еден современ текст од типот на овој – текстот на романот Боречки клуб
          Гледната точка на Џек, ликот низ чии очи е предадена приказната се чита со оној ритам и тек на дејството кој соодветствува на говорната ситуација, на начинот на кој говори или мисли ликот. Во книгата тоа најмногу се чувствува при повторливото пребројување на вежбите: „Тајлер правеше сто и осумдесет и девет стомачни вежби. Сто деведесет и девет. Двеста“ (48). 
          Текстот е обременет со симболиката на повторување клучни зборови, кои упатуваат на создавањето нов систем од вредности, потоа, на создавањето верзии на Бога, почнувајќи од таткото, и водат до спознанието дека очекувањата треба да бидат врзани за почетокот на нова духовна војна. Почетоците се, всушност, реакција на постоечката културолошка матрица, потоа таа се метаморфозира и се преформулира со уништување на историјата и со создавање на нови легенди. Легендите се оние делови од текстот кои говорат за односот помеѓу световите, додека, пак, наративните стратегии што се користат при нивното создавање се израз на примена на проникливо и сложено структурирано писмо.
          Во улога на посредник при претставувањето на настаните, Џек докажува дека посредувањето, а со тоа и претставувањето е најзначајната точка, поаѓалиште на авторот во обликувањето на сите аспекти на граѓата со која работи во текот на раскажувањето. Тоа е клучното обележје кое го диктира начинот на претставување во овој роман. Оттука концепцијата за раскажувачкиот текст, чие објаснување почнува со категоријата на посредувањето или со начинот на кој доаѓа до нејзино проблематизирање, се чини соодветна на роман од типот на Боречки клуб. Токму раскажувачката ситуација, во овој роман станува „конкретен израз“ на специфичностите на  посредувањето, односно на пренесувањето на приказната до читателот. Раскажувачката ситуација во романот се развива низ множество од минијатурни   ситуации, согласно функционирањето на свеста на нараторот и неговото освестување на тие ситуации. Таквиот однос јасно упатува на методолошката ориентација врзана за текстот или за композицијата, бидејќи на преден план се поставува прашањето за динамичната перцепција на настаните, остварена преку свеста на раскажувачот и за читателовиот начин на рецепција на текстот, што е интерес тесно поврзан со феноменологијата.
          Раскажувањето во вистинска смисла на зборот во Боречки клуб е дефрагментирано и со посредство на раскажувачот се раслојува од една позиција во неколку разгранети позиции. Платоновото и Аристотеловото објаснување на „начините“ на презентација, застапено и во расправите на Жерар Женет, но и во традиционалната Квинтилијанова реторика, која говори за постапките на презенатација означени како „опширно сликање“ и „извештај“, упатуваат на раскажувачот кој во конкретниов роман навидум поседува максимум привилегии или знаења. Тоа значи дека самиот почеток упатува на примена на постапки на сезнаечко раскажување или на аукторијален тип на роман, кој, во голема мера, е проблематизиран со вклучувањето на ликот Тајлер Дарден. Реализмот и суровоста на ситуациите се претставуваат на модерен начин, со користењето сугестивни интервенции од типот на ослободени повторувања на некој искажан став со што намерно се навлегува во некој вид текстуална редундантност на текстот.
          Иако Џек се јавува во улога на раскажувач кој е авторитетно надредена инстанција, па, со оглед на тоа, тој го води читателот низ дејството на романот, вистинскиот авторитет по однос на претставеното дејство е Тајлер Дарден. Дисоцијативното пореметување на личноста на Џек води кон престројување на текстот, создвајќи од него комплекс на она што, Бертран Расел го нарекува, начин да се открие што е западната филозофија на патот на кој нема мудрост, нема филозофирање (Расел 2007).  На начин кој претставува пореметување на правецот на западната мисла се добива впечаток дека авторот инсистира на промоција на други вредности, или, би рекле, инсистира на анти вредности. Појавата на парот Џек – Дарден и начинот на кој ја третираат историјата се изразува преку следново мислење: „Во секој од сто деведесет и едниот кат под нас, вселенските мајмуни во Пакосниот комитет на Проектот осакатување поздивуваат, и го уништуваат секое делче од историјата“ (6). Во суштина станува збор за психичкиот живот во кој минатото може да биде зачувано, односно не мора по секоја цена истото да биде уништено (Фројд 1996). Во романот Боречки клуб се добива впечаток дека она што е старо, во психата може да биде избришано или истрошено и ниту едно дејство не може повторно да го создаде или да го оживее. Зачувувањето на минатото е поврзано со одредени услови, во случајов со соочувањето со докторот, како обид да се спои здрав со природен сон кој никако не може да се досегне и да се отспие. Авторитетот претставен преку докторот е замена за аворитетот на таткото кој во крајна линија е замена за Бог. Во една реченица од романот се вели: „Она што треба да го сфатиш е дека твојот татко бил модел за Господ“ (123).

          Таа голема духовна борба, која лично почнува во ординацијата на докторот, во филмот којшто е направен со адаптација на романот луцидно е прикажана со „пре-минувањето” на Тајлер на сцената. Од друга страна, пак, се прави алузија накултурата која обезличува: „Никој не е повеќе ни бел, ни црн, ни богат како што треба. Сите се залагаме за исто. Поединечно, сме ветер и магла“ (117). Целиот овој копмплекс од аспекти на рефлексијата и на идентификацијата, па дури и само-идентификацијата упатува на историскиот контекст на определување на критериумите за вистина и вредност. Нема таков критериум кој претставува гаранција за која било идентификација, од погледот насочен кон огледалото до сликата којашто, пак, од огледалото се враќа во окото можеме да дојдеме до сознанија за идентитетот. Огледалото за Џек и за Тајлер има својство да ги прави фигурите двојни, нешто како циркуско огледало кое го удвојува ликот. 
          Користејќи се со Лакан, психоаналитичарот го доведува субјектот да се погледне себе си како во огледало. Доволно е стадиумот на огледалото да се сфати како поистоветување и нејзината нејзината предодреденост во тој фазен дел од развојот наречена имаго (Lacan 1983). Таа фаза кај Џек е деформирана, сликата е разбиена, фрагментарна, а перцепцијата низ неговата призма е двосмислена. Во Боречки клуб не се случува радосно усвојување на сопствената слика.  Ослободени од протоколите на идентификација, ликовите  креираат протокол на луѓе поврзани со иста идеја, со потребата за  идентификација, бидејќи тие го имаат изгубено личниот идентитет наспроти оној на групата. Оттаму произлегува губењето на личните имиња во финалниот проект на Тајлер Дарден. Имињата постојат само после смртта, но, и тогаш е возможно поистоветување, особено, кога одеднаш секој мртовец станува Роберт Палсон. Догмите кои потекнуваа од Тајлер создаваат слика за Зaпадот која е саркастична и луцидна. Во својство на анти-херој и анархичен гениј тој ги преформулира односите помеѓу луѓето и светот.
          Ако се повикаме на студијата на Бахтин Авторот и јунакот во естетската активност би можеле да се приближиме до архитектурата на светот создадена во рамки на романот Боречки клуб. Својствата на Џек се испреплетени со оние на Тајлер, така тие создаваат релација во која доаѓаат до израз контрадикторните идеи за светот. Ако, според традиционалните цивилизациски наследства на поимање на светот, телото оживува преку душата, тогаш и душата не може да биде прифатена надвор од вредностите кои ги манифестира или застапува и покрај посебноста на карактерот, типот, ставот и сл. Во немоќта да ја систематизира свјата позиција на поимање на светот, Џек во романот создава свој индивидуален и необјективен систем на вредности, додека пак во филмската верзија на адаптација на романот завршува трагично.

Постапка и само-пресметка исповед

„Задоволствата на патувањето се
каде и да одам, живот во минијатури“
(Чак Палахнук, Боречки клуб, 22)
[1]

          Човекот, поаѓајќи од себе, активно се ориентира во светот. Неговиот свесен живот во секој негов момент е постапка: постапка преку чин, збор, мисла, чувство. Сепак, јунакот самиот себеси не се изразува само преку постапката,  тој преку неа упатува на предметно/смисловна ориентација од значењата кои ги смета за вредносно оправдани, меѓутоа тие никогаш не се нешто одредено, дефинирано и завршено, тие постојано се менуваат како, впрочем, и неговите перцепции врз светот и неговите ставови.  Во активниот дел од дејствувањата, односно кога е во прашање постапката секогаш недостасува моментот насаморефлексија на личноста која постапува, а со тоа и определувањето на објективната слика за контекстот на дејствување. Објективната слика за контекстот во Боречки клуб е релативизирана поради амбивалентанта природа на јунакот, кој, на двосмислен и често противречен начин, се однесува во тој свет. Аспектите кои се однесуваат на практичните цели, социјалните, политичките вредности, спознајните значења, естетските вредности (постапката на уметничкото создавање или рецепцијата) и моралната определба (особено во светот на закоренетите вредности и при непосредниот однос кон доброто и злото) контекстуализирани во еден западен свет се прекршуваат во романот Боречки клуб на најрадикален и често, суров начин.

          Се поставува прашањето дали јунакот го допира дното и дали преку тоа го наоѓа своето излез од светот на закостенетите клишеа за вредно, добро и убаво. Џек тоа искушение, односно искуство, го изразува повикувајќи се на зборовите на Тајлер:

„Тајлер ми вели дека јас сум многу далеку од допирањето на дното. И ако не паднам до крај, ми нема спас. На Исус му успеало со неговоно распнување. Не е само да ги баталиш парите и сопственоста и знаењето. Не се работи за пауза за викенд. Треба да фатам џаде од самоподобрувањето, и да фаќам џаде кон пропаста. Веќе не можам да играм на сигурно“ (58).

          Вклучувањето на симболичната релација со ликот на Исус во горенаведениот фрагмент е одлика на мислата која функционира на морален план во духот на западната христијанска етика. Од друга страна, пак, ликот на Џек отсликан во минијатури и прифатен во една компримирана верзија се открива како модел на постојано пресметување со зададените клишеа.
          Тој, сепак, постојано е во ситуација на  рефлектирање на своите чинови, а потоа и кон нивно насочување и осмислување. Токму поради немоќта Џек да ја насочи својата свест, односно перспектива кон организирање на сопствените постаки тој е анти-јунак. По критичниот миг - средбата со докторот - ги поставува прашањата: зошто, заради што, како, правилно или неправилно, тој сепак отворено се соочува со отвореноста на проблемот на идентификација, бидејќи прашува: Кој сум јас? Што сум јас? Каков сум јас? Мотивацијата за  постапките е нејасна во споредба со одредените личности кои постапуваат согласно позицијата која ја заземаат во светот.
          Непостоењето на определба на личноста („јас сум онаков каков што сум“) во поглед на мотивираноста на постапките е основа за поттикнување на  сомнеж кој доаѓа до израз онаму каде што е проблематичен културниот идентитет. Во романотБоречки клуб е претставена суштествената деформација на изворната Западна мисла.  Свеста на Џек е разбиена, а постапките и неговите мисли не се определени од неа. Затоа и неговата точка на гледање не е постојана. Дефинициите за самиот себеси, а и мотивацијата поврзана со наивната желба да се промени светот, водат кон сознанието дека станува збор за потреба за само-менување. Фаталноста на целата ситуација се состои во тоа што идентитетот на себството во целокупната разбиеност не може да се интегрира, а со тоа се доведува во прашање и претставува проблем спознанието за постоењето и на неговата реалност во зададените околности.
           Ако се направи споредба помеѓу чинот на спознавање и обликување на слика за светот и уметничко творештво, тогаш се доаѓа до сознание дека во овој роман, авторот се труди да ја изрази својата индивидуалност преку индивидуалноста на ликот, таа индивидуалност не му е дадена како одредница,  туку е чин на постојано обликување и разобличување.
          Со оделувањето на  постапките на јунакот се налага потреба постапката да се одреди со цел и средство, а при тоа да се објасни и идејата на  нејзиниот носител-јунакот. Самата постапка  говори за оној кој постапува, но, и за неговата предметна околина, токму врз основа на околината се поттикнува дејствувањето на јунакот. Со тоа, постапката добива етичка одредница, а јунакот етичка одговорност. Рефлексиите околу изведените постапки не го осветлуваат авторот, тие се повеќе иманентна критика на постапките и критика која е интегрирана во романот. Покајувањето на Џек од психолошкиот план се пренесува и на творечкиот, формален план (покајување, самоосуда) на организација на романот, акцентот е ставен врз внатрешниот живот низ чија призма ги определуваме неговите вредносни начела. На крај, вредносното гледање на Џек се состои во пронаоѓање на симулакруми на Бога во психијаторот, загубениот татко, во авторитетот. Таквиот трансфер на улогите е карактерисyтичен  за  учењето на З. Фројд, а во исто време е потврда за Фаустовскиот мотив на „трансфер на вредностите преку себството“ заеднички за секој од нас.
          Функционално место во романот има чинот на самопресметка-исповед кој е суштински конститутивниот момент и се однесува на самообјективизација постигната во Боречки клуб преку соочувањето со смртта. Иако јас на главниот лик во романот е нестабилно, сепак тоа се јавува како организирано начело на изразување.
          Во самопресметката - исповед влегува она што јунакот може да го каже самиот за себеси, морално е определен од свеста која постапува, не излегува надвор од нејзините начелни граници, ги исклучува сите моменти кои се поврзани со одлуките на свеста. Јунакот/анти-јунакот на Чак Палахнук не само што ги исклучува сите моменти кои би биле во сооднос со неговата сопствена  свест, туку ја исклучува и самата свест. Во својата самопресметка-исповед, свеста се поставува негативно по однос на она што се случило,  се бори со чистотата на самосвеста, со чистотата на јунаковиот однос кон самиот себеси. Како регулатор на тој однос во романот Боречки клуб се јавува ликот на Марла, таа го антиципира женското начело, таа е конфликтниот партнер на Џек. Естетскиот пристап и оправдувањето на другиот длабоко го проникнува нејзиниот вредносниот систем, но, и вредносниот ситем на Џек. Тој минува низ процесот на преиспитување на себеси преку еден вид самопресметка-исповед, ги надминува сите моменти на оправдување и оцена кои се присутни во свеста на другите луѓе. Токму низ тој процес минува Џек, а на патот кон таа граница се јавува Марла, таа е онаа која пресудува, таа е потребна за да се разорат можните влијанија на само-оценувањето, а потоа, и преку самоуништување  Џек да се ослободи од здобиеното чувство на вина.

          Таа борба со прифатените вредности од страна на другиот на свој начин го истакнува проблемот на обликувањето на нешто што е определено како исповед со самопресметката со себеси. Романот Боречки клуб оперира со фаталноста на крајниот исход произлезен од соочувањето со други аспекти на битието кое опстојува во еден ист идентитет, во едно исто себство. Неизбежниот конфликт се проектира врз формата на романот, меѓутоа и врз  самото јазично изразување на ликовите. Во множеството од реплики на ликовите изобилува суровоста на изразот соодветна на суровоста на прекршените вредносни убедувања поврзани со  животот.  Формата на самопресметување и исповед, начелно, не може да биде заокружена, бидејќи во неа нема завршени  моменти,  сите тие се подложени на постојани преиспитувања во свеста кој трескавично се анализира.  Во свеста на Џек доминира насоченоста кон самоиспитување кое би довело до чиста совест.  Ова, очигледно, е изразено во следнава реплика: „Посвети се на мигот“, вели Тајлер. „Сапун и човечка жртва одат рака под рака” (63).
          Меѓутоа за каков вид самоиспитување и пресметка со себеси станува збор во романот?! Ликот вели: „Можеби самоподобрувањето не е одговор................... Можеби самоуништувањето е одговорот“ (40). Спознавањето на подоброто од она што до тогаш е остварено не оди преку познатите традиционални методи, туку со пресвртување на нештата, преку нивните спротивставени аспекти. Таквата вкрстена ситуација на соочување на  јунакот со самиот себеси, позицијата на неговото преиспитување на одговорноста на свеста доведува до прифаќањето на говорот за себе како незавршена композиција, како отворена структура која постојано го враќа говорењето за себе и не го завршува, а животот, паралелно со динамичниот говор на самоиспитување е поврзан со отвореното бесконечно постоење. Бесконечното постоење, Џек го прифаќа со создавање лажен рај определен од настанот Боречки клуб.
          Тоа уште еднаш докажува дека самоанализата е чин на актуелно неразбирање со самите себе си, минување низ себе и својата внатрешност кое не донесува резултати. Таа подразбира доследно совладување на противречносните помеѓу вредностите кои се застапуваат. Меѓутоа, конфликтот е постојано жив и активен, тој никогаш не завршува со разрешување. Вредностите со сите нивни противречности постојат во составот на културата, а резултатот, често може да биде обележан и со црвената боја.
          Другата страна во чинот на самопресметаката/исповедта се одигрува на религиски план. Тука е вклучен и т.н. чист подарок кој Џек го добива од групите за психолошка помош.  Осаменичката самопреметка не доведува до резултат. Онолку колку што еден аспект станува поблизок и јасен, толку другиот се оддалечува и се замаглува. Во апсолутна празнина на духот кој одвај може да ги уочи вредностите изразувањето станува отежнато, а покрај него, и свеста станува немоќна. Надополнување на вредносна празнина која загосподарува со духот е симболички вклучената слика на белата докторска соба на крајот на романот. Конечната сцена упатува на тоа дека јунакот не е сам во својата самопресметка, може постојано да се повикува на другиот, на Тајлер, но и на Марла која постојано упатува кон тоа дека треба да се биде подобар. Таа е оној набљудувач кој ќе биде обележан со зборовите: „Спектаторке ниедна“ (16) и кој постојано го наметнува принципот на перцепција на другите поврзана со целта да се разберат и да се прифатат онакви какви што се.


Белешки


[1] „The charm of traveling is everywhere I go, tiny life“ (28); „Шармот на патувањето каде и да одам е, ситен живот“ (20)


Литература

1. Алаѓозоски, Роберт. 2006. Крупен кадар. Скопје: Темплум.
2. Анaстасова, Сенка. 2007 Наративни идентитети. Скопје: Темплум.
3. Аристотел. 1990. За поетиката. Скопје: Култура.
4. Aylock Wendell, Schoencke Michail, prir. 1998. Film and literature. Texas: Texas Tech University Press.
5. Bal, Mike. 2000. Naratologija. Beograd: Narodna kniga Alfa.
6. Барт, Ролан. 1996. Увод во структуралната анализа на раскажуавањето. Теоријата на прозата (избор на текстовите, превод и предговор: Атанас Вангелов). Скопје: Детска радост.
7. Bahtin, Mihail. 1989. O romanu. Beograd: Nolit.
8. Bahtin, Mihail. 1991. Autor i junak u estetskoj aktivnosti. Novi Sad: Bratsvo jedinstvo.
9. Башлар, Гастон. 2002. Поетика на просторот. Скопје: Табернакул.
10. Belan, Branko. 1966. Sjaj i bijeda filma. Zagreb: Epoha.
11. Biti, Vladimir. prir. 1992. Suvremena teorija pripovedanaja. Zagreb: Globus.
12. Blum, Harold. 1980. Antitetička kritika: teorija pesniŠtva. Beograd: Slovo ljubve.
13. Божовиђ, Раде. 2007. Ислам и Арапи. Бог и човек. Београд: Алфа.
14. Бојаџиева, Маја. 1999. Андрогин.Утопија на совршениот пол. Скопје:Сигмапрес.
15. Veljačić, čedomil. 1979. Filozofija istočnih naroda kniga druga. Zagreb: Nakladni zavod matice Hrvatske.
16. Volen, Piter. 1972. Film i semiologija. Beograd: Institut za film.
17. Ал-Газали. 2004. Бладањата на филозофите. Скопје: Табернакул.
18. Ел-Газали. 1999. Животот по смрта. Скопје.
19. Giro, Pjer. 1983. Semiologija. Beograd: Prosvjeta.
20. žil, Delez.1999. Pokretne slike. Izdanje knjižare Zorana Stojanovića, Novi Sad.
21. Елијаде, Мирчa. 2005. Историја на верувањата и на религиските идеи. Скопје: Табернакул.
22. Жижек, Славој. 2002. Сè што отсекогаш сте сакале да знаете за Лакан а сте се плашеле да го прашате Хичкок. Скопје: Темплум.
23. Иглтон, Тери. 2000. Литературни теории. Скопје: Тера Магика.
24. ______. 2005. Идеологија. Скопје: Темплум.
25. Јунг, Карл Густав. 2007. Исток- Запад цивилизации. Скопје: Ѓурѓа.
26. Kenan Rimon, Shlomith. Naracija: razine i glasovi.
27. Corbin, Henry. 1987. Historija islamske filozofije. Sarajevo: Svjetlost.
28. Lakan, žak.1983. Spisi (izbor) . Beograd: Biblioteka danasni svet.
29. Lakan, žak. Seminar o “Ukradenom pismu”.
30. Лотман, Јуриј. 2005. Структура на уметничкиот текст. Скопје: Македонска реч.
31. Luis, Bernard. 2004. Muslimankso otkriće Evrope. Beograd: Avangarda.
32. Pavao Pavličić: Intermedijalne situacije, Republika, br.5/6, 1987 g.
33. Принс, Џералд. 2001. Речник на наратологија. Скопје: Сигмапрес.
34. Петкович, Новица. Елементи књижевне семиотике. Београд: Алфа.
35. Расел, Бернард.2007. Мудроста на западот. Скопје: Три.
36. Rahman, Fazlur.1983. Duh islama. Beograd: Jugoslavija.
37. Rivkin, Julie. Ryan Michael Literary theory: an antology.
38. Rosum-Guijon, Fransoaz van. Problem stanoviŠta ili perspekitive.
39. Саид, Едвард. 2003. Ориентализам. Скопје: Магор.
40. Србиновска, Славица. 2000. Подвижниот посматрач во романот. Скопје: Сигмапрес.
41. ______. 2003. Низ призмата на другиот. Скопје: Симгмапрес, 2003.
42. ______. 2006. Субјект, книжевност, култура. Скопје: Сигмапрес.
43. Stojanović, DuŠan. 1978. Teorija filma. Beograd: Nolit.
44. Тодорoв, Цветан. Категории на литературното раскажување.
45. Tolić, Oraić Dubravka. 1990. Teorija citatnosti. Zagreb Grafički zavod Hrvatske.
46. Ќулавкова, Катица (прир.). 2003. Теорија на интертекстуалноста. Скопје: Култура.
47. ______. 2006. Херменевтика на идентитети. Куманово: Македонска ризницa.
48. Felman, ŠoŠana. Okretaj intepretativnog zavrtnja.
49. Фројд, Сигмунд. 1996. Неугодното во културата. Скопје: Зумпрес, 1996.
50. Fuko, MiŠel. Šta je autor? 
51. Hajdeger, Martin. 1985. Bitak i vrijeme. Zagrieb: Naprijed.
52. ______. 1999. Предавања и расправе. Београд, Платo.
53. ______. 2007. Na putu k jeziku. Beograd: Fedon.
54. Horton, Endru. 2004, Likovi-osnova scenarija. Beograd: Clio.
55. Шелева, Елизабета. 2000. Културолошки есеи. Скопје: Магор.
56. ______. 2000. Од дијалогизам до интертекстуалност. Скопје: Магор.
57. ______. 2003. Отворено писмо. Скопје: Магор.
58. ______. 2005. Дом/идентитет. Скопје: Магор.
59. Год. збор.-Филол.фак. “Блаже Конески”, Унив. “Св. Кирил и Методиј” Скопје, кн. 25 (1999), с. 1-312, Скопје, 2000.
60. Uvod u naratologiju (zbornik) Osijek: Revija, 1989.
61. “Cinque minuti con Chuck Palahniuk” Gioia (06.09.2008): 73.