ПРОТИВ ЉУБОВТА И ПАРЛАМЕНТАРИЗМОТ

Филипо Томазо Маринети

          Оваа омраза, токму така, насочена кон тиранијата на љубовта, ние ќе ја искажеме со една лаконска реченица: „презир кон жената“.
          Ние ја презираме жената замислена како единствен идеал, божествен сад на љубовта, жената-отров, жената-трагична играчка, кревката, опсесивната и фаталната жена, чиј глас, обременет од судбината, и чиј мечтателен прамен коса се издолжуваат и продолжуваат во лисјето на шумите, опсипани со месечевата светлина.
          Ние ја презираме ужасната и тешка Љубов која го попречува движењето на човекот, кого го спречува да излезе од сопствената човечност, да се удвои, да се надмине себеси, за да стане она што ние го нарекуваме умножен човек.
          Ја презираме ужасната и тешка Љубов, бескраен ремен со кој сонцето ја држи храбрата земја врзана во неговата орбита, а таа се разбира би сакала да искокне надвор за да ги преземе сите свои ѕвездени опасности.
          Ние сме убедени дека љубовта, сентименталноста и сладострастието се најнеприродната работа на светот. Тука нема ништо природно и важно, освен коитусот чија цел е иднината на видот.
          Љубовта, романтична опсесија и страст, не е ништо друго освен измислица на поетите, кои му ја подарија на човештвото…И токму поетите ќе им ја одземат на луѓето, како што се одзема ракопис од рацете на издавач, кој не е способен истиот соодветно да го отпечати.