ТЕАТАР НА ИЗНЕНАДУВАЊЕТО

Филипо Томазо Маринети

          Го издигнавме и обновивме Театарот на Вариетé. Во Синтетичкиот театар ја уништивме преокупираноста со техника, со веродостојност, со непрекината логика и со постепена подготовка.
          Во Синтетичкиот театар создадовме нова мешавина на сериозно и на комично, на реални и нереални ликови, на преплетување и истовременост на времето и просторот, драмата на предмети и дисонанциите, симулирани прикази, витрини на идеи и на гестови. Ако денес постои некој млад италијански театар со сериозно-комични-гротескни мешавини, нереални ликови во реални средини, истовременост и преплетување на времето и просторот, тогаш своето постоење му го должи на нашиот Синтетички театар.
          Ние денес му предлагаме на театарот скок понапред. Нашиот Театар на Изненадувањето си поставува за цел да создава забава преку изненадувањето, користејќи ги притоа сите средства, факти идеи контрасти кои ние сè уште не сме ги изнеле на сцената, забавни измешани купишта кои ние сè уште не сме ги искористиле, а можат весело да го разбрануваат човековиот сензибилитет.