МАНИФЕСТ НА СИНТЕТИЧКИОТ ТЕАТАР

Филипо Томазо Маринети

           (...) Со нашето синтетичко движење во театарот, ние сакаме да ја уништиме Техниката, која од античка Грција до денес, наместо да се поедностави станува сe подогматска, глупаво логична, перфекционистичка, педантна, задушувачка.
          Значи:
          1. Глупаво е да се напишат сто страници за нешто за кое е доволна и една страница, само затоа што публиката поради навика и поради инфантилна инстинктивност сака да види како карактерот на ликот се создава од низа настани и има потреба да се залажува дека самиот лик навистина постои за да може да ја цени неговата уметничка вредност, а не сака да ја признае вредноста доколку авторот се ограничи да го престави ликот само со неколку црти.
          2. Глупаво е да не се побуниме против предрасудата на театралноста кога самиот живот (кој е составен од бескрајно позаплеткани, порегулирани и понепредвидливи дејствија од оние што се одвиваат во полето на уметноста) е најголемиот антитеатрален лик и дури и во таа негова улога нуди бесконечни сценски можности. Сe е театрално кога има вредност.
          3. Глупаво е да се задоволи примитивноста на толпите, кои на крајот сакаат да го видат триумфот на симпатичниот лик и поразот на антипатичниот.