МАНИФЕСТ НА ФУТУРИСТИЧКАТА ЖЕНА

ОДГОВОР НА Ф. Т. МАРИНЕТИ (ПАРИЗ, 25 МАРТ 1912)

Валентин де Сен-Пуен

          Човештвото е медиокритет. Мнозинството жени не е ниту супериорно ниту инфериорно во однос на мнозинството мажи. Исти се. Подеднакво заслужуваат презир. Во целост, човештвото било само плодно поле каде што избликнуваат гениите и хероите од двата пола. Но, во човештвото, како и во природата, има посоодветни моменти за овој процут. Во човековите лета, кога земјата е изгорена од сонцето, изобилуваат гениите и хероите.
          На почеток сме на некаква пролет: она што недостасува е наплив на сонце, односно обилно пролевање крв.
          Жените, како и мажите, не се виновни за мочуриштето во кое се принудени да венеат нивните навистина млади тела со витален крвоток.
          Апсурдно е човештвото да се дели на мажи и жени. Тоа е составено само од женственост и од мажественост. Секој натчовек, секој херој- колку и да е епски, секој гениј- колку и да е моќен, е чудесен израз на сопствениот вид и на сопственото време само затоа што е составен едновремено и од машки и од женски елементи, од женственост и мажественост односно, затоа што е целосно суштество. Исклучиво мажествената единка може да е само мажјак, единката со исклучиво женски карактеристики е само женка.
          За колективот, и за разните моменти од човековата историја, важи истото она што важи за единките.
          Плодните периоди, кога од чорбата што врие од култура излегуваат повеќе херои и повеќе гении се периоди богати со мажественост и женственост.
          Периодите што сведочат за војни кои не вродиле со претставителни јунаци, бидејќи тие се обезличени во виорот на епското, биле исклучиво машки периоди. Оние пак, кои го одрекувале херојскиот инстинкт и, свртени кон минатото, се уништувале во сништата за мир, биле периоди во кои доминирала женственоста. Ние живееме на крајот на еден од овие пероди.Она што најмногу им недостасува на жените, како и на мажите, е машкоста.
          Ете зошто футуризмот, и покрај сите претерувања, има право. За да се врати машкоста кај нашите видови омлитавени од женскоста, треба да се научат на мажественост која се граничи дури и со бруталност. Но, потребно е на сите мажи и жени кои се подеднакво слаби да им се наметне нова догма на енергија за да стасаме до доба на повозвишено човештво.
          Секоја жена треба да поседува не само женски доблести, туку и машки својства без кои не е женско. Човекот што поседува само машка сила, без интуиција, е мажјак. Но, во фазата на женскост во која живееме само спротивната претераност е корисна: мажјакот е оној што е предложен за модел.
          Доста е од жените за чии „раце како цветен венец испреплетени на колената во утрото пред нивното заминување“ треба да се грижат војниците; доста е од жените-болничарки кои до бескрај ја оддолжуваат слабоста и староста, кои ги припитомуваат мажите за нивнiте лични задоволства или материјални потреби!... Доста е од жените – октоподи на домашното огниште, кои со пипците им ја пијат крвта на мажите и ги прават децата анемични; доста е од жените кои се ѕверски заљубени, кои ја празнат Желбата - цел на обновувачката сила.
          Жените се Ериниите, Амазонките, Семирамидите, Јованките Орлеанки, разните Жан Ашет, Џудити и Карлоти Кордеј, Клеопатрите и Месалините, воинките кои се борат побезмилосно од мажите, љубовниците кои поттикнуваат, уништувачките кои, распарчувајќи ги послабите, ја олеснуваат селекцијата преку гордоста и очајот, „очајот, кој на срцето му ја дарува сета своја ефикасност“.
          Следните војни нека вознесат хероини како величествената Катерина Сфорца, која за време на опсадата на нејзиниот град, гледајќи го од височината на ѕидините непријателот што ѝ се заканувал со животот на нејзиниот син и ја принудувал да се предаде, го покажала својот полов орган и извикала: „Убијте го, сè уште имам калап за да направам други“.
          Вистина е, „светот е гнил од мудрости“, но жената не е инстинктивно мудра, мирољубива и добра. Со тоа што целосно ѝ недостигало мерка за време на подзаспаните периоди на човештвото, таа неизбежно станала премногу мудра, премногу мирољубива, премногу добра. Нејзината интуиција и имагинација истовремено се нејзина сила и слабост.
          Таа ја отелотворува индивидуалноста на толпата: ги придружува хероите, или, кога нема попаметна работа, ги боднува имбецилите.
          Исто како и апостолот кој го поттикнува духот, жената ја поттикнува плотта, таа жртвува или исцелува, дозволува да падне крв или ја запира, таа е воин или болничарка. Жената, во исто доба, но во зависност од размислувањата кои преовладуваат во врска со дневните настани, се испружува на пероните за да ги спречи војниците да заминат во војна или пак, му се обесува на вратот на победоносниот јунак.
          Ете зошто ниту една револуција не треба да ја исклучи. Ете зошто, наместо да ја презирате, треба нејзе да ѝ се обратите. Таа е најплодоносниот плен што може да се освои, најентузијастичкиот, токму таа, од своја страна, ќе го зголеми бројот на приврзаниците.
          Но, никаков Феминизам. Феминизмот е политичка грешка. Феминизмот е мозочна грешка на жената, грешка што нејзиниот инстинкт ќе ја признае.

          На жената не треба да ѝ следува ниту едно од правата побарани од феминистките.  Ако се усогласи со нив, тоа веќе нема да води до безредието посакувано од Футуристите, туку до претераниот ред.
          Да ѝ се дадат обврски на жената, би значело да се натера да ја изгуби сета своја плодна моќ. Феминистичките размислувања и дедукции нема да ја уништат нејзината примордијална судбина: можат само да ја затскријат и да ја принудат да се манифестира низ споредни патишта, кои водат кон поголеми грешки.
          Со векови се оспорува женскиот инстинкт, се вреднуваат само нејзиниот шарм и нежност. Анемичниот човек, лаком за нејзината крв, бара од неа да му биде само негувателка. А таа дозволува да ја припитомат. Но, извикајте кон неа нов збор, упатете ѝ повик за борба и со радост, јавнувајќи го одново својот инстинкт, таа ќе ве престигне на патот кон незамисливи освојувања.
          Кога ќе ви биде потребно оружје, таа ќе ви го наостри. Повторно ќе помогне околу изборот. Всушност, и покрај тоа што бавно го препознава генијот кој тежнее да се смеша со минливата слава, таа отсекогаш знаела да го награди најсилнот, победникот, оној што трумфира со сила и храброст. Во врска со оваа надмоќност, која брутално се наметнува, таа не може да погреши.
          Жената нека ја пронајде суровоста и насилството што ја тераат да се насрди кон победените, токму затоа што се победени, сè додека не ги осакати.
          Да престанеме да проповедаме духовна праведност, кон која напразно сме тежнееле. Жени, станете повторно возвишени и неправедни како и сите сили во природата!
          Ослободени од секаква контрола, со вашиот одново пронајден инстинкт, повторно ќе го заземете вашето место меѓу Елементите, спротиставувајќи ја фаталноста на свесната човекова волја. Бидете егоистична и сурова мајка, која љубоморно ги надгледува своите малечки и кон кои ги има сите права и обврски сè додека тие физички имаат потреба од нејзината заштита.
          Човекот, ослободен од своето семејство, нека го живее својот живот под знакот на храброста и освојувањето, сè додека за тоа има физичка сила, и покрај тоа што е син и татко. Човекот кој сее, не запира кај првата бразда што ја оплодил.
          Во моите Песни на гордоста и во Жедта и привидот јас ја отфрлив Сентименталноста како презрена слабост, бидејќи ги зауздува и имобилизира силите.
          Неумереноста е сила, бидејќи ги уништува слабите и ги поттикнува силните да ја трошат енергијата, а тоа значи и дека ја обновуваат. Секој херојски народ е сензуален. Жената за него е највозвишениот трофеј.
          Жената треба да биде или мајка или љубовница. Вистинските мајки секогаш ќе бидат просечни љубовници, а љубовниците претерано несоодветни мајки. Еднакви пред животот, овие два типа жени се надополнуваат. Мајката која го негува детето, со минатото ја создава иднината; љубовницата ја сее желбата која нè влече кон иднината.

ДА ЗАКЛУЧИМЕ:

          Жената која со солзи и извештачени чувства го задржува мажот крај своите нозе е подолна од девојка која, за да се фали, го тера својот маж со пиштол в рака арогантно да ја одржува превласта во градското подземје; последнава барем негува извесна енергија што може да послужи и за подобри цели.
          Жени, премногу долго застранувате од патот заради морализмот и предрасудите, вратете се кон вашиот врвен инстинкт, кон насилството, кон суровоста. Заради кобниот данок во крв, додека мажите се борат во војните и битките, правете деца и со херојско жртвување дарете ѝ го на Судбината делот што нејзе ѝ припаѓа. Не ги одгледувајте за вас самите, за да ги обезвредните, туку одгледувајте ги со најширока слобода, за да стане потполна нивната робусност. Наместо човекот да го сведувате на роб на безличните сентиментални потреби, поттикнете ги ваште мажи и деца да се надминат себеси.
          Вие сте ги направиле. Вие ја имате моќта над нив.
          На човештвото му должите херои. Дајте му ги.

(превод од италијански: Ирина Талевска)