БИБЛИСКИТЕ МОТИВИ ВО МАКЕДОНСКАТА КНИЖЕВНОСТ

Софија Грандаковска

1. Генерален контекст

          Проучувањето на застапеноста на библиските мотиви во генералната  ризница на македонската книжевност, претставува заземање специфично семиотичко стојалиште, одредено од историско-тематскиот и од естетскиот контекст на библискиот проектен дискурс. Ваквата позиција ја подразбира трансмисијата на означителската пракса на сакралниот дискурс во еврејската, во христијанската и во византиско-словенската книжевна практика, којашто овозможува да се истражуваат и пост-апликациите на библиските мотиви во тематскиот легитимитет на македонската книжевност, сè до нејзиното современо траење. Определувањето на застапеноста на библискиот дискурс во македонската книжевност не се ограничува само во поглед на мотивско-тематскиот аспект, туку на поширок план го зафаќа и жанровско-стилистичкото класификациско подрачје на трансмисија на форми и поетики од претходните книжевно-стилистички формации, коишто се засноваат токму врз сакралноста на библискиот, односно потесниот христијански код. Затоа, за да ја определиме македонската книжевност и низ атрибутот: библиска, подрачјето на проучување неминовно го лоциравме во фундаменталниот сегмент, којшто се однесува на застапеноста на старозаветните и на новозаветните теми во неа, но и на начинот на нивната прекодираност, што, пак, претставува легитимен доказ за нивната континуирана застапеност и во современата македонска книжевност. За да го објасниме таквиот квалитативен атрибут на македонската книжевност во однос на застапеноста на библиските теми во неа, во куси рамки се повикуваме на генералното историско-хронолошко елаборирање на причините за легитимноста на нашиот дескриптивен аспект, дека македонската книжевност достојно го понесува и атрибутот: библиска.

2. Претсловенски период

          Во однос на претсловенскиот период, којшто на поширок план ја определува книжевно-историската, културната рамка, а со тоа и трансмисијата на библиските мотиви подоцна и во генералната македонска книжевност, се повикуваме на извори од мартиролошки карактер. Тие генеолошки укажуваат дека и на овој географски простор од широката археолошка карта на Балканот (Мазовер 2003, 71-2), во согласност со историско-религиозните, а паралелно со тоа и книжевно-јазичните движења, најпрво се случувала постепена апсорбција на христијанскиот дискурс. Најраните генератори на влијанија укажуваат на апостолското време (епископ Атанасије, 2002), но и на изворите од житијната литература, при што особено посочуваме на балканските мартири, подоцна прогласени за светители. Според нашите досегашни потесно-специјализирани истражувања, коишто се однесуваат на развојот на православното женско монаштво од апостолското време на Балканот, како илустративни примери ќе ги издвоиме оние на светите маченички Агапија, Хиронија и Ирина, погребани од св. Атанасиј во 304-тата година во Македонија (епископ Николај, 2001).
          Овој факт, којшто го истакнува науката во врска со мартиролошката библиографска единица од христијанскиот книжевен корпус, станува исклучително важен за нашето проучување, бидејќи библиските теми ја чинат основата и на официјалната афирмација на христијанството како единствена и државна религија, а со тоа и определувањето на христоцентричниот и тријадоцентричниот карактер на новозаветните (христијански) теми од генералната библиска ризница. Од друга страна, христијанските теми се генерирани, најавени и сраснати со старозаветните текстови коишто ? припаѓаат на еврејската книжевност, и по автоматизам тие не можат да стојат изолирано од нив во однос на нивното разбирање и толкување. Во генерален контекст, трансмисијата се однесува и на планот на жанрот, стилот, херменевтичко-библиската (Палмер 2003, 179-188) и семиотичката интерпретација, којашто добива свој проширен контекст и во примерите од современата македонска книжевност.

3. Средновековна македонска книжевност

          Како што разбирањето на новозаветните библиски мотиви е невозможно без старозаветните, така и разбирањето на претсловенскиот период станува невозможно, доколку не се истакне клучната придобивка на  рановизантискиот (IV-VII) во однос на променетата семиотичка позиција на светоглед: раскинување со античкиот паганизам преку христијанизацијата на битието, како и развивањето, зацврстувањето и ширењето на византискиот светоглед како христоцентричен и тријадоцентичен. Ова семиотичко стојалиште е клучно и за процесот на трансмисијата, на зацврстувањето и на интерпретацијата на библиските мотиви во византиската книжевност, но и во средновековната македонска книжевност, којашто се темели врз библискиот, односно врз христолошкиот дискурс. Оттука, историскиот крај на претсловенскиот период е означен со почетокот на словено-византиското поглавје, коешто официјално настапува во втората половина на IX век, како резултат на најголемата јазично-културолошка и цивилизациска придобивка за Македонските Словени: создавањето и употребата на глаголското писмо, а тие пак, се први меѓу словенските племиња коишто имале чест „да стапат на почва напоена со христијанизирано античко културно наследство“ (Илиевски 1996, 11). Во овој историско-цивилизациски чин ја маркираме и раната фаза на словенскиот период од средновековната македонска книжевност, којшто се однесува на христијанизацијата и на описменувањето на Македонските Словени, како и оригиналното творење на словенски јазик, што го означува историскиот раскин со грчкиот јазик како официјален на „византискиот комонвелт’. Од една страна, посочуваме на создавањето на богатата ризница, составена од преводната книжевност како дел од кирило-методиевски проект во однос на раниот превод на Светото писмо на словенски јазик, потоа на псалтирот, апостолот, црковни служби, октоихот, како и химнографскиот материјал на триодот и минејот; од друга страна, упатуваме на оригиналната писмена традиција во раниот словенски корпус и укажуваме на автографскиот потпис зад црковните поетски состави на  св. Климент Охридски, регистрирани во средновековните македонски ракописи. (Ѓ. Поп-Атанасов 2007, 2008, 251-60); и од трета страна, на прагматичната (богослужбена) употреба на преводната христолошка литература. Оттука, средновековната македонска книжевност преку преводните (богослужбени, химнографски) состави од грчки на словенски јазик и преку своите оригинални состави, станува рамноправен учесник во византискиот свет, втемелен врз христоцентричниот принцип на мислење, творење и живеење, којшто е - библиски.
          Најраниот словено-византиски книжевен период, обележан со преводот на клучниот библиски текст (Светото писмо) на словенски јазик, се истакнува како изворен и примарен генератор на библиските мотиви во книжевното создавање и во трансмисијата на византиско-христијанската матрица на старословенски јазик. Од друга страна, византиско-христолошката поетика во себе ги задржува основите на старозаветната, притоа ги надградува за практичните потреби на литургискиот живот и ги вклучува и во живописот на тлото на византиска Македонија. Создавањето на глаголицата претставува висок културолошко-цивилизациски чин, којшто се однесува на историското воведување на четврт јазик, на којшто и оригинално се твори, богослужи и пренесува библиската мисла, наспроти дотогашната тријазична практика. Притоа, посочуваме на историскиот трактат О писменех од Црноризец Храбар (напишан приближно во X век), каде што се истакнува оваа голема одбрана на словенската писменост како победа против паганизмот. Оттука, средновековната македонска книжевност се истакнува со уникатна јазична особеност врз позиции на легитимно постоење.
          Би можеле да подвлечеме дека легитимизацијата на библиските мотиви во средновековната македонска книжевност, како и нејзините јазично-стилски, преводни и оригинални, односно христолошко-идеолошки аспекти, се резултат на создавањето на словенскиот јазик и писмо, преку којшто се генерира апостолското и библиското учење. Средновековната македонска книжевност, од една страна, му припаѓа на поширокиот библиски корпус, во однос на наследеноста на библиските мотиви, но од друга страна, преземајќи ги библиските мотиви, продуцира висока творечка поетика на оригинален јазик, токму врз таквата тематска основа. Затоа, освен тоа што таа е  библиска, таа е истовремено христолошка и тријадоцентрична, а со тоа и аскетска, односно православно-монашка. Во оваа пригода укажуваме на примерот на Азбучната молитва на епископ Константин, којашто на поетски план експлицитно ги истакнува горенаведените атрибути (Грандаковска 2008, 121-31). Од друга страна, средновековната македонска книжевност претставува ново и значајно поглавје од генералната византиска книжевна поетика, која пак е строго хронолошко-историски детерминирана во врска со создавањето и паѓањето на Византиското царство (330-1453).
          Периодот од втората половина на IX-XIII век во средновековната македонска книжевност, е определен како рана словенска фаза, чијашто динамика стои во согласност со творечко-духовната активност на Охридската книжевна школа, со којашто раководел св. Климент, а потоа и св. Наум, како и и нивните ученици. Од оваа школа, којашто го претставува и првиот словенски универзитет, како книжевна оставнина произлегуваат анонимни, но клучни дела напишани со глаголско писмо: Охридско евангелие, Болоњски псалтир, Охридски апостол, Слепченски апостол и др. Освен Охридската книжевна школа, познати се и: Преславската школа, во која работеле св. Наум Охридски и Константин Преславски; Брегалничката школа (X век), организирана од епископ Константин; препишувачката и зографската школа, како и училиштето во манастирот св. Прохор Пчињски (XI век); Кратовскиот книжевен центар, којшто ја организирал Лесновската школа. Значајно е да истакнеме дека поширокиот период од XII-XVIII век од науката, се третира како особен црковнословенски период во развојот на македонскиот јазик и издвојување на посебна македонска варијанта.

4. Просветителството, христијанскиот хуманизам и задоцнетиот романтизам

          Патот на библиските мотиви во македонската книжевност историски се пробива и во делата коишто му припаѓаат на просветителско-преродбенскиот период, започнувајќи од првата половина на XIX век. Преку творбите пишувани на народен македонски јазик, коишто имаат моралистичко-дидактички карактер, втемелен врз христијанскиот дискурс, со активноста на учебникарската дејност во Македонија, ја остварувале крајната цел: делата станувале поразбирливи, а со тоа и достапни до широката публика, бидејќи преку нив се шири т.н. христијански хуманизам. Оттука, процесот на намалувањето на функционалноста на црковнословенскиот јазик и засилената употреба на народниот јазик, не го укинува постоењето на библиските мотиви во македонската книжевност, туку само ја менува семиотичката позиција на историскиот аспект на нивното претставување, ширење и перципирање преку новата стилистичка формација. Од овој период посочуваме на делата делата на Јоаким Крчовски (Слово исказаное заради умирание, Повест ради страшнаго и втораго пришествија Христова, Слово заради завист (Будим, 1814-1819), напишани на народен кратовско-кривопаланечки говор; и делата на  Кирил Пејчиновиќ, кој самиот се нарекол „игумен недостојниј“ (Огледало, 1816), Утешение грешним, 1831), создавани на македонски јазик со употреба на тетовскиот дијалект, во којшто се забележуваат елементи на црковнословенскиот јазик.
          Следејќи ја генезата уште од претсловенскиот период, кога сè уште не постои словенското писмо, укажуваме на голем историски период којшто се карактеризира со големите христијански текови во однос на преобратувањето на Евреите во христијани, борбата против античкиот паганизам, формирањето на „Вториот Рим“, затворањето на философската школа во Атена, развојот на монаштвото итн. Создавањето на словенскиот јазик претставува нова и автентична фаза на ширење на византизмот, а средновековната македонска книжевност антиципатор и генератор на библиските мотиви и теми - на словенски јазик, а потоа и на народен македонски говор во првата половина на XIX век.
          Просветителскиот период, но пред сè периодот на задоцнетитот романтизам во македонската книжевност, којшто се однесува на втората половина на XIX век, на идеен, тематски и јазичен план (Сталев, 2001-3, том I-II), покажуваат видливо оддалечување од канонот на христоцентричната словено-византиска поетика преку застапување на ново семиотичко стојалиште на светоглед како хуманистичко, вклучувајќи ги и аспектите на формирањето на национален идентитет. Сепак, тие примерно  означуваат дека конституирањето на новиот книжевен дискурс не останува лишен од библиските теми. Тоа го покажуваат и примерите на најзначајните дела коишто му припаѓаат на романтичарскиот период во македонската книжевност, на пример, поемата Сердарот на Григор Прличев (1830/31-1893), каде што тажачките на Неда и елегичниот тон имаат христијанска обоеност, како и одлуката на свршеницата на Кузман, Марија, својот живот да го продолжи како монахиња; потоа, Зборникот на браќата Миладиновци изобилува со раскошен корпус од народни песни посветени на христијанското верување на македонска почва. Како пример, посочуваме на народната песна Илија и Илина каде се пее за градењето на манастир и желбата на Илина да стане монахиња.
          Преминот на XIX-XX век од развојот на македонската книжевност не ја напушта атмосферата на библиската тематика. На пример, поглавјето на народната литература, укажува на задржување на апокрифите, а со тоа и на христијанското верување, обичаите и практиките на македонскиот народ (на пример, Кога господ ги создаваше луѓето), преку собирачката дејност на Марко Цепенков (1829-1920); во битово-социјалната драма, создавана во периодот меѓу двете војни, во делата на Васил Иљоски (1902-1995), Антон Панов (1906-1967) и Ристо Крле (1900-1976), каде што преку мотивите на љубовта, социјалната неправда и сл., е забележителен непокорот на јунаците преку искажување христијански став преку клетви, обичаи, и други форми на народно верување.

5. Современа македонска книжевност

          Библиските мотиви континуирано го продолжуваат своето траење и во примерите коишто ѝ припаѓаат на современата македонска книжевност, на XX-XXI век и тоа во сите три рода подеднакво. Додека за средновековната македонска книжевност, во однос на преводната практика, беше карактеристичен „позборовниот превод“, којшто се однесува на доследно смисловно преведување на библиските содржини и на тој начин ја формирала и својата стилистичка поетика, како и доследното следење на канонот на византиската поетика (собено во раскошниот химнографски жанровски систем), во современото творештво, застапеноста на библиските мотиви бележи поинаква контекстуализација. Но, сето тоа не ја укинува, ниту пак менува врската со библиската генеза, туку ја проширува преку употреба на современи книжевни средства и ја фокализира во контекст на актуелниот светоглед и модерните европски и светски книжевни токови. На пример, на тематско-жанровски план, во македонската современа поезија е забележителна употребата на „прекодирана молитва“, како начин да се искаже интимниот однос на поетот кон возвишената стварност (инвокација, евокација, химна итн.) (Грандаковска 2008, 263-73). Во оваа пригода укажуваме на карактеристичните поетски примери на книжевна молитва во современата македонска поезија, во песната Молитва(Земјата и љубовта, 1991) на Блаже Конески, кај Михаил Ренџов, со пример во песната Псалтирион (Јас, оксиморорон, 1998), во песната Поетска реч од Катица Ќулавкова (Жедби, 1989); потоа, во стиховите коишто доаѓаат од поширокиот корпус од современата македонска поезија, кај авторите: Ацо Шопов, Славко Јаневски, Анте Поповски, Светлана Христова Јоциќ, Тодор Чаловски, Славе Ѓорѓо Димовски, како и во поетските состави на авторите кои ? припаѓаат на помладата македонска поезија: Методиј Златанов,  Тихомир Јанчовски, Лидија Димковска, Никола Маџиров, Софија Грандаковска, Владимир Мартиновски, Јанко Нинов (отец Давид), Ѕвонко Танески и др.
          Библискиот мотив предаден преку жанрот молитва (како песна преку која на лирски начин се пренесува библиската тема) не се губи (сфатен во рамки на еврејска и христијанска книжевност, оттука и византиска и словенска). Напротив, задржувајќи ги библиските мотиви преку конститутивните елементи на молитвата „како разговор со највисоката стварност“, современиот поет ги надградува, прекодирајќи ги преку современи поетски средства, каде на преден план е ставено „лирското јас”, наспроти христоцентирчното, карактеристично во словено-византиската поетика. Оттука, во македонската поезија се транспарентни бројни примери коишто укажуваат на постоењето на библиските мотиви генерирани преку еврејската поезија, евангелската основа, како и монашко-исихастичката традиција во книжевноста.
          Истото се случува и на планот на прозното и драмското творештво. Во овие два книжевни рода, застапеноста на библиските мотиви е видлива преку употребата на средството на книжевната алузија, застапена на план на историска предлошка за библиски настан, на план на ономастичко повикување на библискиот лик за да се постигне поентата на духовната трансформација на карактерот преку библиската и теолошката егзегеза; на пример, во романот Црно семе од Ташко Георгиевски, еден од ликовите е именуван како Христос, како симбол на морален идеал; потоа фингираност на библиска цитатност во исказите на современите јунаци, пр. во романот Пиреј од Петре М. Андреевски, во Фрески и гротески на Венко Андоновски, потоа користење препознатливи христијански молитви, повикување на свети личности од страна на драмските јунаци, на пример во драмата Диво месо од Горан Стефановски и др.; како и монашко-духовната посветеност како конститутивна особина на ликовите, пример, во расказот Орелот и Агнија (1961) на Блаже Миновски, каде што протагонистите се носители на монашки чинови (пр. игуманија).
          Дистанцирајќи се од намерата да правиме хронолошка перспектива на целокупната македонска книжевност во однос на застапеноста на библиските мотиви во неа, бидејќи тоа подразбира методологија на енциклопедиски приод, ќе поентираме дека идентитетот на современата македонската книжевност почива и врз библиските мотиви и теми, и како таков, бележи непрекинат континуитет. Таа опстојува и кореспондира и преку библиските мотиви со модерните и со постмодерните европски и светски книжевно-уметнички текови, каде што е забележително отсуството на теоцентричниот дискурс, но не и на сакралниот код како вечно тежнение на уметникот кон возвишена стварност. Тоа укажува на следново: дека библиските мотиви не ја затвораат македонската книжевност, туку прават нејзината отвореност кон други култури и токови да го задржи достоинствено своето автентично место во универзалната, светската книжевна историја.

Литература

1. Антиќ-Стојчевска, В. 1991. Апокрифи. Скопје: Табернакул.
2. Атанасов-Поп, Ѓ. 2008. За црковната поезија на свети Климент Охридски и за неговите авторски потписи. Интерпретации, Меморија и уметност (К. Ќулавкова пр.). Скопје: МАНУ.
3. Атанасов-Поп, Ѓ. 2007. Средновековна македонска химнографија, Скопје: Менора.
4. Грандаковска, С. 2008. Говорот на молитвата. Скопје: Премин.
5. Грандаковска, С., Меморија и молитва. Интерпретации: Меморија и уметност (К. Ќулавкова пр.). Скопје: МАНУ.
6. Друговац, М. 1990. Историја на македонската книжевност. Скопје: Мисла.
7. Ѓурчинов, М. 1996. Религиите и религиските аспекти на материјалната и духовната култура на почвата на Република Македонија, кн. 4. Скопје: МАНУ.
8. Епископ Атанасије, прев. од грчки. 2002. Дела апостолских ученика, Манастир Хиландар.
9. Епископ Николај. 2001. Пролог. Шабац: Православна црковна општина.
10. Илиевски, Христо П. 1996. Појава на словенската христијанска култура. Религиите и религиските аспекти на материјалната и духовната култура на почвата на Република Македонија, кн. 4. Скопје: МАНУ.
11. Мазовер, М. 2003. Балканот – кратка историја. Скопје: Евро-Балкан Пресс.
12. Палмер, Р. Е. 2003. Шест модерни дефиниции на херменевтиката. Херменевтика и поетика (К. Ќулавкова пр.). Скопје: Култура.
13. Сталев, Г. 2001, 2003. Историја на македонската книжевност, I-II дел. Скопје: ИМЛ.