НАРАЦИЈАТА И ЕТИЧКИОТ РЕЛАТИВИЗАМ ВО РОМАНОТ ЧИТАЧОТ ОД БЕРНХАРД ШЛИНК

Славица Гаџова

1. Tеориски прелудиум

          Наративната конфигурација и структура, начинот на водењето на нарацијата и типот на раскажувачката ситуација се неодминливи кога станува збор за едно повеќеслојно прозно дело како што е романот. Пред да се започне со каква било херменевтичка игра на толкување и на одврзување (или заврзување) на семантичките јазли, би било пожелно да се земат предвид некои неопходни теориски постулати и наратолошки алатки. Користењето на наратолошките алатки не е сувопарно раскинување на текстот на неговите составни делови, ниту скротување на поливалентноста на текстот во некои тесни шаблони и симплификации. Стремежот на наратолошките проучувања да создадат систем класификации и дефинирање на сè она што се вика нарација и наративност, не води (како што мислат најжестоките противници на теоријата) во ќорскокак. Напротив, системот на релации и поделби, создава употребливи инструменти за анализа, која понатаму ќе премине во она што се вика интерпретација и промислување на естетските, антрополошките, онтолошките, гносеолошките, идеолошките слоеви на текстот. Теориската алатка може само да го допре текстот, не за да го повреди или упрости, туку да ја раздвижи семантичката плуралност и да ги поттикне процесите на семиоза во него. Затоа, интерпретацијата на Читачот од Бернхард Шлинк (Bernhard Schlink), ќе ја започнеме со теоретските промислувања за раскажувачката ситуација на Франц Штанцл во книгата Типични форми на романот (Typische Formen des Romans). Размислувањата на Штанцл за типот на раскажувачката ситуација, резултираат со изведување на три основни типа раскажувачки ситуации. Првата, аукторијална, каде што нараторот е апсолутен авторитет, омнисциентен и омнипрезентен, чијашто вистина е една и единствена, високо боговски издигнат над диегетичкиот универзум, склон кон генерализации и морализаторство, речиси трансцендентен и невидлив, но гласен  моќен глас кој ја води приказната. Втората, персонална, каде што раскажувањето се  доближува до драмското прикажување, каде што улогата на нараторот е минимална, речиси само ги поврзува дијалозите на ликовите или опишува, регистрира како камера, а фокализацијата е надворешна. На третата, раскажувачката ситуација во прво лице, ќе се задржиме повеќе, затоа што е релевантна за нашата анализа и интерпретација на Читачот.
          Споменатите раскажувачки ситуации подразбираат посебни прикажувачки ефекти. Диегетичкиот универзум во романите со аукторијална раскажувачка ситуација е гледан, промислуван и просудуван од горе; во персоналната раскажувачка ситуација е фокализиран од страна, додека во романите чија нарација е изведена во прво лице, прикажувачкиот ефект зависи од егзистенцијалната мотивација на раскажувачот. Тоа е ефект постигнат со гледањето во себе и низ себе од страна на нараторот. Раскажувачот, истовремено, е и лик кој припаѓа на диегезисот и глас кој ја раскажува приказната за себе. Така доаѓа до подвојувањето на фигурата на нараторот кој е истовремено и фокализатор на својата лична приказна, на јас кое раскажува и јас кое доживува. Тензијата којашто постои помеѓу она јас кое раскажува и она јас кое доживува го одредува смилсовниот склоп на романите од овој тип, каков што е и романот на Бернхард Шлинк.

2. Приказната на читачот

          Дијалогот, судирот, конфликтот меѓу Михаил Берг кој раскажува и Михаил Берг кој доживува во романот на Шлинк, може да се посматра како обид за артикулација на идентитетот на повеќе рамништа. Од трагањето по својот личен идентитет, до најдлабоките контемплации на колективниот идентитет, разгледуван во состојба на грч и на длабоки историски трауми кои Берг ги преживува како лични, егзистенцијални трауми. Во приказната за артикулацијата на идентитетот неизбежно поврзан со горливите прашања на етиката, нарацијата изведена во прво лице се чини дека е најпогодна, со оглед на опасноста од вредносните судови и аксиологии кои со себе би ги повлекло аукторијалното раскажување. Да ја скицираме накратко приказната за да ја поткрепиме оваа теза. Михаил Берг – нараторот, ја раскажува приказната за својот живот, почнувајќи од својата рана младост. На петнаесет годишна возраст, се заљубува во Хана Шмиц, која е повозрасна од него дваесет години. Љубовната врска со Хана има централно место во романот и оттаму произлегуваат сите етички прашања. По мистериозното исчезнување на Хана, младиот Берг се запишува на правни студии. За време на едно од судењата на нацистите на кои присуствува, дознава дека Хана е една од обвинетите злосторнички – надзорнички на концентрационен логор. Берг по долго размислување сфаќа дека  Хана е неписмена, и обидите за прикривање на неписменоста ја доведуваат до судењето, а потоа и до затворот. По осумнаесет години поминати во затвор, Хана е помилувана, но веднаш по ослободувањето, таа се самоубива. Целата приказна е раскажана од Михаил Берг, при што неговата улога како раскажувач и лик во приказната се менува. Менувањето на неговата позиција и учество во приказната има свои антрополошки, идеолошки, а најмногу етички импликации. Етиката е можеби најсилниот иако најпроблематичен елемент во семантичката експлозија на навидум лесно и елегантно раскажаната приказна.

3. Разлики во дистанцата на раскажувачкото од доживувачкото јас. Присуство во центарот или периферијата на диегетичкиот универзум

3.1 Младост. Стојалиште: внатре во приказната

          Франц Штанцл разликува варијанти и нијанси во самата раскажувачка ситуација во прво лице. Акцентот може да биде ставен на она јас кое доживува или на она јас кое раскажува. Според него, кога акцентот е ставен на ликот (јас кое доживува), тензијата меѓу двата пола е најостра, затоа што кога раскажувачкото јас во однос на доживувачкото се поставува од позиција на зрелост или повиско становиште. Така, идентитетот на раскажувачкото јас, иако е во сложена зависност од доживувачкото, се артикулира како негова спротивност и кон кое се поставува понекогаш и на иронична дистанца. Во случајот на читачот, овие забелешки на Штанцл, не можат да најдат своја поткрепа. Единството кое го постигнува младиот Берг за време на врската со госпоѓата Хана Шмиц, единството на Ерос, остварено во љубовта и сексуалното искуство, е единство по кое копнее зрелиот Берг, Берг кој раскажува и тоа е стожерната точка на неговиот идентитет. Раскажувањето за Хана и раскажувањето на нејзината приказна подоцна, е само продолжување на копнежот по неа, копнеж по загубеното единство. Во првиот дел на романот, каде што временската дискрепанца меѓу раскажувањето и доживувањето е најголема, и степенот на идентификација е најголем.
          „Зошто се растажувам секогаш кога ќе помислам на минатото? Дали тоа е можеби копнеж по изминатата среќа – а бев среќен во неделите што следеа, работев како луд и ја поминав годината, и се сакавме како да не постои ништо друго на светот. Дали тоа беше свесност за она што подоцна следуваше или само подоцна се обелодни она што веќе постоеше?“ Берг – раскажувачот никогаш не го оспорува младиот Берг, напротив, силната идентификација со своето младешко јас, претставува наративен катализатор кој ќе ја однесе приказната на друго ниво: каде што Берг е на маргините на приказната, а во нејзиниот центар стапува Хана Шмиц.

3. 2 Судење. Стојалиште: надвор ама внатре

          Во вториот дел на романот, во центарот на приказната која ја раскажува Берг е Хана, односно судењето на надзорничките во концентрациониот логор. Тука, Берг како раскажувач, останува на маргините на приказната, и го следи, го фокализира и го промислува судскиот процес. Фактот што Михаил Берг не учествува во приказната, му овозможуа соодветна дистанца од проблемот и негова перспективизација. Меѓутоа, останувањето надвор, не е класично и сувопарно регистрирање на случувањата. Сега веќе созреан, студент по право, Михаил Берг, не може а да не го толкува процесот низ себе и преку себе, низ сопствената призма. Раскажувањето во прво лице ја релативизира вистината и не пресудува како што би пресудил аукторијалниот наратор. Берг раскажува како студент-записничар во процесот, но и како некој што бил заљубен во Хана; него го интересира вистината како правник, го интересира како некој што бил дел од животот на осудената. Така, се сменуваат надворешната и внатрешната фокализација:

„Во тој поглед исказите на сведоците не беа прецизни, и не ни можеа да бидат прецизни, секогаш имаше и некој командант, екипа начувари, други надзорнички и хиерархија од задачи и наредби (...) Кажи го тоа Хана. Кажи дека сакаше да им го направиш поподнослив последниот месец. Дека затоа ги бираше нежните и слабите. Дека немаше друга причина, и дека не би можело да има некаква друга причина.“

          Раскажувачот Берг се потпира на Берг-кој-ја-доживеал Хана, и затоа неговата оптика се разликува од оптиката на делосна дистанца. Хана целиот свој живот ја прикривала својата неписменост и стравот од откривање на истата ја носи од пропаст во пропаст, сè додека не ја донесе во улогата на нацист и екстерминатор:

„Хана не знае да чита и пишува. (...) Од страв да се претстави себеси како неписмена, се претставува како виновна? Од стравот од неписменоста произлегува злосторството? Колку често во тоа време, а и подоцна си ги поставував истите прашања. Ако мотивот на Хана беше стравот да не испадне глупава – зошто тогаш претставата за неписменост која не можеше никого да повреди, ја замени со страшната претстава за злосторничка?“

          Михаил не ја оправдува и не ја осудува Хана. Тој го промислува нацистичкиот период како едно загушување, каде што нема јасна граница меѓу џелатите и жртвите.  „ ...Сите како да беа загушени или зашеметени во немањето обзири или сочуство во сета новна затапеност. Ми се чинеше дека обвинетите се сèуште заробени во таа загушеност, дури во одредена мера и скаменети во неа. И тогаш, а и ден денес, не ми е приајтно што се занимавав со заедничкото бидување загушен, и што тоа чувство не се спушташе само врз сторителите,  жртвите, умрените, туку и врз нас, судиите, поротата, државните обвинители, записничарите, што при тоа ги споредував сторителите, жртвите, умрените, оние што живееја, оние што преживеаја и оние што потоа се родија. “
           Феноменот на загушување, или стојалиштето на Михаил кое го препознаваме како етички релативизам е компромис кој Берг го прави меѓу љубовта, етичките вредности, својот личен и колективен идентитет:

„Како можев да се утешам дека моите страдања предизвикани од љубовта кон Хана, во одредена мера беа судбина, германска судбина на мојата генерација, страдања на кои можев потешко да им избегам, и кои ги пребродував потешко од другите.“

          Феноменот на колективна вина и феноменот на загушување и баналноста на злото, како што би рекла Хана Арент, го прават овој роман етички комплексен. Ваквата ранлива ситуација, длабоките рани од една историска и цивилизациска траума и лузните во колективната меморија на германството, не би можела да биде поинаку раскажана, ако не од еден наратор како Михаил Берг, наратор ’од крв и месо’, кој раскажува за нацизмот, за фашизмот, за логорите и за екстерминациите низ призмата на својата егзистенцијална драма, а не од позиција на сезнаечки и сеприсутен наратор кој ќе биде во состојба да донесува дефинитивни судови таму каде што не може да се донесуваат или од страна на наратор кој само пасивно ќе регистрира и рамнодушно ќе прикажува онаму каде што не може да се биде пасивен и рамнодушен. Михаил Берг е раскажувач кој не сака и не може да пресуди, да ја обелодени вистината, дефинитивната и исклучива правна вистина.  „Обвинителството ми се чинеше како гротескно поедноставување, исто како и бранителството, а судењето во сите тие поедноставувања беше најгротескно од сите.“ Наместо судење, тој се зафаќа со истражување на минатото и раскинува со просветителските идеали: Долго време верував дека постои чекор напред во историјата на правото, кон развојот на повеќе убавина, вистинитост, рационалност и хуманост, и покрај повратните удари и чекоти наназад. Сега кога ми е јасно дека ова верување е измама, си играм со една друга слика од текот на историјата на правото. Во таа смисла оваа слика има цел, но целта до која се доаѓа после многуслојните потресувања, измамувања и заслепувања, е само почеток на она од кое произлегува, и едвај достасана, почнува одново. “  Некои критичари и интерпретатори ја осудуваат токму таа неспособност на Михаил да му суди на злото. Но, како што видовме, пресудата е невозможна кога оној кој треба да пресуди е внатре (во приказната.)

3.3 Писател. Плуралност на вистината

          Во третиот дел на романот, раскажувачката ситуација во прво лице отвора можност за метафикционални и метанаративни промислувања. Михаил Берг – раскажувачот и Михаил Берг – ликот се стопуваат во фигурата на писател. Писател кој преку раскажувањето го артикулира својот идентитет и својата вистина, кој го подвлекува наративниот карактер на идентитетот и на вистината. Писател кој е свесен за релативноста на своето стојалиште и за релативноста на своите идеолошки позиции. „Идејата, да напишам книга за нашата приказна, дојде веднаш по нејзината смрт (...) Покрај верзијата што ја напишав има и други. Потврда дека напишаната верзија е вистинската лежи во фактот што дека јас ја напишав неа, а не другите. Напишаната верзија сакаше да биде напишана. Другите не сакаа.“ Писател кому нарацијата му е гносеолошки инструмент и непобитен идентитерен чинител. Гласот, нарацијата, писмото, знакот, иако нестабилен и лизгав, како аналогони на животот. Тишината, молкот, неписменоста (како онаа на Хана) како аналогон на смртта и злото.

4. Неколку размислувања за други можни читања на романот на Шлинк

          Романот на Шлинк, со оглед на субверзивниот карактер и етичкиот релативизам кој го застапува;  поинаквото гледање и толкување на еден од најболните историски настани и феномени – холокаустот, може да го читаме и како историографска метафикција или метаисториографска фикција. Тој е еден од романите кои се појавуваат со цел да понудат едно поинакво видување и толкување на историјата, воведувајќи го субјективниот, алтернативен и субверзивен поглед. Релативизирајќи ги позициите на злосторниците и жртвите и нагласувајќи ја нивната заменливост, Читачот е субверзивно четиво. Тоа е роман кој стои наспроти  етаблираните историографии и овозможува, преку нарацијата и фокализацијата на Михаел Берг доближување до позицијата на Хана, позиција на егзекуторот, кој согледувајќи го својот идентитет, описменувајќи се, преку читањето (Михаел Берг, пак преку пишувањето), станува и свој сопствен егзекутор.

Литература

1. Србиновска, Славица. 2000. Подвижниот посматрач во романот. Скопје: Сигмапрес.
2. Штанцл, Франц. 1987. Типичне форме романа. Нови Сад: Књижевна заједница Новог Сада.