КОМЕНТАТОРСКИ ВАРИЈАЦИИ

Марија Ѓорѓиева

„Но, како и да е, коментаторот го има последниот збор.“
Владимир Набоков, Блед оган

„И самиот текст нека биде коментар.“
Ролан Барт

          Книжевноста, отсекогаш и во континуитет ги покажува и ги докажува своите капацитети за промислување, за истражување, за коментирање и за толкување, што, главно, се конкретизира било како (авто)коментар на сопствениот текст кој е во процес на создавање, било како толкување на туѓите текстови, било како промислување на книжевниот систем, воопшто. При тоа, во перманентните манифестации на овие можности варираат единствено интензитетот и начините на кои коментарите се интегрирани  во даден авторски текст, односно во одреден период од книжевноисторискиот развој. [1]
          Системската, теориската освестеност за (авто)рефлексивната, коментаторската, интерпретативната димензија иманентна на книжевните текстови, главно, се врзува за втората половина на XX век, кога книжевно-научната мисла многу поинтензивно ги фокусира овие можности на книжевноста, не само во рамки на актуелната книжевна практика, туку, и ретроактивно, ги истражува коментаторско-интерпретативните облици во рамки на веќе постоечката книжевна продукција (систематизирајќи ги во контекст на одделните авторски постапки или, пак, во контекст на поетичките доминанти на одделните стилски формации). Истражувачкиот интерес резултира во бројни студии, теориски концепции, термини и типологии, кои се концентрирани  врз  истражување на облиците на интериоризирање на (само)промислувачката, (авто)коментаторската, (авто)интерпретативната тенденција на книжевните, па и на некнижевните текстови. Во таа смисла, во контекст на реферираните теории, евидентно е оперирањето со мноштво категории, кои генерално, ја означуваат самосвесната, коментаторско-интерпретативната свртеност на текстовите кон самите себе, кон другите текстови или кон книжевноста, воопшто, што ја наложува потребата од одредени терминолошки дистинкции и систематизации.
          Фреквентноста и недистинктивноста во употребата на одделните книжевнотеориски поими/термини може да се сфати и како „данок на теориската помодност“ (Медариќ 1993, 97), макар што нивното значење секогаш треба да се прифати рестриктивно и контекстуално, земајќи ги предвид категоријалните системи на теоретичарите во чиишто рамки се оперативни. При тоа, колку што може да се констатира суштинска разлика меѓу тие категории, исто толку, во одделните случаи, го осведочуваме и создавањето синонимни низи кои произлегуваат од употребата на одделните поими од страна на различни теоретичари (на пример, таква синонимија препознаваме во употребата на термините автореференцијалност, автометатекстуалност, автотематизација, автоинтерпретација, авторефлексивност).
          Јасна Котеска воспоставува синонимна врска меѓу термините метатекст, металитература, метафикција, метапроза, [2] а разликата ја воспоставува во „зависност од тоа дали вториот дел од сложенката (литература) ќе се преземе од англиското говорно подрачје (фикција) или од латинскиот јазик (текст); или, ако се преземе словенскиот збор, дали тој ќе се преведе како проза или како литература” (2002, 142). При тоа, метафикцијата како облик на книжевна и текстуална самосвест, ја сфаќа во поширока смисла - како општа особина на сета литература да се коментира себеси, што ја претпоставува како одлика на литературата на сите времиња (2002, 149-150). Наспроти тоа, автореференцијалноста е редуцирана на постмодернистичко својство на книжевноста да се самокоментира, така што, во потесна смисла, се врзува за самосвеста на текстот. Иако во практиката тие два термина се употребуваат синонимно, сепак, Котеска ги посочува разликите и од аспект на географската дистрибуција на термините: терминот метафикција е прифатен во словенечката теорија, за разлика од хрватските теоретичари кои го претпочитаат терминот автореференцијалност.
          Хрватската теоретичарка Дубравка Ораиќ-Толиќ ја разгледува автореференцијалноста како „книжевно - уметничка постапка на подрачјето на метатекстуалноста” (1993, 136), што ги подразбира  случаите кога авторот и неговата поетика се предмет на сопствениот текст. Значи, нејзината дистинкција ја поставува автореференцијалноста како облик на текстуална самосвест, односно  како свест за сопствениот текст (автометатекстуалност), наспроти метатекстот, сфатен како свест за текстот пошироко. Меѓутоа, во разгранетата типологија што таа ја спроведува врз основа на критериумот „категоријален семиотички триаголник“ (1993, 136) стануваат препознатливи  и останатите термини од споменатата синонимска низа, а коишто се актуелизирани во рамки на други теориски концепции.
          Нејзиниот сонародник Крешимир Немец, синонимно поврзувајќи ја автореференцијалноста со романескната самосвест, упатува на широк спектар постапки кои го индицираат автореференцијалното рамниште на романот: пародијата, елементарните теориски рефлексии во кои авторската свест ги коментира применетите книжевни постапки, па сè до покомплексните  метафикционални текстови кои се целосно фокусирани врз себе, врз својот наративен механизам и, кои, следствено, нудат автоекспликативен модел како еден толкувачки ориентир (1993, 115-123).
          Близок до ставовите на Ораиќ, Павао Павличиќ прави извесна дистинкција меѓу автореференцијалноста и метатекстуалноста, иако, несомнено, и двете ги посматра  како постапки во функција на интертекстуалноста, но и на метафикционалноста. „Автореференцијалноста е постапка со која во книжевниот текст се тематизира литерарноста на тоа исто дело, било да е во средиштето на вниманието авторот, текстот, читателот” (1993, 105). Меѓутоа, тие текстови во автореференцијалното (себе)дефинирање и коментирање, нужно, ги воспоставуваат интертекстуалните релации, така што, индиректно и споредбено, реферираат на својата припадност кон поширок текстовен комплекс. Несомнено, тоа е точката каде што автореференцијалноста преминува во метатекстуално промислување на книжевноста, воопшто. Во извесна смисла, сфаќањето на Павличиќ го заговара заедништвото меѓу автореференцијалноста и метатекстуалноста, бидејќи, во крајна линија, секое (автореференцијално) промислување на сопствениот текст ја наложува потребата од самопромислување коешто ќе се реализира во споредбен контекст: во контекстот на дадена поетика, на книжевната традиција, на жанрот, значи интратекстуално, интертекстуално, архитекстуално ја воспоставува врската со дадениот контекст и метатекстуално-коментаторски се однесува кон него. Ова заедништво е сугерирано и во дефинирањето на  метафикцијата од страна на Марк Кари кој, иако не оперира со автореференцијалноста и со метатекстуалноста, сепак, во одредена мера ги имплицира кога тврди дека самосвеста на текстот за себе како фикција и коментарите врз сопствениот фикционален статус, нужно, го подразбира и освестениот, коментаторски (било афирмативен, било контроверзен) однос кон традицијата, т.е. ја вклучува и свеста за сопственото место во рамки на традицијата (1995, 1). Несомнено, во начинот на којшто Павличиќ го означува преминот автореференцијалност - метатекстуалност и нивната неминовна комплементарност, може да се констатира извесно поврзување меѓу метафикционалноста (онака како што е дефинирана кај Линда Хачион и кај Патриша Во) и метатекстуалноста (онака како што е дефинирана кај Жерар Женет). Впрочем, и Патриша Во и Линда Хачион во дефинирањето на метафикцијата и на репертоарот метафикционални постапки го допуштаат вклучувањето и на автореференцијалноста и на метатекстуалноста како механизми на текстуално оприсуствување на свест за сопствениот фикционален статус и за сопствениот однос кон фикцијата, воопшто.

          Катица Ќулавкова говори за метатекстуалноста како вовед во метафикционалноста, имајќи предвид дека „самосвесното и намерното конституирање на романескниот дискурс како метајазичен - а не само јазичен, како метатекстуален - а не само текстуален, како метакнижевен - а  не само книжевен, создава предуслови за брз пробив на метафикцискиот дискурс врз фонот на традиционалната фикција” (2009, 151). Од друга страна, и Ќулавкова, како и Котеска, предупредува на процесот на јазично - географска дистрибуција на термините, како резултат на што европската традиција на авторефлексивна книжевност и на автореференцијалноста како битна системска одлика на книжевноста, постепено, се преименува во метафикционална книжевност, првенствено, како последица на влијателното и масовното присуство на англо-американските теориски и критички практики и нивните парадигми.
          Типолошка градација на коментаторските варијации, кои се интериоризирани во книжевните текстови, прави и Марина фон Хирш (2007). Поаѓајќи од премисата за три различни употреби на терминот коментар (како специфичен дискурс, како текст и како конститутивен елемент на текстот кој има структурна автономија, но тематски е поврзан со конкретниот текст во целина), таа изведува тројна типологија на коментарите според два различни критериума:
          1. според функцијата: херменевтичка  и техничка (коментарот како формално средство кое учествува во структурната организација на наративот);
          2. според местото  во текстот: екстратекстуални коментари (во вид на предговори, поговори, епиграфи, апендикси, анотации); и интратекстуални коментари (кои се интегрирани во текстовната целина, главно, во вид на рефлексии на авторот/нараторот). При тоа, во дистинкцијата на Хирш препознаваме две автореференцијални варијанти за кои говори Ораиќ - експлицитната и имплицитната автореференцијалност (1993,137). Пресекот на типовите коментари што ги елаборира Хирш ја генерира тријадата коментаторски варијанти - метафикционален, критички и семиолошки коментар. Тие, пак, може да се земат како еквиваленти на типологиите што се понудени од страна на Жерар Женет, Игор Смирнов, Линда Хачион.
          Во категоријалниот систем на босанската теоретичарка Нирман Морањак Бамбураќ, начелно, се оперира со две коментаторски парадигми. Едната, метатекстуална парадигма, којашто ја генерира категоријалната низа  метатекстуалност, метатекстови, метатекстуални сигнали. Метатекстуалноста, било да е во имплицитен или, пак, во експлицитен вид, се посматра како „виртуелна можност“, којашто не мора да биде реализирана, така што метатекстуалното рамниште на поединечните текстови, нужно, не генерира и метатекстови. Значи, секој текст нема статус на метатекст, макар што може да се сфати како таков по однос на книжевниот дискурс/систем во целина. Впрочем, ова широко сфаќање на метатекстот е посочено и од страна на Антон Попович, кој констатира дека во однос на традицијата (или во однос на системот на книжевноста според Морањак), „секоја авторска стратегија е метатекстуална операција на повисоко ниво“ (1982, 26). Според тоа, дадениот текст може да се статусира како метатекст секогаш кога  метатекстуалните сигнали го организираат текстот, на начин што овозможува текстот во целина да стане коментар на некој друг текст, подложен на третманот на  низата метатекстуални операции. „Метатекст е секој текст кој настанува во процесот на метакомуникација, врз основа на хиерархијата метатекстуални сигнали кога тие во процесот на семиотизација ќе се преведат на едно повисоко значенско рамниште и ќе станат за субјектот на  метакомуникација предмет на повторно читање, анализа, интерпретација, коментар, рефлексија, манипулација и моделирање“ (Морањак 2003, 103). Несомнено, она што се забележува како клучна одредница во дефинирањето на метатекстовите тоа е токму нивната интенционална коментаторска позиција по однос на другите текстови. 
Втората парадигма во категоријалниот систем на Морањак е сочинета од поими кои се деривирани од префиксот авто- авторефлексија/авторефлексивност, автотематизација, автоинтерпретација, автореференцијалност. Авторката не оперира со поимот автореференцијалност, [3] макар што неговото значење се интегрира и се сугерира во рамки на дефинирањето на поимот авторефлексивност/авторефлексија, кој, пак е мошне близок до сфаќањето на автореференцијалноста од страна на Ораиќ. Авторефлексијата, како облик автопоетичко упатување, ги покрива случаите кога кодот и сопствената структура стануваат доминантен предмет на моделирање, а не само апстрактен збир правила за генерирање на текстот (варијантите поезија за поезијата, драма во драма, роман за романот). Значи, авторефлексивната индексна структура, како своевидна саморегулација на текстот која  управува со неговото декодирање, ги дава рецептивно-инструктивни услови за употреба на дадениот текст (било да е таа прикриена, имплицитно сигнализирана, било да е вербализирана и експлицитна).  Ваквото дефинирање на авторефлексијата не води и до метатекстуалните варијанти кои се елаборирани од страна на  Женет, како и варијантите на експлицитна и имплицитна автореференцијалност кои се елаборирани од страна на Ораиќ.
          Автотематизацијата, како метатекстуална операција, подразбира освестен творечки однос на игра со и проблематизација на постоечките книжевни стилови и традиционални теми, а, многу почесто, со книжевните клишеа и стереотипи. Несомнено, овде се заговара варијанта на имплицитно поставен метатекстуален коментар, бидејќи творечката игра со овој вид прототекстови е иницирана од потребата да се коментира нивната депласираност или, пак, да се сугерира исцрпеноста на одредена конвенција. Конечно, автоинтерпретацијата, како метаописно реферирање на сопствениот код, се екстериоризира во вид на предговори, поговори, книжевни програми (2003, 144). Очигледно, автоинтерпретацијата на Морањак инклинира кон поимањето на авторефренцијалноста од страна на Ораиќ и тоа, многу повеќе, кон варијантите на автометатекстуален коментар, одошто кон варијантите на метатекстуални коментари, кон што, многу повеќе се доближува автотематизацијата. Во таа смисла, автоинтерпретацијата би била еквивалент на експлицитната и на научно-есеистичката автореференцијалност за кои говори Ораиќ.
          Прегледот на дел од категориите кои реферираат на коментаторско-интерпретативните механизми, промовирани како една манифестација на генералните капацитети на книжевноста за (само)промислување, претставува обид да се сигнализира потребата од воспоставување релација и координација меѓу категориите со кои оперираат одделните автори и концепции, а коишто, во крајна линија, упатуваат на идентичен книжевен феномен.
          Автореференцијалните и метатекстуалните коментаторски варијанти на ниво на одделни постапки се евидентни, тукуречи, во сите раскажувачки текстови, но конститутивна улога и максимална експлоатација добиваат во рамки на метафикцијата, профилирајќи ја како типичен коментаторски жанр.  Метафикцијата, сфатена како дел од генералните постмодернистички проблематизации, во случајов, на сопствената фикционалност што, вообичаено, се реализира автореференцијално (како свест за јазикот, за книжевната форма и за самиот чин на пишување, актуелизирана во рамки на сопствениот авторски текст), ја користи автореференцијалноста како една од своите стратегии. Но, ако интертекстуалноста се посматра како  метафикционална постапка (на што упатува Патриша Во), ако пародијата, во истовреме, е поставена и како интертекстуална стратегија (според Ренате Лахман и Линда Хачион), но и како метафикционална варијанта (според Патриша Во и Линда Хачион), тогаш, недвосмислено, се вклучуваат и облиците на метатекстуалност кои ја подразбираат текстуално манифестираната свест и коментар и за пошироките контексти - на книжевноста, на жанрот, на традицијата, без оглед на тоа дали на нив ќе се реферира афирмативно или пародично.

          Метатекстуалноста е еден од типовите транстекстуалност, кој ја опфаќа релацијата коментар-коментиран текст, меѓутоа не само во смисла на традиционалната хетеротекстуална релација што ја зазема книжевната критика по однос на книжевноста. Таа ги опфаќа сите оние облици на коментирање, што, во експлицитен или во имплицитен вид, се интериоризирани во рамки на даден авторски, примарен текст (вклучително и коментарите од страна на писателот, на нараторот или на ликовите). Со еден збор, релација која е повеќе од обичен коментар: „единство на еден текст со друг текст за кого тој говори без нужно да го цитира или да го повикува, дури и без да го именува” (Женет 1982, 11). Ако секој текст, неминовно, е интертекстуално конституиран, тогаш и метатекстуалноста може да се прифати како еден од универзалните типови текстуалност. [4] Имено, секоја секундарна употреба на одреден текст претпоставува негово ре-контекстуализирање и ре-семантизирање преку неговото поставување во сосема нова констелација на односи, како што и секоја интертекстуална релација открива одреден став кон туѓите текстови или кон контекстот на кој тие припаѓаат, коментирајќи ја првичната употреба. Тоа, практично, говори за поврзаноста меѓу одделните типови транстекстуалност, така што секој од нив е во функција на другиот, и се реализира  со посредство на останатите транстекстуални варијанти. Во случај кога метатекстот е интериоризиран во конкретниот книжевен текст,  се нуди можноста од постапно детектирање , па и дополнително реконструирање на тематекстуалниот слој во текстот: кога „текстот, интертекстот и метатекстот се јукстапонирани доаѓа до нивно меѓумешање, така што манифестниот текст, изграден како сума од интертекстови, конструира свој метатекст преку референцијата кон туѓите текстови” (Лахман 1997, 317). Идентичен став за неизбежните метатекстуални индикации во секое меѓутекстовно надоврзување искажува и претставникот на руската интертекстуална парадигма, Игор Смирнов, според кого  „една од интенциите на новиот текст е да премине во статус на метатекст, значи да ја имплицира и да ја експлицира референцијалната смисла на другиот текст” (1988, 211).
          Од аспект на потребата од координација на овие категории упатна е систематизацијата на Магдалена Медариќ. Во насока на избегнување на терминолошка конфузија и нерестриктивна употреба на поимите/термините што ризикува нивна релативизација, таа предлага тројно рамниште на манифестација и на реализација на автореференцијалноста. Секако, таквата позиција ја сугерира надреденоста на авторефернцијалноста, чиишто конкретизации се евидентирани тројно: метајазично, следствено, метатекстуално, [5] ако се актуелизира на рамниште на семиотичките промислувања на книжевноста како знаковен систем; поетички, ако авторефренцијалноста се посматра како постапка којашто ја фаворизираат одделни автори, дела, стилски формации; генолошки, ако автореференцијалноста се посматра како интегрален дел на автобиографијата како граничен жанр (во овој случај, тоа е идентично со авторефернцијалноста како онтотекст на Ораиќ). Впрочем, од истите причини и Дубравка Ораиќ Толиќ ја поставува авторефернцијалноста како сеопфатен поим, којшто ги интегрира трите основни облици на  коментар, а на кои постојано се навраќаат и останатите автори (автометатекстот, метатекстот, онтотекстот). Понатаму, авторефернцијалноста се раслојува типолошки, според различни критериуми, реферирајќи и на книжевните и на некнижевните манифестации и облици на коментирање.
          Компаративното проследување на терминолошко - поимскиот комплекс кој ја покрива книжевноуметничката практика на интериоризирани коментаторски варијанти се покажа како повеќекратно релевантен и индикативен:
          1. Станува збор за мошне корисни алатки за истражување на книжевната практика, која, со хетерогеноста на своите форми, особено во рамки на постмодернистичката  книжевна продукција, стимулативно, влијае врз книжевната теорија, иницирајќи го  создавањето (нови) поими што ќе послужат како теориско покритие за одделните книжевни феномени. Во поширока смисла, тоа сведочи и за постоењето продуктивна и реципрочна соработка меѓу книжевно-уметничката практика и книжевната  теорија. 
          2. Можност овие категории да се применуваат во толкувањето на одделните  текстови (книжевни и некнижевни), но и во проучувањето на одделните поетики и стилски формации, што, секако, промовира и споредбен пристап во нивното проучување. Во таа насока, можна е споредбата (на ниво на сличности и разлики) меѓу метатекстуалноста и автореференцијалноста во контекст на модернистичката и постмодернистичката книжевност. Во рамки на модернистичката интертекстуалност начинот на кој се третира интертекстуалниот предмет или прототекстот (негаторски) и начинот на кој се воспоставуваат интертекстуалните релации (демонстративно-критички), недвосмислено, сугерира постоење на поширока метатекстуална позадина, која, практично, и ги детерминира спецификите на модернистичкиот интертекстуален модел. Како што ќе констатира и Александар Флакер, нагласената провокативност на модернистичките текстови станува оправдана, доколку се посматра како експонент на нивната изразита метатекстуалност (1982, 21). Од една страна, интертекстуалните релации и постапки ги реализираат оспорувачките интерференции на модерната спрема традицијата, а од друга страна, тие се повод за и начин да се имплантира и метатекстуалната димензија на модернистичкиот текст во вид на дискусија за позициите на даден жанр. Амбивалентноста, што модернистичката литература ја манифестира и во односот кон традицијата и во заемното остварување на интертекстуалните и на метатекстуалните аспекти во конкретниот текст, потврдува дека основниот принцип низ кој се воведуваат и опстојуваат метатекстуалните референции во модернистичките текстови е мимикријата. Поточно, голем дел од модернистичките книжевни метатекстови манипулираат со таков вид интертекстуални стратегии, кои навидум сугерираат имитативно пре-пишување и афирмативно придружување на прототекстовите, иако на семантички план ваквата примена упатува на спротивен ефект. Пародијата и травестијата, како интертекстуални доминанти, иманентно го поседуваат мимикрирачкиот аспект: од една страна, тие се вид на интертекстуална инклузија, односно полна имплицитна релација во која туѓиот текст е целосно вклучен во сопствениот (Ораиќ 1990, 14), а од друга страна, целта на така воспоставената врска е прототекстот „да се сруши како симбол на старото, а да се афирмира новото и новоста на новото” (Павличиќ 1989, 35-37). Токму во ваквиот расчекор и привид се проектира и се исчитува метатекстуалниот коментар на модернистичкиот текст.
          Можностите што ги нуди мимикрираното, индиректно манифестирање на метатекстуалната димензија повторно е во служба на глобалните концепции на модернистичката литература: ако таа инсистира врз негација на традицијата, која, сепак, нужно, ја повикува како позадина на која ќе реферира, тогаш мимикријата го обезбедува истото двојство и привид, но во обратна насока: божемна имитација на и партиципација во традиционалниот систем, иако вистинската цел се состои во деструирањето на тој систем. Посредното и дедуктивното евидентирање на модерната метатекстуалност, пред се, преку анализата на пресекот иронично-пародични надоврзувања на прототекстот, допушта да се генерализираат две функции, што модернистичкиот текст ги остварува на  метатекстуално рамниште:  функција на дистанца од книжевната традиција и функција на демонстративно согледување на литерарноста.

 

          Од друга страна, фактот што постмодерната доаѓа последна во низата на одделните историски култури и обезбедува увид во еден богат творечки корпус, што самата таа го поставува како предмет на сопствени манипулации и коментари. Значи, од една страна, се работи за чисто хронолошка пост-позиција, која, објективно гледано, означува затекната состојба, без можности за избор и за револуционерно творечки инвенции. Меѓутоа, од друга страна, постмодернистичката уметничка практика, чија доминанта е интертекстуалноста, демонстрира продуктивно осмислување на таквата состојба на затекнатост преку заземањето дополнителна, мета-позиција кон минатото, по пат на „претворање на критичката енергија на скепсата во творечка енергија на катарзата” (Палавестра 1983,15). Оттаму, и постмодернистичката литература во сите свои интертекстуални стратегии се конципира како коментар, како фуснота на веќенапишаното или како постскриптум на постоечкиот книжевен корпус, што, во истовреме, е начин на осмислување и на сопственото постоење. Од тие причини, творечкиот акт во постмодернистичката литература прераснува во процес на трагање, во чин на искушување низ трагањето и во и продукција низ еклектички и синтетички форми.  При тоа, метатекстуалната функција на постмодернистичката литература се манифестира, исто така, двојно: од една страна, како коментар, преосмислување и превреднување на постоечката традиција (метатекстуална функција на интертекстуалноста); од друга страна, како начин на реафирмирање и на редефинирање на книжевноста (метатекстуална функција на автореференцијалноста).
          Во ваквиот сооднос на комплементарно надополнување автореференцијалните и интертекстуалните процедури стануваат конституенти на метатекстуалната димензија на текстот, односно тие ја добиваат својата вистинска смисла на повисоко, метатекстуално рамниште, и обратно, метатекстуалниот ефект на постмодернистичкиот текст се проектира низ пресекот хетерореференцијални и автореференцијални релации. Павао Павличиќ ги посматра метатекстуалните реперкусии на постмодернистичката интертекстуалност на поетичко рамниште, сметајќи дека целта на интертекстуалните стратегии е „да му овозможи на текстот да биде литерарен и да го придружи кон традицијата, т.е. кон другите текстови” (1989, 49), што ќе рече да биде автореферентен и интертекстуален.
          3. Комплексот коментирачки варијации, дефинирани во рамки на разгледуваните теории, типологии и терминологии, е верификувана  константа и во книжевен и во некнижевен контекст, којашто, следствено, го демонстрира трансгресирањето на острите граници меѓу книжевноста и теоријата/критиката, меѓу книжевните и некнижевните текстови. Владимир Бити ги посочува книжевните текстови (чијшто репрезент во постмодернистички контекст станува романот) [6] како привилегиран предмет на интерпретација, токму поради нивната авторефлексивност, односно поради капацитетите да го свртуваат вниманието врз механизмите на произведување на (своето) значење. Сепак, во типологиите кои се понудени од страна на Ораиќ и на Морањак, подеднакво, се земаат предвид и афирмациите на автореференцијално-метатекстуалните механизми во рамки на некнижевните и на нефикционалните текстови (критички текстови, рецензии, прикази, интерпретации, програми и манифести,  коментари, дневници, интервјуа, писма, автобиографии, мемоари, есеи,  итн). Во таа насока, парадигматични се Дневниците на Витолд Гомбрович, кои ги илустрираат начините на кои дневничката проза, подеднакво успешно, може да ги интегрира и автореференцијалните, и метатекстуалните постапки, кои, во крајна линија, придонесуваат во афирмирањето на творечките принципи на Гомбрович во согласност со модернистичката „поетика на оспорување“.

Белешки


[1] Крешимир Немец во студијата Приповједање и рефлексија ја истражува функцијата на книжевните рефлексии во неколку модернистички романи. Теоретичарите на постмодернистичката книжевност, едногласно,  ги дефинираат и ги толкуваат метафикциите од аспект на нивните претензии да  интегрираат во себе некаков облик на коментар. Дитрих Шваниц ја разгледува авторефренцијалноста во драмските и во раскажувачките текстови, со што ја потврдува автореференцијалноста, тукуречи, како системска одлика на книжевноста. Dietrich Schwanitz. Teorija sistema I knjizevnost. Zagreb, Naklada MD, 2000.

[2] Метафикцијата е парадигматичен жанр по однос на прашањето за коментаторските варијанти интегрирани во книжевен текст. Впрочем, Линда Хачион тоа го поставува како конститутивен аспект на метафикцијата, дефинирајќи ја како „фикција која во себе го вклучува и коментарот за сопствениот раскажувачки и/или лингвистички идентитет“ (1984, 1).

[3] Автореференцијалноста ја среќаваме во индексот поими на крајот од студијата, но во рамки на студијата отстутвува елаборирањето на овој поим.

[4] Индикативно е што Нирман Морањак Бамбураќ ја поддржува надредената позиција на поимот интертекстуалност во однос на метатекстуалноста  (2003, 86).

[5] Магдалена Медариќ оперира со терминот металитерарност, кој упатува на односот меѓу „книжевниот текст и некој друг текст за книжевноста“ што, несомнено, конвергира со метатекстуалноста, онака како што ја дефинира Жерар Женет. Но, во типологијата на металитерарноста што ја прави Медариќ станува очигледна блискоста на металитерарноста со поимањето на автореференцијалноста од страна на Дубравка Ораиќ - Толиќ (Медариќ 1988, 112-113).

[6] Во контекстот на постмодернистичката книжевност историографската метафикција се афирмира како жанр кој интегрира метатекстуален однос кон цел еден архитекст – жанрот историски роман.


Литература

1. Biti, Vladimir. 1997. Pojmovnik suvremene književne teorije. Zagreb:Matica hrvatska.
2. Waugh, Patricia. 1996. Metafiction. The Theory and Practice of Self-Conscious Fiction. London and New York:Routledge.
3. Женет, Жерар. 2003. „Палимпсести“, (превод Катица Ќулавкова), Теорија на интертекстуалноста, прир. Катица Ќулавкова, Скопје:Култура, стр. 63-77.
4. Котеска, Јасна. 2002. Постмодернистички литературни студии. Скопје:Македонска книга.
5. Currie, Mark. еd. Metafiction. 1995., London and New York:Longman, pp. 1-21.
6. Lachmann, Renate. 1997. Memory and Literature: Intertextuality in Russian Modernism. Mineapolis/London: University of Minnesota Press.
7. Medarić, Magdalena. 1988. „Intertekstualnost u suvremenoj hrvatskoj prozi“,Intertekstualnost & Intermedijalnost, ur. Zvonko Maković et al., Zagreb:Zavod za znanost o književnosti Filozofskoga fakulteta Sveučilišta u Zagrebu, str. 109 -120.
8. ______________. 1993. „Ono  što upučuje na sebe“,Intertekstualnost & Autoreferencijalnost, ur. Dubravka Oraić-Tolić i Viktor žmegač, Zagreb:Zavod za znanost o književnosti Filozofskoga fakulteta Sveučilišta u Zagrebu, str. 97-105.
9. Moranjak, Bamburac, Nirman. 2003. Retorika tekstualnosti. Sarajevo: Buybook.
10. Nemec, Krešimir.1988. Pripovjedanje I refleksija. Osijek, Radnicko Sveuciliste Bozidar Malaric/Izdavacki centar Revija.
11. ____________. 1993. „Autoreferencijalnost i romanenskna samosvijest”, Intertekstualnost & Autoreferencijalnost, ur. Dubravka Oraić-Tolić i Viktor žmegač, Zagreb: Zavod za znanost o književnosti Filozofskoga fakulteta Sveučilišta u Zagrebu, str. 115-125.
12. Oraić-Tolić, Dubravka.1990. Teorija citatnosti. Zagreb:GZH.
13. _________________. 1993. „Autoreferencijalnost kao metatekst i kao ontotekst“,Intertekstualnost & Autoreferencijalnost, ur. Dubravka Oraić-Tolić i Viktor žmegač, Zagreb:Zavod za znanost o književnosti Filozofskoga fakulteta Sveučilišta u Zagrebu, str. 135-147.
14. Pavličić, Pavao. „Moderna i postmoderna intertekstualnost”, Umjetnost riječi,  br. 2-3 (1989):33-50.
15. ____________. 1993. „Čemu služi autoreferencijalnost?”, Intertekstualnost &Autoreferencijalnost, ur. Dubravka Oraić-Tolić i Viktor žmegač, Zagreb:Zavod za znanost o književnosti Filozofskoga fakulteta Sveučilišta u Zagrebu, str. 105-115.
16. Палавестра, Предраг. 1983. Критичка књижевност. Београд, Просвета.
17. Popovič, Anton. „Opozicija prototekst-metatekst“,  Delo, Beograd, 1982, br. 2, str.22-40.
18. Smirnov, Igor. „Umjetnička intertekstualnost”, Intertekstualnost & intermedijalnost, ur. Z. Maković et. al, Zagreb, Zavod za znanost o književnosti Filozofskoga fakulteta Sveučilišta u Zagrebu, 1988, str. 209-229
19. Ќулавкова, Катица. Демонот на толкувањето. 2009. Скопје, МАНУ.
20. Flaker, Aleksandar, “Dezintegracija ruskog romana”, Poetika osporavanja, Zagreb, Školska knjiga, 1982, str.246-254s
21. Hirsch, von Marina. „Commentary Ad Infinitum in Andrej Bitov’s Unified Narrative“,Russian Literature, LXI (2007) IV, pp. 465-474.
22. Hutcheon, Linda. "Canadian Historiographic Metafiction", Essays on Canadian Writing, 30 (1984a):228-238.
23. _____________. 1984b. Narcissistic Narrative. The Metafictional Paradox. New York and London:Methuen.