ОД МАКЕДОНСКИТЕ РЕЛАЦИИ СО АВТЕНТИЧНИТЕ ВРЕДНОСТИ НА ФРАНКОФОНСКА АФРИКА

Лилјана Тодорова

          Организацијата на Франкофонијата претставува групација на земји со  различни културни идентитети, еден универзум оформен од различни географски, политички, културни и религиозни хоризонти од сите пет континенти на Земјиниот глобус, држави здружени преку францускиот јазик како нивен заеднички јазичен израз.  Како целина, овие земји веќе имаат стекнато повеќедецениски историски oд. Нивниот развоен пат официјално започнува од основачката конференција во 1970-тата година во Ниаме, во африканската држава Нигер и, поточно,  од првиот самит на земјите - членки што е одржан во Париз во 1986-тата година под претседателство на францускиот претседател Франсоа Митеран. Како меѓународен форум, франкофонијата е еден од цивилизациските предизвици на човековото дејствување кон оформување на една современа меѓународна етика во технологијата на комуникацијата меѓу одделните  геокултурни идентитети. Во овие, денес веќе вкупно 72 членки што претставуваат  околу 200 милиони луѓе (речи си 10% од светската популација, не сметајќи го тука францускиот хексагон), се создава една, според канадскиот критичар Жерар Туга, француска  плуралистичка литература (une littéerature française pluraliste[1], или  мноштво франкофонски национални / автономни  литератури. Прифаќањето  на фаранцускиот јазик како заеднички јазичен израз во тој макроуниверзум од различни етникуми уследило  од историски причини, поради  колонијалниот период што го наметнал тој јазик, но и поради сè уште неоформените национални јазици како нормирани и литературни. Јазикот во книжевноста е, без сомнение, како што нагласува Рене Велек во својата Теорија на литературата, „граѓа како што е каменот...но, бидејќи е творба на човекот, во него е набиено целото  културно наследство на една јазична група“ [2]. Во таа смисла, франкофонските писатели и во случајов - африканските, прифаќајќи го како нужност францускиот јазик кој, меѓутоа има друга структура и поинаква книжевна традиција, се судираат, секако, со  бројни проблеми, културни, лингвистички, а и општествено-економски што произлегуваат и од употребата на странскиот јазик. Затоа, тие го прилагодуваат својот книжевен израз,  всушност следат еден феномен бидејќи секоја земја има своја реалност, сопствено културно наследство, а тоа  неминовно бара  нивното книжевно творештво да има своја боја што ќе се препознава и  ќе се почувствува и низ нивнииот француски јазик. Поинаку кажано, изразот ќе треба да ја опфаќа целата таа нивна сопствена цивилизација. Теоријата на Лисјен Голдман  сличните вакви феномени ги именува како „истражување на автентични вредности во еден неавтентичен свет“ [3]. Африканските  писатели како и книжевните проучувачи и самите го чувствуваат тоа и ги  отвораат ваквите прашања со што, поточно, ја допираат темата за акултурација. Така, реномираниот автор од Брегот на слоновата коска, Амаду Курума, ова го смета за африкански феномен зашто, пишувајќи ги своите дела, тој  всушност мисли на родниот јазик маленке, а преведувајѓи го овој јазик на француски, свесно го крши - како самиот вели - тој класичен јазик произлезен од латинскиот гениј што не многу лесно се калеми на африканската душа. Истакнатиот пак романсиер од Гвинеја, Тјерно Моненембо, ова изразуње на француски го смета како еден вид поседување двојна култура во која доаѓа до израз неговиот устен начин на изразување со други форми на метафори и друг зборовен материјал. За  еминентниот пак  Леополд Седар Сенгор ова културно вкрстување, или мелезење(metissage culturel), оваа  африканизација на францускиот јазик  е спонтано тежнеење кон рељефност, кон наоѓање  еденинтегрален јазик (langage intégral) за израз на сопствена култура со автохтони вредности.
          Ваквите паралелни процеси за застапеност на изворна виталност и на модалитети на Другоста, не се карактеристични само за франкофонските земји јужно од Сахара, така наречени Земји од Црна Африка. И во северното подрачје на  африканскиот континент, Магребот, во кое понагласено се чувствува цивилизациското наследство на арапско-муслиманскиот придонес, се пишува една литература со франкофонски јазичен израз (покрај онаа на арапски јазик или на јазикот бербера) во која се чувствуваат последиците од историскиот контакт со Франција и од дијалогот со културите од другата страна на Медитеранот.
          Оттука и при нашето проследување овде на релациите на Македонија со овој книжевен свет, поточно книжевна франкофонија, неопходно е да ја имаме  предвид оваа “двојност” на автентичниот развој  на африканските книжевности: од една страна, е усната традиција како  корен на нивното африканство и, од друга страна, влогот на нивниот контакт со другите / европските книжевни традиции. Во тој контекст и нашиот пристап ќе претставува всушност отворање на книжевна комуникација меѓу две културолошки и историски различни средини со свои книжевни процеси.
          Самосвојноста на африканските франкофонски литератури се поврзува со разновидното и со богатото културно наследство што, во најголем дел, се оформува во рамките на една  митска перцепција на светот, на специфичните форми на општествено уредување и историскиот развој во овој дел од Африка во кој  силен печат оставило колонијалното време. На сличен начин и идентитетот на македонската книжевност може да се смета како прашање на најзиниот автентичен книжевен развој кој, исто така, неминовно носи белег од Отоманското петвековно владеење, како и од потпаѓањето под други владетели, особено ако се има предвид народното творештво. При повлекувањето на неколку компаративни линии како резултанти од меѓусебниот контакт на овие две различни култури всушност можеме да го препознаеме нивниот сооднос, допирните точки, константи, совпаѓања, паралелни или различни книжевни процеси, како и можни  меѓусебни инспирации и поттици за книжевно творење, за преводи и сл. (на пример, кај Шопов и Сенгор или кај Гилвик, Гошрон и др).

          Во запознавањата и во зближувањата на овие две културни сфери што започнуваат некаде по педесеттите години на дваесеттиот век, најголема носивост со својот уметнички изразен дострел има секако книжевната паралела Шопов - Сенгор. Неа  можеме  да ја почуствуваме особено  меѓу поетски  креативниот африкански период на Ацо Шопов за време на неговиот престој во Сенегал (1971-1975) во својство на  амбасадор на тогашната СФРЈ (особено во поетската збирка Песна за Црната  жена) и, паралелно со тоа, од нагласениот интерес за македонското поетско искуство во творечкиот пат на Леополд Седар Сенгор, од времето на неговата потрага по магијата на зборот (вербалната магија) во естетиката на македонското народно твопрештво  и на следењето на слеаноста на таа магија со универзалното. Овој интерес на Сенгор особено е интензивен при неговото учество во 1975 година во Македонија на Струшките вечери на поезијата кога беше овенчан со „Златниот венец“. Меѓу македонското книжевно поднебје и негроафриканската култура тогаш беше воспоставено најбогато проткајување: од една страна  меѓу елементите  од системот на симболистичките вредности што особено се втемелени во  африканскиот топос и семантичката, историската или магиската моќ на маските, фетишите, тотемите, боите, там-тамот, кората, балафонот итн. и, од друга страна, елементите од “естетиката на македонската народна поезија”  која Сенгор ја беше  толку добро запознал и проучил преку  разговорите со Шопов како и преку нејзините препеви и анализи на француски јазик направени од еден Ежен Гилвик или  Жан Русло, што  можеше да ги разгледува и споредбено со други поезии, со сенегалското творештво. например.
          Погледнато пак според временскиот период, контактите на македонската културна средина со африканската уметност датираат од порано, од гостувањето  во Скопје во 1954-тата година на театарскиот ансамбл  “Африкански балет” организиран од професорот Кеита Фодеба и министер, извесно време, во владата на Претседателот Секу Туре од Гвинеја.  Во рамките на  турнејата на оваа трупа низ Европа  вклучувајќи ја и поранешната Југословенска федерација, беше планиран и овој настап во Скопје, во прекрасниот театар од пред скопскиот земјотрес, покрај ќејот на Вардар. Тоа беше момент на вистинско откровение - ќе напише по тој повод Томе Арсовски,  [4] во однос на битот на африканскиот  народ, неговите легенди и преданија, ритамот на там-тамот на перкузиционистите и музиката на автохтоните инструменти, балафон, кора и др.
          Автентичниот и оригинален театар на Кеита Фодеба содржи и многу елементи  од ритуалниот театар на Антонен Арто но,  наслонет на гвинејските ритуални  игри овој театар ги има сите карактеристики на спектакуларен театар со што го потврдува своето култно потекло и длабоката содржинска и формално-естетска врска со ритуалната церемонија. Авторот Фодеба прибегнува кон својот препознатлив знак – спонтаноста на ритуалната игра, ритмувана најчесто со танцот од Дуга, за да ги даде личностите всушност како метафори на она што всушност го претставуваат. Употребата пак на националниот јазик е еден од начините за негова промоција, [5] како и можност за културна афирмација и за показ дека театарот во Африка е длабоко  вкоренет во народниот живот. Претставувањето на овој традиционален свет денес наоѓа инови нажини за изразување, во рамките на филмски и телевизиски сценарија. Така, во 1988-та година, користејќи некои содржини од Кеита Фодеба, талентираниот новинар Жистен Морел, инаку Генерален директор на Гвинејската  РТВ, напиша сценарио за телевизиски филм насловен На полноќ (Minuit) (кај К. Фодеба ова театарско дело беше познато  како Африканска зора),  во кој  тема беше една њубовна историја што завршува несреќно поради околностите во колонијалното време. Истата година, овој филм  ја доби  Втората награда во категоријата: Национални култури, на Меѓународниот конкурс на телевизиски филмови, што беше организиран во поранешниот југословенски град Титоград. Истата година, 1988-та година, со посредство на авторот на овие редови, во својство на  тогашен (1986-1990)  амбасадор на СФРЈ во Република Гвијеа и неколку земји во Западна Африка, овој филм на Жистен Морел (инаку поранешен студент по Новинарство на Белгтадскиот  Универзитет), беше претставен и во македонската средина, во соработка со Македонската Радио-ТВ.
          Поттикнатиот интерес со оваа претстава постепено доведува и до првиот  македонски превод во 1962-та година од уметничката литература, на романот на Камара Лај Црното дете (во превод на Свето Серафимов). Камара Лај како истражувач на изворите на легендарната историја на африканските народи, многу успешно ги доловува во романот сите волшепства на традиционална Африка, но и пробивот на  модерните времиња што носат потреба, особено, за народно просветување и образование.
          Со вклучувањето, пак, на поетите од франкофонските земји од Африка во  програмите на меѓународниот поетски фестивал “Струшки вечери на поезијата” (основан во 1961-та година),  претставени се на македонски јазик бројни учесници како најзначајни претставници на поезијата од повеќе земји и региони од овој дел на Африка: Ангола (Антонио Картозо, Жоан Абел),  Мали (Гаусу Дијавара), Конго (меѓу другите и Чикаја У’Тмси), Гана ( Атугвеј  Окај), Гвинеја (Роже Гото Зому, Мамаду Тиан Пунчу Дијало, Сике Камара, Абдулај Фание Туре), Сенегал (Усман Самбен, Амаду Ламин Сал, Ламин Диакате, покрај Сенгор) и др. Од своја пак страна, угледниот  профессор од Универзитетот од Конакри  и  реномиран поет, Мамаду Тиан Пунчу Дијало, преку своите посебни предавања ќе ја претстави во повеќе земји од западна  Африка, македонската поезија како “Поезија на плуралистички ангажман”, успевајќи да ја долови душата и на нашата народна песна и на нашата современа поетска уметност (особено поезијата на Матеја Матески и на  Радован Павловски). Во последно време, откако и УНЕСКО се вклучи во доделување на награда за најдобар млад поет од светот,  “Мостови на Струга”, во оваа година (2009-тата) добитник на оваа награда е повторно еден Сенегалски поет, Усман Сар–Усман, за неговата дебитантска поетска збирка Ритамот на брановите. Добитници на оваа награда од африканскиот франкофонски свет беа, во последнава деценија и поетите-дебитанти Мишлин Мубарак, млада поетеса од Либан и  Еман Асан од Тунис (нивната поезија, во превод на Ирина Бабамова, е објавена во  Мостови, 2007 година).

 

          И книжевното творештво на земјите од Магребот, главно преку “Струшките вечери” ќе ги мотивира нашите преведувачи да биде претставен на мекедонски јазик и  дел од магрепска литература. Меѓу другото, во 1977-та година ќе  ја добиемеСовремената поезија на Алжир (во превод на Луан Старова), како и превод на поезијата на многумина учесници на Струшките вечери од Тунис (Абу Ал Касим Аш Шаби), од Египет (Нагиб Сурур), од Сирија (Али Ахмед Саид Есбе - Адонис, кој е и добитник на “Златниот венец” на  Вечерите и др.
          Кога, пак, станува збор за прозните дела од овој афрички регион, тие, иако поретко, сепак се појавуваат и на македонски јазик. По романот Црното дете од Камара Лај. што веќе го споменавме, особено внимание побуди романескното дело на угледниот  марокански  писател Тахар Бен Жалун кој за  својот роман Светата ноќ, во 1987-та година ја доби “Наградата Гонкур”. Романот беше преведен во 1990-тата година од Анка Ѓурчинова.  Македонскиот читател во него најде приказ на животот во мароканската средина во која се преплетуваат корените на минатите традиции и на новото време. Преку соочувањето на девојката Захра со сите пречки и тешкотии во остварувањето на  нејзиното право да го “живее” својот женски идентитет во една средина оптоварена со противречности, авторот ги  посочува и проблемите на новите генерации што се прекршуваат низ бројни верски предрасуди и комплекси.
          Нашата намера не е да одиме овде во уште подетално ретроспектирање на ова интеркултурно комуницирање. Од она на што овде укажавме произлегува дека овие македонско – франкофонско- африкански релации следат еден дијалогичен принцип и имаат свои еволутивни патеки со интензивни и помалку интензивни комуникациски процеси. Понекогаш се вклучуваат и други форми за средби  што имаат суштински одлики на африканските автохтони вредности преку кои го изразуваат длабокото вкоренување на овие народи во  сопствениот идентитет. Особено податливи за таква афирмација се покажаа џез-фестивалите како што е Скопскиот, на кој напр. гвинејскиот традиционалист Мори Канте (познат особено по неговиот светски хит за 1987-та година, Yeké –Yeké), надарен  со особен рефлекс и уметнички усовршен во  дијаспората (Париз), во 1990-тата година ја долови на пошироката македонска културна јавност богатата духовна /музичка традиција на Африка, придружуван од својата кора и од виртуозните перкузиционисти. На сличен начин  и Сенегалските рапери  „Дара  Џеј” (прогласени, во 2004-тата година, за  најдобра африканска група), при своето гостување на Скопскиот џез-фестивал во мај 2004-тата година, преку богатиот колорит и изобилната егзотика, ги презентираа традиционалните африкански ритми и мелодии, донесувајќи притоа и едно свежо и ново владеење со сцената што соодветствува  на современиот, денешен концепт за презентирање на овие вредности.
          Овој прилог кој е мотивиран од фактот на нашиот речиси тридецениски интерес и ангажирање во проучувањето на книжевната франкофонија, може да се сфати како иницијален поттик и, секако, ќе треба да се дополнува и со попродлабочени анализи во споредбената проблематика (како напр. специфично естетските или националните и културните искуства на овие литератури, македонската и франкофонските африкански литератури). Да одбележиме овде дека, во случајот на Македонија за приближувањето на овие култури, франкофонијата си побара еден природен пат за меѓусебно поврзување, за што е можно побогато и поуспешно запознавање и соработка. Зашто, приодот на Македонија кон Франкофонијата се заснова и на долгата традиција на употребата на францускиот јазик како странски јазик во македонското општество, пред сè во школството и во меѓународната комуникација, што има свои корени и во текот на историјата, од првите меѓусебни контакти со Франција во епохата на Крстоносните војни и, при нивното продирање  по патот Via Egnatia кон Цариград, задржување  во 1096-тата година во Прилеп и во Битола. Овој контакт понатаму се задржува  во континуитет, со посебен интензитет во XIX и XX век.
          Останувајќи денес доследна на својата отвореност за диверсификација во своите меѓународни релации, Македонија всушност својата традиција и историја истовремено, ги стави во основата на нејзината одлука за асоцирање кон Франкофонијата: на 28 септември 2006-тата година, на XI Самит одржан  во Букурешт, нашата држава стана полноправна членка на Организацијата на Франкофонијата (заедно со Грција и Албанија), откако од 1997-та година, од Самитот во Ханој, во Виетнам, беше прифатена за придружна членка. Пристапот на Македонија кон оваа меѓународна  организација е израз и на нејзиното прифаќање на основната концепција на Франкофонијата да се биде фактор за негување на плурализам и разноликост, наспроти секаква тенденција за униформност, алиенација, присвојување. Следењето пак на ваквите суштини во културните/ книжевните релациите со светот пошироко, е показ за едновремено почитување на  својот духовен идентитет и на ентитетот и духовните специфичности на Другиот, односно за поседување, навистина, на еден, така да речеме, уметнички космополитизам.

 


Белешки

 


[1] Tougas, Gérard, Les écrivains d’expression française et la France, Ed. Danöel, Paris, 1973: 9.

 

[2] Rene Velek i Ostin Voren, Teorija književnosti, Nolit, Beograd.

 

[3] Lucien, Goldmann, Pour une sociologie du roman, Gallimard, Paris, 1964: 30.

 

[4] „Разгледи”, бр. 22/1954, стр. 10.

 

[5] Ќе обележиме овде дека само во Западна Африка со регистрирани повеќе од 2000 јазици и дијалекти.