СЕКОГАШ ВРАЌАЈЌИ СЕ ДОМА

ОДИСЕИТЕ НИЗ ВСЕЛЕНАТА (НИЗ ПРИМЕРИ ОД НЕКОИ ОД МАРКАНТНИТЕ ДЕЛА НА НАУЧНАТА ФАНТАСТИКА)

Ана Стојаноска

Одисеја во вселената не е филм
за патувањето по вселената –
тој е патување по вселената“
(Kjubrik 2004, 10)

Мотивот на патувањето, или сите наши потреби за Одисеја

          Човекот, онтолошки, има/поседува неколку основни потреби кои го дефинираат како човек. Некои од нив се едноставни - примарни, важни за преживување, а некои пак, се мултифункционални, надградливи, сложени и екслузивни само за некои луѓе. И едните и другите во себе носат базични принципи – нагони, инстинкти, па сè до сложени мозочни реакции. Потребата на човекот да раскажува, да создава приказни, да игра во истите тие приказни, кои на почетокот ги користел да си го објасни светот во кој живее, а подоцна за да го моделира истиот тој свет во кој живее, е една од основните, би рекла, насушните потреби на секој човек. Слична на неа е и потребата да се патува, да се открива и да се истражува, исто толку голема, како и потребата да се врати дома, да го сети сјајот и мирот на нешто, штоскоро прозаично и кажано како општо место се дефинира како „домашно огниште“.  Мотивот за патувањето е еден од клучните, перманентните мотиви на уметноста. Почнувајќи од навидум едноставна провокација, со желба да се види/осознае нешто ново и непознато, а завршувајќи после повеќе перипетии не секогаш од местото од каде што сме тргнале, патувањето се кристализира, како една специфична ситуација, понекогаш и самата доволна да направи дејство, конфликт, решение на проблемот. Затоа и уметноста во глобала, а посебно литературата овој мотив го има како сопствен, личен и постојан.
          И книжевноста на дамнешното минато, концентрирана околу митските јунаци и нивните патувања во митскиот време-простор, и книжевноста на посебните култури/цивилизации што се развиле подоцна, имаат барем по еден мит за патувањето, и тоа патувањето водено кон истражување, откривање, осознавање. Патување кое би се дефинирало едноставно како иницијација. Мотивот на патувањето останува постојано да се преработува, да се додефинира, да се доистражува и да се експлицира во постојаната активност на литературата. Науката за литература, како најдоминантен и најпознат, може дури да се рече и најпопуларен, го смета митот за патувањето на грчкиот јунак Одисеј, што дури и терминот патување добива синоним –одисеја!
          Патувањето на славниот митски јунак Одисеј од победничкиот поход на Троја до дома, кон верната жена Пенелопа (чија основна функција, се надевам, не е само чекањето) и нивниот син Телемах, на нивниот осамен (ама не и непосетен остров) Итака трае десет години. Дали тоа патување е поради губењето на правецот – сфатено и буквално и метафорично, или пак тоа патување е потрага по себеси, по некој свој аспект попотребен од основните физиолошки функции останува предмет на дискусии до денеска.
          Анонимниот автор на еден од митовите за Одисеј, тврди дека Одисеј знаел доверливо, дека ќе мора да лута десет години пред да се понадева дека повторно ќе може да ја освои Итака (Grevs 1991, 608). Митовите поврзани со Одисеј се исклучиво поврзани со патувањето. Сите митови се водени од божјата волја, или игра би рекле, кога Одисеј место дома се носи од точка до точка, каде е соочен со одреден проблем што треба да го реши. Решавањето на проблемите од Одисеј прави сè поголем и поголем херој, кој, исто толку, е многу зависен и од волјата/играта на боговите. Крајпатните застанувања на Одисеј, секое со специфичен лик што го дефинира проблемот и неговото решавање, преку одредена загатка или замка, се јасните обележувачи на патувањето. Тоа,  на некаков начин, го прејудицира целото патување што подоцна книжевноста ќе го искористи како своја тематика. Тоа не е патување-едноставна иницијација на Одисеј, туку патување на поминување не само на одредени просторни единици, туку и на нивно маркирање во одност на неговото постоење.
          Епот што историјата на литературата го препознава под името Одисеја и авторството му го препишува на Хомер, сепак, треба да се напомене, дека во себе ги содржи митските приказни за Одисеј, но има и свој уметнички однос кон формата. Или како што тоа примерно го проследува авторката на предговорот на македонскиот превод на Одисеја, дека епот е „восхитувачки прецизно составен уметнички облик на книжевната традиција на која и припаѓа (усната епска поезија) и збунувачки, модерно организиран книжевен текст за времето кога се претпоставува дека е запишана (околу 8 век п.н.е.)“. (Томовска, во Хомер, 2008: 9) Бирајќи, предмет на моето истражување да е патувањето и неговото транспонирање во друг книжевен/уметнички облик, јас би се фокусирала на елементите на патувањето што се евидентирани во епот, без да се проблематизира начинот на кој што е направено истото. Затоа и повеќе внимание обрнувам на тоа, дека патувањето на Одисеј е поставено во средиштето на епот, иако не му е отстапен голем простор, само четири од вкупно дваесет и четирите пеења. Сепак, уште на почетокот Хомер, опејува: „Но кога времето веќе, вртејќи се в години, дошло, / в кое му испреле бозине баш в дом да се врати, / в Итака своја, ни тогаш со своите другари овој / не бил од маките спасен, та бозите сите го жаљаа / сем Посејдон, зашто овој едностојно беснеел гневен / на Одисеј, богу равен, пред в својата земја да стигне“ (Хомер 2008, 25). Сакајќи да потенцира дека патувањето на Одисеј не е едноставна негова одлука, односно, дека, како и во целокупното хеленско митско наследство, главниот збор се разбира дека го имаат боговите. Патувањето на Одисеј, поточно, неговата одисеја, е диференцирана и според формата на која е напишан, или поточно речено, составен епот. Како што тоа елоквентно е забележано во предговорот на македонскиот превод наОдисеја, дека „одисејата на Одисеј е оној настан што го стандардизира наративниот модел на овој тип приказни“ (Томовска во Хомер 2008, 10). Во контекст на моето истражување, промената на формата е доминантна оска при истражувањето на патувањето. Поточно, како што тоа се наведува во претходно споменатиот предговор, дека посебно се значајни двата елементи на одисејата – патувањето и враќањето!
          Всушност, со патувањето на Одисеј од Троја, поточно од островот Огигија на нимфата Калипсо, до Итака, симболично се прикажува и потребата на човекот да патува и да истражува, насушната потреба да се заминува, но и да се враќа, како и искористување на секоја можност од патувањето да се направи одисеја, односно, авантура, приказна, која во себе ќе ги содржи сите неопходни зачини со кои ритамот на приказната ќе расте и опаѓа, во зависност од дејството што се прикажува/раскажува. Со тоа што Одисеј ќе го пронајде мирот дури откако повторно ќе замине, тој го обновува циклусот на патувањето, поточно, да „замине за да се врати“! (Нучеира во Њиши 2006, 163).
          Провокацијата да се истражува оваа тема за мене се состои во актуелноста на мотивот за патувањето што се протега и во научната фантастика, поточно, е една од доминантните теми/мотиви на истата.

Научната фантастика и мотивот на патувањето

          Современата теорија на литературата, митот за патувањето го пронаоѓа рефлектиран во скоро сите литературни жанрови низ историјата. Тоа ја потврдува неговата доминантност и неговата постојаност или, можеби е поточно да речеме – актуелност. Предмет на моето истражување сепак беше мотивот на патувањето во научната фантастика, поточно, што непосредно блиску има Одисеј со патувањето на јунаците од делата на научната фантастика.
          Патувањето, како што тврдат теоретичарите на литературата, значи „преместување“, „премин“ (Нучера во Њиши 2006, 156), но и способност од тоа патување нешто да се научи, нешто да се осознае, нешто што било непознато и друго да се запознае. Патувањето секогаш подразбира три етапи: заминување – патување – враќање. Секоја од овие етапи е специфична при анализата на делата од научната фантастика. Секое заминување, значи, во тој контекст, заминување од нешто свое и познато и тргнување кон друго и непознатоПатувањето никогаш не е исто, посебно не со искуствата што се темелат, на т.н. „реалистична“ книжевност. Па дури, ни со најголемите патувања во фантастичните светови. Ако тие предели секогаш колку толку ни се блиски и познати, иако не би знаеле да кажеме како изгледа Огигија на Калипсо, првата крајпатна станица на Одисеј, сепак знаеме дека е остров и отприлика ги препозанаваме географските атрибути за тој остров. Меѓутоа, во научната фантастика и терминологијата, не само географска, туку и севкупната, не е позната. Со тоа, патувањето, не е само патување на главните јунаци во непознати предели, туку и патување на нас читателите, кон нешто сосема несознаено дотогаш. Враќањето не е никогаш враќање кон она од што се тргнало. Можеби навидум и е, ама вселенските или меѓупланетарните патувања, како и патувањата во земјата, но во други временски континууми, како и дисперзираните просторно-временски одредници, како и можноста за потенцијални/паралелни димензии, секогаш значат одредено поместување условено од законите на науките што би требало да се почитуваат при пишувањето на едно дело од научната фантастика.
          Научната фантастика е жанр на уметничката проза (и не само на неа, туку на уметноста воопшто) која припаѓа на „фамилијата на таканаречените фантастични жанрови – на таквите – имено, во чии рамки се замислуваат светови различни од стварниот свет“ (živković 1990, 489). Поместувањето, во тој пример, се прави со „проширувањето на границите на веројатност и нужност во мерка што ја дозволува науката земена во својот хипотетички, екстраполациски вид“(исто).

          Научната фантастика, како исклучително магичен и експресивен литературен (но и филмски, би рекла севкупно - уметнички) жанр, патувањето го имплатнира како еден од омилените феномени. Меѓутоа, тие патувања не се исти со патувањата во т.н. не-фантастична книжевност. Она што би можело да се нарече патување во научнофантастичната уметност, воопшто, значи, создавање на нови/невидени/ нечитани/непознати предели различни од останатите замислени светови на фикцијата. Тоа ја одредува дури и научната фантастика како посебна, специфицирана област на уметноста. Според, Живковиќ, тоа е односот на факторот на „фантастичност“ што, според пропозициите на реалниот/стварниот свет, „најблиску ја одредува природата на прозните замисли што се особени за научната фантастика“ (živković 1995, 42). Се разбира, надополнува Живковиќ понатаму во своите есеи во кои го дефинира жанрот на научната фантастика, дека делата што го носат предзнакот НФ „спаѓаат во големото семејство на фантастичната проза, која начелно се разликува од таканаречената реалистична, по тоа што световите што тука се замислуваат во еден важен поглед отстапуваат од световите замислени во реалистичната проза: тие, имено, не би можеле без остаток да се сместат во рамките на стварноста“ (živković 1995, 72). Токму, овој последен дел од цитираниот фрагмент укажува на патувањето како differentia specifica во научно фантастичната уметност. Посебно, со феноменот на постојаното враќање, но и откривање на новите светови. За да може да се вратите дома, како што е тоа случајот со Одисеј, прво треба да се исполнат некои од крајпатните задачи, зададени, во неговиот случај од фамозната хамартиа, или поточно од конфликтот со некои од боговите на хеленистичкиот пантеон, а во однос на јунаците од научнофантастичните дела, нивната потреба да се открие нешто ново, непознато, нешто скриено во предели поинакви од оние на земјата. Во секој случај, патувањето не е едноставно поминување со одредена брзина за одредено време, како што нè потсетува прославената формула за пресметување на патот, ниту пак едноставно поминување од точката А кон точката Б, како што гласат некои од математичките проблеми кои нè интересирале во одреден период од животот. Патувањето секогаш значи конфликт, соочување со одреден проблем и негово решение. Тоа е во неговата митска матрица, во неговата базична конструкција, поради која и станува една од најголемите теми во уметноста, посебно, во прозата.
          Во научната фантастика, патувањето може да значи и патување низ времето, а не само патување во просторот. Всушност, патувањето низ времето, е еден од највозбудливите мотиви на жанрот. Наједноставен пример за тоа е едно од најдобрите и најреспектибилните дела на научната фантастика, романот на еден од татковците на жанрот Времеплов на Херберт Џорџ Велс (1895). „Возбудливата приказна за иноваторот на времепловот, кој се отиснал со својата направа во далечната иднина, за таму одлучно да посредува во последната човечка војна, не остава ни малку простор за логичките недоумици што ја следат замислата за патувањето низ времето, градејќи една од најубавите метафори на целокупната уметност“ (živković 1995, 147). Со тоа, патувањето во научната фантастика добива уште една димензија, уште една можност повеќе, за разлика од патувањето во другите типови на книжевноста, со исклучок на фантастиката. 
          Неограничени ниту од просторните, ниту од временските координати, јунаците на научната фантастика патуваат постојано со одредена цел, која, колку и да е интересно патувањето, секогаш се насочуваат кон враќањето дома.
          Еден од култните романи на научната фантастика, поточно на нејзниот поджанр – епската фантастика, фокусиран на враќањето дома, е романот Секогаш враќајќи се дома/Always Coming Home (1985) на маестралната раскажувачка Урсула К.Легвин/ Ursula K. LeGuin.  Креиран како текстура од повеќе различни литературни форми, направен како цела една историја на еден измислен свет, со неговите фолклорни, историски, традиционални елементи, создаден како сплет од приказни, песни, верувања, инкантации, фотографии, дури и пропратен со аудио запис на дел од песните на народот за кој таа пишува, комплетиран со нивната азбука, локалните наречја и речникот на зборови од земјата за која пишува, а која не постои во регуларните географски карти со кои денес оперираме, туку би постоела во некоја потенцијална иднина, таа прави целосен, комплексен свет во кој главната цел е да се обележи враќањето дома. Иако никој никаде во целиот овој прецизно исткаен свет не дефинира каде е тоа дома, секоја од песните, расказите, приказните, наративните и аудио записите, како и ликовните обележја е фокусиран на патувањето. Поточно на потребата Пандора, една од ликови чии гласови ги слушаме, да се врати дома. Фиктивниот свет што така едноставно, но и специфично го гради Урсула Легвин, го образложува како прилог кон една археологија на иднината, на почетокот од оваа извонредна книга. Нејзиниот свет е сместен во иднината и тоа во некој паралелен дел на Северна Калифорнија. Како што објаснува и самата главнината на оваа книга ја сочинуваат луѓето што ќе живеат на оваа територија, „нивните гласови што говорат сами за себе, во приказни, автобиографии, театарски изведби, поезија и песни“ (Legvin 1992, 5).
          Може да се нагласи, дека, епската фантастика во својата основа се темели на патувањето како иницијација, за разлика од другите поджанри на научната фантастика кои се насочени кон откривањето на вселената и на непознатите места на кои човекот никогаш не бил. Меѓутоа, спецификата на епската фантастика е што го транспонира иницијалниот мотив за патувањето, што е пренесен од неолитските митови и истите после пренесени и во митот за Одисеј, и тоа на основно ниво. Како што ќе покажат поголем број на парадигматичните примероци на овој жанр, како што се трилогијата на Толкин/Tolkien Господарот на прстените/The Lord of the Rings (1966), на Т.Х.Вајт/T.H.White, Некогашниот и сегашниот крал/The Once and the Future King (1958), на П. Андерсон/P.Anderson, Ѕвездени патишта/Star Ways (1956) и други, патувањето е пренесување на основните елементи на митската, иницијациска матрица, секогаш зачинето со приказна сместена во свет што е измислен само за таа прилика.
          Во научната фантастика, мотивот за патувањето се крие во мотивот на истражувањето, поточно во потребата да се откријат не исклучиво световите што постојат на Земјата (или ако се тие тогаш во некои други поместени временски координати), туку самата вселена и нејзината бескрајна загатка. Дури и во стандардните научни текстови за книжевноста на патувањето, се дефинира неговата можност за развивање во повеќе различни жанрови и поджанрови, како и тоа дека и кога еден текст и припаѓа на фантастиката, а јас би дополнила и на научната фантастика, со помош на патувањето, „средбата со другиот ќе добие облик на исчекување и ќе генерира слики со кои другиот и другоста ќе бидат дефинирани и раскажани“ (Нучера во Њиши 2006, 159).

Истражувањето на вселената или патувањата на ликовите од научната фантастика

          Истражувањето на вселената како феномен е познат и на актуелната наука и денес е една од клучните постулати на поголем број агенции кои работат низ повеќето држави во светот. Со потребата на човекот да почне да го истражува и светот што има можност само да го претпостави, од она што го гледа или „само со голо око“ или со помош на одредени прецизни инструменти, почнува да расте и потребата, истиот тој свет да се открива на еден имагинарен, уметнички начин. Можноста да се патува, онаму каде што човекот се уште нема реална можност, е исклучителна провокација за писателите на научната фантастика. И големиот мајстор на научната фантастика, човекот чии иновации елаборирани во неговите книжевни дела, ги користи една од најголемите агенции за истражување на вселената НАСА – Артур Кларк/Arthur C. Clarke, во своите есеи [1]пишува за можноста што ја нуди почетокот на истражувањето на вселената, со потребата на човекот да истражува нешто што дотогаш му било целосно непознато. Исто како и во книжевноста, така и во своите есеи и белешки, тој е фасциниран од можноста вселената да се истражува онаква каква што е, но исто така, да се провоцира нејзиното имагинарно истражување, со вметнување на нов изглед на световите, нивните жители и нивната космичка приказна.
          Јунаците на научната фантастика патуваат во светови кои се непознати, неоткриени, нови и невообичаени. Тие светови содржат свои жители, правила, прописи и подредувања. Секоја средба значи откривање на нешто ново и непознато. Со тоа се поттикнува патувањето како откривање, истражување, учење на новото. Патувањето во научната фантастика секогаш подразбира откривање на нешто што до тогаш не било познато. Слично, како и патувањето во кој било друг книжевен жанр. Како што театарските антрополози, наведуваат дека патувањето секогаш значи и откривање на самиот себеси низ очите на другото/другоста, така и патувањето во научната фантастика секогаш подразбира менување на ликот, на знаењето, на сознанието.
          Интересно е да се евидентира сликата на патувањата во повеќето дела на научната фантастика. Схемата исклучително потсетува на патувањето на Одисеј, поточно, претставува своевидна матрица, преку која се развива патувањето. Без разлика дали станува збор за патување во координати простор – време, простор – простор, време – време, секогаш се оди кон тоа да се патува за да се стигне до одредена цел. Целта е иста како во сите книжевни/уметнички жанри, меѓутоа, се поместува не само временскиот и просторниот код, туку и целокупната слика и дејство. Ако патувањето на Одисеј, значеше враќање дома, но кое според волјата на боговите, мора да се одвива на однапред прецизиран начин, и секоја крајпатна котна точка, значеше учење и соочување со нешто ново од големиот асортиман на митолошката свест; тогаш патувањето на јунаците од научната фантастика, значи и одење кон дома, но и барање на нова дома (темите со колонизирање на нови светови – решавање на проблемот на пренаселеноста на земјата), подобрување на условите за живот на својот дом, откривање на нови извори на енергија/храна/ресурси за живот и сл. Меѓутоа, не ретко, јунаците на научната фантастика се мотивирани да патувааат со цел да истражат некои нови светови, не само за да ги населат, туку за да ги запознаат. Всушност, големиот интерес за вселенските патувања, некаде после шеесеттите години од минатиот век, ги инспирираат авторите од областа на научната фантастика, да ги праќаат своите јунаци кон непознатото.
          Патувањето е главен мотив на научната фантастика и тоа не треба да се заборави. Фактот дека еден цел уметнички подвид е фокусиран на патувањето, инспириран од митовите, од Одисеја, од целокупното културолошко наследство што го имаме, не треба да се потцени, туку дополнително да се истражува.

Одисеја во вселената (1968) од филмот книга или како патувавме и зошто

          Повеќето познавачи на научната фантастика, тука ги вбројувам и обичните фанови, а не само истражувачи и научници, како и повеќето љубители на уметноста, ќе се согласат дека еден од најголемите филмови на минатиот век, кој обработува тема од научната фантастика, а и не само поради тоа е 2001: Одисеја во вселената/2001: А Space odyssey (1968) во режија на Стенли Кјубрик/Stanley Kubrick, и по сценарио на Кјубрик и Артур Кларк/Arthur C. Clarke [2].
          Одисеја во вселената е исклучителен филм, еден вид на ново откривање на можноста што ја нуди филмскиот жанр, еден вид создавање на нова магија, волшепство, што создава цел еден комплекс на светови. Филмот се базира на извонредните приказни за допирот на човекот со вонземската цивилизација и создавањето на потенцијал тоа човештво да се развие за да може да дојде до тие нови светови. Овој феномен постојано преовладува во творештвото на Артур Кларк, и може да се евидентира во еден од најубавите романи напишани во овој жанр со едноставен наслов Крајот на детството/Childhood`s End(1953).
          Иако може да реферира на една обична приказна за процесите на еволуцијата, Одисеја во вселената е филм за растењето на човекот и за неговата потреба да се откријат новите светови. Меѓутоа, од првите фрлени коски на човеколикиот примат Гледа Месечина/Moon Watcher, па сè до претворањето на Дејв Боуман/Dave Bowman во бебе ѕвезда, човекот минува низ низа процеси што го трансформираат и го претвораат во нешто ново и поголемо од тоа што бил. За да се случат тие процеси, потребно е да се патува. И тоа не само од едно место на земјата до друго, како што е тоа во првиот дел, туку и да се патува прво кон Месечината, за да се открие монолитот, а потоа и кон Јупитер, а после тоа кон бескрајот. Секоја од овие котни точки потсетува на патувањето на Одисеј, кој во овој пример одењето кон дома, го дефинира како одењето кон матичниот свет на онаа вонземска цивилизација што на човештвото му ја дала најголемата можност  -  да порасне и стане нешто што треба да биде! Во култната книга на Артур Кларк, напишана врз база на сценариото што заеднички го напишале со режисерот-виртуоз Стенли Кјубрик, за филмот 2001: Одисеја во Вселената, а и во самиот филм, директно се споменува дека главниот лик Дејвид Боумен, ја чита Одисеја од Хомер, затоа што „од сите книги, најживо му се обраќала преку временскиот понор“ (Klark 2003, 105). Директното поставување во контекст на епот на Хомер со патувањето на Боумен, не е само надоврзување на интертекстот од насловот на романот/филмот, туку и директен коментар на мотивот за патувањето.
          Филмот на Кјубрик е еден од најдобрите, ако само така може да се квалификува ова маестрално дело во филмската книжевност. Тајната на неговиот успех лежи, според Зоран Живковиќ, во „идеалната спрега меѓу жанрот и медиумот“ (živković 1995, 149).
          Патувањето во филмот е илустрирано и визуелно и аудитивно. Визуелните ефекти и начинот на раскажување на филмската приказна, исклучиво на филмски јазик, без наративна структура (во филмот според зборовите на неговиот режисер, од 141 минута филмски материјал има само дваесетина минути текст) го прават филмот извонреден материјал за патувањето. Една од најважните компоненти во филмот, не само поради самиот филм, туку и во контекст на моето истражување на темата е музиката. Кјубрик во сите свои филмови оперира со музика која е однапред позната и има своја позиција во уметничката еволуција. Така, во овој филм, во една од најмагичните сцени, грациозното движење на вселенската станица е придружено со музиката од валцерот На убавиот син Дунав/An Der Schonen Blaunen Donau, op.314, Waltz, (од Јохан Штраус/Johann Strauss II, 1866). Според Кјубрик, оваа композиција е совршена „репрезентација на она што се случува“ (Kjubrik во Filips 2004, 110). Музиката му помага да се спротистави на идејата дека има нешто сенишно и чудно во вселената. Според него, патувањата во вселената набрзо ќе станат сосема обични и тоа ќе биде особено важно поради нејзината неверојатна убавина. Затоа и поставувањето на оваа препознатлива и општопозната музичка композиција е со цел да се илустрира таа убавина. Музиката му помага во патувањето. Откривањето на вселената не значи само откривање на одредени законитости на физиката и нивно манипулирање во секојдневната наука. Музиката ја комплетира сликата на аудиовизуелниот формат на уметничкото дело и потребата патувањето да се нагласи како негов комплементарен, ако не и еден од најважните делови.

Да се патува само поради патувањето или дома е таму некаде – Ѕвездени патеки од идеја до феномен

          Прославениот изучувач на сесветската митологија и религија, Мирча Елијаде, митот за вечното враќање го поврзува со почитувањето на циклусите, односно, кон третирањето на времето како нешто што се враќа и повторува. Во неговиот обемен есеј, насловен како Митот за вечното враќање (Le mythe de l`eternal retour, Gallimard, 1969), тој движењето воопшто, а со самото тоа и патувањето, го претпоставува како потреба да се повтори нешто што било во минатото. Третирањето на историјата како повторлива материја, значи и поставување на одредени координати, кога тоа патување значи патување само по себе, односно, кога пак е патување кон дома, поточно враќање кон дома.
          Научната фантастика има свој репрезентативен примерок на овој феномен, а тоа е циклусот/серијата/феноменотЅВЕЗДЕНИ ПАТЕКИ/Star trek. Ѕвездени патеки [3] е познат културолошки феномен, развиен примарно од телевизиската серија со истоимен наслов. Станува збор за една од најпознатите телевизиски серии денес, но и за медиумско заштитена марка, која се препознава не само во сериите, во филмовите, во анимираните серии, во многуте видео и компјутерски игри, во културолошки артефакти и во уште многу, многу значајни материјали, кои го создаваат овој феномен, репрезентиран во музејот на иднината, или постојаната интерактивна и интермедијална постановка во Лас Вегас, САД, наречена Star Trek: The Experience (1998-2009).
          Феноменот Ѕвездени патеки се темели на патувањето. Патувањето е иницијалниот поттик на серијата. Затоа и дејството е фокусирано на бродот кој ги пренесува своите членови од едно место во друго, навидум, во големата потрага по домот – планетата Земја, на ист начин како што Одисеј долги и долги години доаѓа до својот дом – островот Итака. И потоа, исто како и Одисеј, повторно ќе заминат на нови и нови патувања. Циклусот мора да продолжи! Се разбира дека попатно (кое не значи споредно, туку токму по-пат-но) членовите на бродот Ентерпрајз/Enterprise ќе запознаат нови цивилизации, култури, вонземски раси, пријатни и непријатни, позитивно или негативно настроени кон посетителите. Слично на Одисеј и неговите морнари и екипажот на капетаните Кирк/James T. Kirk, Хариман/John Harriman, Герет/Rachel Garret, Пикард/Jean Luc Picard, Џејнвеј/Kathryn Janeway, Арчер/Jonathan Archer и Сиско/Benjamin Sisco [4] се соочува со своевидни иницијациски препреки кои се препознаваат и тематски и мотивски.
          Во примерот со Ѕвездени патеки, можеби, најпрагматично се гледа феноменот да се патува само поради патувањето, односно, патувањето да е цел по самата себе. Истото мислам дека е клучно и во Хомеровата Одисеја во која патувањето на Одисеј кон дома не е суштинскиот проблем на епот, туку самото патување како патување. Маркирањето на одредените просторни единици во епот на Хомер, без разлика дали се директно прикажани или раскажани од страна на Одисеј, како што се Огигија (Кирка), Схерија (Алкиној), Киклопот Полифем, сирените, ..., но и неговото слегување/одење во Адот, како и патувањата на Телемах во потрагата по вистината за неговиот татко (одењето кај Нестор во Пилос, кај Менелај во Спарта), се всушност темелни одредници на патувањето само како патување. Во тие просторни координати се развива ликот на Одисеј како патувач, како некој кој истражува и бара нови можности. Тоа е она што го искористува научната фантастика како елементарна точка. Тоа е она што може да се препознае и во потребата од „откривањето на новите светови“, како што вели Капетанот Пикард во својот дневник, бидејќи во секој од тие „нови светови“ еден или повеќе ликови се комплетираат и се презентираат во некој личен каракатерен оптимум. Во концептот на Ѕвездените патеки, во секоја епизода, без разлика дали станува збор за серијата или филмот, се тематизира патувањето на наједноставен начин, притоа, прикажувајќи му на гледачот, како од едно рутинско патување може да настане цела една одисеја, цела една комплексна авантура. Поради, преобемноста на овој феномен, во ова истражување се задржав само на еден малечок дел од патувањата како концепт на една медиумска експликација, како што е примерот со оваа серија – феномен. Се разбира дека мотивот на истражувањето и понатаму останува привлечен, посебно во еден суптилно организиран проект како што се Ѕвездените патеки.

Патувањето продолжува

          И покрај тоа, што во овој труд, се обидов да дадам неколку примери од научната фантастика каде што доминира мотивот на патувањето, мора да се напомене, дека феноменот е огромен и бара уште многу истражувања. Всушност, самиот жанр – научна фантастика се темели на патувањето, а со тоа подразбира, истражување на огромен материјал. Меѓутоа, на ист начин, како што се елаборира патувањето во теоријата на литературата подредена на истражувањето на патувањето, така и патувањето може да се елаборира според начелата на неговото еманирање во делата на научната фантастика.
          Компарацијата Одисеја на Хомер, не според структурата на делото, туку според анализата на настанот, за да се роди феноменот одисеја, со делата од научната фантастика, поточно на мал број од нив, но исклучително препознатливи и маркантни, значи препознавање на концептот на патувањето и негово понатамошно доелаборирање. Во својата книга Светот на откритијата/The Discoverers, A History of Man`s Search to Know His World and Himself (1983), истакнатиот американски историчар Даниел Џ.Борстин/Daniel J. Boorstin, на фасцинантен начин ги опишува патувањата и потребата на човекот да го открие не само светот околу себе, туку и самиот себе. И самата книга е всушност, патување кон новото и досега за нас непознато од историјата, поточно, од минатото на човештвото. Во контекст со ова истражување, како да се надополнуваат неговите зборови дека „да ја открие планетата, човечкиот род морал да се ослободи  од своите прастари надежи и стравови, па и да ги раскрили капиите на своето искуство“ (Borstin 2001, 85).  На тој начин, патувањата биле прво имагинарни (според него една географија на имагинацијата), потоа реални и сурови, за потоа во уметноста, повторно да станат дел од еден фиктивен свет. Во научната фантастика тоа соочување со стравовите и надежите е посебно опишано, на начин што патувањето не мора нужно да биде убаво и комотно, но секогаш е полно со предизвици! Затоа и понатаму патуваме.


Белешки


[1] Arthur C. Clarke (1999) Greetings, Carbon-Based Bipeds – Collected Essays (1934 - 1998), New York: St.Martin`s Griffin.

[2] За филмот може да се дополни и една исклучително важна референца што ја дава Зоран Живковиќ во Енциклопедијата на научна фантастика: „Сè во овој филм е избрусено до совршенство. Одисеја супериорно зборува со јазикот на сликата, раскошно доловувајќи ги оние сегменти на една надстварност кои повеќе не би можеле да бидат познати нути во било кој друг медиум“. (živković, 1990: 172)
Одисеја 2010 – филмот работен според продолжението напишано од Артур Кларк, а режирано од Питер Хајмс/Petewr Hyams, и тоа шеснаесет години подоцна, е исто така извонреден филм, само што има еден едниствен недостаток – „претставува продолжение на СФ филмот од кој најверојатно никогаш нема да се сними подобар 2001: Одисеја во вселената“ (исто, стр. 171)

[3] Ѕвездени патеки има 7 ТВ серијали и 11 играни филмови. Во Њујорк, од 3 до 7 октомври 2006 година беше организирана аукција во New York Christies, на тема Ѕвездени патеки. Се смета дека е една од најголемите и најдоходовните светски аукции за некој феномен поврзан со научната фантастика.

[4] Ги играат, последователно, актерите: Вилијам Шатнер/William Shatner, Алан Рук/Alan Ruck, Триша О`Нил/Tricia O`Neil, Патрик Стјуарт/Patrick Stewart, Кејт Мулгреј/Kate Mulgrew, Скот Бакула/Scott Bacula и Ејвери Брукс/Avery Brooks, некои од нив се стекнуваат со светска слава благодарение на ликот што го играат во серијата/филмот Ѕвездени патеки.


Литература

  1. 2001: Одисеја во вселената: види IMDb (26 апр.2009)
    2. Borstin, Danijel Dž. (2001) Svet otkrića, Beograd: Geopoetika.
    3. Borstin, Danijel Dž. (2003) Svet traganja, Beograd: Geopoetika.
    4. Grevs, Robert (1991) Grčki mitovi, Beograd: Nolit.
    5. Ѕвездени патеки, види Startrek.com (28 апр. 2009)
    6. Clarke, Arthur C. (1999) Greetings, Carbon-Based Bipeds – Collected Essays (1934 - 1998), New York: St.Martin`s Griffin.
    7. Klark, Artur (2003) 2001: Odiseja u svemiru, Beograd: Mono&Manjana, Moć knjige.
    8. Legvin, Ursula (1992) Stalno se vraćajući kući, Beograd: Polaris.
    9. Њиши, Армандо (пр.) (2006) Компаративна книжевност, Скопје: Друштво за компаративна книжевност на Македонија и Магор.
    10. Filips, Džin (2004) Stenli Kjubrik, Beograd: Hinaki.
    11. Хомер (2008) Одисеја, Скопје: Магор.
    12. Živković, Zoran (1983) Savremenici budučnosti, Beograd: Narodna knjiga.
    13. Živković, Zoran (1990) Enciklopedija naučne fantastike I, II, Beograd: Prosveta.
    14. Živković, Zoran (1995) Ogledi o naučnoj fantastici, Beograd: Junior.