ОД СВЕТА ТВОРЕЧКА ФАМИЛИЈА ДО ПОЛИТИЧКА ЕСЕИСТИКА

КОЛЕ ЧАШУЛЕ, АНТИМЕМОАРИПРИРЕДЕНА ОД Ј. ЛУЖИНА, СКОПЈЕ: МАНУ, 2009

Ката Ќулавкова

          Многу се радувам кога ќе прочитам предговор кон една книга од којшто има што да се научи за писателот и за неговото дело. Во тие мигови, повторно, добивам импулс за реплика спрема сите недоверчиви приговори на скептичните читатели кои имаат аверзија на овој тип метатекстови како отклонувачи на вниманието и како заблудувачи на читателот. Не толку затоа што и самата не би стигнала до некои информации и сознанија за делото и за авторот, туку затоа што, првенствено, читањето на пролозите кон книгите го сметам за составен дел од читањето на книгата и составен дел од обредот на подготовка за пишување за книгата.  Ритуалот на сосредоточување е увод во толкувањето за книгата и реторичка алатка во оној дел што класичната реторика го нарекува инвенција (хеуреза).
           Така и овој пат, читајќи ги есеите на Коле Чашуле, објавени неодамна под насловот Антимемоари, во едицијата на МАНУ – „Есеи“, во едно навистина убаво издание (во една едиција која го покажува капацитетот на МАНУ да ја претстави продукцијата на своите писатели – членови, која не е егземпларно научна, туку наклонета кон уметничкиот, кон нефикционалниот автобиографско–мемоарски дискурс, која е всушност една хибридна книжевна матрица!), ги прочитав и сите други додатоци – био-библиографската белешка и предговорот на приредувачот на оваа книга, професор д-р Јелена Лужина, сопатник на Коле Чашуле во последните 22 години од неговиот живот.
          И, ете, го доживеав она што го нарекуваме задоволство во читањето. Зборувам за задоволството на читателот, поставено наспрема бартовски дефинираното задоволство во текстот, првенствено поврзувано со авторската позиција. Тоа читателско задоволство се преобразува во она што јас го нарекував – задоволство во толкувањето.  Тоа е онаа ментална и емотивна точка кајшто започнува секој метадискурс, особено промотивниот и пофалниот (епидеиктичкиот). Толкувањето, макар во форма на пролог, не е индиферентно во својата критичко-теориска и херменевтичка интенционалност, туку навлегува, и самото, во флуидот на мемоарското, биографското и автофикциското. За да се случи тоа потребна е силината, моќта на мемоарските текстови. Такви, силни и моќни, се анти-мемоарските текстови на Коле Чашуле, што ние денес ги промовираме и кои се повод за едно дискретно комеморирање на величината на оваа историска личност на современата македонска култура. 
          Спрегата меѓу критичко-теорискиот и толкувачкиот говор со мемоарскиот стил на есеистичката, литераризирана проза на Коле Чашуле е налик на спрегата која е воспоставена меѓу субјектот кој посматра и субјектот кој доживува, раскажувачко-актерскиот субјект на и во самите Антимемоари. Таа спрега го генерира мешаниот жанр што Коле Чашуле го нарекува, пркосно и инвентивно, Антимемоари. Таа спрега се покажува како погоден простор за поврзување на две клучни карактеристики на личноста на Коле Чашуле, пркосот и инвентивноста, бунтовџискиот менталитет и потребата да се уважи стварноста како саможив дел на имагинацијата. Таа спрега ги има поврзано со една флуоресцентна мнемоничка нишка записите на Коле Чашуле кои се провлекуваат низ повеќе децении, низ повеќе географии и низ повеќе биографии. Тоа е онаа заедничка црта која ги поврзува различните сеќавања, прото-сеќавања и анти-спомени, во една композиција врз којашто е втемелена хомогеноста на последната, лична и аманетна, книга на Коле Чашуле. Таа спрега е проекција на онаа намера на читателот без којашто не би постоеле книжевните дела – намерата која е израз на волјата, свеста и потребата на писателот да состави една целина, да претстави еден свет на еден посебен, нему својствен начин, со некаква друга, внатрешна намера – нешто да се предочи како постоење, нешто да трае како книжевен спомен-ик и да обележува едно време. Нешто да биде интимна историја на Македонија во дваесеттиот век, особено на неговата втора половина.

          Во таа намера, намера која – по правило - е посилна од авторот и која никогаш не е експлицитно искажана, туку воврена интуитивно и енигматично во текстурата на книгата и во нејзините значењски слоеви, доајенот на македонската култура, Коле Чашуле, ја создава, па и ја објавува, на самата граница, по рабовите на живеачката и на постхумниот опус, книгатаАнтимемоари, која врши неколку значајни функции, што јас овде би сакала барем таксативно да ги набележам:

1. Книгата Антимемоари на Коле Чашуле, колку и да се декларира како антимемоарско дело, се обидува да одбрани од заборавот бројни македонски приказни, се обидува - на обеспаметената состојба на амнезија да и’ ја спротвстави македонската мнеме, македонската современа „сторија“ составена од бројни парчиња, фрагментирана мозаички, така што едновремено да претставува и целина за себе, и целина на делови.

2. Токму оваа, антимемоарска книга на Чашуле, составува една неофицијална, субјективна, ама речита, естетизирана и илустративна историска читанка на современата македонска историја. Мозаикот на таа историја се протега во неколку антимемоарски кругови или циклуси – од првиот со наслов „Пишување“, во којшто Чашуле се осврнува на своите книжевни учители/даскали, претходници и генерациски сродници, преку вториот дел со наслов „Сеќавање“, хроматизирано од боите на театарскиот живот на просторите на Македонија и на некогашна Југославија, до третиот дел со наслов „Носталгија“, мемоарски круг кој го покрива наративот на националниот и политичкиот ангажман на Коле Чашуле.

3. Откако ќе се наведат примарните наративни интереси на трите циклуси на книгата Антимемоари, ќе стане јасно дека Коле Чашуле со оваа книга ги синтетизирал и ги легитимирал своите три егзистенцијални, творечки и интелектуални подрачја на дејствување: книжевноста, театарот и националната политика. Овие подрачја се трите главни музи на неговата творечка преокупација, неговата „света фамилија“.

4. Токму затоа и не е неоправдана дескриптивната категоризација на овие антимемоарски текстови на Коле Чашуле како политички есеи. Мемоарите секогаш одат од онаа страна на иманентните книжевни, театарски и уметнички простори, навлегуваат во сферата на културниот, општествениот и политичкиот живот, па оттаму стигнуваат на прагот на политичката рефлексија и се конституираат како политичка есеистика. Не обични спомени, туку критички мета-мемоари кои почиваат врз една вредносна дистанца и ја покажуваат моќта на херменевтичката фузија на хоризонтите на авторот, на историјата и на перспективата на другиот, слеани во едно, во една интимна и заветна перспектива. Интимна, затоа што не ја прикрива доживеаноста на сите собитија за коишто се говори во книгата, заветна затоа што се става на преден план колективниот културен, а не личниот мемоарски интерес. Овие мемоари не се мемоари заради мемоари, туку мемоари заради Македонија. Можеби затоа Коле Чашуле ги нарекува антимемоари. Од нив треба да почнува една нова историска практика на македонско самопочитување и да се стави ад акта политиката на инфериорно себедоживување (небаре Македонците се помали од маково зрно).

5. Насловот на третиот мемоарски круг речито ја сугерира доминантната состојба на духот на писателот, драматичарот и културниот/национален деец Коле Чашуле. Тоа е состојбата на носталгија – носталгијата по онаа Македонија што веќе ја нема, копнеењето по едно изгубено време повторно пронајдено во мемоарските писма, дневници и есеи на Чашуле, онаа Македонија која е на беспаќе, онаа Македонија која е повторно предмет на нескриени желби и мрачни пориви, онаа Македонија за којашто Коле толку потресно пишуваше и зборуваше последните денови пред да замине онаму, на другиот свет.

  1. Антимемоарите на Коле Чашуле се читлива книга, убава лектира која и покрај сериозноста на проблематиката за којашто пишува, тоа го прави на интересен начин. Оваа книга може да се чита слободно – во секое време, да се почне од секое место во книгата, да се стигне таму кајшто води љубопитноста и уживањето. Оваа книга е вид катарса на еден уморен, не толку од искуство колку од залудни опомени, писател. Затоа и треба да се чита како лекција по потсетување дека луѓето не се анисториски и анационални креатури, туку високо сензибилни суштества на кои им е потребна виша цел, кои копнеат по некој идеал и кои немаат мандат да го уриваат она што претците го создале. Луѓето се индивидуални, но и надиндивидуални суштества чијашто свест е предодредена од совеста, од претставите за доброто и за убавото, та затоа и се здружуваат околу одбрани мотивирачки идеи и цели.
  2. Антимемоари на Коле Чашуле е денес референтен показ дека, на почетокот на дваесетипрвиот век, се редефинира историчноста на книжевноста, како што впрочем во условите на новиот транзиционен свет (а не само Македонија) се редифинира и улогата на писателот, на критичарот, на уметникот, на научникот. Само пред неколку години на ова укажа во својот воведен говори во Стокхолм, нобеловецот од Велика Британија, Харолд Пинтер, а по него, во еден антимемоарски вид и нобеловецот од Турција, Орхан Памук.

          Времето во коешто живееме, почитувани, допушта и налага афирмација на врвниот естетизам во уметноста и  културата. Но, истото тоа време легитимно се залага и за еден рафиниран, мудар, макар имплицитен, ангажман на писателот и на уметникот за повисоки цивилизациски вредности. Ако тесно-националните идеали ги поставуваат писателите на спротивставени страни, цивилизациските интереси ги обединуваат. Тие цивилизациски интереси се артикулираат преку матрицата на хуманизмот, на којашто денес треба почесто да помислуваме. Актуелизиран, хуманизмот денес и овде, апелира на почитување на темелните човекови права, она што во последниве години на Македонците толку често им се негира и што тие самите невешто го бранат или зачудувачки индиферентно го игнорираат! 
          Ако сакаме да ги обопштиме вредностите на книгата Антимемоари на Коле Чашуле, а во ова кратко време мораме тоа да го направиме, тогаш ќе кажеме дека оваа книга политички есеи е лекција по хуманизам. Денес не само писателите и читателите од мојата и од помладите генерации, туку и оние од постарите, би можеле, во знак на почит спрема богатиот опус на Коле Чашуле, меѓу другото и наш колега, член на МАНУ, да му признаат дека за многу работи можат да го посматраат како учител и да му кажат - „Сполај ти, Даскале“.

(Скопје, 10.12.2009)