ГЛОКАЛНОСТА НА ЧИНГО

XXII ВЕЧЕРИ НА ЧИНГО

Иван Џепароски

Дами и господа, драги пријатели,

          Сите ние знаеме дека на денешен ден 13 август 1935-тата година, овде во Велгошти, пред седумдесет и четири години Живко Чинго го започна својот живот. Исто така свесни сме и дека веќе дваесет и две години, од 11 август 1987-та година, тој не е меѓу своите соселани, како што не е ниту меѓу своите сограѓани од населбата Тафталиџе во Скопје.
          Секако, можеби е помал бројот на оние што знаат и што веруваат дека нашиот Чинго, нашиот волшебник на фантазмагоричното, нашиот фасцинантен  раскажувач, за мнозина иследувачи дури и пред нобеловецот Габриел Гарсија Маркес, со својата имагинација и со нејзината релизација преку романите, расказите и драмите, како да го вообличи прозниот магиски реализам. 
          Но, дури и за оние што не знаат или, пак, не сакаат да знаат, за инает на судбината, тој со своето дело денес како да е уште поприсутен од кога и да е. Неговите збирки раскази, почнувајќи од Пасквелија (1961) и Нова Пасквелија (1965), па сè до посмртно објавените раскази од книгата Бунило (1989), неговите романи, од Големата вода (1971) па сè до постхумно објавените романи Ал (1989) и Бабаџан (1989), неговите драми, од Образов (1973), Ѕидот, водата (1976), преку Кенгурски скок (1979) па сèдо Макавејските празници (1982), се и денес трајни сведоштва за еден восхитувачко цврст амалгам на мечтата, иронијата, гротеската и на јазичното богатство вткаено во основите на  раскажувањето. Затоа сите негови книги, без исклучок, говорат за едно крајно совесно пристапување кон занаетот на раскажувањето, при што прочуениот диктум „совршенство или смрт“ како да станува и темелна одредница на севкупното дело на Живко Чинго.
          Јазичен и стилски перфекционист Чинго постојано работи врз своите текстови, та дури и објавените ги преработува и ги доусовршува трагајќи по наједноставниот но и највосхитувачкиот израз. Во неговите реченици - „на мислите им е широко а на зборовите тесно“, во неговите демаскирања на моралните странпатици - на доблесните им е пријатно а на подлизурковците им се стемнува, во неговите описи на безумието на верувањето во апсурдите на идеологијата - секогаш догмата и нејзините двојни аршини се жигосуваат а   творештвото и слободата се фалбоспеваат. Затоа за Чинго неговиот естетски чин секогаш е и длабокоморален чин, како што и фактот дека тој скоро никогаш не морализира ниту доцира, е свесно одбран пристап кој бара од уметноста не да n служи на стварноста туку стварноста да биде тема на врвната уметност.
          Затоа нашата книжевна критика високо и го вреднуваше делото на Чинго постојано укажувајќи дека кај него е јасно изразена онаа „неуморна страст на опсерватор“, оној „совршен нерв за елементарното“, она „длабоко разбирање на човековата природа“, како и „сензибилитетот и имагинацијата на првокласен прозен творец.“ Токму затоа неговата книжевност, „тој летопис е триумф на способноста за паметење на животот, паметење со уметнички дострели од трајна и општочовечка важност.“ (Бошковски 1989, 187) Ваквите ставови недвомислено ги споделуваат и припадниците на постарата генерација книжевни критичари, како Милан Ѓурчинов и Георги Старделов кои укажуваат дека неговото дело е „оригинално и импресивно“ (Ѓурчинов) или, пак, дека претставува „ингениозна поетска имагинација“ (Старделов), но и на помладата генерација книжевни критичари како на пример Лорета Георгиевска-Јаковлева која смета дека Чинго оформува еден „единствен, самосвоен стил“ (Георгиевска-Јаковлева 2000, 124).
          Сепак, обидот на Старделов естетичката категорија творештво да ја изведе врз основа на прозното дело на Чинго, при што суштината на уметноста ја открива низ самата уметност, завредува особено внимание. Според Старделов, „во сета негова книжевност течеа и се кристализираа две највисоки и најврвни пројави на македонскиот творечки дух: македонските апокрифни творби, познатите тајни и таинствени богомилски легенди, и Марко Цепенков со своите најубаво раскажани народни приказни и легенди. И не треба да се исчудуваме зошто во својата проза Живко Чинго, како и другите врвни балкански писатели, толку многу трагаше по она што може да се нарече локален колорит, зошто толку многу го преокупираа локалните човечки судбини, зошто на толку мало географско место ја сосредоточи сета своја раскажувачка проза, и зошто својот јазичен идиом го градеше најчесто на дијалектниот говор полн со свежина и убавина! Не, не треба да се исчудуваме зошто големите писатели го чувствуваат тоа однатре, од некое свое внатрешно сетило, дека само преку посебноста се стигнува до универзалноста. И тоа не е никаков парадокс -  продолжува Старделов – кога ќе речеме дека најлокалниот македонски писател е, истовремено, и најсветскиот македонски писател, како, меѓудругото, и сите светски писатели.“ (Старделов 2004, 305)  
          Чинго, оттаму, е и глобален и локален, или да употребам еден постмодерен термин врзан за културологијата и за екологијата, тој е „глокален“ зашто дејствува глокално, односно неговото влијание се манифестира и глобално и локално.
          Затоа вечерва нему му оддаваме чест локално, во неговото родно село Велгошти, како што му оддава чест и звезденото небо над нас исполнето со глобален метеорски дожд што започна уште од сношти а ќе трае и вечерва по полноќ до изгрејсонце. Сакам да верувам дека со звезденото небо над нас и со моралните закони во нас (како што велеше пред повеќе од два века Имануел Кант) и дека со дождот од метеори што минуваат крај соѕвездието Персеј во овој миг, на најдобар можен начин и природата се приклучува кон ова наше чествување на ѕвездениот Живко Чинго.

(Велгошти, 13.9.2009)


Литература

1. Бошковски, Т. Петар. 1989. „Проза за човекот низ механизмите на отуѓената моќ“, поговор кон Ж..Чинго, Бунило. Скопје: Мисла.
2. Георгиевска-Јаковлева, Лорета. 2000. Огледало на дискурсот. Скопје: Институт за македонска литература.
3. Стаделов, Георги. 2004. Балканска естетика – една друга естетика. Скопје: МАНУ.