ДОН КИХОТ: НАСЛЕДСТВОТО ОД ПРВИОТ МОДЕРЕН РОМАН

Хосе Марија Пас Гаго

          1. Основниот расказ на модерниот роман, Дон Кихот[1], се состои од еден наративен текст со извонредна комплексност, богатство и модерност.
          Во наративната форма и нејзините отворени и мнозински пораки, Дон Кихот не само што е првиот наративен текст на реалистичната фикција во проза, односно, прв модерен роман туку, освен тоа, тој го надминува и она што ќе биде постмодернистички роман, инаугурирајќи ги карактеристиките кои го дефинираат: дијалогизмот и полифонијата, фрагментарноста и интертекстуалноста, фантастичноста и металитерарната рефлексија. Надворешниот наратор на овој роман, освен што го воведува литерарниот реализам со сите негови последици, ги манипулира со една вешта невообичаена техника и наративните и фикционалните постапки кои ќе бидат имитирани и експлоатирани, поништени или повторно создадени во текот на овие четири века од историјата на романескниот жанр.
          Времето и просторот, конфигурацијата на заплетот на приказната (интригата) или на структурата на дијалогот, онаа на којашто мислел Ортега дефинирајќи го романот како збир дијалози, мнозинството имагинарни светови... сè е потчинето на една свесна и предводничка подготовка, на начин на којшто во него се наоѓаат -претходно издвоените - класичниот и барокниот роман, традиционалниот или експерименталниот, модерниот или постмодерниот, наративните форми на минатото, на сегашноста и на иднината.
          2. По Романтизмот, кој го посочи јасно големото значење (важноста) на генијалната сервантесовска творба, поновите текови на книжевно-теориската мисла, од типот на психоаналитичката критика и на постструктурализмот, можеби подобро сфатија што значи Дон Кихот за современата литература. Критичката линија која ја наоѓа својата основа во Фројд и во неговите следбеници, од Јунг до Лакан, широко применета во Кихот, секогаш создавала вредни, храбри и провокаторски придонеси, иако со нееднаков интерес.
          На проучувањето на сервантесовскиот лик од оваа перспектива прв ѝ приоѓа Рене Жирар, во неговиот познат есејРомантичарската лага и романескната вистина (Mensonge romantique et vérité romanesque од 1961), во којшто дел од аналитичкиот фројдовски концепт на желбата, една миметичка желба разбудена од желбата на другиот, од една триаголна желба за другиот: дон Кихот би бил субјектот на желбата преку моделот на имитирање, во неговиот случај, Амадис. Од оваа перспектива, потврдена од една трикратна теорија на желбата и од една теорија на другоста, Жирар (1973, 57) ја потврдува генијалноста на Сервантес преку неговата способност да ги покрие екстремните форми на желбата спрема другиот, отелотворени во дон Кихот и во Анселмо, ликови меѓу коишто би спаѓале и другите од сите најголеми модерни романсиери какви што се Флобер, Стендал, Пруст или Достоевски.
          Во Mensonge romantique et vérité Romanesque, Жирар ја изнесува својата теза на триаголната желба како основа за теоријата за автентично романескниот роман - la théorie du roman romanesque -, која била донесена во практиката на несовладлив и дефинитивен начин од Сервантес: La puissance créatrice est si grande chez le père du roman moderne qu'elle s'exerce sans effort dans tout l'espace romanesque. Il n'est pas une idée du roman occidental qui ne soit présente en germe chez Cervantès (1973, 57).
          Во сржта на француската критика со психоаналитичка тенденција, Марта Робер (Marthe Robert) се обидува да го објасниКихот преку фундаменталниот текст на Сигмунд Фројд за психичката генеза на целата наративна фикција, во студијата Романот сроден на невротичарот (1909). Таа, во L'ancien et le nouveau. De Don Quichotte à Kafka (1967) и во Roman des origines et origines du roman (1972), покажува дека расказот на Сервантес би бил една од оние фикции кои во прв план ги ставаат противречните врски на индивидуата со светот, авантуристичкиот роман кој претставува освојување и индивидуална потрага на којашто се спротивставуваат општите барања, барањата на мнозинството (1972, in 1981, 168). Кихот, како Робинзон Крусо на Дефо, фикционално ја претставува историјата на една екстремна осаменост, историјата на еден збунет, далечен и анахроничен човек кој се бори против реалноста во функција на неговата психичка состојба.
          Заклучокот на Роберт (1981, 191) се формира, буквално, на линијата на Фројд: ликот на Сервантес ќе ја оствари токму мегаломанската програма на најденото дете, напуштеното дете кое му се спротивставува на светот и кое се сместува на неговите маргини, а освен тоа го прави тоа како што никој друг херој од светската литература претходно не се осудил да го направи.
          3. Предводникот на структуралистичкиот објективизам, Ролан Барт, ги изненадува сите со својот краток и фрагментарен есеј, Le plaisir du texte, манифест на текстуалната еротика, која дваесет години подоцна во својот прв теориски одраз Нултиот степен во пишувањето (1953), го дефинираше текстот како „место за љубовна игра“. Лебедовата песна на Структуралната поетика, која беше потпишана во неофицијалниот орган на Новата француска критика (Nouvelle critique), познатото париско списание Tel quel, една статија со еден исклучително значаен наслов, во таа иконокластичка 1968 година, „Смртта на авторот“, го исповедаше сега своето копнеење по субјектот на пишувањето: иако (авторот) е мртов како институција, читателот го посакува авторот, има потреба од неговата фигура.

          Според мене, Задоволството во текстот содржи едно фасцинантно роланбартовско читање на првиот модерен роман, несомнено, текстот на задоволството par excellence. Целиот есеј на Барт се движи околу Кихот кој се појавува експлицитно цитиран во централната оска на ова хаотично и фрагментирано пишување за искуството на пишувањето и на читањето, на страницата 50 од една книгичка од стотина страници, во главната едиција на парискиот издавач Du Seuil. Писателот ни зборува тука за интертекстот par exellence, за апсолутниот и дефинитивниот текст со целосно текстуално повикување, што за него е делото на Пруст - ни вели - како што рицарските романи биле за дон Кихот. (стр. 50)
          Барт верува дека делото референт, опшата матеза, мандалата на целата литературна космогонија е делото на Пруст, но признава дека, всушност, тоа е делото на Флобер, а ние знаеме дека тоа е делото на Сервантес. Апсолутниот интертекст, онаsouvenir circulaire, не може да биде ништо друго освен романот на Сервантес, бидејќи, како што вели Кундера, и како што неодамна нè потсети Жан Канаваџио, романсиерите не му должат никому толку многу колку што му должат на Сервантес. Задоволството во текстот ни го открива огромниот придонес на Флобер во историјата на романот, постигнувајќи многу суптилна, речиси неодржлива состојба на дискурсот: деконструкцијата на нарацијата и, освен тоа, читливоста на приказната. Ова изненадувачко откритие, овој парадокс - деконструирање на нарацијата кога истовремено се конструира приказната - Флобер ја научил од Кихот, романот што го читал неуморно во текот на своето детство и што го знаел на памет пред да научи да чита.
          Дискурсот на Флобер за Барт е највисокото искажување на задоволството што читателот може да го постигне при експериментирањето и, истовремено, еден од најлудите дискурси кои можат да бидат замислени, затоа што авторот на Бувар и Пекише (Bouvard ет Pécuchet) - автентичниот Трет Дел од Кихот на Хуан Хосе Саер (Juan José Saer) - знаел да ја маскира нарацијата и да го рекреира реализмот, мимезисот на јазикот - изворот на најголемите задоволства - на еден двосмислен и парадоксален начин. Во неговите приватни преписки, Флобер го признава местото каде што го открил својот нов реализам, токму во ликот на Санчо: Колку сирота креација, на пример Фигаро, покрај Санчо!, извикува во писмото упатено до Лујза Колет (Louise Colet) на 26 август 1853-тата година. И продолжува со оној познат цитат за реализмот на романот и на светот што тој го одразува: како само го замислуваме врз неговото магаре, како јаде сиров лук и го с’ска своето седло, истовремено прикажувајќи си со својот господар. Како само се гледаат оние патишта во Шпанија, никаде опишани. Пред вештачките ликови, пред литературата на општеството, ја спротивставува Флобер оваа жива, реалистична, најмодерна литература, отелотворена во единствениот лик на Санчо, неизбежен извор на литературниот реализам.
          Бартовското препрочитување директно упатува на сервантовското тематско јадро, кога установува дека книгите пишувани од сржта на лудилото, против неврозата и од неврозата, се книгите што ги привлекуваат читателите. Ништо покихотовско од тоа чувство на невроза од страна на Батај (Bataille), обидот за претставување на невозможното, за основниот текст на модернитетот на книжевноста да се претвори во она место на љубовната игра, на дијалектиката на желбата и, можеби исто така, на уживањето (juissance). Книгата ја прави смислата, смислата го прави животот, соодветно бартовско адаџо за толкување на романот на Сервантес и проблемот на однесувањето кое му влијае на протагонистот, оној нов рицар - скитник кој го меша светот од своите омилени книги со реалниот свет и со животот. Ако веќе првите параграфи од Задоволството на текстотсоздаваат еден совршен опис на Дон Кихот, таа индивидуа која му се фрла в лице на светот, антихеројот, накратко читателот, тогаш последните параграфи ја изразуваат историјата на неговите подвизи: Идејата на еден текст во којшто би била вплеткана, вткаена, на најличен начин, врската меѓу сите уживања: оние на животот и оние на текстот, кадешто истата анамнеза би ги подразбирала читањето и авантурата.
          4. Еден од големите творци на современа фикција, оној вид на палимпсестна реинкарнација на Сервантес која се вика Хорхе Луис Борхес, зборуваше за интелигентната критика како вид проширувач на уметничките дела и ја прикажуваше токму таа навестувачка идеа со првиот модерен роман: Истиот Кихот еволуира секој ден кога се чита, сè додека стане едно многу попрочистено и многу покомплексно дело од она кое се роди во рацете на Сервантес. Така го читам јас првиот модерен роман, како сè покомплексен и поактуелен текст.
          Во своите извонредни текстови за пародијата, Хачион (Hutcheon, 1978, 1980 и 1985) зборува за Кихот истакнувајќи дека модерната пародија е одлучувачки фактор во забрзувањето на историјата и на литерарните форми, кои еволуираат во времето:се појавуваат нови синтези за создавање на нови форми. Пародичарите како Сервантес, едноставно, ја забрзуваат оваа постапка: од рицарските романи и од новите грижи за секојдневната стварност, се раѓаат дон Кихот и романот онаков каков што го знаеме денес (1978,  474).

Белешки

[1] Ова е предавање што професорот и сервантесолог Хосе Мариа Паз Гаго го одржа пред студентите на Катедрата за општа и компаративна книжевност и Романистика на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Скопје, 16 април 2010.

(превод од шпански: Фросина Стојковска)