ОСМОТО СВЕТСКО ЧУДО ОД ЈОРДАН ПЛЕВНЕШ

ЕНЦИКЛОПЕДИЈА НА МАКЕДОНИЈА ЗА РУСКИТЕ ЧИТАТЕЛИ

Марија Проскурнина

          Краjот на 20-от век се карактеризира со кризните поjави кои се манифестираат во општествено-политичкиот и во културниот живот. Особено остро на овие појави реагира литературата и, како своевидно огледало, ја отсликува културната и општествената состојба, бидејќи литературата не може да ги игнорира проблемите на општеството: авторите не живеат во вакуум и, како и читателите, се вовлечени во процесите на одделувањето или вклучувањето на човековото сознание во оваа или онаа општествено-политичка идеја.
          Во тој однос, значаен е романот Осмото светско чудо (2005) од Ј. Плевнеш. Л. Георгиевска-Jаковлева е во право кога вели дека „романот на Плевнеш ја открива  историската логика на постоењето на Европа како логика на преголемо производство на смрт, во 20 век идентификувана во две големи идеологии, фашизмот и комунизмот”[1]. Современа Европа во овој роман изгледа не само што како еден простор поделен на цивилизирана Западна и варварска Источна, туку и како жртва на најразлични идеолошки експерименти, политички авантури во минатото и сега - во периодот на глобализација. Во романот Осмото светско чудо денешна Европа е претставена како општество во кое владее култот на парите. Тука „купуваат и продаваат држави, нации, религии, развратот на капитал доживува една интернацонална оргија, а милиони човечки суштества умираат од глад...” (60). Иако времето на настаните во романот се однесува на определен историски период од европската историја (падот на Берлинскиот ѕид во 1989-тата година), сепак тоа што се случува понатаму (како во сонот и фантазијата на Александар Симсар за Осмото светско чудо наречено „Крошната на светот”, симболот на сè она што го обединува светот, изградено на планината Галичица), претставува многуслојна универзална (речиси митолошка) „конструкција“ која си поигрува со просторно-временските граници на древната, но и на современата култура и историја на македонските Словени во контекст на цела Европа. Тоа е слоевит свет на кодови со кои авторот ги интерпретира минатото и сегашноста на Македонците.
          Романот е излезен во почетокот на 21-от век, кога процесот на негирање на Македонците и нивниот национален идентитет се доживува како најостар културолошки, историски и политички напад врз основите на македонскиот живот, но исто така и врз толеранцијата и хуманизмот како главни концепти во постоењето на современа Европа. Светот денес мора да признае дека полифоничноста е органски дел на македонскиот идентитет, незамислив надвор од европскиот контекст. „Македонија го формира својот идентитет во склоп на еден поширок просторен контекст – регионалниот (балканскиот и европскиот)”[2]
. Очигледно е дека актуелизацијата на европскиот културен контекст во романот Осмото светско чудо на авторот му треба поради размислите за македонскиот историски, територијален, државен, национален, јазичен и културен идентитет.
          Во романот како најбитна се доживува универзалната претстава на светот, виден со очите на Македонецот кој ги чувствува противречноста, нехиерархичноста и расцепканоста на културното пространство на Европа и на светот. Политичкиот код на романот, многубројните асоцијации, алузии, контексти му овозможуваат на авторот сериозно да зборува за проблемите кои ги обременуваат не само Македонецот, туку и цела Европа денес: како да не се изгуби своето, националното, специфичното во услови на глобализација, зашто таа подразбира бришење на сите разлики? Авторот креира специфичен уметнички простор во својата книга, а одговорот на прашањто за идентитетот го пронаоѓа во историјата, во зачувувањето на националното паметење, но и во осознавањето на фактот дека Македонија е дел од светскиот простор.
          Ако го гледаш романот со очите на некој руски читател кој скоро ништо не знае за Македонија сфаќаш дека сликата за Македонија како симболичен крстопат – „место каде што што се сретнуваат и се надградуваат палимпсестно цивилизациите една врз друга”[3]
– за овој читател станува сигурен предизвик за откривање. Александар Симсар вели во авионот: „Во македонскот воздушен простор влеговме! Еве, и на десет илјади метри го чуствувам воздухот на Македонија ... Да се разбереме, македонскиот воздушен простор е многу мал ... го надлетуваш за седум минути во спуштање ... Мала е Македонија, мало е сè по глава на жител, но голема е мојата идеја за Осмото светско чудо. Можеби целата историја на Македонија се смалува од Александар Македонски до денес, за да се оствари оваа голема идеја во твојата падната глава, си рече Симсар” (73-74).

          Утопијата на Александар Симсар – Крошната на светот – ќе го привлече читателот-странец коj ќе се запознае со Македониjа преку книгата на Плевнеш. Двете езера, планината Галичица, нејзината флора и фауна, природните убавини на Македонија, нејзиниот културен потенцијал, фолклор, народна носија, легенди, историја, целата плејада македонски градители, светци, маченици, фрескописци, просветители, архитекти, книжевници, ѕидари  - сето тоа во овој роман е еден уникатен културен код, кој ја определува Македонија како антикварница на цивилизации, како мост меѓу константното и варијабилното, а со тоа и како најдоброто место за изградбата на Крошната на светот.
          Сосема правилно, проблемот на новата утопија, на остварувањето на светска хармонија Плевнеш го ситуира во рамките на  прашањето за националниот идентитет. Херојот на романот изјавува дека личниот поглед на светот, сопствениот идентитет и општочовечките вредности се суптилно поврзани работи, зашто само грижата за јазикот (т.е. за културната меморија) како непореклив маркер за националната, културна, дури и политичка автономија е исклучително важната компонента на националната себеперцепција и на општата хармонична слика на светот.
          Чудесната утопија на Александар Симсар, дрвената крошна која треба да се издига на 365 мермерни столба, на кои на сите познати светски јазици треба да бидат напишани имињата на децата-спасители и децата-убијци, и да вибрира од приспивната песна на идниот сон на човештвото, секако ќе u алудира на руската читателска публика и на една друга утопија – утопијата на социјализмот. Идејава е многу значајна за руската интелигенција во 19-от век (Чернишевски, Герцен, Огарев, Достоевски, Добролјубов, Белински, Лавров, Бакунин, Плеханов) и како своевидна мантра се користеше од комунистите во оние драматични историски околности на 20-от век низ кои помина Русија. Најверојатно од тие причини и социјалистичката и комунистичката идеја се споени во свеста на современиот Запад во монструозниот лик на Советскиот Сојуз. Меѓутоа, денес во цел свет социјалистичката идеја како антипод на индивидуалистичките вредности на идеологијата на современото општество на пазарна економија често ја носи во себе носталгијата на современиот човек за загубената определеност, како и за загубеното чуството на единство со другите луѓе. И денес, по падот на комунистичкиот режим, социјалистичката идеја (а идејава треба да биде сфатена сега одделно од комунистичката идеологија) сè уште е многу дискутабилна и најверојатно ќе му биде примамлива на човештвото уште долго, долго време.
          Сликата претставена од Плевнеш е обоена со есхатолошки нијанси. Осмото светско чудо, пред сè, е Чудо, т.е. нешто многу посакувано, магично, сказновно (бајковидно), но и (за жал!) најчесто неостварливо. Имагинарната слика на Осмото светско чудо, реална само во „падната глава” на херојот, поразот на Александар од страна на страшната симболичка фигура на Председателот на Новиот светски поредок и Белата Трговска интернационала, како и трагичното финале на романот се мошне значајни и го симболизираат негативниот однос на современото општество кон новата екстравагантна утопија за спас на човештвото преку зачувување на културната меморија. Смртта на Александар во романот, симболичката смрт на неговото неродено дете и алегоричната смрт на новата утопија го осиромашуваат светот и водат, на крајот на краиштата, кон смрт на културата.
          Очигледната иронија ја изразува скептичноста на писателот во однос на денешната „комерцијална” организација на светот и на судбината на новите утописки идеи за хармонизација на материјалното и духовното. Рефлексијата на Македонецот Александар Симсар има карактер на клучни егзистенцијални прашања. Всушност, неговиот живот е проткаен со метафизичката идеја за потрага по хармонијата која истовремено ја промовира и идејата за невозможноста истата да се пронајде. Земен во таков поширок контекст, романот Осмото светско чудо сигурно ќе предизвика големиот интерес кај руската читателска публика, зашто е општопозната посебната руска чуствителност кон различните утопии и кон рефлексијата, која што лежи во сферата на морално-филозофските национални вредности и прашања.
          Имајќи ги предвид конфликтите во врска со идентитетот во историјата на Македонија и на Балканот (особено во последните децении), ни станува разбирливо, зошто романот „Осмото светско чудо” се чита во Македонија, но и во светот а, искрено се надевам, дека ќе се чита и во Русија. Едноставно, авторот ги актуелизира најважните проблеми на современиот национален и наднационален живот во услови на глобализација.  Тоа особено важи за Македонија, која и во 21-от век сè уште се соочува со травматични конфликти во поглед на сопственото, лично име, во поглед на јазичната, национална, па и политичка автономија. Не знам дали би можела некоја „Македонска енциклопедија” (контроверзна или не!) да создаде толку силно ефектна потврда за древната, но и за онаа современа Македонија како духовна сила, која е способна да му ја подари на човештвото „градбата што ќе се издигне над сите национални, верски, политички, расни, географски и историски услови, за да не ги повторува грешките од минатото” (30), како што тоа го прави овој роман на Плевнеш.

Белешки

[1] Лорета Георгиевска-Јаковлева. „Помеѓу утопијата и безнадежноста – културна транзиција во романот Осмото светско чудо од Јордан Плевнеш” во Спектар. – Скопје: 200, бр. 50, 58.

[2] Катица Ќулавкова. Херменевтика на идентитети. – Куманово: 2006, 185.

[3] Ibid. 185.