БЛИСКИ СРЕДБИ ОД СЕДМИ ВИД

КОН КНИГАТА КРАТКИ РАСКАЗИ НА ВЛАДА УРОШЕВИЌ „СЕДМАТА СТРАНА НА КОЦКАТА“, СКОПЈЕ: МАГОР, 2010

Иван Џепароски

          Кога зарот се фрла, тогаш за очекување е да паднат броевите од еден до шест. Повеќе од јасно е дека постојат само шест страни на коцката, такашто секој обид да се тврди спротивното, меѓу коцкарски настроените играчи може да се протолкува како митска или како научна фантастика. Кога Цезар минувајќи го Рубикон обзнанил - „коцката е фрлена“ (alea jacta est), веројатно, не очекувал таа да падне на нејзината „седма страна“, но бидејќи во литературата и во уметноста, уште од времето на Аристотел (Поетика, гл. 9) па сè до денес, се говори не само за нештата онакви какви што биле или онакви какви што се, туку и за нештата онакви какви што можеле да бидат или какви што можат да се, оттаму не само стварноста туку и веројатноста (па дури и неверојатноста!) стануваат несомнени составни делови и двигатели и на книжевноста и на уметноста. (Аристотел 1979, 30-31).
          Но, ако книжевната и уметничката игровност покрај агонот, мимикријата и илинксот, го содржат и принципот алеа (според волшебникот на „Камењата“ и на „Игрите и луѓето“ – Роже Кајоа), тогаш да се бара седмата страна на коцката е сосем легитимен музичко-алеаторски книжевен потфат.
          Затоа блиските средби со седмата страна на коцката се средби со веројатното, неочекуваното, фантастичното и гротескното, со она што самиот автор го определува во „Додаток“ од книгата „Седмата страна коцката“ (2010, Скопје: Магор), во делот насловен  „За кратката прозна форма“, како „згусната енергија“. Тоа е енергијата на кратката прозна форма која за авторот Влада Урошевиќ, своето „гориво го обезбедува“ од „парадоксот, апоријата, апсурдот“, додека „изненадувањето, иронијата, хуморот се искри кои го предизвикуваат согорувањето“ (Урошевиќ 2010, 207).
          Овие „блиски средби од седми“ вид си имаат свои претходници меѓу кои завредува да се спомене Стивен Спилберг со неговите „Блиски средби од трет вид“ (Close Encounters of Third Kind, 1977), филмот во кој Ричард Драјфус и Франсоа Трифо остваруваат контакти со НЛО-а (UFO) и со разно-разни недоверливи НВО-а (NGO) и премногу доверливи ВО-и (GO). Овие блиски и куси средби свои претходници во литературата имаат кај Кафка, Борхес, Хармс, Карвер или Хемингвеј кој, пак, според своето длабоко уверување, го има напишано својот најубав кус расказ составен од само шест збора: “For sale: baby shoes never worn.” („На продажба: бебешки чевли, никогаш незаносени“).
          Затоа во книгата на академик Влада Урошевиќ се среќаваат и академски ременисценции во однос на некои од овие автори, но се остваруваат и блиски средби од n-ти вид, ем научно ем митолошко-теолошки засновани, ем филозофски, ем книжевно теориски засновани, како на пример оние на Адам и Ева со структуралистичко-антрополошките идеи на Клод Леви Строс; на Едип и Сфингата со Браќата Карамазови и со Сигмунд Фројд; на војсководецот Александар Македонски со Наутилус и со Капетанот Немо; на Св.Ѓорѓија со ламјата, но не за таа да се убие, туку за да ѝ се изврши ларинголошки хируршки зафат на кутрата ламја што не можела да голта поради своето оган-грло; на книжевниот критичар кој успева да забошоти цел еден век помеѓу 19 и 20 век; на групата археолози кои ги разгрнуваат слоевите за во седмиот најдлабок слој да го најдат ЦД-ти на „Ролинг Стоунс“ под наслов „Биг бенг“;
          Блиските средби од седми вид продолжуаат и со средбата на нуркачите со јапонската (а не руската како во рекламата на Т-мобајл!) подморница од Втората светска војна на дното на Охридското езеро; на рекламата за тоалетни сапуни подготвена од Птоломеј од Осломеј, а дешифрирана (иако оштетена) од страна на криптогтафското одделение на Институтот за палеобалкански истражувања; на неолитските „црти и решки“ со современите баркодови; на дедуктивниот метод што води дури до Неапол, со одбивниот реализам претставен како субјективен одраз на објективната стварност – како мешање на дејноста на Иван Павлов со онаа на Тодор Павлов (физиологијата со гносеологијата и естетиката);
          Во книгата се наоѓаат и реминисценции на прочуената средба со Лотреамон и со шивачката машина и чадорот на операционата маса (не случајно во болницата Салпетриер во Париз кадешто Фројд ги добиваше првите поуки од Шарко!); средба со маркизата што излегува во 5 часот (маркизата на Пол Валери и на Андре Бретон, но и на Пол Моријак и на Лидија Капушевска Дракулеска, и секако на уште двајца што го нема во овој краток расказ: на Катица Ќулавкова и нејзината истоимена песна и на мојот херменевтички текст за оваа песна објавен во „Стремеж“ под наслов „Како се станува маркиза?“ во далечната 1984 година;
          Потем во книгата „Седмата страна коцката“ се остваруваат и чудни средби  со египетската сфинга во рококо стил; се среќаваме и со различностите при средбите во чест на Бодлер, Рембо, Бретон, Жакоб, Кено, Кафка, Хармс, Борхес, Мишо, Шулц и Де Кирико – сe прекалени откривачи на реалното и на измисленото, на волшебното и на стварното.
          А што да се каже за средбата на гемиџиите со Рембо и со бродот Гвадалкивир во сопстевност на француската поморска компанија која му го отежнала животот на поетот-котрабандит! Но, бидејќи расказот завршува со зборовите „Проверете“, јас не бев мрзелив та проверив. И за чудо еве до што дојдов со својата интернетска браузибилност: на сајтот за компанијата Messageries Maritimes, старата и прочуена француска поморска компанија, и тоа не каде било туку на уште попрочуената електронска енциклопедија Wikipedia (не само поради фактот дека служеше како релевантен извор на податоци дури и за најновата Македонска енциклопедија на МАНУ!), токму таму се појавува и тоа во боја бродот Гвадалкивир како гори во Солунското пристаниште! Латините на ова би рекле sapienti sat! а ние тоа би го превеле со зборовите „За умниот доволно“. Единствените делумни точности (но не и неверојатности!) што се среќаваат во расказот „Расчистување на сметките“ се однесуваат на годината на случувањето на дејството од првата реченица на расказот: таму стои годината 1855 а треба да стои 1885 (дали станува збор за печатна грешка или за стапица на авторот останува отворено прашање - зашто секој познавач на француската литература а оттаму и на Рембо, знае дека тој се родил во 1854 година и не можел кога имал само една година да продава кафе и да шверцува оружје за идниот крал на Етиопија Менелик. Но со Рембо и со Урошевиќ сè е можно! Втората, пак, грешка – ако е грешка а не повторно стапица за лекоумните тодорпавловски настроени критичираи што бараат вистини во литературата се однесува на името на компанијата: таа во тоа време се викала најпрвин Messageries Nacionales а потем Messageries Imperiales а дури од 1871 година го добива името Messageries Maritimes! Се разбира ова не е грешка ако станува збор за годината 1885-та (шест години пред смртта на Рембо и исто толку време пред да го испрати прочуеното писмо до директорот на оваа поморска компанија! (Инаку, ова писмо е прекрасно музички обработено во истоимената џез композицијата на Хектор Зазу од неговиот албум Сахара Блу – на кој настапува и Дејвид Силвијан!) Сепак, како премногу голема минуциозност би било и политичкото барање Етиопија во расказот да се именува како Абисинија!
          Ете, драги мои, вљубеници во кратката прозна форма, какви сe не историско-политички хоризонти се отвораат пред нас во обидот „да провериме“ дали нештата се вистинити или не!
          За вакви обемни проверки врзани за другите сто и дваесет кратки раскази од книгата „Седмата страна на коцката“ има доволно време во летово што започна. Авторот во една тв емисија – чинам тоа беше сношти на Телма! - препорача расказите како лекарства да се примаат во мали дози - трипати на ден по расказ-два. Кон ова единствено би додал: да се земаат со многу енциклопедии крај себе или барем со лап-топ и интернет (најмногу поради проверките на податоците!)
          Се разбира, сево ова земето го крајно условно – зашто кратките раскази на Влада Урошевиќ од неговата прекрасна книга „Седмата страна на коцката“ можат да се земаат и на гладно (без никакви подготовки и знаење!) и после јадење (егзактно и поткрепено со многу научни калории!) Сепак, и во првиот и во вториот случај, ве уверувам, душата и срцето се исполни и радосни!
          Токму затоа и ви ја препорачувам оваа книга: да се зема и како лек и како храна. И како вино и како вода! Без страв дека станува збор за плацебо ефекти, а со верба дека и да е тоа така – книжевноста си ја завршила својата работа на општо задоволство на читателите и критичарите.