BORDERLANDS / LA FRONTERA

ПРЕДГОВОР КОН ИТАЛИЈАНСКОТО ИЗДАНИЕ

Паола Ѕакарија

          Во нејзината куса биографија Глориа Е. Ансалдуа се претставува себеси со следните зборови: „писателка феминистка чикана Тексашанка patlache (на јазикот Нахуатал - збор за лезбијка) од долината на Рио Гранде, на југот на Тексас“.
          Читајќи ги  „белешките за авторката“ присутни во разни изданија, се забележува она што го означува нејзиното дело и живот, нејзината естетика и практика: повикување на термини кои географски и лингвистички го поврзуваат Мексико и САД (Чикана, Тексашанка од долината на Рио Гранде, реката којашто го дели Мексико од Тексас, местото населено со Мексиканци уште пред припојувањето на Тексас кон САД), при што веднаш се доловува состојбата - искуство на метисаж. Истакнувањето на сексуалноста во пишаниот збор ги поврзува, со термините што таа ги користи, женската различност со лезбијската различност; родовата разлика и политичката позиционираност: жена, жена феминистка, лезбијка. Сложеноста на „различниот“ сексуален субјект доаѓа заедно со лингвистичката комплексност на субјектот што зборува „различно“: не само англиски и шпански (јазик што се гледа и од зборовите чикана и Тексашанка [tejana]), и, секако, како навраќање преку/во јазикот кон она што таа во книгата Borderlands/La frontera го нарекува трет корен, индијански и ацтечки: сексуалната определба на авторката е изразена на јазикот Нахуатл, индијанската матрица од која потекнува Ансалдуа. Но, и во инсистирањето на терминот „лезбијка“ на американски (dyke) и на Нахуатл (patlache), може да се прочита еден политички гест на признавање кој опфаќа две сфери: од една страна спојот dyke- patlache ја истакнува мултикултурата и полилингвизмот на луѓето коишто живеат на југот од Тексас; а од друга страна претставува и јавна објава на хомосексуалноста, чин што на англиски се нарекува „coming out”, што не ја погодува само метрополитанската, западната, „модерната“ и поради тоа толерантна американска култура, туку со самото негово изговарање на древен јазик се пренесува политичката порака дека во времето кога Индијанците од Америка (од север и југ) биле единствените жители на таа земја, постоел збор којшто укажувал на жена која бирала друга од сопствениот пол како субјект за сексуално општење, односно, ако постоел збор постоело и признавање на лезбијството.
          Биографската скица на Глориа Ансалдуа и на нејзиното дело Borderlands/La frontera се поставува како прва, воведна вежба за читателите и читателките во врка со лингвистичката, егзистенцијалната, мисловната, стилистичката, културалната, поетската и теориската практика на метисажот –бидејќи поднасловот на книгата е „Новата mestiza“.
          И за овој термин, како и за терминот raza, како и во сите јазици „patois” или „надодадени“ јазици коишто Чиканосите ги зборуваат меѓусебно за да го избегнат ризикот да станат deslenguados, без јазик - шпанскиот чикано го извртува кастилјанскиот со архаизми, припојување на две соседни самогласки или на почетните слогови, користење на зборови од англиско потекло;Tex-Mex или Spanglish (смеса од шпански и англиски во која англиските зборови се изговараат на шпански), pachuco (таен јазик кој изразува бунт, како кон шпанскиот стандарден јазик така и кон англискиот стандарден јазик), pochismo (шпански целосно изобличен од влијанието на англискиот: се зборува со северно-американски акцент; со терминот pocho се дефинира Американец со мексиканско потекло, „англицизиран“ Мексиканец) – значењето е сложено, се раѓа и се шири околу клучниот збор „граница“.
          Како што јазиците кои ги зборуваат Чиканосите се многубројни и сложени - тие се смеса (уште еден драг збор на авторката) што претставува всушност трет јазик (Брус-Новоа го нарекува „меѓујазик“), израз на едно општество во транзиција, односно граничен јазик - така и свеста на граничните субјекти е сложена, хибридна, метисаж; расата за којашто Ансалдуа зборува нема европски конотации кои се стремат да ги стигматизираат народите и субјектите врз основа на бојата на кожата, туку ја користи за да укаже на хетерогена популација, хибрид, од културен и етнички аспект, којшто живее во југозападниот дел на Америка. Честопати раса (raza) е термин-концепт меѓусебно заменлив со терминот Чиканос или со американската заедница која зборува на шпански јазик.
          Значи, треба да тргнеме од цепењето, нагризувањето, раскинувањето на границите за да можеме да работиме на евентуална поправка. Границата е таа што ги определува материјалните услови за живот на американските Мексиканци. Границата прочитана низ своите брутални и хегемонистички траги укажува  на двојство, одделување, попречување и разделба. Границата ги држи Мексиканците далеку од нивната Земја на соништата; границата бара огромно присуство на полициски сили од американска страна, кои треба да се погрижат да нема „transpassing”. Оваа полиција се вика „Border patrol” (гранична полиција) на англиски, „la migra” на јазикот чикано: од еден јазик во друг „силите за безбедност“ семантички се лизгаат во однос на предметот на контролата: ако на англиски вршењето на инспекција е определено на територијален начин (се врши инспекција на border, границата), на чикано јазикот значи дека она што треба да се контролира не е само територијата, обележаните линии на границата, туку и миграцијата, она болно движење на откинување од корените поведено од народи кои се наоѓаат во состојба на општествено и/или политичко страдање во надеж за подобра иднина.
          „Border patrol” има за задача да ги одбрани жителите на светот „предмет на соништата“ од инвазијата на desperados, “wet backs” (буквално, „мокри грбови“), или “mojados”, од илегалците кои стигнуваат препливувајќи го последниот дел кој ги дели од Новиот Свет. Многу стигнуваат и по копно, одејќи по опасни и по тешки патеки, водени од т.н. “coyotes”, кои својата услуга дебело ја наплаќаат.
          Ова денес ни е познато и од оваа страна на светот. Пуља, Калабрија, Сицилија, зоната на Алхесирас во Шпанија, фриулската граница со Поранешна Југославија, „граѓанската“ Англија и многу други граници, други жаришта на трговија со дрога, оружје и пост-модерна депортација се случуваат меѓу нас, во оваа Европа која едно време беше земја од која емигрантите тргнуваа кон Новиот Свет.
          Секојдневно на железничките станици можам да ги видам штотуку пристигнатите Курди и Албанци, добро измиени, сèуште мокри од водата, во исчекување на возот на надежта. Некои не успеаја: чамци потонати без никој да дознае, задушувања во камионите преполни со тела за депортирање, натрупани без нималку обѕирност- која секако би постоела кај месарот кон животните.... поради сето ова, поради работите што веќе ни се познати, иако често оттргнувани од нашите мисли, ќе бидеме во состојба да го „препознаеме“ диксурсот, односно дискурсите, присутни во оваа книга напишана во 1987-та година и оттогаш постојано преиздавана; таа е еден вид прирачник за преминувачите на граници, Сидарта за секој еден што не е во потрага по патиштата на духовноста, туку во потрага по патеката што води до пристојниот, прифатливиот, достоинствениот живот, каде што духовноста, сепак, не е отфрлена.

          Границата, која во едно интервју Ансалдуа ја нарекува „место или состојба на свест каде што сите можеме да се слушаме и да си зборуваме, каде празнините на различјето можат да се пополнат, можеби дури и да се надминат“, во книгата е избрана како место-симбол од кој се тргнува за да се создаваат нови патишта, нови јазици, други реалности, други гледишта. Местоположбата на границата му припаѓа на новиот имигрант исто колку што им припаѓа и на мексиканско-американските субјекти коишто отсекогаш живееле на тие територии, кои некогаш, пред американско-мексиканската војна во 1845-46-тата биле Мексиканци, а кои се нашле затечени, по договорот на Гвадалупе- Идалго (1848), како егзиланти во сопствената татковина, и веднаш признени за Американци, иако од категорија Б, бидејќи биле „неписмени“- честопати таа етикета ја добивале само затоа што не го познавале доволно англискиот јазик. За овие граѓани, насила изјаснети како Американци, границата е таа што ги одделува од Мексико, нивната некогашна татковина. Но, одејќи уште потаму во историзација на дискурсите, ќе утврдиме дека границата отсекогаш била дел од историјата на Мексиканците и Американците: од една страна експанзијата на Шпанците постојано ги поместувала границите, како во Јужна така и во Северна Америка: ако во 1519 год., Ернан Кортес ја освоил империјата на Ацтеките припојувајќи ги Мексико и Тексас кон Шпанија, Хуан Понсе де Леон пристигнал во Флорида уште во 1513 год. и објавил дека тие земји се територија на кралот на Шпанија- територија која ќе се прошири во наредните три века и ќе ги опфати денешните Џорџија, двете Каролини, Алабама, Мисисипи, Тексас, Ново Мексико, Аризона, Колорадо, Калифорнија (последниве три, заедно со денешните Невада и Јута подоцна, со војната во 1845-46, биле припоени кон САД,) па сè до Алјаска. Истовремено англиските колони, пристигнати на почетокот на 17 век ја продолжуваа сопствената граница од Исток кон Запад. Шпанија и САД или поточно, Шпанците и Англичаните споделуваа заедничко искуство на инвазија, истражување, запоседнувања на територии кои Англичаните ги сметаа за „слободни“, користејќи го зборот „граница“ со конотации кои ја изразуваат идејата на можности и слобода. Треба да се напомене дека во двете паралелни истории на експанзија и поместување на граници, Шпанија не го припишуваше истото значење на терминот граница како Англичаните: немаше намера да ја заземе земјата на домородците за да создаде земја на слободата и на можностите, одземајќи го веднаш секое право на домородците и воведувајќи го ропството, туку колонизацијата ја гледаше како начин за ширење на сопствената култура и религија на новите територии. Тоа е причината поради која Чиканосите се делумно Индијанци, а делумно Шпанци, но во нивните вени тече и африканска крв: Глорија Ансалдуа ја нарекува африканска заборавената генеалогија на Чиканосите.
          Границата, повремено обележувана и поместувана од хегемонистичката власт со европско потекло, во случајот шпанско и англиско, им е наложена на домородците од Северна и Јужна Америка уште од почетокот на колонизаторскиот феномен. Границата, за домородците, беше туѓ концепт кој наложуваше поместувања, миграција, егзил од земјата на потекло, оттуѓување на имотот, нови раселувања, а потоа и нови знамиња.
          Глориа Ансалдуа, во оваа книга која се одликува со естетска и дискурзивна полиедричност (за да направиме еден краток, нецелосен вовед, можеме да кажеме дека текстот претставува истовремено и теоретски есеј и автобиографска нарација; расказ на личната историја и реконструкција на колективната меморија; повторно читање на ацтечката митологија и на психобиографијата; портрет на процесот кој ја носи тексашката селанка до стадиум на присвојување на потребните инструменти за да стане префинет интелектуалец, способен да ја комбинира народната култура од којашто потекнува- со нејзината севкупност од легенди, поговорки, corridos, conjuntos[1], cuentos (приказни), митови, народни песни- со онаа „високата“, меѓународната култура), ја бира границата, односно местото каде што најмногу е наталожена опресијата и страдањето на Чиканосите- но, и место на отпор и ослободување од картезијанскиот бинаризам, карактеристичен за англо-европската култура.
          Чинот на живеење на границата, на постојано преминување за да се посетат двете територии-култури, кои пак концептот-институција за границата би сакал да ги држи раздвоени, ја моделира целата креативна операција, целиот текст, и истовремено, успева политички да ја преврти логиката на спротивставувања, на јасни делби, ставајќи во функција дејствија што таа ги нарекува „вкрстување“, „повеќекратно опрашување“, смешување, „вкрстено оплодување“.
          Концептот за границата, земен од многу интелектуалци mestizos како инструмент за деконструкција на идеологиите што имаат културна хегемонија и конструкција на нови начини на поврзување помеѓу народите и културите, Алисија Гаспар де Алба, на пример, го гледа на следниот начин:

Во терминот Чикано постои историска граница, психолошка, политичка, географска, лингвистичка и економска што за мене е премостена (bridged) само со материјалното постоење на моето тело. А мостот, да се сетиме, има двојна функција: поврзува и разделува истовремено. Така мојот идентитет како Чикана претставува мост (односно ги поврзува и ги разделува) границите на Мексико и на САД, помеѓу Третиот и Првиот Свет, помеѓу шпанскиот и англискиот, помеѓуметисажот и меѓурасната фузија, помеѓу католичките очекувања во врска со жените и женското движење за ослободување. Како Чикана немам нации, освен границата. Границата е мојата националност, моето потекло, мојата генеза.

          Хибридизацијата, ефект на местиса позиционираноста, ѝ става крај на дихотомијата чисто/нечисто, изворно/стекнато, ја воведува фигурата на мостот, на прагот, на влезот, на границата, не обврзува да се одделиме од претходните модели-визии и нe тера да се поместиме не само како свест, туку и географски: бара да се направи чекор настрана, да се пронајде друго гледиште, нов поглед кој ќе ги потпомогне новите социо-политички и егзистенцијалните конструкции.
          Ансалдуа, практикувајќи ја својата гранична позиција, уште во насловот не ги спротивставува „bordelands” со „граница“, туку целта на лингвистичката повторливост е приближување на јазиците, јазик до  јазик, а не јазик против јазик. И ваквата повторливост како приближување се шири спирално низ целата книга: во првиот дел во проза, „Attraversando fronteras/ Crossing Borders“, кој одново се прикажува- повторува со варијации во стилот и родот- во вториот дел во поезија“[2], „Un agitado viento/ Ehecatl, the Wind“; насловите на шпански наизменично се менуваат со насловите на англиски, или пак двата јазика се користат како еден единствен наслов, а одвреме навреме ќе се наѕре и по некој ацтечки термин, посебно nahuatl, колку да нè потсети дека, во богатството од јазици/култури/колонијално потекло постои и јазик/култура/ индијанско потекло кое не треба да биде заборавено и изразено само преку јазикот/културата на колонизацијата; пред таа да избрише сe, домородците од Америка имале исто толку сложена и значајна култура како и египетската или грчката. Нејзиното живеење на граници, родено од одредена потреба, подоцна преминува во одговорност, бидејќи станува дијалог на културите, дијалог помеѓу етничкото јас и доминантната култура, т.е. станува дел од процесот во кој индивидуалното јас, бидувајќи поврзано со сопствената културна заедница, се соочува со социополитичките предизвици на Америка.

          Дискурзивноста на овој текст е означена од операции на доближување и мешање, па дури и на синкретизам, контаминација, креолизација: мешање на ацтечката митологија со христијанските креда; на историјата со психологијата, на автобиографскиот расказ со колективните спомени; на авторски искази со одломки, стихови од песни, балади, поговорки, легенди; мешање на теорискиот, есеистички, „висок“ исказ натопен со спиритуалност, и на жаргонските, „ниски“ изрази кои укажуваат на безбројните јазични пасажи на жителот на границата; на фрагменти од ацтечката археологија (Астлан, орли, змии, кактуси, flor y canto, богот на војната, хтонската божица...) и на оставени фрагменти од постојаните опустошувања на разни колонизатори, на инвазиите кои тежат од насилство и обезвреднување на домородецот. Гласот на авторката, кој воедно е и глас на нараторот, го пронижува жанрот на поезијата, на романот, на есејот и на расказот, засенчувајќи ги границите на високиот и нискиот, на литературниот и народниот дискурс: но, токму со посегнувањето по народната култура и двојазичноста, во текстот се отвораат портите кон Чиканос читателите кои не се „акултурирани“.
          Границата, иако “me raja” (ме расцепува), вели оваа поетеса tejana, треба да се подразбере како место-симбол на сврзувањето, на доближувањето, на создавањето односи, наместо како „rajadura” (расцепување). Ова концептуално и материјално дејствување може да се констатира и во бројни пасажи: во однос на сопствената сексуална ориентација, на пример, Ансалдуа не ја поставува хомосексуалноста наспроти хетеросексуалноста; не избира лезбијски сепаратизам кој ќе се постави наспроти нормираните хетеросексуални устројства: во моментот кога се здобива со свеста за лезбијството, исто како и со свеста дека е предодредена за пишување, изолирањето, а не сепаратизмот е есенцијалниот момент за духовниот, креативниот и искуствениот растеж. По изолирањето, „јас“, кое е свесно дека е поет, свесно е дека љуби друга од сопствениот пол, се враќа кон/во заедницата, свртувајќи го погледот, милноста, писмото, кон мажите и жените, кон браќата и сестрите: „се вратив. Tanto dolor me costo el alejamento.“[3] Нејзините извори, нејзините цитати се позајмени и од мажи и од жени. И во случајот на хомосексуалноста се работи за преминување граници, а не за водење битка на границите.
          И тука стасуваме до клучната точка на естетиката и политиката на Borderlands/La frontera: книга која, во извесна смисла, не може да се класифицира бидејќи е полиморфна, присуството на наративното јас кое изјавува дека ова е нејзината „autohistoria“ нè води кон тоа делото да го дефинираме како автобиографски текст, имајќи карактеристика својствена за автобиографските текстови во кои идентитетната конструкција, вклучително и сексуалната, во процесот на културната продукција е цврсто вкрстена со создавањето на нови литературни жанрови. Доколку, како што открива Ансалдуа, сопствениот сексуален идентитет не може да се класифицира, тогаш е поврзан со повеќекратни идентитетни пасажи наместо со целосна самоидентификација; ако, како што вели Биди Мартин (Biddy Martin), излегувањето од хетеросексуалната норма нè учи да се отвораме кон разновидното, тогаш тоа учење се шири, опфаќајќи ги размислувањата за расата, родот, и би додала, за литературните жанрови, односно естетиката. Ова уште повеќе се чувствува во латинската култура, каде што прашањето за идентитетот денес е толку нагласено, со оглед на тоа што тој е со векови одрекуван и маргинализиран во официјалната историја на Америка, која премолчи дека, во суштина, историјата на Латините треба да се пишува и чита како историја на колонизацијата и империјализмот (доволно е да се спомене освојувањето на дел од Мексико или купувањето на Порторико), историја на вооружениот неоколонијализам (колку за пример: Виетнам и неодамнешните „мировни“ мисии во Југославија и Сомалија), како и на уште посуптилниот колонијализам со економски признак, наречен глобализам.
          Низ гласовите на жените кои немаат привилегирани услови за живот – и самата Ансалдуа во 1983-тата и во 1990-тата година приреди две антологии на текстови од „обоени“ латино – писателки, кои внесоа нов глас во панорамата на т.нautohistorias – или пак кои не припаѓаат на доминантната идеологија и за кои конструкцијата на себството се јавува како непрестајно преговарање и подривање на стереотипите за него понудени од доминантната култура, но и на оние стереотипи кои ги воспоставува редот на „малцинството“ на кое таа му припаѓа (и како малцинство е обезвреднета во очите на хегемонијата) и се прикажуваат негативни слики за себството (не знае да зборува англиски, има темна кожа, и бидејќи е Мексиканка, таа е неписмена и мрзелива) а автобиографијата, која како жанр низ многу векови била функционална во одржувањето на идентитетните норми воспоставени од патријархалното општество, на одреден начин избувна, доведувајќи ги во недоумица подредувачите на жанровите, кои веќе имаа потешкотии- тргнувајќи од Гасдорф, Лежун па сè до Онли- да го вдомат овој жанр во рамките на дефиницијата. Така расцепкана и, од време на време, персонализирана од страна на авторите, автобиографијата предизвика кај критичарите да се роди зазор од нечистотија, од аномалија. Во случајот на автобиографијата Borderlands/La frontera, каде што авторовото јас е етнички, културно, општествено и сексуално комплексно, mestizo, неизбежно е себството повторно да се постави во гранична, интеркултурна позиционираност, да отвори простор за нови сценарија, не само од културна и идеолошка гледна точка, туку да го понесе со себе и преместувањето на желбата во слободен простор- не се работи за спротивставеност на хетеросексуалноста, туку за бесконечни минувања од една идентитетна конструкција кон друга (надвор од моделите било на хетеросексуалноста, било на хомосексуалноста, сепак изградена околу бинарни опозиции), преминувања на повеќеслојни крстопати, како што се повеќеслојни патиштата на желбата и на еротизмот. Дисонанцијата што флуидното лезбејство ја внесува во сексуалните улоги прави во текстот да одекнуваат дисонанции во литературниот жанр: ако на границата Ансалдуа создава точки на средба помеѓу хетеросексуалните и хомосексуалните категории, тоа придонесува преминувањето на сексуалните граници да биде придружено и заемно да се храни со преминувањето на социјалните, културните, националистичките и етничките граници, и на тој начин, неискажливото како што е хомосексуалноста, метисажот, индијанскиот мексиканизам, африканската генеалогија (во поезијата „Antigua, mi diosa“, авторката бара од божицата повторно да се роди „во твојата многу црна кожа“), станува изговорливо токму заради тоа што преминувањето на границите води кон разбивање на крутите категории и на повторно воспоставување на комплексноста. Ослободувајќи се од багажот на хетеросексизмот, подеднакво присутен и во англиското и во мексиканското општество, себството во текот на раскажувањето не се свива кон сепаратизам, што би било уште еден начин да се надоврзат модели кои се наметнуваат како тотализирачки, туку ја користи автобиографската нарација како стратегија за да навлезе во трагите и да го превредни нејзиното движење во однос на мноштвото институции и улоги кои бараат да се припои кон нив, така што успева да создаде mestizo себство, место на вплотување наместо на исклучување. Сопствената маргинализираност- девојче од село, кое не зборува англиски сè додека не тргне на училиште, кое се чувствува инфериорно во однос на браќата бидејќи е женско (во песната „Култури“ се гледа сè уште неферментираната омраза кон улогата на жена, која i наложувала да ги затрупа отпадоците, абјектот, додека нејзиниот брат ја гледа); дека од општеството на белците е сметана за подолна, бидејќи е „обоена“, итн.- е искористена како „граница“ од која се проблематизираат и се доведуваат до прашање нормативните концепти, како на хегемонистичкото бело „американско“ општество, така и на мексиканската заедница.

          На тој начин ракописот за себството станува „средство на отпор и контрадискурс, простор каде што се создава вишокот, кој фрла сомнежи врз монополизирачката кохерентост и моќ на една историографија“ (Дорис Сомер). На овој начин, Ансалдуа создаде алтернативни толкувања на канонската историографија, создаде нови јавни дискурси и направи да се изроди свесност и чувство за себство во американската мексиканска заедница, но исто така, низ изложувањето на процесот кој придонел за трансформацијата, им посочи метод на оние што повеќе  не сакаат да се задржат на еден единствен модел, па бараат модели за градење на мултирасно, мултинационално, полисексуално, мултиетничко, интеркултурно општество. Во таа смисла, нејзиното дело може да се дефинира како литература на отпорот: не врзувајќи го за единствен национален јазик, тоа веднаш станува политичко со тоа што во него поставува имплицитно барање шпанскиот јазик, односно неговата chicano варијанта, да се смета за американски јазик; дури и чинот на „разложување“ на литературниот жанр и неговото „ресоздавање“ на поинаков начин е политички бидејќи се придружува на барањето за пристап до историјата, за придонесување кон градењето на друга форма на нација. На овој начин Borderlands има сличност и со autohistorias –сведоштва, кои латините ги викаат testimonio, иако во овој случај, нараторката е и авторка на приказната; има сличност и со културните и етничките автобиографии, со оглед на тоа што ја спојува личната приказна со онаа на одредени заедници и разгледува прашања кои се поврзани со моќта и колонијализмот (цит. Беренис Џонсон Ригон, Карен Каплан); има сличности со лезбијската биомитографија, на пример со Зами (1982) на афроамериканката Одри Лорд (Audre Lorde), каде што инсистирањето на bios наместо на autos ја подвлекува неможноста животот на поединечната субјективност да се размрси од оној на другите субјекти од сопствената заедница, иако треба да се каже дека во Зами, градењето на нова земја, земјата на жените во сооднос, е утописко, додека граничните земји за кои зборува Ансалдуа многу повеќе се припојуваат до реалноста, тоа се територии каде што навистина може да се гради. Што се однесува до употребата на митот, Ансалдуа не е во потрага по она што никогаш не постоело или пак што, во секој случај, не може да се предложи во современиот свет, туку е во потрага по ацтечките митови, иако веќе оддалечени од мексиканските, кои постојано биле подложени на извитоперувања од страна на колонизациите, се навраќа на оние елементи кои и денес се видливи во синкретичните религиозни слики, како девицата Гвадалупе или Тажалката (la Llorona), па дури и укажува на тоа како може во себеси да се пронајдат трагите на “la antigua diosa”[4] Коатликуе (од која произлегува христијанската иконологија на Гвадалупе), со нејзините темни и светли страни, змијата и орелот, ѕверот и жената, хадот и светлината.
          Авторката е свесна дека нејзината употреба на предколумбовската култура е инструментална, дискурзивен конструкт кој претставува отпор кон културниот дисконтинуитет наметнат од освојувањата, начин за да „се вкорениме во митолошката почва на овој континент“ (нејзини зборови), контрадискурс кој ги деконструира и вплотува дискурсите и на доминаторите и на маргиналците, создавајќи трета форма на спознание, спознание- совест mestiza, која го доведува до дискусија автентичното, самото потекло, но и наметнатото, како што вели таа „lo adquirido, lo heredado y lo impuesto”[5]. Ништо не е прифатено a priori и ништо не е отфрлено без да биде разработено. Како секогаш, фигурата на тријадата (домородец, европеец, евро-американец) зема централно место во мислата и во (етно)поетиката на оваа авторка, потекнува директно од другата основна фигура- границата, виртуелното место кое би требало да раздели две земји и кое може, во контрадискурсот на отпорот на mestizosсубјектите отворени кон плурализмот, да стане трето место. Природата на Чикано културата е миграциска. Се чини, вели Ансалдуа, дека комбинирајќи ја во својата поезија и проза стилистичката префинетост и техника со изразувањето на народните чувства, некои ритми и теми кои произлегуваат од мексиканската народна култура се замешуваат со чувствени напливи од американската радикална, како и од интернационалната поезија.
          За крај, уште едно размислување за јазикот, со кое започнавме: разликата помеѓу чикано литературата и онаа на другите радикални американски групи, како што се црнците, евреите, па дури и феминистките, кои ја доведоа во прашање монолитноста на културата, лежи токму во одбивањето да го напушти шпанскиот јазик, во испревртувањето на негативноста поврзана со оној што не зборува англиски, низ естетски и политички чин: ако национализмот се поврзува со монолингвизмот, тогаш да се дејствува низ полиглотството значи да се отвориме кон плурализмот; да го испитаме, би рекол Саид, статичното сознание за идентитетот, кој беше јаток на културната мисла во периодот на империјализмот. Со тоа што зборувам и пишувам на два јазика, вели Ансалдуа во едно интервју, сакам „да дадам поттик за да се сфати дека оваа земја не е она што господата на власт велат дека е. Ова е mestiza нација.“

Белешки

[1] Corrido- творба во осмерци која се пее во два гласа, придружувана со музика, карактеристична за земјите од  Латинска Америка; conjunto - вид традиционална мексиканска музика (заб. прев.)

[2] Бидејќи воведот е чин на посредништво, место каде оној што „ја уредува“ книгата го прима читателот и му го претставува авторот, не постои начин да се задржиме во критичка анализа на овој сложен втор дел, кој продолжува во стихови со темите, сликите и дискурсите од првиот дел, кој иако е во проза, има сепак делови во кои лингвистичкиот регистар тежнее кон поезија. Но, за да се осврнеме на практиката на приближување на јазиците, треба да истакнеме дека секоја од шесте секции од вториот дел, во насловите ( четири на шпански и два двојазични) содржи извадоци од песни на шпански, а само во третата и шестата секција шпанските стихови се преведени на англиски. Што се однесува до песните, во првата секција тие се целосно на англиски, со исклучок на некој збор на шпански кој, сепак, припаѓа на американскиот вокабулар; за посложените изрази, самата авторка го прави преводот. Втората секција содржи три песни на англиски, со по некој шпански збор преведен на крајот од текстот, две на шпански и еден споредбен шпанско/англиски текст; третата секција, со англиски наслов „Crossers”, содржи три песни на шпански и четири на англиски, од кои една само на еден јазик, две само со по еден израз на шпански и една со два шпански изрази. Четвртата секција, која е претставена со две шпански и пет англиски песни, од кои две само на еден јазик, две со многу малку шпански зборови, е една од посложените од лингвистички и типографски аспект. Петтата секција содржи две песни на шпански и четири на англиски, од кои две целосно на англиски и на крајот, последната секција опфаќа една песна скоро целосно на шпански, со по некој стих и музички повикувања на англиски; една песна со споредбен текст (шпански/англиски) и две песни на англиски, од кои едната содржи превод на шпанските изрази на крајот од страната.

[3] Толкава болка ми причини оддалечувањето (заб. на прев.)

[4] древната божица (заб. прев.)

[5] Усвоеното, наследеното и наметнатото (заб. на прев.)

(превод од италијански: Катерина Миленова и Ирина Талевска )