ИНТЕРСЕМИОТИЧКА ТРАНСПОЗИЦИЈА: ПОЕТСКИ ЕКФРАЗИС ИЛИ СЛИКИ НАСЛИКАНИ СО ЗБОРОВИ

Лидија Николова

За интерсемиотичката транспозиција: поетски екфразис...

          Велат, кога се зборува за нешто најдобро е да се почне од самите почетоци, од неговите зачетоци во времето, просторот и поимските сфери на постоењето. Кога би се обиделе ова да го примениме за книжевно-теориските термини не ретко ќе наидеме на проблем: како да се постават временските граници на постоењето и пред сè појавувањето на одреден термин кога постапката кој истиот треба да ја именува често се користела многу пред да биде именувана? Интерсемиотичката транспозиција е еден од многуте термини кои го задаваат тој проблем. Како постапка таа подразбира пренос на значења од еден семиотички систем во друг (од книжевноста во сликарството и обратно, од книжевноста во филмот и обратно, од музиката во книжевноста и обратно итн). Како термин првпат се појавува во XX век, но постапката била позната и применувана многу пред да биде конкретно именувана. Иако се наметнува едно митско прашање: дали нештата се сметаат за постоечки и пред да бидат именувани или сè до нивното именување не постојат, ќе се дистанцираме од разгледување на тоа прашање, а подробните полемизирања ќе ги оставиме за некое друго време. За да ја оствариме целта на овој труд ќе се задржиме на конкретно посочување на теориските термини кои последователно ќе нè одведат до разрешување на поетската загатка на Вилијам Карлос Вилијамс во неговите  Слики според/ по Бројгел.