ИНТЕРСЕМИОТИЧКА ТРАНСПОЗИЦИЈА: ПОЕТСКИ ЕКФРАЗИС ИЛИ СЛИКИ НАСЛИКАНИ СО ЗБОРОВИ

          Интерсемиотичката транспозиција го подразбира соодносот меѓу уметностите, нивната творечка реакција на една иста тема, една инспирација. При тоа, уметностите ги „позајмуваат“ инспирациите едни од други, ги транспонираат значењата во својот семиотички систем обидувајќи се да дадат одговор на еден ист тематски проблем но „со други зборови, алатки и постапки“. При тој пренос, сооднос којшто може да се одвива меѓу сите уметности, според Лео Х. Хоек значајна е „ситуацијата на комуникацијата“, односно за да се дојде до класификацијата на односите меѓу сликата како претставник на ликовната уметност и текстот како репрезент на книжевноста, најважно е прво да се расветли комуникациската ситуација на создавањето или онаа на рецепцијата. Посматрањето на односот на сликата и текстот од перспективата на создавањето ќе нè однесе до сукцесивноста на постоењето на истите, односно нивното последователно создавање: текстот ѝ претходи на сликата како што е случај со илустрацијата, односно сликата му претходи на текстот, како што е случајот со екфразисот, или уште поконкретно како што е случајот со песните Слики според/ по Бројгел на Вилијамс. Од друга страна пак, посматрањето на односот слика/текст од перспектива на рецепцијата, односно нивното восприемање од гледачот/читателот резултира со симултано постоење на истите, но во различен степен на испреплетеност и зависност. Од оваа перспектива можеме да зборуваме за мешан, т.е дискурс во кој иако стојат непосредно еден до друг, текстот и сликата, сепак, ја задржуваат својата самодоволност и можат да се одделат и да постојат засебно[1] и синкретички, односно  дискурс во кој сликата и текстот ја изгубиле својата самодоволност, се испреплетиле до степен на  неделивост, поради што секој обид да се одделат би резултирал со ампутирање на појавата и смислата на претставеното[2]. Кога станува збор за синкретички дискурс не може да се каже дали претставеното е повеќе слика или повеќе текст.