ИНТЕРСЕМИОТИЧКА ТРАНСПОЗИЦИЈА: ПОЕТСКИ ЕКФРАЗИС ИЛИ СЛИКИ НАСЛИКАНИ СО ЗБОРОВИ

          Пред да започнеме со споредбеното соочување на сликата на Бројгел и песната на Вилијамс како нејзин екфразис значајно е да посочиме неколку интересни податоци поврзани со ремек делото на фламанскиот мајстор. И оваа слика како и сликата Пејзаж со падот на Икар претставува интерсемиотичка транспозиција, илустрација на еден дел од евангелиото според Лука, делот 6:39 кој гласи: Може ли слеп да води слеп? Нема ли обајцата да паднат во амбисот? На сликата се претставени не двајца туку шест слепи луѓе, број кој кореспондира на параграфот од евангелието, но сепак и покрај измените кои ги вовел сликарот, поентата не се променила, а одговорот е сосема јасно презентиран.
          Песната започнува со личен впечаток, со истакнување на доживувањето кое го предизвикува посматрањето на сликата. По етикетирањето на истата како horrible but superb, во втората строфа се преминува кон детектирање на прикажаното, всушност втората строфа претставува опис на сликата со изрази преземени од сликарството (повторно се преминуваат границите на книжевниот и се навлегува во критичкиот екфразис). При овој опис на сликата започнува и движењето низ нејзината просторна организираност, односно се посочува движењето на групата слепи луѓе, кои Вилијамс ќе ги нарече уште и просјаци, поради облеката која ја носат, што во секој случај е една интерпретација на виденото. Потенцирањето на движењето на просјаците - diagonally downward / across the canvas ги консолидира границите и на композицијата на просјаците но и на сликата како целина чиј долен десен агол завршува со амбисот во кој паѓаат слепите водени од слеп. Следно што се истакнува се лицата на просјаците, за подоцна да се премине на истакнување на деталите од задниот план на сликата; се истакнуваат селската колиба од левиот горен агол,  зад композицијата на слепите и црквената кула во далечината во десниот горен агол на сликата. Во седмата строфа поетот повторно се навраќа на лицата на слепите, сега речиси иронично потенцирајќи ја нивната насоченост кон небесните височини и светлината - the faces are raised / as toward the light. Во истата таа строфа имплицитно се посочува и генијалноста и едноставноста на сликарот кој ја ослободил композицијата од неважни елементи - there is no detail extraneous / to the composition. Песната завршува со потенцирање на одговорот на прашањето зададено во евангелиото според Лука: one / follows the others stick in / hand triumphant to disaster. За крај се истакнува можеби најзначајниот детаљ од сликата, стапот кој секој од просјаците го држи во рака, победоносно издигнат над земјиното тло. Токму со посочувањето на стапот се потенцира  ироничноста на нивното победоносно движење кон амбисот од долниот десен агол на платното, се истакнува иронијата на нивното победоносно движење кон неизбежната пропаст