ИНТЕРСЕМИОТИЧКА ТРАНСПОЗИЦИЈА: ПОЕТСКИ ЕКФРАЗИС ИЛИ СЛИКИ НАСЛИКАНИ СО ЗБОРОВИ

          Поради комплексната композиција која ја има сликата Детски игри, композиција во која преовладуваат деталите за чие детектирање е потребно несомнено долго и внимателно посматрање, и песната на Вилијамс како екфразис на сликата има малку посложена структура отколку претходните песни. Имено оваа песна на Вилијамс, со име исто како и сликата на Бројгел, се состои од три дела. Во првата строфа од првиот дел се истакнува првиот, општ впечаток кој се добива од посматрањето на сликата, додека веќе во втората строфа започнува расветлувањето на деталите од нејзиниот горен лев агол. Притоа, најпрво се лоцира поставеноста на малиот поток, потоа според поставеноста на децата на сликата се именуваат нивните игри во овој случај пливањето, а се истакнува и детето кое се јази по разлистаното дрво, детаљ кој речиси и не се забележува на сликата. Констатацијата  everything / is motion донесена врз основа на посматрањето на оваа слика ќе биде во полза за истакнување на една од основните одлики на сликаровата поетика, со што истата ќе се однесува на целиот сликарски опус на Бројгел. Во петатта строфа од првиот дел се посочуваат и постарите жени кои се „расфрлани“ низ целата слика, а се истакнува и нивната логична улога во оваа „приказна од училишниот двор“ – elder woman are looking / after the small. Во шестата строфа се именуваат можните игри кои децата ги играат, меѓутоа игрите како конкретно именувани дејствија не можат да се препознаат на платното. Може да се каже дека поетот ги додава како елементи кои по претпоставка се наоѓаат на списокот игри претставени на сликата, или можеби посочените, со име, игри самиот поет ги играл како дете, можеби биле на неговиот список на омилени игри, со што тоа би било уште една можна автореференцијална нишка со која се завршува овој поетски опус посветен на сликите на Бројгел. Во последната строфа од првиот дел се прави придвижување кон предниот план од просторната организираност на сликата со што истиот се завршува насочувајќи го вниманието кон детето во празната бавча.
          Вториот дел од песната започнува со повторно навраќање на горниот лев агол но овој пат акцентот се стана на девојчињата кои низ игра се вртат околу себе додека здолништата не им се подигнат и не создадат круг околу нивните половини. При читањето на сите имиња на игрите кои следуваат се добива впечаток на брзо претрчување од тој, веќе посочен, горен лев агол, дијагонално кон долниот десен агол каде лесно можат да се препознаат игрите од последните три строфи од вториот дел. Овие игри од последните строфи на вториот дел се дадени описно без конкретно именување, што го олеснува нивното препознавање. Преку движењето од горниот лев кон долниот десен агол на сликата се исцртува рамката и се потенцираат границите на сликата што помага при нејзиното повторно посматрање како една кохерентна целина на исликани дејства. 
          Третиот дел од песната може да се посматра како епилог на приказната од училишниот двор, која како тема ја обработуваат и сликата на сликарот, а со тоа и сликата на поетот. Во првата строфа со јасно искажана иронија се потенцираат очајните детски играчки направени од што-било. Низ строфите кои следуваат повторно се набројуваат игрите кои децата ги играат, но се става, иако со иронија обоен,  особен акцент на нивната креативност од секаков материјал да направат играчка, воедно како да се упатува критика и кон нивната несериозност и незаинтересираност за безбедноста на игрите. Во четвртата, петата и шестата строфа се опишува една игра која на сликата може да се најде непосредно до средината на десната рамка на сликата. Последните две строфи од овој дел му се посветени на сликарот, односно посветени се на истакнување, повторно, на неговата остроумност при согледувањето на сите детски игри, и неговата генијалност која успеала низ призмата на својот мрачен хумор верно да ги забележи- Brueghel saw it all / and with his grim / humor faithfully /  recorded / it.  Со ова се потенцира уште една карактеристика на Бројгеловата поетика, мрачниот хумор.