ИНТЕРСЕМИОТИЧКА ТРАНСПОЗИЦИЈА: ПОЕТСКИ ЕКФРАЗИС ИЛИ СЛИКИ НАСЛИКАНИ СО ЗБОРОВИ

За крај...

          Што би можело да се каже за крај на овој труд по средбата со две толку големи имиња од историјата на двете сестрински уметности; ликовната и книжевната уметност? Може само да нагласиме дека интерсемиотичката транспозиција наречена екфразис не подразбира само детален и доследен опис на ликовното дело, туку негово оригинално пресоздавање во рамките на еден нов семиотички систем. Самото тоа пресоздавање се издигнува до нивото на рамноправно и оригинално уметничко дело, станува слика исликана со зборови. Често ваквите слики, едните исликани со четка и бои, другите со зборови се поставени во едно поле на агон чијашто цел и главна награда е поголемата допадливост кај реципиентот на уметноста. Сликата секако подразбира слобода при изборот од каде ќе започне нејзиното читање, што оди во прилог на мислењето дека сликите на сликарите се попривлечни за публиката, но зар постои некој кој би можел да остане глув за сликите на големите поети исликани со исто токлу голема вештина како и оние на сликарите? Зар може некој да остане рамнодушен на сликите кои и покрај предодредениот ред на читање секогаш ја маѓепсуваат читателовата фантазија и ја усовршуваат до степен на беспрекорно имагинарно прецизирање на детали.