ИНТЕРСЕМИОТИЧКА ТРАНСПОЗИЦИЈА: ПОЕТСКИ ЕКФРАЗИС ИЛИ СЛИКИ НАСЛИКАНИ СО ЗБОРОВИ

          Екфразисот како технички термин се воведува уште во античката теоретска мисла. Неговото постоење уште во антиката ќе го загатне интермедијалниот однос на различните уметности како и интерсемиотичката транспозиција кои многу подоцна ќе бидат официјализирани како теориски термини. Етимологијата на зборот ќе ни го „претстави“ како поим со старогрчко потекло составен од 1) префиксот - ек преведуван како „едно исцрпно дејство, извршено до најситниот детал“, но и како дејство „надвор од целината“, „издвоено од другото“ и од 2) зборот – phrazein, phrasis кој се преведува со голем број комплексни корелативи: од „елокуција“, „јазик“, „фраза“, „дикција“, „дискурс“, па сè до глаголите „раскажува“, „објаснува“, „опишува“... Сепак, мора да истакнеме дека во најголемиот број речници во целина грчкиот збор „екфразис“ е преведен со зборот „дескрипција“, како во дефиницијата на Мишел Пуржоас: „Според неговата етимологија, терминот се употребува специјално за дескрипција на едно уметничко дело (слика, скулптура, архитектура)“.[3] Меѓу повеќето дефиниции кои му се посветени на екфразисот како најрепрезентативни (и најполезни за нашиов труд) ќе ги издвоиме оние на Дијана Шафер која под екфразис подразбира „литературно претставување на визуелната уметност“ при што го разгледува како интерсемиотичка транспозиција и (…)Мајкл Бретон според кој екфразисот подразбира “пишување на песна во врска со едно вистинско или измислено/ имагинарно ликовно дело, најчесто слика или скулптура.“[4] Оваа последна дефиниција особено се вклопува во дефинирањето на песните на Вилијамс, но за тоа малку подоцна. Да се навратиме на екфразисот, поточно на разјаснување на неговите два основни модела: книжевниот и критичкиот. Според Рифатер постојат неколку маркантни разлики меѓу двата типа екфразис: „Критичкиот екфразис се однесува на некое постојно ликовно дело и е заснован врз формалната анализа на неговиот предмет, додека книжевниот екфразис го подразбира делото, без разлика дали е реално или фиктивно“[5] Малку повнимателното читање на оваа дефиниција на Рифатер ќе ни открие уште два типа на екфразис: актуелен и концептуален. Актуелниот екфразис се однесува, односно е создаден како реакција на постојно ликовно дело додека концептуалниот т.е фиктивниот екфразис подразбира измислено, непостоечко дело. Кога сме веќе кај книжевниот и критичкиот екфразис, значајно е да се нагласи дека иако кај критичкиот екфразис експлицитно се посочува пред сè неговата интерпретативна функција, истата не може да се исклучи ниту од сферата на книжевниот бидејќи самиот избор како и распоредот, редоследот на она што се потенцира од едно ликовно дело, „изборот штода се опише и по кој редослед да се претстават иконичните информации во литературниот медиум (од каде да се почне, а со што да се заврши)“[6]  претставува една интерпретација, еден сложен херменевтички феномен. Согласно кажаното интерпретативната функција не само што не може да се исклучи од сферата на книжевниот екфразис туку напротив (исто како и кај критичкиот), таа претставува јадро на секој книжевно-творечки чин со екфразиска природа уште од античките книжевни парадигми. Секој екфразис, и критички и книжевен, всушност, е една интерпретација на едно ликовно дело без разлика дали тоа дело е постојно или фиктивно. Како една главна одлика на критичкиот екфразис, освен онаа која го подразбира постојното дело, е тоа што тој поради својата, пред сè, научна и објективна димензија по default  го подразбира доследното претставување на ликовното дело без никакви додавања или одземања на неговите делови. Книжевниот екфразис, од друга страна, е „ослободен“ од тој услов што значи дека при творењето, на пример на поетскиот екфразис[7] поетот може по свое видување да додава или да изоставува елементи од ликовното дело така акцентирајќи ја пред сè личната визура на истото. Интересно е да се нагласи дека многу често се бришат границите помеѓу критичкиот и книжевниот екфразис, кои и така не се реско поставени, па речиси е невозможно да се определи дали еден екфразис е книжевен односно критички[8]. Oва лесно ќе го поткрепиме со фактот дека секој екфразис како постапка на интерпретација, претставува лично гледање на ликовното дело што подразбира втемелување на личен вкус, знаење од областа на историјата на уметноста, доколку творецот ги поседува, како и лично доживување и впечаток кои го продуцира делото, а кои во никој случај не смее да се заборават. Според тоа неминовно секој критички екфразис не е целосно само теориски туку во себе го носи и личниот белег на својот творец, додека пак секој книжевен екфразис не е целосно и само субјективен, секогаш во рамките на него неговиот творец внесува дел од естетските поимања на своето време како и дел од своите знаења од областа на уметноста... итн. За крај на овој теориски вовед ќе ги посочиме уште само античките парадигми за критичкиот и книжевниот екфразис. Како античка парадигма за критичкиот екфразис е реторичкото дело Слики на доцниот софист по име Филострат кој давајќи дескрипција на 65 слики од различни автори од една галерија, но и коментари за истите ќе го „удри темелот“ на критичкиот екфразис. Од друга страна пак, како античка парадигма за книжевниот екфразис е описот на (реално непостоечкиот) штитот на Ахил во XVIII пеење од Хомеровиот еп Илијада.