ИНТЕРСЕМИОТИЧКА ТРАНСПОЗИЦИЈА: ПОЕТСКИ ЕКФРАЗИС ИЛИ СЛИКИ НАСЛИКАНИ СО ЗБОРОВИ

Накратко за  Питер Бројгел Постариот...

          Питер Бројгел Постариот се смета за најдобриот, најголемиот фламански сликар на XVI век. Живеел во периодот од 1525-тата до 1569-тат година. Развил оригинален стил кој во себе содржи наративно (story-telling) значење. Опусот на теми кои ги обработувал е голем: од конвенционални библиски сцени и параболи на Исус, од митолошки претстави, религиозни алегории во стилот на Херонимус Бош до социјални сатири. Меѓутоа, најголемата инспирација ја нашол во природата, а неговите пејсажи со планини му донеле слава уште додека бил жив. Како тематска варијација во неговиот сликарски опус најмногу се среќава селанскиот живот и работата која се врши низ годишните времиња. На неговите слики често се насликани селани кои се веселат, играат, слават, селани кои ја вршат својата секојдневна работа, поради што биде ќе биде наречен „Бројгел Селанецот“, но Бројгел воопшто не е селанец, туку човек од градот, но и истражувач на селото кое му овозможува подиректно и понезатскриено да ја прикаже бедната природа на човекот...[9] Дел од својот животен и творечки век го поминал во Италија каде несомнено се запознал со сликарските практики на тогашните италијански мајстори како и нивните обработки на митските и библиските теми.

Накратко за Вилијам Карлос Вилијамс...

          Роден е во Њу Џерси на 17 септември 1883 година. Иако ќе биде доста значаен поет од книжевната историја на Америка, и ќе се прослави со своите генијални песни, неговата примарна професионална окупација е далеку од книжевните води, имено работел како општ лекар и педијатар. Образованието го започнал во родното место, а го продолжил во Женева-Швајцарија, Париз-Франција и Њујорк-Америка. Во 1902-та година се запишува на Универзитетот во Пенсилванија каде го продолжува своето медицинско образование. За време на своите студии во Пенсилванија другарувал со Езра Паунд, Хилда Дулитл и со сликарот Чарлс Демут под чие влијание неговата љубов кон поезијата (и сликарството) енормно растела. Мора да се нагласи и неговото другарување со авагардните сликари Марсел Дишам и Францис Пицибиа, како и другарувањето со поетите Велас Стивенс и Мариен Мур и писателот Џејмс Џојс. Неговиот поетски опус тесно е поврзан со модернизмот и имажизмот. Цел живот се противел на англиското влијание врз американската поезија, се противел на црпењето на мотиви и теми од европски, пред сè, класични извори како и на алузиите на странски јазици кои ги изведувале Паунд и Т.С Елиот во своите дела. Преферирал своите инспирации да ги црпи во она што се нарекува „локално“- токму тоа е моментот кој на тематско рамниште го поврзува со Бројгел, кој исто така своите теми ги црпел од селското, локално поднебје.
          Од големиот поетски опус како најзначајни ќе ги издвоиме делата:
          The Tempers -1913
          Kora in Hell: Improvisations -1920
          Spring and All -1923