ИНТЕРСЕМИОТИЧКА ТРАНСПОЗИЦИЈА: ПОЕТСКИ ЕКФРАЗИС ИЛИ СЛИКИ НАСЛИКАНИ СО ЗБОРОВИ

          Paterson Book I -1946, Book II -1948, Book III -1949, Book IV -1951; Book V -1958
          The Desert Music and Other Poems -1954 
          Journey to Love - 1955
          Pictures from Brueghel and Other Poems -1962
          Во 1948-та година доживува срцев удар по што неговото здравје почнува да се влошува за во 1949 година да биде уште посилно нарушено со серија на удари. За време на 1953-тата ќе биде хоспитализиран во психијатриска болница и лекуван од клиничка депресија. Со тешко нарушено здравје умира на 4 март 1963-тата, на возраст од седумдесет и девет години. Во мај 1963-тата година ќе биде постхумно награден со Пулицерова награда за делото Слики според/по Бројгел и други песни и Златен медал за Поезија од „Националниот институт за уметности и книжевност“.

Слики според/по Бројгел...

          Оваа збирка е составена од десет песни кои претставуваат интерсемиотичка транспозиција на сликите на Бројгел. Транспозицијата се одвива од визуелниот медиум - сликарството во вербалниот медиум - книжевноста (поезијата) според што логично е да се заклучи дека сликите им претходат на песните, односно станува збор за актуелен екфразис, или со исклучок на првата песна за која постојат теории дека не се однесува конкретно на сликата на Бројгел, станува збор за екфразис на постојни ликовни дела. Насловот на оваа збирка како и она што малку погоре го наведовме како клучен податок  за неа ќе нèврати сè до антиката и делото Слики од реторичарот Филострат. Имено Вилијамс, слично како и Филострат, прави дескрипција на десет избрани слики, при што читателот добива впечаток како да се движи низ просторот на  една галерија на чии ѕидови стојат закачени сликите на Бројгел кои можат да се „видат“ низ очите и стиховите на поетот. Отворајќи ги двете дела, и Слики на Филострат и Слики според/по Бројгел на Вилијамс, читателот „влегува“ во два „имагинарни музеја“ кои се разликуваат според бројот на „изложените“ слики, како и бројот на сликарите. Додека во првиот „имагинарен музеј“ „посетителот“ се запознава со 65 слики од различни, но неименувани и со самото тоа анонимни сликари, во вториот „имагинарен музеј“ уште на самиот влез на „голема табла“ е нагласено името на единствениот сликар чии десет дела можат да се сретнат „внатре“. Името на големиот фламански сликар не се споменува само во насловот на збирката, напротив, истото ќе го сретнеме и во некои од песните во кои Вилијамс ќе го коментира Бројгеловиот сликарски гениј. Но цитатноста на опусот на Бројгел не престанува само со насловот на збирката и дирекното посочување на името на сликарот низ стиховите од песните, туку продолжува експлицитно и преку насловите на секоја од песните кои се соодветни со насловите на сликите.  Насловот на збирката како и насловите на секоја песна одделно може да се протолкуваат и од еден друг не многу различен агол, имено самите песни продуцираат слики, книжевната транспозиција овозможува, буквално речено, создавање на слики исликани со зборови. Самите песни опишувајќи ги сликите дел по дел со „зумирање“ на детали кои се речиси незабележливи на визуелните слики, со попатно додавање на лични констатации, кои секако се дел од интерпретацијата на истите, пред читателот не даваат само опис на сликите како готов производ, туку ги потенцираат и самите процеси на создавање и ресоздавање на истите. Сликите се двапати насликани: еднаш од сликарската четка на Бројгел, втор пат од поетските зборови на Вилијамс. При тоа ресоздавање на сликите на Бројгел, односно при создавањето на „сликите за читање“ Вилијамс  првенствено го фокусира вниманието на самата организација и на одликите на сликите на Бројгел, тогаш би можеле да напоменеме дека доминантното проседе во циклусот на Вилијамс е „екфразисот на самото уметничко творештво“.[10] Ова тврдење лесно можеме да го потврдиме со фактот дека Вилијамс го започнува своето „сликање“ со еден автопортет кој кореспондира со неговата психофизичка состојба во времето на творењето на истиот, но кореспондира и со (непостоечкиот) автопортрет на Бројгел.
          Во продолжение на нашиов труд ќе ги проследиме, повторно запазувајќи го хронолошкиот редослед на создавањето, сликите на Бројгел и песните на Вилијамс[11], притоа последователно поставувајќи ја најпрво сликата, а веднаш по неа и нејзиниот поетски пар.