ИНТЕРСЕМИОТИЧКА ТРАНСПОЗИЦИЈА: ПОЕТСКИ ЕКФРАЗИС ИЛИ СЛИКИ НАСЛИКАНИ СО ЗБОРОВИ

I SELF PORTRAIT

In a red winter hat blue
eyes smiling
just the head and shoulders

crowded on the canvas
arms folded one
big ear the right showing

the face slightly tilted
a heavy wool coat
with broad buttons

gathered at the neck reveals
a bulbous nose
but the eyes red-rimmed

from over-use he must have
driven them hard
but the delicate wrists

show him to have been a
man unused to
manual labor unshaved his

blond beard half trimmed
no time for any-
thing but his painting).

          Како прва песна која ја отвора „изложбата“ на Сликите според/по Бројгел е токму песната со наслов Автопортрет. Случајноста која може да биде причина за нејзиното поставување за почеток на поетската збирка во секој случај мора да биде исклучена од обидите за толкување. Запознавањето со творецот на изложбата може да се каже дека е неизоставлив дел од секоја таква манифестација, зошто тогаш тоа да не биде дел и од една ваква изложба на слики - исликани со зборови?
          Сликата на Бројгел на која е претставен сликар со четка и палета со бои в рака, а зад него купувачот на делото, кое по претпоставка, е во процесот на создавање поставено некаде пред нив, надвор од границите на платното, многу проучувачи на сликарскиот опус на фламанскиот мајстор и историчари на уметноста претпоставуваат дека е автопортретот на Бројгел. Вистинското име на сликата е Сликар и купувач[12], но поради непостоењето на слика која авторот сам ја етикетирал како свој автопортрет, ова платно ќе ја добие таа улога. Но Бројгел, по сугестиите на неговите проучувачи, иако го игнорирал жанрот на автопортретот, сепак се насликал/ се вметнал себеси во раскошните композиции на толпи луѓе (слично како што прават голем број современи режисери од Хичкок до Тарантино), како еден од ликовите во неговите платна Проповедта на Св. Јован Крстител и Носење на крстот: „за профилот на човек со брада скриен во крајниот агол од сликата се претпоставува дека го претставува сликарот“ (Hagen 2004, 7), (...) „Десно, на самиот раб од сликата, повторно се појавува тоа брадасто лице кое би можело да го претставува сликарот“ (исто, 27).[13]