ИНТЕРСЕМИОТИЧКА ТРАНСПОЗИЦИЈА: ПОЕТСКИ ЕКФРАЗИС ИЛИ СЛИКИ НАСЛИКАНИ СО ЗБОРОВИ

          Ја видовме Бројгеловата слика, ја „видовме“ и сликата од песната на Вилијамс, а сега да се обидеме да одговориме на прашањето кое несомнено се наметнува: Ако не постоело конкретно платно кое самиот Бројгел го нарекол Автопортрет, дали песната на Вилијамс е актуелен екфразис на постоечко дело или пак се работи за концептуален екфразис на измислено, имагинарно т.е непостоечко дело?
          Историјатот на песната која за прв пат ќе биде објавена во 1960-тата година под името Стариот овчар, а две години подоцна без некои поголеми промени ќе биде преименувана во Автопортрет, ќе ни ја открие малата тајна која ја оддалечува оваа песна од Бројгеловото платно и ја доближува сè повеќе кон моделот на концептуалниот екфразис. Како сликар со зборови, творец на слики за читање, Вилијамс по сè изгледа му се препуштил на процесот на создавање на свој поетски (авто)портрет, процес кој како резултат ја дало оваа извонредна и доста загадочна песна која го вовлекува читателот во една забавна игра на препознавање. Знаејќи дека кога ја доработил песната, за да ја смести во својата последна збирка песни, поетот имал седумдесет и девет години, дека имал мошне кревко физичко и психичко здравје кое било нарушено со серија на напади, ќе бидеме наведени да заклучиме дека физичката истоштеност и обраснатото со брада лице, претставени во песната, кореспондираат со состојбата во која се наоѓал поетот, состојба во која немал време, а ниту сили за ништо друго освен за сликање со зборови / пишување песни (no time for any- / thing but his painting ). Она што најмногу фасцинира во вербалниот портрет што го спроведува Вилијамс, тоа е мајсторството преку детали од физикусот на сликарот да се тематизира и неговиот хабитус, а со тоа и да се актуелизира големата тема на уметничката креација преку поетската реч – сликата и статусот на уметникот.[14]
          Меѓутоа не можеме да го изоставиме фактот дека голем дел од песната, конкретно описите на деловите од облеката, речиси совршено кореспондираат со оние кои се наоѓаат на платното. Главната разлика која заедно со податокот кој ни открива непостоење на вистински автопортрет на Бројгел ја создава и дилемата дали оваа песна е актуелен или концептуален екфразис е обоеноста, присутноста на боите, колоритот. Имено, во самото платно колоритот не постои, додека пак во песната тој е основна нишка која се провлекува низ сите нејзините стихови. Може да кажеме дека поетот низ призмата на својата имагинација ја обоил сликата, по избор додал елементи-бои кои реално не постојат на платното, со што извршил едно оригинално пресоздање во сферата на јазикот.
          Слободно можеме да заклучиме дека преку оваа загадочна песна е остварено едно, несомнено впечатливо „влегување во музејот“ во кој се претставени сликите на двајца генијални сликари од кои едниот слика со четка и бои, а другиот со зборови.