ИНТЕРСЕМИОТИЧКА ТРАНСПОЗИЦИЈА: ПОЕТСКИ ЕКФРАЗИС ИЛИ СЛИКИ НАСЛИКАНИ СО ЗБОРОВИ

 

          При посматрањето на сликата и овие стихови во прв план е воочлива инверзијата која ја прави Бројгел, односно, тој ја претставува пролетната атмосфера и главните протагонисти од описот на Овидиј но, она што кај Овидиј е претстава за  летот тоа кај Бројгел е претстава за падот[16] на митскиот јунак кој останува сосема незабележан од случајните присуствувачи на тој настан. Во сликата на Бројгел генијално е извршен чинот на десакрализиција и демитологизација на ликот на Икар и пред сèнеговиот трагичен пад кој е недоволно маркантен за да ги прекине орањето на орачот или риболовот на рибарот.
          Интересно е и тоа дека доколку еден набљудувач на сликата прв пат застанува пред неа, без да го знае нејзиното име нема ни да ја забележи едната нога која едвај се гледа во десниот долен агол од сликата, а  која го претставува Икар во неговите последни мигови на постоење. За оваа слика Артур Данто ќе каже: ова е една маниристичка слика, а еден од белезите на маниризмот е токму овој: значењето на предметот е обратно на неговиот размер.[17] Ова не е единствената слика од опусот на Бројгел која може да се окарактеризира како маниристичка, и сликата Селската свадба го задава истиот проблем - Каде е главниот на свадбата? Каде е младоженецот?
          Уште еден занимлив податок поврзан со оваа слика е податокот кој ни открива околу 41 песна, од помалку или повеќе познати автори, кои како инспиративна предлошка ја имаат токму оваа слика на Бројгел. Песната на Вилијамс е една од тие четириесетина песни. Истата започнува со истакнување на Бројгеловото сфаќање за тоа како било кога Икар паднал, притоа акцентот се става на пролетниот амбиент кој воедно е и највпечатлив при гледањето на сликата. Поетот се одлучил да го води читателот низ сликата, низ нејзината просторна организираност почнувајќи најпрво од првиот впечаток кој таа го остава, продолжувајќи сетне до левиот долен агол каде се наоѓа орачот кој ја ора својата нива, движејќи се понатаму кон централниот горен дел од сликата каде се наоѓа сонцето кое го поти лицето на орачот, она исто сонце ќе ги истопи восочните крила на Икар. Движењето низ просторната организираност на сликата завршува во долниот десен агол крај ивицата на морето кадеunsignificantly / off the coast
/ there was / a splash quite unnoticed. Неважното плиснување на водата кое поминува незабележано е токму падот на Икар; this was / Icarus drowning велат овие последни стиха кои рамнодушно ја соопштуваат информацијата за падот на митскиот јунак со што се истакнува неговата десакрализација, демитологизација и маргинализација кои се, како што веќе споменавме основен мотив во сликата на Бројгел. Вилијамс при создавањето на песната прави селекција на елементите од сликата кои ги посочува. Иако на сликата се претставени еден рибар, и еден голем брод, еден овчар како и позадина со прекрасни планини, тој не ги споменува. Се задржува на општата слика на природата која се разбудила покрај ивицата на морето и која обземена со самата себе (the whole pageantry / of the year was / awake tingling / near / the edge of the sea / concerned / with itself) не го ни забележала митскиот пад кој се случил, со што само уште еднаш се потенцира маргинализацијата на Икар која ја има и во сликата, но особено се истакнува со песната