ИНТЕРСЕМИОТИЧКА ТРАНСПОЗИЦИЈА: ПОЕТСКИ ЕКФРАЗИС ИЛИ СЛИКИ НАСЛИКАНИ СО ЗБОРОВИ

III THE HUNTERS IN THE SNOW

The over-all picture is winter
icy mountains
in the background the return

from the hunt it is toward evening
from the left
sturdy hunters lead in

their pack the inn-sign
hanging from a
broken hinge is a stag a crucifix

between his antlers the cold
inn yard is
deserted but for a huge bonfire

the flares wind-driven tended by
women who cluster
about it to the right beyond

the hill is a pattern of skaters
Brueghel the painter
concerned with it all has chosen

a winter-struck bush for his
foreground to
complete the picture

          И во оваа песна која е интерсемиотичка транспозиција на Бројгеловата слика Ловци во снегот акцентот се става на нејзината просторна организација. Воведните два стиха од песната го потенцираат првиот впечаток кој го остава кај гледачот (The over-all picture is winter), за веќе со последниот стих од првата строфа (in the background the return) да започне расветлувањето на деталите кои се наоѓаат на истата, притоа започнува и „движењето“ низ сликата и определувањето на нејзиниот заден, наспрема предниот план. Со користењето на термини преземени од сликарскиот вокабулар се кршат границите помеѓу книжевниот и критичкиот екфразис, па песната станува еден вид критички екфразис во стихови. Како централен дел од сликата, а со тоа и од песната се ловците кои се враќаат од лов. Давањето на епитетот силни (sturdy) во втората строфа ќе го потенцира личниот впечаток што го имал поетот при гледањето на ловците во снегот, со тоа епитетот станува еден дел од интерпретацијата на сликата. Во првиот стих од  третата строфа се истакнува еден детаљ кој речиси и не се забележува на сликата, the inn-sign/ hanging from a/ broken hinge.., за понатаму да се направи обид за одгатнување на напишаното на тој скршен знак на крчмата; се додава еленот како елемент од сликата, поточно како дел од знакот на крчмата кој реално на сликата на Бројгел не постои. По тоа одгатнување на знакот продолжува „движењето“ низ просторната организација, сега до описот на дворот во кој распламтен гори огромен оган, а околу него се насобрани жени кои го одржуваат. Со последните два збора од третиот стих од петтата строфа, right beyond, поетот набрзина ја напушта левата страна на сликата и не споменувајќи ги дрвјата, куќите и птиците преминува на десната страна од истата, или поконкретно на задниот дел од десната страна за да се задржи на лизгачите кои на сликата се претставени како поситни детали во споредба со големината на претходно неспоменатите (дрвја, куќи и птици). Вториот стих од шестата строфа е посветен на името на сликарот додека веќе во третиот стих од истата строфа со зборовите concerned with it all ќе се потенцира внимателноста на сликарот како и јасната воодушевеност на поетот од делото и генијалноста на Бројгел. Во последната строфа се истакнува од зимата погодената грмушка (a winter-struck bush) која Бројгел ја искористил за пополнување на предниот план на сликата. Токму со посочувањето на таа со снег покриена грмушка се завршува движењето од левата страна на сликата кон десната, со што се оформува еден цел, завршен круг што треба да ја означува и завршеноста на двете слики: и онаа на Бројгел но и сликата исликана со зборови на Вилијамс. Може да се каже дека овде постои и една автореференцијална нота, бидејќи, опишувајќи ја сликата поетот самиот креира слика која, иако вербална, исто како и онаа визуелната завршува со грмушка покриена со снег. При тоа опишување на грижливо одбраната грмушка песната како да алудира не само на сликарот, туку и на вниматеноста на поетот кој ги избира сликите, но и зборовите како свој алат за „сликање.“