КОГА ВЕТРОВИТЕ РАСКАЖУВААТ ЗА ЉУБОВТА

КОН ОРКАНСКИ ВИСОЧИНИ ОД ЕМИЛИ БРОНТЕ, ФИЛМ НА ПИТЕР КОСМИНСКИ

Мерсиха Исмајлоска

          Книжевно-филмската врска која ја структурира мотивот Оркански височини не само што го препоставува прашањето за основата на една приказна, туку и го дава нејзиниот одговор. Одоговорот, едноставно, упатува на тврдењето дека во основа на секое раскажување стои љубовна приказна, односно тој логично следува на прашањето на Шошана Фелман, кое, прикажано преку јазикот на книжевната теорија, гласи: Дали литературното дело е израз на несвесното или сите приказни содржат трансферцијална структура, т.е. љубовен однос кој ги организира и ги разделува, ги открива и ги скрива, претворајќи ги во сопствена замена и сопстевно повторување? Така во основа на секое раскажување стои љубовта кон Другиот, емотивен странец, преку кој ја откриваме и љубовта кон себе си.
          Љубовниот однос во Оркански височини како со разбој е вплетен на наративната структура на книгата и филмот. Интермедијаланата соработка, посредувана преку сценариото и потврдена со филмот, многу едноставно ја доловува дистинкцијата меѓу нарацијата и перцепцијата, односно создава наративен процес на гледање кој во романот е прикажан преку нараторот, односно нараторите Локвуд и Нели, преку чии цитирани и раскажани монолози, посебно преку оние на Нели, се дофаќа онаа женска способност за раскажување приказни, нивно ткаење според поетиката да се раскажува leisurelz. (спокојно, полека, смирено, лезетски).
          Токму затоа женскиот наратор во филмот е гласот кој го конструира наративниот систем, и тоа преку својата перцепција, гласот кој доаѓа како ехо на записот на Емили Бронте, онаа Емили која морала да се крие зад машки псевдоним за да го објави романот.
          Што е она што го гледа имплицитниот автор и што како текст (односоно танц на буквите) и како филм (танц на сликите) доаѓа да нас, немиот читател и немиот гледач. Авторката го гледа она што би можело да се нарече и формирање на идентитетот (и заштита на интегритетот) при средба со Другиот. Средба или гранична ситуација во која се преиспитува претставата за себеси и доживувањето на Другиот. За Кети, а и за Хитклиф тоа е нивната заемна средба токму тогаш кога и двајцата имаат околу шест години, онаа возраст кога според Лакан тие веќе ја напуштиле својата огледална фаза, и Другиот им е нужен, за да се преоткријат. Токму затоа губењето на еден од нив е фатално, прво со физичкото отсуство на Хитклиф кое на симболичо ниво се доживува како негова привремена смрт, а потоа и со смртта на Кетрин, доказ дека нивното препознавање еден во друг оди до таму што ја преиспитува и смртта како единствена сигурна граница. Се разделуваат кажувајќи ги сосема истите зборови на отсутниот-Друг: Не можам да живеам без својот живот, не можам да живеам без својата душа. Исти зборови, а две души кои се разминуваат во животот, а се среќаваат во смртта.
          Легендата за нив психоаналитичарите би ја дефинирале како резултат на потсвесното, теоретичарите на уметноста преку мотив на романтизмот, а магионичарите како вешто направен трик, но секогаш кога сите тие се само читатели или само гледачи во начин повторно да се проговри за љубовта.
          Со тоа секој читател или гледач учествува во живеењето на делото. Го менува со своите погледи и доживувања без разлика дали ќе остане нем или ќе проговори, го осведоува делото, а делото продолжува да постои и во моментите кога книгата е затворена, а филмот догледан. Само тогаш може да зборуваме за категорија отсутен читател, но секогаш со свесност дека тој имплицитно е вграден во текстот.
          Ликовите кои доаѓаат како коректив на Кетрин и на Хитклиф, групирани се околу Нели, мајчинскиот аспект во нивното градење како ликови. Нивните човечки особини и чувства вешто се прикажани преку минимизираните дијалози во филмот и крупните кадри, кои преку слика покажуваат како изгледа љубоват, омразата, гневот, суптилините нијанси помеѓу љубовната омраза и омразата заради навреда. Токму Хитклиф, извонредно доловен со глумата на Ralp Fiennes, покажува како изгледа некој кој се претворил во камен, и тоа камен сличен на оној од орканските висови кој ја симболизира цврстината на љубовта меѓу него и Кетрин, но и човек-камен кој после смртта на својот Друг, не дозволува никаква емоција да пројде низ него, само гнев и копнеж, копнеж по ветеното враќање-средба, па била таа и во смртта.
          Трагедијата како резултат на трагична грешка, односно драмска иронија според Аристотел, заминувањето на Хитклиф во таа дождовна вечер, предвесник на она што ќе го навести денот кога зборува ветрот, можеби токму оној ветер од морето (од онаму кај што потекнува Хитклиф).
          Наспроти Кетрин поставени се другите ликови кои се тука да го преименуваат нејзиниот идентитет, но секогаш пред сèтаа е Кетрин, а потоа Кетрин Ерншо, Кетрин Линтон, Кетрин Хитклиф.
          Она што за неа и за Хитклиф е трагедија за Кети (ќерката на Кетрин) и Хартон Ерншо е можност да ја доживеат љубовта на поинаков конструктивен начин, односно да докажат дека е лесно љубовта да премине во омраза, но треба вистинско чудо омразата да премине во љубов.
          Чудото е запишано во оваа новела, единствена на Емили Бронте, нејзиниот аспект на семејна сага го потврдува епското потекло на новелата и ја доближува до романот, иако таа функционира како посебен книжевен вид.
          Нудејќи можност да се оживеат и да се запознаат ликовите од хартија, но и ликовите од светлина, книжевно филмската врска Оркански височини ни дава ексклузвно правода ги премостиме границите на медиумот книга и медиумот филм.
          Кога Шошана Феман повторно би ја завртела навртката, но не онаа на Хенри Џејмс, туку на Емили Бронте би открила дека ДА, има потврда дека во основа на раскажувањето стои љубовна приказна, без разлика дали е таа за смирените духови после заедничкото пронаоѓање или за потомците на Кети и Харетон, бидејќи единствените духови кои не можат да бидат негирани се оние на книжевните јунаци кои безбедно се сместени меѓу кориците на книгата.