ОМАЖ ЗА САНГВИНЕТИ

Анастасија Ѓурчинова

          Годинава на 18 мај, ненадејно и набрзина, нè напушти поетот Едоардо Сангвинети, кого точно пред 10 години, во август 2000-та, го чествувавме со високото признание Златен венец на Струшките вечери на поезијата. Ја освои тогаш  македонската публика, со својот директен и бескомпромисен настап, со смелоста и со звучноста на неговите стихови, но и со својот необичен изглед, нагласено сув, слаб и ковчест, а сепак извонредно пријатен, отворен и љубопитен, елегантен и галантен во однесувањето.
          Сангвинети беше поет, прозаист, драматург, критичар и универзитетски професор, исклучително активна, поливалентна и неуморна личност и, секако, една од најмаркантните фигури на италијанската литература од втората половина на 20 век. Она што најсилно го одбележа неговиот творечки пат, тоа е неговата страсна определба за авангарден израз во уметноста, за рушење на лажните авторитети, на закостената традиција и на празната реторика во поезијата. Напоредно со ова, не помалку значаен за неговиот интелектуален профил беше и неговиот непоколеблив идеен и општествен ангажман, долготрајно и трпеливо граден и вграден во рамките на италијанската левица.
          Сангвинети ја започна својата творечка врвица кон крајот на 50-те години, како огнен претставник на италијанската „неоавангарда“, во чии рамки тогаш делуваа и Елио Палјарани, Нани Балестрини и Умберто Еко. Незадоволни од постојната клима во италијанската книжевност и, пред сè, од бесплодната истрошеност на јазикот, овие автори, обединети во славната „Група 63“, настојуваат на нов начин да ги обноват смелите творечки модели познати од авангардните движења на почетокот од 20 век. Во тој контекст Сангвинети радикално се залага за отфрлање на интимизмот, за стеснување на просторот на поетското „јас“ во насока на поголема екстровертност на исказот, поблизок до сочниот секојдневен говор, отколку до артифициелниот литературен јазик. Оттогаш датираат и неговите храбри иновации и експериментирања во доменот на поезијата, преку создавањето на сликата за лавиринтот или на т.н. „плурилингвизам“, кој според него е само логичен поетски  одговор на хаосот и сложеноста на модерниот свет.
          Искуството со неоавангардата ќе остави силен и траен белег во творештвото на Сангвинети, кој и во годините што ќе следат постојано и упорно ќе настојува да ја провоцира јавноста и да ги бранува духовите. Веќе насловите на неговите поетски книги (Лаборинтус, Еротопаењиа, Опус метрикум, Триперуно, Wirrwarr, Катамерон и др.) несомнено укажуваат на оваа негова намера, бидејќи преку чудните иновации, неологизмите, невообичаените јазични конструкции, заемките од странските јазици и сл., тие директно атакуваат на читателот и јасно е дека не може да го остават рамнодушен. 
          Поетскиот свет на Сангвинети со текот на годините постепено се обликува како свет на предметите, а не на чувствата, тоа е „надворешниот“ свет на објективната реалност, проткаен со изобилство од референции, врски и соодноси. Во основа на оригиналната поетика на Сангвинети секогаш се наоѓа „малиот вистинит настан“, кој на поетот му станува неопходна состојка за да „приготви“ песна. Но, творечкото внимание на Сангвинети секогаш е подеднакво свртено и кон формалниот аспект на литературата, преку неговите долги, испрекршени, атонални стихови и бескрајните игри на зборови, како еден вид пулсирачки монолог на лица, предмети и простори позајмени од непосредната стварност и искуствата на поетот.
          Да ѕирнеме за миг во поетовата лабораторија, преку една куса илустрација за ритмот, римата и непрегледната низа од асонанци и алитерации, како што е на пример оваа, во експериментално-љубовната песна Те истражувам:

Ti esploro, mia carne, mio oro, corpo mio, che ti spio, mia cruda carta nuda,
che ti segno, che ti sogno, con i miei seri, severi semi neri, con i miei teoremi,
i miei emblemi, che ti batto e ti sbatto, e ti ribatto, denso e duro, tra le tue fratte,
con il mio oscuro, puro latte, con le mie lente vacche, tritamente, che ti accendo,
se ti prendo, con i miei pampani di ruggine, mia fuliggine, che ti aspiro, ti respiro,
con le tue nebbie e trebbie, che ti timbro con tutti i miei timpani, con le mie dita
che ti amano, che ti arano, con la mia matita che ti colora, ti perfora, che ti adora,
mia vita, mio avaro amore amaro...

          Сангвинети ја смета поезијата за уметност на „помнењето“, за него песната е наменета пред сè за орална презентација, онака како што била пренесувана по устен пат во текот на долгите векови на народната поетска традиција. Во таа смисла, поезијата е „магична формула“, која само така успева да се одржи и да опстои во слоевите на нашата меморија.
          Вториот аспект од творечкиот лик на Сангвинети ја крие неговата страсна посветеност кон светот на идеите, како и подготвеноста за ангажман во областа на политиката и на општествените односи. Поетот никогаш не ја напушти својата трајна филозофска определба, историскиот материјализам, па следејќи ја неа, неколку пати и активно беше вклучен во политичкиот живот на својата земја. Најпрвин, како колумнист на весникот Унита, потоа во 70-те и 80-те години како пратеник во италијанскиот парламент, поддржан од Комунистичката партија на Италија, а последниве години и во кампањата за  градоначалник на родниот град, Џенова, како кандидат на Обединетата левица. 
          Чудесно како кај Сангвинети страста за смели јазични експерименти во поезијата успеа хармонично да се слее со неговиот непоколеблив идеен ангажман. Во таа смисла, тој самиот себеси се сметаше за своевиден продолжувач на традицијата на големите поети на надреализмот, но и на Фројд, на Маркс, како и на Антонио Грамши. „Секој текст“, велеше Сангвинети, „изразува една визија на светот, независно од темата која ја обработува. Затоа, за мене секој текст е идеен, а секој автор - ангажиран.“
          Имајќи го сето ова предвид, јасно е дека творечкото кредо на овој поет е најконцизно и најексплицитно изразено преку насловот на неговата култна есеистичка книга: Идеологијата и јазикот.
          „Проблемот“, пишува тука Сангвинети, во второто издание од 1995-тата година, „денес, како и тогаш, а денес можеби уште повеќе отколку тогаш, е да се продлабочат сите анархични импулси кои беа во основата на сета голема анти-поезија од овој век што веќе згасна, па да се пренесат тие импулси од полето на бунтот кон она на револуцијата. Тоа, беше, објективно, значењето на сите нови и најнови авангарди,  јадро на нивната поетика и на нивните надежи. Оти во поезијата секогаш се работи за еден ист копнеж; како што велевме ние тогаш, а како што би било убаво да кажеме и денес: да се измени животот, да се промени светот!“
          Сангвинети беше осведочен пријател и на Македонија. Повеќепати престојуваше во нашата земја, за која го врзуваа неколку искрени пријателства, но и контакти со најзваничните културни и академски институции. Македонија и македонските теми си најдоа место и во неговата поезија. Дозволете ми во овој краток омаж да го искажам и сопственото задоволство, што можев лично да го запознаам овој бескрајно симпатичен, шармантен, луциден и автоироничен лик, кој со извонредна лежерност ја носеше титулата на еден од столбовите на современата италијанска литература. За првпат го запознав во хотелот Дрим во Струга, треперејќи од страв дали му се допаднал изборот од неговата поезија што тогаш го приредував. Подоцна, имав чест да го претставувам него и неговото творештво во многу пригоди: на портретот во црквата Света Софија во Охрид, во Друштвото на писателите во Скопје, пред студентите на Филолошкиот факултет Блаже Конески, во италијанскиот културен центар Данте Алигиери, во Националната библиотека Св. Климент Охридски, во рамките на Неделата на италијанската култура во Скопје. Но сигурно е дека засекогаш ќе ја паметам последната средба, кога сосема неочекувано, буквално налетав и се судрив со Едоардо Сангвинети, минувајќи по преубавата виа дел Корсо во Рим. Јас бев дојдена на студиски престој на Универзитетот, додека Сангвинети штотуку пристигнал од Џенова, за да учествува на некоја книжевна манифестација. Не знам дали е потребно да објаснувам дека големиот поет на неоавангардата веднаш во оваа епизода препозна судбинска „случајна средба“, како излезена од страниците на некој стар, добар, надреалистички роман.
          Сега знам дека споменот за нашата „судбинска средба“, заедно со силата на неговата поетска реч и на неговиот маркантен интелектуален лик, ќе ја грее мојата душа, како и душите на неговите македонски читатели, уште долго време по неговото физичко заминување.