„ПОЕТИЧКИОТ СЕНЗУАЛИСТ“ - ЈАН ШИМОНОВИЧ ВО ПРЕПЕВИТЕ НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК

Звонко Танески

          Поетот Јан Шимонович (1939-1994) спаѓа во редот на оние словачки автори (најверојатно и приближно според бројот на преводите – заедно со Милан Руфус, Мирослав Валек и Франтишек Липка) за кои може да се каже дека ја имале привилегијата почесто да бидат презентирани пред македонската книжевна и културна јавност. И самиот Шимонович, небаре за возврат, се обидел да приопшти мал дел од творештвото на двајца македонски автори во словачката книжевна периодика од кои вториот од нив е и негов преведувач на македонски јазик (имено, превел текстови од Бошко Смаќоски – во Ohnik, č. 19, Roč. 20, 1967/1968, s. 13 и од Ристо Јачев – во Nove slovo – Nedela, č. 33, Roč. 30, 1988, s. 8). На обратната страна, Ристо Ѓ. Јачев ги подготвува двете книжни изданија на Ј. Шимонович во Република Македонија. Некои од песните застапени во нив, Јачев претходно ги публикува и во неколку македонски книжевни списанија. Првото издание со избор песни од неговата поезија носи наслов Лето, а го објави прилепски „Стремеж“, додека второто издание е насловено Барање, а го објави издавачката куќа „Македонска книга“ од Скопје во 1994-тата година. Второто и поново издание Барање од Шимонович е, всушност, само мало надополнување на првото издание Лето, со таа разлика што ова второ издание ги содржи сите песни застапени во Лето со исклучок на песнатаШтета и плус пет нови песни (Зборови, Управа, Тажна песна, Од болница и Афродита). Потполно идентични се и воведот на Ристо Ѓ. Јачев во изданието Лето и поговорот во изданието Барање. Се работи, впрочем, за ист авторски текст на преведувачот Јачев насловен како „Трнавска скупина“. Песните на Шимонович, застапени во наведените македонски изданија, се пишувани во периодот од 1964-тата до 1988-та година и се поместени во кориците на повеќето стихозбирки што авторот во сиот тој период ги објавуваше во Словачка. Сепак, освен Ристо Ѓ. Јачев, треба да се напомене фактот дека преводи на одделни песни од поетското дело на Ј. Шимонович на македонски јазик направија и други преведувачи (на пр. Феро Липка и Јован Павловски во „Нова Македонија“, 9. 11. 1975 / XXXI, 10345.; Бранка Кубеш во Антологијата на современа поезија на Чехословачка. Струга: 1983, стр. 94-95 и Феро Липка и Ефтим Клетников во Отклучување на земјата – Антологија на современата словачка поезија. Скопје: 1991, стр. 163-176).
          Јан Шимонович е познат словачки поет, книжевен преведувач, есеист, автор за деца и младина. Завршил судии по словачки и руски јазик и литература на Филозофскиот факултет при Универзитетот Коменски во Братислава во 1962 година. Извршувал повеќе уреднички функции во издавачки куќи и литературни списанија. Со свои стихови дебитирал во реномираното словачко списание „Млада творба“ во 1957-та година. Неговата прва поетска книга Пирамида (1965) донесува поезија што е полна со младешки изблици и маѓепсаност од љубовта. Деталите од идеализираниот дом, родителската грижа и напнатите, но фини еротски нагони продираат во фантазмагоричните предели на водните пространства: морето, но и реката Вах, каде што капењето претставува и знак за контакт со чистата природа. Поетските почетоци на Шимонович кои алудираа на една „згусната смисловност“, што имаше афинитет да застапува чисто естетски начела во градбата на песната, беа неспорно поврзувани со поетиката на трнавската група поети или т. н. конкретисти (Јан Стахо, Јан Ондруш, Љубомир Фелдек и Јозеф Михалкович). Некои словачки критичари, согласно особеностите на неговото поетско писмо, одеа дури и дотаму што Шимонович го набројуваа во редот на директните членови на таа група. Понатамошните поетски збирки на Ј. Шимонович само го потврдија и го зголемија арсеналот на омилени мотиви на словачката конкретистичка поетика, какви што се, на пример, и мотивот на созревањето, копнежот по таинствената женска убавина, непосредуваните доживеалици од обичниот и секојдневен живот кои заедно завиени под превезот на бујната метафорика знаеја често да ја освојат наклонетоста на читателите.
          Со своето творештво од шеесеттите години на дваесеттиот век што се одликува со необична имагинативност, Шимонович придонесуваше за агилен развој на литературните состојби во Словачка, а настојуваше, првенствено, да ја фасцинира книжевната публика со својата уметност на формата, па затоа и во својата книга есеи Проза за песната (1972) формулираше технички разработена теорија за поетската слика, како и за модерниот книжевен превод. Сепак, во својата публицистика од втората половина на седумдесеттите и во текот на целите осумдесетти години (На маргините на песната, 1982), но експлицитно и во својата поезија (на пр. Деца – 1973), веќе ја протежираше т. н. општествено-ангажирана содржина на песната која солидно го ослабна неговото авторско и духовно кредо. Но, во некои од песните настанати во истите тие временски декади се наоѓаат и продлабочени аполинеровски инспирации  во чиј дух овој поет го креираше, меѓу другото, и описот на стереотипните денови на братиславските или „братиславизираните“ семејства од различни генерации (Град, 1976 – оваа стихозбирка на Шимонович беше протолкувана од критичарите Јан Штевчек и Албин Багин како „прв обид за поетско освојување на Братислава“). Во таквата урбана и рефлексивна поезија на Шимонович – градот е помалку „лавиринт на светот“, а повеќе е „рај на срцето“.

          Јан Шимонович ќе остане запаметен и како „поетистички сензуалист“ (термин на Вилијам Марчок, според чешкото поетско движење „поетизам“, чијшто предводник беше В. Незвал), ама без сериозен егзистенцијалистички непокој. Неговата амбиција беше да создаде однадвор ненарушен и по можност вечен приватен свет што ќе биде заснован врз ритуалите на чудесата што ги носи животот, а во чиј стожер ќе стои жената, бидејќи токму таа го турка добронамерно поетот во непредвидливите длабочини на неговото битисување. Женската убавина за Ј. Шимонович е анакреонтски опојна. За да се доближи до таквата цел, поетот се впушта во потрага по боите, звукот, вкусовите и мирисите што ја асоцираат неа, но секогаш таквите нешта осмислено ги поврзува, визуелно ги домислува и хармонично ги ситуира во „светлите и темни“ простори, каде што ретко кој се обидувал да ја најде таа непоматена убавина. Шимонович го интересира самото движење, а не статичната состојба. Нему не му е потребен коментар, тој великодушно и се предава на силината на поетската слика, која во контекстот на неговата песна ги нагласува најчесто „светлината“ и „детството“ како принципи на јаснотија и чистина што се во противтежа со темнината и староста – светлоста или денот како спротивен пол на мракот и на ноќта.
          Македонското читање на Шимонович, во најголемиот број одредници, точно ја перцепира вистинската срж на неговата поетска оригиналност. Преведувачот Ристо Ѓ. Јачев потенцира дека книгата на Шимонович „што е пред нас всушност е мост на зближување меѓу две култури и два мали народа, но со богати книжевности и традиции“[1], а притоа уште со право нагласува дека „поезијата на Јан Шимонович е поезија на љубовта, за патот на самостојното поетско доживување на проблемите во себе и околу себе. Низ нему познати и веќе обработени мотиви како што се деца, љубов, семејство, дом, град – тој од денешен аспект третира хуманистички, животни, драматични и трагични прашања. Неговата исповед всушност е сведоштво на едно трагање и самобитно откривање, барање на сопственото битисување и надворешно откривање. Неговите силни чувства и поетскиот и интелектуалниот набој се втемелени и во овој ракопис, односно во оваа ракатка песни, одбрани од неговите стихозбирки...“ (стр. 57). Така, може да се заклучи дека Шимонович во македонската средина си најде достојно место и неколку децении го држеше будно вниманието на нашиот читателски аудиториум кој во него препознаваше едно од подобрите поетски имиња на современа Словачка. Поновите времиња, сепак, донесоа и кај нас понов вкус, понов израз, а пред сè, и нови „лета “ и нови „барања“, кои сега ќе треба да се потрудат да ги исполнат и тоа изгледа што поскоро - некои помлади и попровокативни имиња од словачката литература кои се надевеме дека набрзо и ќе дојдат на ред во менито на македонската книжевно-преведувачка кујна.

Белешки

[1] ЈАЧЕВ, Ристо Ѓ.: Трнавска скупина. Поговор. Во: Барање (Јан Шимонович). Избор и препев: Ристо Ѓ. Јачев. Скопје: Македонска книга, 1994, стр. 57.