РЕАЛНИОТ И ИМАГИНАРНИОТ СВЕТ НА ДВОЈНИЦИТЕ

Јасмина Мојсиева - Гушева

“… и подлабоко од самиот ден”
Како зборуваше Заратустра, Ниче

          Комплексната појава на двојник, на прв поглед, изгледа гротесктно, екстравагантно, невидено и нечуено чудо, нешто што никогаш не може да стане разбирливо за природниот резон, апсурд за нашите перцепции и логика, несекојдневен производ на имагинацијата. Но, сепак, овој феномен, кој излегува од редот на сфатливите принципи, неверојатен поради драстичноста и неочекуваноста на промената на границите на сопствениот иденитет, раѓа многу живи асоцијации со секојдневието и со сè што е суштински длабоко и компатибилно во човекот.
          Индивидуалноста е најголем белег на човековата природа. Секое човечко суштество е единствено и секоја личност на илјада начини се разликува од некоја друга, бидејќи како што вели Гете: “природата се заложува во сè за индивидуалност”. Нашиот поглед во текот на целиот живот е навикнат да се среќава со други луѓе одделени, одредени и единствени и сè што се совпаѓа со стремежот кон идентичното нè престрашува, возбудува и збунува. Двојникот на господин Голјаткин, како што опишува Достоевски е “ужасот на господин Голјаткин, срамот на господин Голјаткин, кошмарот на господин Голјаткин”.
          Природата е дарежлива во необичностите и животот треба да се прифати онаков каков што е, со сите свои спротивности и судири, латентни закани, опасни амбиваленции, дуализми и антагонизми. “Тажен и мрачен е светот без чуда и фантазија”, вели Еразмо Ротердамски. Возбудувањата се покажуваат како најголема потреба, како слепа сила, повисока инстанца од која зависи среќата. Распламтената желба на љубопитност го тера човекот кон опасни дејства, кон фатални игри што го разоруваат единството на човековата личност. Ограничени во секојдневието, во баналните животни ситуации, тајно ги посакуваме скоковите што се можни само во имагинацијата. Двојникот е илузија издлабена во намачените мисли. Тој е измислен за да може да дејствува врз стварноста. “Јас како Голјаткин не можам ништо да сторам, но Голјаткин двојникот може многу нешта”, пишува Достоевски. Тој е плод на несвесното, на неосветлените делови од нашето битие, додека она што е осветлено, според Ернст Блох, “е тесното поле на свесното што од сите страни е заградено со темни рабови во кои се губи”.
          Некој мрачен амбис, некоја подвоеност во секое човечко суштество ги мрси конците на стремежите, ги води борбите и нèпоставува пред дилемата на жртвување на еден аспект од својата личност за да може другиот да доминира. Прогресивните духовни сили мора да си обезбедат надмоќ над регресивните нагонски стремежи. Секој во себе доживеал повеќе склопови од реалности и, често, игра противречни улоги, поседува посебни одвоени волји или одделна свест за себе. Видливо е дека личноста не е нешто конечно, статично, непроменливо, не е една целина која во сите свои делови е заокружена. Таа се покажува како привремена, еволутивна творба што тежнее кон подобра адаптација и бара излез од лавиринтот на замрсените проблеми.
          Човекот секогаш сака да биде повеќе од тоа што е, сака да се ослободи од тешкиот и постепениот начин на развој, тежнее во скок да ги оствари своите цели и, покрај точните забележувања на Спиноза, дека секое нешто сака да остане во своето битие. “Каменот сака вечно да остане камен, тигарот - тигар, а човекот сака да остане вечно во својата личност”. Животот е трансформација од која зависи прогресот затоа човекот не сака секогаш да биде од ист калибар. Тогаш кај него се јавува дилема меѓу љубопитноста и изложувањето на опасноста. На оној кој не се осмелува да се изложи на ризици му останува да проживее без големи сензации, без настани од подлабока смисла. Возбудлив е животот само тогаш кога е поставен на остриот раб меѓу имагинарното и стварното, на опасната граница меѓу фриволната тривијалност и изгорувањето од страсти. Човековата дилема е што, од една страна, постои најобична кирикула витае, најобична просечност, медиокритет без амбиции и без склоност кон фантазија, авантура, еротичност, а, од друга страна, сокриени стравотни квалитети, перверзни претерувања, опасни иницијативи, искривоколчени желби за злодела што се јавуваат во залетот на неограничената слобода. Двојникот е чедо на слободата која го уништува, исто како што Пиранделовиот јунак Матија Паскал по безнадежните талкања во безграничната слобода ги наоѓа остатоците од себеси кои шетаат како сенка на еден мртовец по улиците на Рим. Човекот е раздвоен и се крши над својата подвоеност. Тој не може да биде цврст, како што проповеда Ниче, “да се биде цврст како камен, а оттука и мртов”. Наместо да ја сфати слободата како способност на поединецот да сознае дека е детерминирано суштество и дека помеѓу неколкуте можности треба да избере една која му се чини дека е највредна, тој се губи во просторот.
          “Добрите дела се само сублимација на злото” вели Ниче. Овој поим поблаго го објаснува Гете кога изјавува: “Она што го нарекуваме зло е само другата страна на доброто која е потребна за неговото постоење и го сочинува делот од целината”. Уништувањето на изградената сигурност и прифаќањето на идејата за опасен живот во која трепери светлото на ризикот од злото се прифаќа многу лесно. Апсолутната слепа сила што радикално сака да го ослободи човекот од егзистенцијални опасности го тера на најсублимирана авантура на духот.
          Двојникот е филозофија на животот родена во длабоките и мрачните корени на стравот и злото. Стравот од казната е единствениот кој многумина ги задржува од злото и ги принудува да останат во добриот круг на сочувствување со другите. “Стравот е наш најдобар учител” со право вели Кикергарт. Оној кој научил на вистински начин да биде уплашен го сознал најважното. Поради стравот некои намери, желби и очекувања од животот никогаш не стануваат стварност. Но, претерано силниот страв може да ја дезорганизира личноста и одделни нејзини функции да бидат дисоцирани. Од ваквиот страв, од чувството на вина и срам нè избавува амнезијата, која претставува желба да излеземе од неподносливата ситуација, привремено да се препуштиме на едно абнормално однесување, бесцелно да скитаме во непознатиот свет ослободени од минатото и сè што нè ограничува. Да живееме без корен и ветрот да нè одведе таму каде што нему му е мило.
          Животот треба да се прифати со темните сили што  владеат над нас. Вообразувањето може да биде симболично сознание на тајниот конец кој се провлекува низ нашиот живот и цврсто го спојува во сите негови услови. Двојникот е симбол на спротивноста, на судир, на спротивните полови, израз со кој се остварува рамнотежа или се остваруваат латентните закани. Тоа е најрадикална поделба. Постои една личност сосема одредена, а појавата на другата е почеток на кобното пропаѓање. Двојникот е израз на дуализам. Секој напор, секоја борба, секое движење се заснова на тој дуализам. Два нагласени антагонизми не можат истовремено да суштествуваат јавно. Едниот е латентен, а другиот е очигледен. На тлото на внатрешната подвоеност едната половина чувствува, дејствува, живее, додека другата го набљудува тоа. Личноста, истовремено, е извршител и набљудувач на самата себе. Набљудувач кој може да биде разочаран и злобен, кој го држи работникот на око. Меѓу двата лика постои спротивставеност,опозиција и инкомпатибилност што доведува до смрт на едната од двете личности. Во истиот човек постојат и доброто и злото, и љубовта и омразата, и смртта и животот.
          Каков е тој раздор кај двојникот, кој, истовремено, содржи две моќни антагонистички цели. Во Библијата, во посланицата на Свети Јаков стои напомена дека двоумен човек во сè е непостојан. Во Евангелието по Лука се тврди дека ниту еден слуга не може да служи двајца господари. Секој се чувствува нелагодно додека не си го пронајде своето место. Егзистенцијалистот Киеркегор тврди дека за да може човек да биде духовно единствен треба да сака само едно нешто. Вистинската радост на животот пишувал Џорџ Бернард Шо е кога човекот прифаќа да служи на цел што ја признава како важна и моќна.
          Единствен начин да се поднесе животот е да се има задача која треба да се изврши. Животната цел е саморазвитокот, наполно да се оствари сопставена природа. Денес, луѓето се плашат од себеси. Како да е опасно да се загледуваат во себе. Стојат зачудени пред натписот на делфискиот храм: “Запознај се себеси” што е поврзан со името на Аполон кој и самиот бил мултипна личност. Се плашат од откривањето на својата сопствена душа пред огледалото на Нарцис или пред фасцинантниот портрет на Доријан Греј, кој е способен да апсорбира, но, истовремено, е горд и нечувствителен. Некакво суптилно влијание минува од моделот на портретот кој станува негов двојник. Од една страна, стои реализмот кој е вулгарен, а од другата еден идеал кој е поразен. За Доријан Греј човекот е сложено суштество со милијарди животи и милијарди чувства, многулично создание кое во себе го носи необичниот завет на мислата и страста, и чие тело е заразено со стравотните болести. Доријан Греј на чуден, суптилен начин минува преку гревот и злосторството. Тоа е страшна трагедија која никој не ја доживеал и тој самиот се чуди на своето мирно поведение и за момент остро ќе го почувствува тешкото задоволство од двојниот живот. Во неговиот мозок лежеше една мисла, дива желба за живот, најстрашниот меѓу сите човечки апетити ги покрена неговите растреперени нерви и сржта на коските.

          Но, не треба да се заборави дека секој импулс што настојуваме да го задушиме ни го притиска мозокот и нè труе. Оскар Вајлд вели: “Спротивставете се на искушенијата па ќе видите како вашата душа ќе се разболи од желбата по нештата кои си ги забранила, од копнеж по она што нејзините монструозни закони го направиле противзаконито”. Потиснатите и ранети нагони во нас, според Јунг, опасно му се закануваат на цивилизираниот човек кој мора да го излечи животинското во себе и да го направи свој пријател.
          Речено е дека големите настани во светот се случуваат во главите. Главата е она место каде што, исто така, се случуваат и големите гревови. Животот не се управува со желба или намера. Стремежот кон идеалите, според Јунг, е патоказ за потполно остварување на нашето битие. Личноста мора да биде интегрирана за да може да ја постигне човековата среќа. Човекот со поделено “јас” е возбуден, исцрпен, несреќен и ја губи рамнотежата. Тоа е прашање на нервите, на сржта, на совршено градените келии во кои мислата се крие, но и сонот и страста го заземаат своето место. Личноста може да се замислува себе си како сигурна или силна, но една мала случајност може сето тоа да го урне.
          Многу латентни можности содржи човекот, тие се како никулци скриени од сетилата. Интуицијата претставува некаква длабинска свест за оние скриени сили, нешта, закани и никулци за разни промени и метаморфози што се случуваат или ќе се случат.
          Во нашата култура постојано се нагласува дека постојат непроменливи нешта. Персонифициран концепт за неизменливото е концептот за божественото и вечното суштество. Наспроти тоа ние сме свесни за менливото. Промените го имплицираат менливиот нестварен свет, со сомнителни вредности. Промената и метаморфозата се центар на помалку нестварен свет, со сомнителни вредности. Промената и метаморфозата се центар на сè. Суштинскиот и средишен фактор во светот, или пак во развитокот на една индивидуа, е во неминовноста на промените. Времето е суштина на промените, односно на животот. Вечните вредности се покажуваат како скаменети. Вечни закони или вечни вредности нема, ниту може да има. “Промените се природниот ред на нештата” изјавува Џон Блофелд во Книгата на промените. Тие се причина за непостојаноста, а истовремено, и за страдањето и за несреќите што човекот ги доживува. Живеејќи во ваков свет на постојани промени Сабатовиот јунак Фернандо Видел со право изразува чудење како може човек да расте, да негува илузии, да доживува несреќи, да војува, духовно да се расипува, да менува мислења и чувства, а сепак и натаму да го носи своето име непроменето.
          Во актот на гледањето на својот живот, во размислувањето за него секогаш откриваме нешто ново, парадоксално, длабоко и загадочно. Вистинскиот повик за секого би бил, да дојде до самиот себеси, да ја изнајде својата сопствена судбина, пополно да живее и да не биде скршен. Човекот е истрел на природата, истрел во неизвесното. Наша задача би била само да го продлабочиме тој истрел, да го пуштиме да дејствува, да ја почувствуваме во себе неговата волја. Затоа, зачудувачки е како тој може да работи против себе, како си наметнува туѓи улоги, некакви маски, лажни фасади што ги поставува на своето лице со цел да го прикрие сопствениот изглед, сопствената личност, да се замени со друга за да ја предизвика очекуваната почит, да ги застраши другите, да го распламти нивниот ужас или гнев. “На секој длабок дух му е потребна маска”, вели Ниче, за да се избегне површното толкување на зборовите, длабинските тајни да не станат површни вистини, да се знае што е стварно, а што лажно. Изненадувањето се јавува како добар критериум за вистинитото и привидното” вели Џон Дјуи. Чудењето значи прекин на инерцијата, прекин на очекуваниот ред на нештата. Самата вистина веќе не се покажува како статична, конечна, непроменлива појава туку како еволутивен и привремен процес. Митското суштество кентаур, во извесна смислак, егзистирало како вистина во тек на долги години. Во Хомеровото време луѓето од Тесалија или Беотија во тешко пристапните планини и гори често се сретнувале со грди суштества со глава, раце и гради како кај човек, а останатиот дел и нозете како кај коњ. Тој ѕвер може да биде паметен како кентаурот Хирон, но може да биде суров, безумен, слеп и склон кон грабежи и силувања како кентаурот Нес, кој ги пренесувал патниците преку водата и се обидел да ја силува Херакловата сопруга Дејанира. За Хомеровиот човек кентаурите не се симболични суштества, потресна слика на човековата двојна природа, животинска, сурова и наспроти неа добротворна духовна сила на врамнотежената природа. Старите народи нашле храброст да се соочат со халуцинаторната појава на алтернативна личност. Тие, интуитивно, биле свесни за двојноста на човековата природа која ја изразуваат со создавање на имагинарни суштества какви што се сфингите, кентаурите, еднорозите и др. Во својата семоќ боговите се преобразуваат во различни суштества, доведувајќи ги во забуна обичните смртници. Отфрлајќи го својот стар лик тие изнаоѓаат нова форма за да го изразат својот насилнички темперамент.
          Волшебниците и демоните, ангелите и вештерките не излегуваат од светите книги, од зборниците на црната магија, од мистичните култови на минатото, туку од потсвеста која се проучува од страна на психоанализата. Фигурата на двојникот како фантастична појава допира до длабоките корени на имагинарните слоеви на подсвеста. Во мрачните длабини на духот се создава одмазднички, застрашувачки лик, како казна за сè што е грешно. Ништо пострашно не може да измисли имагинацијата од постоењето двојник. Ништо поужасно, ништо похаотично, ништо поразорно за личноста не е од чувството на двојник во себе, суров и црн гост кој во нас се движи, црниот човек, како што го доживувал Есенин, кој пред смртта му седнува на кревет, задавајќи и “тага и страв на душата”. Корените на народната поговорка “пред смртта си го виде двојникот” се наоѓаат пред сè во чувството на стравот, појавен во критичниот момент на приближување на смртта и во драмата на агонијата кога телесната сфера се оддалечува од духовниот облик на сопствената личност. “Човекот не е создаден да мисли за својата смрт” вели Сартр. Пабло Ибиерта во расказот Ѕид постојано мисли на антиципираната смрт пред да настапи чувството на разделување на личноста кога вели: “се трудиш да мислиш на нешто, постојано ти се чини дека си на прав пат, дека ќе сфатиш и тогаш мислата ти се лизнува, побегнува и се враќа пак на тоа… Го гледам својот труп, го гледам со своите очи и мислам дека веќе нема да гледам, дека ништо веќе нема да чујам за другите, а животот ќе тече”. Меѓу осудените на смрт се шири чувството дека живите се различни од нив, дека се интегрирани, додека тие се фрагментирани, мултипли и само така подвоени можат да ја поднесуваат мислата за умирањето која не ги напушта. Киеркегор вели: “Ако бескрајно се плашиш од некоја опасност изгледа како ништо друго да не постои, тогаш пред тебе се појавува ужасот кој е полош од самата смрт”.
          Проекцијата на самиот себеси надвор, во материјалниот свет, како доживување што ѝ e туѓо на секоја логика и вистина, како мисла што одговара на нашите желби и илузии ја сретнуваме кај творечките имагинативни духови. Така, на пример, Борхес себеси се замислува како друг, она што му се случува нему замислува дека му се случува на неговиот двојник. Двојството на личноста му е потребно за да може да му се препушти на животот, за да може другиот Борхес да ја плете својата литература што го потврдува и го спасува од исчезнување. Ако личноста не е активна во стварноста, туку само во своите фанатации, станува и самата нестварна. Тогаш стварноста на “физичкиот” свет престанува да служи како храна за творечка имагинација и затоа таквата личност станува сèпосиромашна. Во тој случај фантазијата, бидејќи ни малку не се поврзува со стварноста, ниту се обогатува од интеракциите со животот, станува сè повнимателна и безбојна. Животот за Борхес е бегство од една личност во друга и тој, често, не знае која од двете личности е писателот Борхес. Останува загатката како тие две одвоени суштества се спојуваат во една личност.
          Антрополошките студии за раѓањето на цивилизациите, неминовно, се сретнуваат со феноменот на повеќекратното сфаќање на личноста. Свеста дека човекот е поделен, дека има своја и дива душа ја сретнуваме кај мистичните примитивни верувања. Леви Брил ни дава интересни илустрации дека дивата душа на човекот е неговиот брат и затоа човекот кој е брат на крокодилот безбедно може да плива во река што врие од крокодили. Човековото животно искуство се совпаѓа и со средновековните мислења дека во секој човек постојат женски и машки несвесни принципи - аними и амимуси. Тоа внатрешно двојство често е симболизирано со хермофродитските фигури како што е ликот на ангелот, главата на Адонис или Тамуз. Народните приказни се полни со ликови, чијашто двојна природа е очигледна, иако е маскирана со зачудувачка фантастичност, поетски необичности, искривени реалности, неочекувани пресврти и егзотичности. Приказните се полни со нешта што не му припаѓаат на овој свет но сепак, ако се ослободиме од фиксираните рамки со кои гледаме на светот, ќе ја препознаеме атмосферата на една длабока реалност. Грозното чудовиште се претвора во светол принцип, слиеноста на мрачното застрашувачко суштество со светлото и доброто со кое се поистоветува, ни ја покажува стварната слика на светот. Достоевски, зборувајќи за суштината на човековите психолошки доживувања, изјавува “Што може да биде за мене пофантастично и понеочекувано, па и неверојатно, од стварноста во која се случуваат чудни нешта кога се повредуваат оние вечни закони на вистината”.
          Јунг умеел да разоткрие една од најбитните страни од човековиот живот, а тоа е средбата на личноста со својата “сенка”. За него сенката е “другата страна”, “темниот брат” во нас, неразделно сврзана со нас, зашто претставува интегрирана компонента на нашата личност. И како што е речено, двојникот е архетипска фигура која најпрво се јавува во претставите на примитивниот човек и која перзистира во проектираните и персонифицираните денешни форми.

          Дел од својата личност поради морални, естетски и други причини отфрламе како инфериорна функција. Научени сме да се разликуваме себеси од својата несвесна сенка, иако знаеме дека таа е реален дел од нашето суштество. Попусто се бориме против деловите во себеси, а кога ќе се ослободиме од својата сенка, како што тоа го направил Петар Шлемил, умираме од страв, бидејќи тој кој си ја продава душата на ѓаволот “со праведниот суд на господа е осуден и проклет”. “Душата е страшна стварност” - зборува Доријан Греј - Таа може да се купи, продаде, дури да се трампа, да биде и отруена или усовршена, но не може да биде скриена бидејќи животот го разоткрива и она што замислуваш дека е најсигурно и најсилно”.
          Сите наши напори да се избегне средбата со несвесните архетипови се јалови и бесмислени. Ако личноста се расчленува на нејзините составни делови настапува совршено разголување на човекот. Разбирлив е стравот од таквата постапка која ја среќаваме воСтепски волк на Хесе. Човекот е vita contemplativa исто толку колку и vita activa. Тој сака сè да сфати, а истовремено без да има можност да размисли, да се изложи на сонцето и мразот, на животот, љубовта и омразата. Да излезе од текот на индивидуалните хаотични збиднувања, да се претвори во недопирлив набљудувач, во тоа е трагедијата на неговото соочување со светот.
          Дали писателовата преокупација со двојници е манифестација на нивниот потсвесен двојник. Можеби овој феномен подлегнува на одделни симболички толкувања или, пак, тој ни дава само богат, замрсен, чудесен и длабок материјал од човековите доживувања. Писателот Марсел Пруст вели дека неговите книги се производ на едно “јас”, кое се разликува од она “јас” кое се остварува во неговите навики, во општеството, во надворешниот свет. Книгите се производ на другото, двојното, на длабокото “јас” што самото се изнаоѓа и не се однесува на другите луѓе. Но, ова “јас” ги познава тие луѓе и чувствува дека единствено е создадено и живо за другите луѓе. Првото општествено “јас” е слој наталожен во взаемниот однос со другите, тоа е маска, продукт на еволуцијата. Подвоеност сретнуваме и кај Чезаре Павезе кој во четириесет и втората година си го одзема животот и чие дело открива доминација на садомазохистички теми, опсесивно повторување на одредени зборови и деструктивни симболи кои означуваат крв или оган а, во реалниот живот покажувал стравотна колебливост и плашливост. Андре Жид, кој бил постојан посетител на домот на Маларме, каде што владеела манастирска атмосфера во која тој уживал, во своите дела се определувал за јунаци кои прифаќаат пагански и хедонистички идеали. Никој како Балзак немал толкава верба во своите сништа, ничии халуцинации не биле толку блиски до границите на самозалажувањето како што биле неговите. Во занесот на својата работа тој верувал дека ликовите на неговите книги постојат. Постои анегдота според која кога еден пријател влегува во неговата соба тој исплашен го пресретнува велејќи му: “замисли, несреќницата се убила”, имајќи ја при тоа на ум Евгенија Гранде која живеела само во неговата фантазија. Дека писателите живеат двоен живот потврдува и Ромен Ролан кога признава дека секој том од големиот роман “Жан Кристоф” му донесува нови бели влакна. Тој буквално изјавува: “Сите кризи на мојот јунак ме потресуваат исто толку мене колку и него, дури и повеќе, бидејќи моето тело е послабо”.
          Оваа појава излегува од строгите стереотипни процеси, од правилата на исти банални и нималку интересни животни формули или равенки. Анималната и деструктивната, потиснатата природа на човекот, складирана со векови или еони, која цивилизацијата многу малку ја ублажува, лесно и често ја пробива тенката обвивка, и од длабината на нашето суштество избива на површината во своите ужасни, монструозни облаци. “Колку повеќе”е ја потиснувате својата сенка толку поцрна и погуста станува таа”, изјавува Џефри Бертон Расел. Човекот ја потиснува лошата страна во својата личност и на тој начин предизвикува сè поголемо растење на сенката во својата личност.
          Познат книжевен пример за двојство е Стивенсоновиот роман Д-р Џекил и господин Хајд. Овие две познати имиња служат како груби еквиваленти на популарните изреки “таа на улица е ангел, а дома е ѓавол”, “волк во јагнешка кожа” и слично. Тука не станува збор само за хипокризија, дека некој има две лица во својата природа, туку дека неговото однесување во одделни услови сосема е различно од она што би можело да се очекува од него.
          Повеќето читатели, веројатно, остануваат во уверување дека мотивите, побудите и карактерот на скриениот господин Хајд се развиваат како латентни склоности кон расипаност, неморалност што несвесно биле пригушувани во добродушниот Д-р Џекил. Врз основа на ова, дефинитивно, може да се заклучи дека во нас на сличен начин можат да се кријат заспани зли сили кои во одредени услови ќе се разбудат и ќе му се покажат на светот. Слично и Хесе го определува својот јунак Вагнер како збирна именка за сето она што било придушувано, потонато, изгубено во некогашниот службеник Фридрих Клајн.
          Гледајќи од другата страна на медалот, можеме да констатираме дека старите и ужасни суеверија, стравотните верувања кои, кога и да било, го погодиле човештвото, наоѓаат одраз или се влечат како сенки во Стивенсоновата приказна. Замислата дека некое зло и криминално суштество или дух, кое добива право на пристап во внатрешниот живот на еден дотогаш добродушен и чесен човек, тешко може да се изнесе без да се јават во човековото срце одблесоци или ехо на притаени гласови на некој демон. Имагинарното чувство на оваа приказна придонесува повеќе да се ефектираат нејзините страстни аспекти. И оние што не веруваат во духови или вампири ќе почувствуваат стравотен ужас читајќи ги приказните како што се Дракула од Брам Стокер или Булњер Литоновите кратки приказни Ловени и ловци. Импресиите ќе бидат подлабоки ако овие нелагодни и грозни настани не се опишани како чиста фантазија, туку се подготвени како сензационалистичка информација, како некоја верзија на тешко сфатливата стварност, како што тоа го направил Хофман во својот роман Ѓаволски еликсири.
          Хофман верува дека во своите сеништа, тој го спојува чудесното и неверојатно со стварното. Затоа и неговите најфантастични дела даваат впечаток на вистински живот. Хофман верува во предодреденоста и судбината, неговиот фатализам се граничи со песимизам. Омилена реченица му е дека “ѓаволот ја става својата опашка во сè”. Тој смета дека во животот ништо не може да биде како што сакаме ние. Не може да бидеме онакви какви што сакаме да бидеме. Затоа тој пишува дека често мисли и на сон и на јаве за лудилото кое го чувствува како духовно празнење што дејствува како пуштање крв.
          “Ирационалното е неразделен дел на човековата природа” изјавува Еразмо Ротердамски. На прв поглед двојникот нема никаква врска со реалноста. Тој поим е изворен во својата суштина и независен во својата еволуција. Блокираните и одстранети тежненија се спојуваат и организираат во подсвеста. И место разни разделени и издвоени нагони кои бараат индиректен излез и изменет израз, се постигнува таква интеграција која станува нуклеарен потенцијал за друга личност. Само во сферата на фантастичното човек може да го оствари својот хуман идеал, правдата и вистината. На прашањето кој систем на вистина е најдобар, може да се одговори дека таков систем не постои зашто да се затвориш во еден систем значи да бидеш слеп пред возбудливата и чудесно сложена стварност. Можниот одговор би гласел дека најдобар е оној систем што е најотворен и кој нуди најголема можност на избор. Гете увидел дека во неколебливото барање на слободата, како крајна животна цел што си ја поставува Фауст, лежи неговиот спас. Мефисто се обложува со Фауст дека тој може да го заведе така што Фауст нема веќе да се стреми кон совршенството, туку ќе се предаде на заводничката состојба на самозадоволството. Кога Фауст би потклекнал пред измамата, мислејќи дека ја нашол својата цел, би бил загубен. На крајот се спасува, така што, постојано, се стреми кон цели кои не може да ги достигне. Гетеовиот Фауст нуди едно длабоко согледување за човековата природа, за условите под кои се постигнува единството на личноста. На овој пример совршено му одговара сентенцата на Спиноза која гласи: “постојано се трудев да не ги исмејувам, оплакувам нити презирам човековите дела, туку совршено да ги разбирам”.
          Разбирањето на самиот себеси е невозможно без секцирање на човековата внатрешност, вели Карел Чапек. Општите стремежи на книжевните напори се свртени кон проблемите за изнаоѓање на она што е најелементарно во човековата суштина. Чапек вели дека човекот е множество на реални и можни личности. Во поголем број случаи е тешко да се каже кога престанува едната, а започнува другата. “Ти си едно од моите безбројни јас и кога би те мразел никогаш не би заборавил дека си ми многу близок… Колку што повеќе туѓи животи запознавам толку повеќе го исполнувам својот сопствен живот. Приближувајќи им се, се пронаоѓам самиот себе”, вака размислува главниот јунак во неговиот роман Обичен живот. Ако некого мразиме, тогаш во неговиот лик го мразиме она што е всадено во нас самите. Она што не е всадено во нас, не нè возбудува. Привидната ограниченост на личноста е разбиена, но за да се задржи кохерентноста со општеството токму тоа множество ликови е потребно. “Сега можеме да ги почитуваме другите луѓее затоа што се различни од нас и да ги сфаќаме затоа што сме еднакви со нив”.
          Секој човек е одвоен од своите блиски, а истовремено е поврзан со нив. Таквата одвоеност и поврзаност се меѓусебно нужни постулати, како што е нужно секој да има свое сопствено и независно чувство на идентитет, своја сопствена дефиниција за себе си која очекува да биде потврдена од другите. Човек може да ја чувствува својата присутност во светот како стварна, жива, единствена и во временска смисла континуирана личност. Како таков тој може да живее свртен кон светот, да се сретнува со други што ги доживува подеднакво стварни, живи, целосни и континуирани. Таква онтолошки сигурна личност соочена со опасните ситуации во животот не го губи чувството за сопствениот и туѓиот идентитет. Книжевниот критичар Лионел Трилинг со право укажува на спротивности меѓу состојбите на основната онтолошка сигурност и состојбите на онтолошката несигурност, споредувајќи ги световите на Шекспир и Кафка.
          Со својата опседнатост со личности кои онтолошки се несигурни Кафка ни претставува еден свет потрагичен од светот на Шекспир во кој се одигруваат многу крвави драми, но сите тие војсководители, кралеви, љубовници и кловнови кај Шекспир се сосема живи и единствени личности иако заедно со Шекспир можеме да извикаме: “каква причина имала природата за да создаде вакви зли суштества”. Кафкините личности се подвоени, апстрактни, костури кои треба да личат на оригинал, кои се без минато, без корени и никој не може со нив да се сврзе. Тие живеат живот на тотална неизвесност како што егзистираат привиденијата од соновите кои немаат потпора, чии чувства се конфузни. Светот на Кафка, Шекспир, Бекет е “затворска ќелија”, како што Паскал го нарекува својот свет “од кого скојдневно се изведуваат содругарите на губилиште”. Смртта, како крај на човековиот живот, е секундарна ако претходно постоел исполнет, осмислен и достоен живот.

          Светот на Бекет е најстрашен, поради отсуството на спротивни чувства, поради апсурдните акции, поради незадржливиот стремеж кон празни движења. Кај него не постои ништо што го порекува очајот, ужасот, чмаењето и здодевноста на егзистенцијата. На таков начин се осудени да живеат два пробисвета кои го чекаат Годо:

Естрагон: Секогаш наоѓаме по нешто, нели Диди, што ни дава впечаток дека постоиме?

Владимир: Да, да, ние сме вистински волшебници, но подобро е да се држиме до она што сме го намислиле, додека  не заборавиме што беше тоа.

          Ние сме навистина живи додека имаме чувство за еден идентитет, со траење во времето и имаме свое место во просторот. Тоа се основите за нашата неизвесност. Индивидуата може да го доживее своето сопствено суштество како стварно, живо, целосно, толку јасно издиференцирано од останатиот свет, како континуитет во времето, и како нешто што има внатрешна доследност, супстенцијалност, самосвојност и вредност, како нешто што е со иста просторност со телото, како нешто што почнува приближно со раѓањето, а исчезнува со смртта.
          “Можете да се повлечете од страдањата на светот, слободно можете тоа да го сторите”, изјавува Кафка. Повлекувајќи се од надворешните напади, постепено, ги повлекуваме линиите на одбраната додека не дојдеме до централното утврдување, до сопственото јас. Тогаш се случува еден трагичен парадокс и штетата од надворешниот непријател е многу помала отколку од рушењата и пустошењата предизвикани од одбранбените маневри. Светот е кобен, имплозивен, угнетувачки, тој фрагментира, крши, совладува. Нам ни останува само да се изгубиме од овој свет, да се повлечеме во своето дувло ништо не менувајќи, или алтернативно да се трансформираме во некој друг живот како што тоа го прави Фришовиот јунак Штилер Апдајковиот Зајко. Избрана е имагинарна состојба со сето она што таа го имплицира, тоа не е обично бекство од содржината на реалното. Тоа е бекство од формата на реалното по себе, како што објаснува Сартр, од неговиот карактер на присутност, од видот на одзивот кој од нас се бара, од прилагодувањето на нашите постапки кон објектот, од неисцрпните перцепции, од нивната меѓузависност, од самиот начин на кој нашите чувства се развиваат. Слична оттуѓеност и конфузија на идентитетот е формулирана во драмата на Артур Милер Смртта на трговскиот патник, изразена со Бифовиот извик: “Едноставно не можам да го пронајдам, мамо, да го дофатам животот”. Стравотна е неспособноста да се прифатат улогите што стандардизираниот живот ни ги наметнува. Но како што вели Ниче потреба за животот”. Ако човекот не успее да изгради креативен однос со другите, може да се впушти во размислување, во своите спомени да создаде разни фигури на фантазијата. Тој тука е семоќен и совршено слободен. Но ако посака да се впушти во некој потфат, ќе претрпи страшни понижувања, не поради некој неуспех, туку едноставно затоа што мора да се подреди на нужноста, да се прилагодува. Колку фантастичната семоќ го опфаќа човекот толку повеќе тој слабее, станува беспомошен и загрозен. Илузијата на семоќ и слобода се одржува само внатре, во магичниот круг на сопствената потонатост, во фантастичниот свет.
          Луѓето тешко го прифаќаат постоењето на нивната темна страна, во чија сенка се кријат не само ситни слабости, естетски недостатоци, туку е сокриено нешто што има демонска динамика. Зошто човекот се двоуми да дознае некои подробности за себе? Зошто се двоуми да го признае постоењето на така длабоки нешта што ги презира, кои кај него предизвикуваат аверзија? Кога сето тоа без цензура би се изразило би имало сила на атентат кон сопствената идеализирана слика. Под кората која мора да биде светла се простира подрачје на темнина, страсти, опсесии и единствен спас е негирањето на нивното постоење. Убаво забележал Дидро, размислувајќи за цивилизацијата која ја изедначува со “болест и страдање на човештвото што е последица од насилната сепарација од анималното минато”. Таа “објавува војна против сите инстинкти, што дотогаш ја конструирале човековата сила, задоволство и ужас”. Таквата смелост му овозможува на човекот да успее во животот. Затоа тој се брани од својата темна страна како од змија што извира од подземјето аналогно на Талмутовата мисла “и на најдобрата змија треба да и се столчи главата”.