ИНТЕРТЕКСТУАЛНАТА ПОВРЗАНОСТ МЕЃУ ПОЕТСКИТЕ ДИСКУРСИ

НА БАЛАДАТА НА СЕР ПАТРИК СПЕНС И СТИХОВИТЕ НА СТАРИОТ МОРНАР ОД СЕМУЕЛ ТЕЈЛОР КОЛРИЏ

Елена Пренџова

Вовед

          Хронолошки гледано, како феномен, интертекстуалноста постои паралелно со книжевноста, но како поим, поимот книжевност mu претходи на поимот  интертекстуалност. Оваа инхерентна интертекстуална карактеристика на книжевноста ме инспирира да го наметнам прашањето: дали интертекстуалноста е избор или потреба при пишувањето?

          Својот одговор ќе го образложам преку посочување и разработка на маркерите на интертекстуалноста во два поетски дискурса, како и во неколку визуелни, од областа на сликарството и на графиката, при што, со подетална анализа ќе се задржам на книжевната (директна) интертекстуалност, а соодветни примери ќе приложам и од некнижевната (вонкнижевната, индиректна) интертекстуалност. Интертекстуалната поврзаност се јавува помеѓу двата поетски дискурса и помеѓу еден поетски дискурс и повеќе сликарски дискурси. Текстовите на кои е извршена анализата се:

          The Ballad of Sir Patrick Spens – Балада за Сер Патрик Спенс[1] од анонимен поет
          The Rime of the Ancient Mariner, (Samuel Taylor Coleridge) – Стиховите на стариот морнар (Семуел Тејлор Колриџ)[2]

Интертекстуалност - избор или потреба

         Терминот интертекстуалност е кованица воведена од страна на Јулија Кристева во шеесеттите години на дваесеттиот век. Укажува на поврзаноста меѓу книжевните и некнижевните дискурси и влијанијата и врските меѓу книжевностите, авторите и делата. Се дефинира како поглед на свет, став кон книжевното и културното наследство и доминантните книжевни модели; дијалог меѓу текстовите; обликување на значењата на еден текст според/низ други текстови, oблик на комуникација меѓу текстовите, книжевностите, дискурсите, медиумите, традициите и културите; упатува на фактот дека секој книжевен текст е мрежа од текстови и од текстуални практики, амалгам од разнородни книжевни и некнижевни текстови. Интертекстуалноста покажува дека книжевниот текст e дијалошки поставен спрема историјата, културата, светот на книжевноста, науката и уметноста и во себе интегрира фрагменти од други и туѓи текстови.
          Хронолошки, интертекстуалниот феномен ѝ претходи на интертекстуалноста како поим. Интертекстуалноста е присутна во книжевноста и културата воопшто уште од нивните почетоци. Таа постои откако постои книжевноста, постои во секоја книжевна епоха, во поголема или во помала мера, во зависност од културолошкиот склоп на времето (Zeigeist) и односот на истото кон традицијата. Така, интертекстуалноста е неизбежна и во инклузивните (дијалогични) и во ексклузивните (културофобични, ксенофобични) дискурси, заземајќи позитивен (став на афирмација) или негативен став (став на негација) кон духовното, јазичното, книжевното, уметничкото наследство и кон колективната меморија. Со тоа, интертекстуалноста ја опишува историјата, културата или, пак, да се изразам инклузивно, историјата на културата.
          Според новите пост-структуралистички сознанија, интертекстуалноста е феномен кој се наоѓа внатре во текстот, а не нешто на кое се укажува надвор од текстот, преку врските меѓу текстовите. Ролан Барт вели дека нема текст кој е чист текст и дека секој текст е интертекст. Следејќи го Барт во исказот, ќе ги разгледувам текстовите како целини во кои ќе ги маркирам апоричните интертекстуални точки внатре во самиот текст, без разлика на интензитетот на нивната истакнатост, затоа што за интертекстуалност станува збор и тогаш кога се говори за цитатност, но и тогаш кога се говори за влијание.
          Со оглед на тоа што интертекстуалноста е дијалог меѓу текстовите, трага на одреден текст во рамките на друг текст, неминовно е интертекстуалноста да се карактерзира како цитатност. Интертекстуалната цитатност може да биде од различна природа: еден ист автор може да се самоцитира, своите текстови да ги користи и како извор на интертекстуалност и како продукт на интертекстуалноста, при што станува збор за интертекстуалноста како свесен конструкт; следствено, интертекстот може, но и не мора, да упатува на некој  препознатлив текст/автор кој го цитира. Во случај да станува збор за непрепознатлив цитиран текст/автор, цитатот е празен, вакантен (псевдоцитат, парацитат). Според теоријата на Умберто Еко, за да се препознае ваквиот тип цитат, потребен е компетентен читател, кој стои наспроти наивниот читател и кој ќе биде кадарен да ги посочи апориите на т.н. скриена интертекстуалност. Тој ја воведува категоријата интертекстуален читател наспроти наивниот, кој е свесен за дијалошкиот карактер на текстот и има капацитет да ги распознае различните кодови на текстот и да укажува на нив. Затоа, тој вели дека интертекстот е детерминиран од перцептивната моќ на читателот и од неговата упатеност. Текстовите Балада за Сер Патрик Спенс и Стиховите на стариот морнар имаат голема интертекстуалност во себе, околу која, како компетентен читател ќе го насочам своето „читање“.

          Влијанието, пак, е форма на интертекстуалноста преку која се утврдува заемната испреплетеност меѓу текстовите. Од особена важност за овој текст е хронолошкото и историското влијание. Тоа е спротивно на ситуацијата на совпаѓање, каде што интертекстуалноста се јавува повеќе како случајност, ненамерност, несвесност. При хронолошкото и историското влијание, текстот може да претендира на актуелизација на минатото, при што да гради позитивен однос кон минатото, или пак се стреми кон дистанцирање од сегашноста и воспоставување дисконтинуитет меѓу сегашноста и минатото, при што се изградува негативен страв спрема традицијата, кој води до сизифовска борба да се постигне оригиналност. Инклузивниот однос на текстот кон традицијата се постигнува преку невозможноста еден автор да почне од нула, да егзистира надвор од секое претходно (и идно) постоење. Авторот секогаш припаѓа на одредена културна традиција, која пак е продолжение од една поширокоопсежна култура, но и продолжение на друга широкоопсежна култура. Така, секој автор, неминовно, носи остатоци од своето потекло и истите ги комбинира со индивидуалноста на своето пишување. Ова можеби не е директно влијание, туку индиреткно, но сепак, е влијание. Книжевниот текст што се јавува како продукт на авторот никогаш не почнува од ништо, туку секогаш зад себе упатува на одредена традиција. Поради овие факти, би се рекло дека книжевноста е осудена на интертекстуалност, таа не е ниту избор, ниту потреба, туку нужност.

Романтизмот – нужна инклузивна интертекстуалност

          Во историјата на книжевноста се менува односот кон интертекстуалноста и секоја епоха, на сопствен начин, ја користи, како, на пример, Романтизмот и Викторијанскиот период, или, пак, одбива да ја користи истата. Сепак, и несвесно и свесно, и намерно и ненамерно, интертекстуалноста е неизбежно присутна во секоја книжевна епоха.

          Романтизмот е сложено книжевно, уметничко, филозофско и политичко движење со кое се карактеризира западноевропската култура во втората половина на осумнаесеттиот и почетокот на деветнаесеттиот век. Се појавило како реакција на Индустриската револуција и како реакција против научната рационализација на природата. Најголеми промени се чувствуваат во визуелните уметности, во музиката и во литературата, но и во воспитувањето и во ставот за децата и за образованието.

          Токму дистанцираноста од тековната сегашност дозволува движењето да го продолжи континуитетот на поврзаноста со традицијата, навраќајќи се кон литературните вредности од претходните епохи. Овој прекин со сегашната реалност и приклонувањето кон непосредната и постарата традиција го одредува духот на времето на Романтизмот, неговиот Zeitgeist, или како што го нарекува Перси Шели во својот есеј „Одбрана на поезијата“- the spirit of the age, термин со кој го објаснува литературниот дух на Романтизмот преку политичката и социјалната револуција.

          Што точно романтичарите позајмуваат од традицијата за да го дефинираат своето движење?

          Најпрво, голема важност ѝ се придава на народната уметност - употребата на народен, дијалектен, архаичен јазик во (тогашните) современи текстови, како и употребата на стилски фигури и обликувања на поетските текстови според народната книжевност. Второ, од особена важност се средновековните елементи кои се провлекуваат во романтичарските текстови, како тема или како начин на раскажување. Како главна инспирација во англискиот романтизам служат средновековните легенди, особено оние од германско и од англосаксонско говорно подрачје. Се позајмуваат веќе постоечки ликови и приказни од легендите и се создаваат нови текстови. Изгледот на поетските текстови е традиционален - поетскиот израз е долг, поетската форма е баладна и инкорпорира рефрени, како и соодветен ритам и рима. Во Поетскиот манифест на Вордсворт, објавен како предговор во поетската збирка Лирски балади во 1798-та година (годината која се смета за почеток на таа книжевна ера означен токму поради печатењето на книгата) се набројани поетските принципи кои ја обележуваат поезијата на Романтизмот. Меѓу другото, во него се споменува прекинот со книжевната традиција од претходниот век, сметајќи дека поетите од осумнаесеттиот век ја овештачуваат поезијата правејќи ја надмена, ерудитивна и учена. Спротивно на тоа, тие сакаат да ја приближат поезијата до обичниот читател. За таа цел, тие се навраќаат кон претходните поетски принципи на слободен и природен поетски израз, неоптоварувајќи ја поезијата со висок стил на пишување, туку користејќи го секојдневниот народен јазик- „вистинскиот народен јазик“.[3] Акцентот се става на живиот глас за да се изрази веродостојно реалноста на обичниот човек, како и да се укаже на универзалната природа на човековите емоции. Во таа смисла е и изборот на теми со настани од секојдневниот живот, некои поврзани дури со настаните опеани во оралната традиција. Во Предговорот, Вортсворт објаснува: „На поголемиот дел од песните што следуваат треба да се гледа како на експеримент. Напишани се со намера да се установи до кој степен говорниот јазик на средната и на ниската општествена класа е поетски прилагодлив. Доколку експериментот со народниот јазик не е доволна отстапка од нормата, тогаш акцентот на едноставните, неуки луѓе од покраината како предмет на поезијата е значајна промена на модерната литература. Една од главните теми на Лирските балади е да се наврати кон изворната состојба на природата, во која луѓето воделе почесен и похармоничен живот.“ Отклонот од тековната сегашност нема намера да го смени светот, туку светогледот на луѓето од тој период. Затоа, односите меѓу текстовите во овој период се свесни и се јавуваат во вид на цитати и позајмици, а присуството на елементи од еден текст во друг, најчесто, се анонимни, но силно препознатливи, а многу ретко именувани.

          Трето, навраќањето кон природата е особено интересно – таа е претставена како дива, моќна и нескротлива. Иако историски романтичарскиот период следи по „ерата на разумот“, перцепцијата за природата се дистанцира од секакво научно и логично објаснување. Отфрлено е рационалното и религиското поимање на светот, а се цитираат средновековните верувања и објаснувања. Во романтичарските текстови се присутни натприродни и окултни претстави, парапсихолошки верувања и мистични елементи - сето тоа преземено од фолклорот, од народните верувања и од паганството, пропратено со вознемиреност, со страв, со хорор и со терор. Романтизмот ја истакнува интуицијата, имагинацијата и чувството скоро до ирационализам.

          Овие карактеристики го обликуваат Романтизмот како национално движење со високо развиена национална свест, и го определуваат национализмот како клучно изразно и значенско средство на движењето. Навраќањето кон традиционалните верувања, кон фолклорот и кон народниот јазик и обичаи, односно длабоката поврзаност со историјата, со природата и со национализмот, ја прави интертекстуалноста неминовна во конструирањето на Романтизмот како литературно и, воопшто, културолошко движење.

          Шарл Бодлер го дефинира Романтизмот како сензибилитет кој не се наоѓа ниту во изборот на темата на делото, ниту во претставувањето на конечната вистина, туку во начинот на чувствувањето. Така, интертекстуалноста на ниво на поврзаност со традицијата, не се сведува на имитација на традицијата, туку се прикажува како интуиција, како имагинација и чувство, како некое, да се изразам јунговски, колективно несвесно кое е неминовно присутно во сите нас. Романтичарите го пронаоѓаат вистинскиот катализатор да допрат до тоа несвесно и да го приложат во еден поинаков дух на времето. Токму заради ова, тие се обвинувани за ирационализам, но желбата да се избега од моменталната состојба на светот на драстични промени не може а да не доведе до навраќање на традиционалните вредности и светогледи. Умешноста на претставниците од ова движење е што успеваат традиционалните вредности и светогледи да ги инкорпорираат во новото, полумодерно време. На тој начин се создава една поширока интертекстуалност, која опфаќа поголем дијапазон области, не само книжевно-уметнички, туку и оние на ниво на начин (стил) на живот.

Балада за Сер Патрик Спенс - традиционална балада

          Една од најпознатите шкотски балади е Балада за Сер Патрик Спенс, која припаѓа на групата т.н. традиционални, народни балади. Традиционалните балади се присутни во оралната книжевна традиција во петовековниот период од тринесеттиот до осумнаесеттиот век како анонимни наративни поеми наменети за рецитирање или за пеење со музичка придружба, а своите први текстуални записи ги добиваат во средината на осумнаесеттиот век и подоцна во деветнаесеттиот, кога за прв пат се собрани во зборници од страна на повеќе собирачи на народни песни. Потекнуваат од граничниот регион помеѓу Англија и Шкотска (таму се пронајдени докази за најраната балада од почетокот на тринаесеттиот век), а подоцна се прошируваат низ останатите региони од Европа. Баладите ги обединуваат неколку карактеристики кои се конститутивни за овој поетски жанр и кои не се однесуваат само на формата, туку и на стилот, структурата и тематиката која ја обработуваат.
          Прво, бидејќи се јавуваат во непишана форма, нивниот автор е анонимен, колективен, народен. Второ, по форма, баладите се долги наративни поетски остварувања со неограничен број строфи, но ограничен број стихови. Напишани се во баладски строфи, кватрени (четиристишија) во јамбски (неакцентиран слог, необележан, по кој следува акцентиран слог, обележан со подвлечена линија) тетраметар (октосилабичен стих) и јамбски триметар (хексасилабичен стих), наречен баладски метар. Првиот и третиот стих од кватренот се октосилабични, додека вториот и четвртиот- хексасилабични (8/6/8/6). Најчесто, вториот и четвртиот стих од четиристишието се римуваат (a, b, c, b) - вкрстена рима.

1The| 2la|3dies| 4wrang| 5their| 6fin|7gers| 8white,
1The| 2mai|3dens| 4tore| 5their| 6heair,
1All| 2for| 3the| 4sake| 5of| 6their| 7true| 8loves,
1For| 2them| 3they'll| 4see| 5nae| 6mair.

          Секако, можни се и варијанти во римата и во бројот на слоговите, но, најчесто, се задржува четиристишието и јамбскиот метар. Дури и се прават обиди за зачувување на истите, како, на пример, намерната елизија на гласови (најчесто се елизира вокалот во наставката -ed кај минатото време - графички претставено -'d, или пак се употребува конструкцијата 'tis во замена на it is) или пак додадавањето гласови за да не се наруши потребниот број слогови во стихот (најчесто тоа е гласот О).

1O| 2loth,| 3both,| 4were| 5our| 6good| 7Scots| 8lords
1To| 2wet| 3their| 4cork-|5heel'd| 6shoon,
1But| 2long| 3ere| 4all| 5the| 6play| 7was| 8play'd
1They| 2wet| 3their| 4hats| 5a|6boon.

          Трето, стилот им се одликува со строгост и со крутост, најчесто раскажуваат некој настан. Започнуваат со определба на местото на случување, како и со претставување на ликовите (пр. првиот стих од првата строфа: „The King sits in Dunfermline town“). Тие се наративни, во нив се сретнува сезнаечки наратор (раскажувач во трето лице, еднина), како и повеќе гласови кои се јавуваат како директен говор, или пак во вид на дијалог.
          пр. 1 - сезнаечки наратор

The first line that Sir Patrick read,
A loud laugh laughed he;
The next line that Sir Patrick read,
The tear blinded his ee.

          пр. 2 - директен говор:

They had not been a week, a week,
In Noroway but twae,
When that the lords of Noroway
Began aloud to say, -

"Ye Scottishmen spend all our King's gowd,
And all our Queenis fee."
"Ye lie, ye lie, ye liars loud!
So loud I hear ye lie.

"For I brought as much of the white monie
As gane my men and me,
And a half-fou of the good red gowd
Out o'er the sea with me."

          пр. 3 - дијалог:

The King sits in Dunfermline town,
Drinking the blood-red wine;
"O where shall I get a skeely skipper
To sail this ship or mine?”

Then up and spake an eldern knight,
Sat at the King's right knee:
"Sir Patrick Spens is the best sailor
That ever sailed the sea." .

          Баладите изобилуваат со рефрени и со повторувања, понекогаш и на цели стихови и строфи, кои имаат ритмо-образувачка улога.

"To Noroway, to Noroway,
To Noroway o'er the foam;
The King's daughter of Noroway,
'Tis thou must fetch her home."

The first line that Sir Patrick read,
A loud laugh laughed he;
The next line that Sir Patrick read,
The tear blinded his ee.

***

They had not sailed a league, a league,
A league but barely three,
When the lift grew dark, and the wind blew loud,
And gurly grew the sea.

          Нивната наративност, делумно, произлегува од предметот кој го обработуваат. Имено, тие раскажуваат настани кои можат од бидат од различна природа:
          - трагичен настан - трагични балади во кои најчесто станува збор за убиства или за случајна смрт настанати под необјаснети околности и пропратени со натприродни елементи;

          - комичен настан - комична балада;

          - љубовен настан - љубовни балади;

          - семеен настан - овие балади се викаат домашни балади и раскажуваат за одреден, најчесто, трагичен настан, поврзан со семејството;

          - историски настан – темата на историските балади се вистински историски настани. Балада за Сер Патрик Спенс е историска балада. Фактот што таа раскажува за некој претходен историски настан упатува на интертекстуалност помеѓу некнижевениот дискурс на историјата и книжевниот дискурс на баладата.[4]  Исто така, во баладата се споменуваат постоечки географски имиња: на пример, во првата строфа се споменува кралот од Данфермлин, градот во кој во периодот од единаесеттиот до петнаесеттиот век се наоѓала шкотската престолнина. Некои историчари веруваат дека името Патрик Спес има историска позадина, и дека не е измислено како што е вообичаено за имињата во балдите, туку е изменето, а всушност, станува збор за историската личност Сер Патрик Ванс од Бранбарох, амбасадор испратен од кралот Џемс VI во октомври 1589-тата година да ја доведе принцезата, неговата невеста. Тој, всушност, се јавува многу подоцна во историјата - факт кој покажува или на играта со историјата од страна на авторот, а не е искучена ни можноста за интервенција од страна на собирачите, или на палимпсестниот меморативен запис на баладите, но и ја доведува под знак прашалник точната временска појава на баладата. Не е исклучено баладите да опишуваат вистински историски настан, но да му го препишат на фиктивен лик, но и обратно, на вистинска историска личност да ѝ препишат фиктивен настан;

          - Како посебна категорија се издвојуваат баладите за Робин Худ, интертекстуално базирани врз легендите за истоимениот јунак.
          Од особена важност се и елементите карактеристични за времето во кои се создадени - уште една вонкнижевна интертекстуалност, интертекстуалност помеѓу културата и книжевноста. Во втората строфа нараторот кажува дека витезот кој седел од десната страна на кралот му го посочил Сер Патрик Спенс, и кралот токму него и го побарал за кралската задача, значи го послушал, што и се подразбира затоа што од десната рака на кралот седеле неговите најпочитувани поданици. Друга вонкнижевна интертекстуалност меѓу културата и книжевноста се чита во настаните детерминирани преку паганско-религиските и натприродните обичаи:

"O who is this has done this deed,
Has told the King of me,
To send us out at this time of the year,
To sail upon the sea?

          Објаснување 1. Се верувало во судбина и претскажувања. Фактот што Сер Патрик Спенс се двоуми да тргне на пат по морето во тој период од годината, сметајќи го за несоодветен, ја наговестува трагичната судбина на потонувањето на бродот.

"Make ready, make ready, my merry men all,
Our good ship sails the morn."
"Now, ever alack, my master dear
I fear a deadly storm.

"I saw the new moon late yestreen
With the old moon in her arm;
And if we go to sea, master,
I fear we'll come to harm. "

They had not sailed a league, a league,
A league but barely three,
When the lift grew dark, and the wind blew loud,
And gurly grew the sea.

          Објаснување 2.  Повторно предвидување несреќа, овојпат пропратена со суеверие. Морнарот ја видел младата месечина прегрната со старата месечина, положба на месечината која се верувало дека е лош знак и која предвидувала несреќа и смрт.
          Конечно, би сакала да напоменам за интертекстуалната поврзаност меѓу истоимените балади. Имено, бидејќи на почетокот не биле запишани, се случувало исти балади да бидат испеани во повеќе верзии, во зависност од тоа како изведувачот (не) ја запомнил претходната верзија на баладата, но и од индивидуалните елементи кои ги внел во својата верзија. Затоа, денес може да се најдат повеќе верзии на една иста балада. На пример, во другите верзии на Баладата за Сер Патрик Спенс (три на број) бродоломот се случува пред морнарите да стигнат на норвешко копно; во една од нив е изоставено писмото на кралот до Сер Патрик Спенс и слични други варијанти на истата приказна или настан.

Стиховите на стариот морнар, Семуел Тејлор Колриџ - лирска балада

          Вториот вид балади се книжевните, лирски балади, тип кој е застапен во периодот на англискиот романтизмот, неколку века по појавата на народните балади. Се појавуваат како резултат на зголемениот интерес за народните балади меѓу интелектуалците (Роберт Бернс и сер Волтер Скот, кои не само што ги собирале и издавале, туку и почнале да пишуваат свои, употребувајќи ја формата и создавајќи свој уметнички производ). Сепак, можеби најзначајна е заедничката соработка на Вилијам Вортсворт и Семуел Тејлор Колриџ кои во 1798-та година ја напишаа збирката Лирски балади,  во која е издадена и баладата Стиховите на стариот морнар и која го обележува почетокот на англискиот романтизам во литературата и на поетите им ја дава заслугата за осовоположници на движењето.
          Но, каде е интертекстуалноста помеѓу народната балада од тринаесеттиот век, Балада за Сер Патрик Спенс, и лирската балада од Романтизмот,   Стиховите на стариот морнар? Највоочлива е формата. Стихови на стариот морнар, исто така, е напишана во баладски строфи и баладски метар.

1The| 2Sun| 3came| 4up| 5up|6on| 7the| 8left,
1Out| 2of| 3the| 4sea| 5came| 6he!
1And| 2he| 3shone| 4bright,| 5and| 6on| 7the| 8right
1Went| 2down| 3in|4to| 5the| 6sea.

          Секако, исто како и во традиционалните балади, се јавуваат варијации во бројот на слоговите во некои од стиховите, но доминантниот ритам се задржува, бидејќи тие отстапки се незначително малку. Обиди за зачувување на метарот, исто така, се забележуваат со елизија на одредени гласови, како на пример: 'tis (наместо it is), stopp’st (stoppest), look'st (lookest), o’ertaking (overtaking), ne'er (never), 'em (them) итн. Доколку вокалот од наставката на глаголот се чита за да се добие во слог, се обележува со акцент- charmed. Додадавањето гласови, најчесто извици, исто така, е застапено: Ah!, Alas!, Oh! и сл. Авторовото индивидуално во однос на формата е поделбата на песната, според приказната, на седум дела, со по различен број строфи.
          Исто така, и двете балади се наративни, но додека традиционалната балада Балада за Сер Патрик Спенс е раскажувана од страна на сезнаечки наратор, Стиховите на стариот морнар е раскажувана од еден од ликовите присутни на свадбената прослава (интертексуална врска: во Балада за Сер Патрик Спенс на почетокот дел од ликовите, исто така, се собрани на прослава) - приказна во приказна, а подоцна се менуваат гласовите на раскажувачите - полиглосија - на тој начин што гостинот раскажува како морнарот раскажува приказна на друг гостин, и ја раскажува истата приказна. Во раскажувањето има и директен говор и дијалог. Иновативна е присутноста на гласот на поетот низ текстот на баладата, и токму поетовиот глас е гласот на сезнаечкиот наратор, но тој е надвор од приказната, неговата улога повеќе е на водич низ текстот, тој се служи со објаснувања слични на авторовите објаснувања во драмите кои се јавуваат надвор од дијалозите на ликовите. Самиот Колриџ објаснува дека тие коментари ги додал по првото објавување на песната, затоа што сметал дека имало потреба од одредени разјаснувања (белешките на Колриџ, гласот на лирскиот раскажувач, Гласот на Гостинот кому му е раскажана приказната, Гласот на Морнарот кој ја раскажува приказната):

An ancient Mariner meeteth three Gallants
bidden to a wedding-feast, and detaineth one

It is an ancient Mariner,
And he stoppeth one of three,
`By thy long beard and glittering eye,
Now wherefore stopp'st thou me?

The Bridegroom's doors are opened wide,
And I am next of kin;
The guests are met, the feast is set:
May'st hear the merry din.'

He holds him with his skinny hand,
'There was a ship', quoth he.
`Hold off! unhand me, grey-beard loon!'
Eftsoons his hand dropt he.

          Не само наративноста на песната, туку и наративноста на приказната е иновативна во однос на Балада за Сер Патрик Спенс. Авторот не се служи со еден вистински историски настан (се смета дека песната е инспирирана од второто истражувачко патување на Џејмс Кук (1772-1775) на Јужните Мориња и Пацификот, но и на патувањето на Томас Џејмс на Арктикот), ниту, пак, со една одредена легенда, тој користи мрежа од настани и легенди, при што создава интертекст и на англосаксонската историја, англосаксонските легенди,  но и на англосаксонските балади.
          И рефрените и повторувањата не се изоставени: најчесто тие се сочинети од одделни зборови и зборовни групи кои, и покрај тоа што не е наменета за пеење, на оваа балада ѝ даваат певлива ритмика. Ова може да се увиди во следниве стихови: Below the kirk, below the hill,/ Below the lighthouse top; The ice was here, the ice was there,/ The ice was all around, потоа: Water, water, every where,/ And all the boards did shrink;/ Water, water, every where,/ Nor any drop to drink, како и: And now there came both mist and snow,/ And it grew wondrous cold:/ And ice, mast-high, came floating by,/ As green as emerald.

          Интертекстуалноста помеѓу културата и книжевноста, исто така, е обемна и се јавува во настаните детерминирани преку паганско-религиските обичаи и натприродните сили кои ги детерминираат случувањата. Колриџ употребува наративни техники со кои создава чувство на опасност, натприродност или смиреност во раскажувањето. Симболизмот на албатросот е вонкнижевно интертекстуален, бидејќи се поврзува со христијанските религиски верувања. Покрај тоа, морнарите верувале дека албатросот го покажувал патот по морето, па неговото убиство од страна на капетанот е лош знак. Овде би сакала да укажам на интертекстуалноста со Балада за Сер Патрик Спенс:  “the new moon late yestreen/ With the old moon in her arm”, т.е. положбата на Месечината морнатите ја сметаат за лош знак. Во Стиховите на стариот морнар, како и во Балада за Сер Патрик Спенс, сите морнари ги губат животите, но во лирската балада единствениот кој останува жив е оној кој го убил албатросот, односно оној кој ја раскажува приказната, факт кој укажува на народното верување дека оној кој прави лошо е осуден на вечна казна заради стореното зло, на вечно измачување и на стигматизација, верување кое се сретнува и во христијанското задгробно верување (на добрите душата им оди во Рајот, каде што се одмораат од земните маки, а казната и измачувањето на останатите се случуваат во Пеколот).

Точка за интертекстуалноста

          Стиховите на стариот морнар, не само што се јавува како хипертекст, текст Б, текст изведен од претходниот текст (хипотекстотБалада за Сер Патрик Спенс е текст А), туку тој самиот воедно е хипотекст, текст на кој се надоврзуваат други текстови. На пример, авторката Мери Шели двапати ја споменува Стиховите на стариот морнар во својот роман Франкенштајн, а одредени описи индиректно посочуваат на истата балада. Покрај тоа, метафората an albatross around one's neck е веќе скаменета меѓу фразеологизмите на современиот англиски јазик и секојдневно се употребува, но и цитатот “water, water everywhere, nor any drop to drink” (изменет како “but not a drop to drink”) - интертекстуалност на релација книжевност-јазик.   Интертекстуалната улога на оваа балада како хипотекст не завршува со оваа релација. Постои и релацијата книжевност-сликарство за која во најголема мера е заслужен илустраторот Гистав Доре, кој меѓу двестоте книги кои ги илустрирал, ја илустрирал и оваа балада со преку 43 цртежи (неколку примери: Сл. 1Сл. 2Сл. 3Сл. 4), во изданието од 1870-тата година.

          Овие илустрации се директно интертекстуално поврзани со песната Стиховите на стариот морнар, но преку неа и индиректно интертекстуално поврзани со Балада за Сер Патрик Спенс. Се наметнува прашањето: Дали може да ѝ се стави точка на интертекстуалноста? Секако дека не. И овој есеј е интертекстуално поврзан со дискурсите што ги обработува. И кој знае колку уште дискурси се директно или индиректно поврзани со овие во таа бесконечна мрежа од текстови. Дали може да му се стави точка за крај на овој есеј? Секако не. Може само да му се даде еден заклучок кој ќе претставува почеток на некој иден хипертекст.

Заклучок

          Интертекстуалноста е составен, конструктивен дел на книжевноста. Таа е и избор и потреба - избор на писателот со колкав интензитет ќе ја користи, но потреба за да го создаде она што се вика книжевност и, воопшто, уметност. Таа е билет на делото за влез во книжевноста, во онаа (не)видлива мрежа од уметнички дискурси, кои се ткаени со мрежата на социо-културните дискурси, тие на јазичните, цивилизациските, па историските, колективно-меморативните, индивидуалните и така  до недоглед, сè до прапочетокот на светот... и пред тоа.
          Од неа нема бегање. Бидејќи авторите секогаш припаѓаат на одредена културна традиција, тие трпат, свесно или несвсено, влијанија кои произлегуваат од авторитетите на сопствената културно-јазично-книжевна традиција, а потоа и од подалечните традиции. (Колриџ, на пример, како што е прикажано, како писател-романтичар, секако не е поштеден од ова влијание во своите дела.) Вонкнижевните влијанија се хетерогена група, во која се вбројуваат интересите на авторот, на историската и културната традиција, на идеолошкиот и на социјалниот систем на вредности, на доминантните културни модели и на актуелните парадигми. Книжевните влијанија можат да бидат поттикнати од конкретни книжевни дела, автори и теориски поставки; тие се однесуваат на жанрот на делото, топиката (темата, мотивот), стилот, граматичките и текстуалните модалитети, конструктивните постапки (наративни, лирски, драматуршки), светогледот и идеологијата.

          Со утврдувањето на маркерите (покажувачите) на интертекстуалноста во двата поетски дискурса Балада за Сер Патрик Спенс иСтиховите на стариот морнар, но и на маркерите надвор од рамките на тие дискурса, маркерите на друг тип дискурс кои упатуваат на нив, укажав на фактот дека во интертекстуалноста секогаш играат улога три текста - цитираниот текст, текстот кој цитира и заедничкиот конструкт, како и на фактот дека во случајот на одредени книжевни периоди, интертекстуалноста ја промислува традицијата, заземајќи афирмативен однос кон неа.

Белешки

[1] Преводите на насловите на песните, како и на цитатите користени се во слободен превод на авторката.

[2]  Анализата е извршена на текстовите во целост и во оригинал. Следствено, примерите ќе бидат презентирани во оригинал, на англиски јазик, без соодветен препев. Оригиналниот текст е користен од две причини: првата – заради недостиг на македонски препев на дел од песните, а втората, заради компетентноста на оригиналниот текст при соодветно посочување на маркерите на интертекстуалноста.

[3] Цитатите што следуваат се преземени од електронската верзија на книгата Lyrical Ballads, with a Few Other Poems, преиздадена во 1802 година од Вилијам Вордсворт и Семјуел Колриџ.

[4] Станува збор за враќањето на шкотската принцеза од Норвешка во 1290-та година („To Noroway, to Noroway,/ To Noroway o'er the foam;/ The King's daughter of Noroway,/ 'Tis thou must fetch her home.“) Според легендата на која се базира оваа балада, многу од шкотските бродови кои испловиле за да ја вратат, потонале и исчезнале во морето.

Литература

1.

1. Ќулавкова, К. 2008. Теорија на книжевноста (второ редактирано и дополнето издание). Скопје: Југореклам.

2. Ќулавкова, К. пр. 2007. Поимник на книжевната теорија. Скопје: Македонска академија на науките и уметностите.

2.

1. Abrams, M. H., Greenblatt S. ed. 2000. The Norton Anthology of English Literature. Seventh  Edition. Volume 1. London: W. W. Norton & Company

2. Abrams, M. H., Greenblatt S. ed. 2000. The Norton Anthology of English Literature. Seventh  Edition. Volume 2. London: W. W. Norton & Company

3.

  1. Intertextuality на Википедија.
  2. Lyrical Ballads на Википедија.
  3. Samuel Taylor Coleridge на Википедија.
  4. Romantic Literature на Википедија.
  5. Child Ballads на Википедија.
  6. The Rime of the Ancient Mariner на Википедија.
  7. Ballad на Википедија.
  8. Gustave Doré на Википедија.
  9. Gustave Doré’s Art Collections
  10. Coleridge на SparkNotes.
  11. Gustave Doré’s Art Prints на АrtsyCraftsy.com.
  12. Preface to Lyrical Ballads
  13. Интертекст, интертекстуалност Катица Ќулавкова на Мираж.
  14. The Composition of “Sir Patrick Spens”