РЕВИТАЛИЗАЦИЈА НА МАРГИНАЛИЗИРАНИТЕ ДИСКУРСИ И ИСПИШУВАЊЕ НА ЕДНА НОВА, ПРЕМОЛЧЕНА ИСТОРИЈА

ВО РОМАНОТ ЦРВЕНИОТ ШАТОР ОД АНИТА ДАЈМОНТ

Ана Вељаноска

„Ние бевме изгубени еден со друг толку долго време.
Моето име не ви значи ништо. Моето сеќавање е прашина.
Ова не е ваша, ниту моја вина. Синџирот, кој што ја поврзуваше мајката со ќерката беше скршен и зборот премина во сопственост на мажите, кои го немаа патот до знаењето. Токму затоа јас станав фуснота, а мојата приказна краток заобиколен пат помеѓу добро познатата историја за мојот татко Јаков и познатата хроника за Јозеф, мојот брат. Токму таму во тие ретки прилики кога се присетуваа на мене, јас бев жртва. На самиот почеток на светата книга, постои еден пасус, кој што се чини дека вели дека јас бев силувана и продолжува со крвавата приказна за тоа како се осветиле во името на мојата чест“.
Анита Дајмонт, Црвениот шатор[1]


          Кога еден глас, една тема, настан или книжевно- историска стварност добиваат свое место во рамките на едно време во кое се откриваат сите нивни премолчености, тогаш визијата за објективност на настаните се губи... при што една приказна станува повеќефокална и почнува да се гледа од повеќе агли, заборавени, премолчани, стишани. Така што, на она што му е намален интензитетот и е контролиран од субјектот на моќта, во одреден миг станува релевантно да проговори за својата историја.
          Ако објективноста, еднозначноста и апсолутната вистина биваат разнишани, тогаш „книжевно-историската стварност е само еден субјективен, многузначен, релевантен, историчен и интерактивен објект на перцепција, дескрипција, интерпретација и аксиологија“ (Ќулавкова 2001, 7).
          Дискурсите за историјата и историографијата, а особено книжевните феномени- историографска метафикција и метаисториографска фикција добиваат една нова димензија, така што сега толкувачот, писателот, читателот стануваат дифузни ентитети, кои веќе со изместени позиции и повеќе вистини говорат од свој аспект за одередни нешта, појави, настани, приказни...
          Историографскиот запис има наративна природа, при што се подвлекува одредена фикционализација, а временската дистанца што постои помеѓу историографот и историскиот настан дозволува и, нужно, ги вклучува имагинативните механизми во реконструирањето на настанот, кој од своја страна, пак, станува историографска конструкција. Временската позиционираност, одредените историски, општествени и идеолошко- политички ставови на историографот креираат една специфична оптика, дизајнирање, толкување и гледање на историскиот настан, при што историографсиот запис не е веќе објективен, туку станува субјективен. Значи, неутрално гледиште не постои, објективно уште помалку, а сето тоа во корелација со односите на моќта на говорителот или писателот, авторот на историската приказна, кој сака да ја презентира од свој агол и, со тоа, да ја наметне својата волја и перцепција и да се проговори за тоа „како“ нешто се случило (Анастасова 2007, 75).
          Моќта е најважниот сегмент, кој се користи за восопставување на историската вистина, при што се запоставуваат историите или приказните на маргиналните индивидуи, групи или народи. Конструирањето на меморијата ја чинат општествените групи, кои одредуваат што „би било вредно да се запамти“ и на кој начин треба сето тоа да се запамети, затоа што во различни временски услови и периоди се паметат различни нешта (Анастасова 2007, 110).
          Користењето на официјалните кодови на репрезентација ја прави историографијата канон, догма, доктрина и со тоа воспоставува една и еднинствена вистина за стварноста.
          „Толкувајќи го светот, романот се толкува себеси, својата позиција во историјата и по однос на историографските конструкти, својата улога, своите предности, своите ограничувања, своите конструкти. Романот не е обичен, туку уметнички, етстетизиран модел на историја во којшто се прави премин и трансфер од фикцијата во метафикцијата, од фикцијата кон интерпретацијата. Како модел на свет, романот е воедно и модел на историја, чин на толкување и на сеќавање на историјата“ (Ќулавкова 2008, 8). Книжевната фикција може да ги претстави дискурсите на светот, а не на самиот свет, романите од овој вид се со цел да понудат едно поинакво видување и толкување на историјата, воведувајќи го субјективниот, алтернативниот, субверзивен и премолчан поглед на свет. За  таков премолчан свет, полн со интриги и доживувања, свет во кој и за кој читателот не бил свесен дека постои, а сега со приказната на Анита Дајмонт во нејзиниот роман Црвениот шатор доаѓа до сосема нови хоризонти на приказната, која е всушност имагинативно прераскажување на делот триесет и четири од Првата книга Мојсеева (Битие), што всушност ја претставува библиската приказна за Дина.Во Библијата, Дина нема глас, за неа знаеме дека ѝ била одземена честа преку силување, а за тоа дознаваме од гласот на сезнаечкиот наратор. Напроти тоа, во Црвениот шатор, Дина е нараторот на приказната, која сега читателот ја доживува од нејзина перспектива:

„Тоа претставува чудо што секоја мајка може да ја нарече својата ќерка Дина воопшто. Но, некои тоа го сторија.  Можеби и погодувате дека имаше повеќе работи за и околу мене, отколку да се биде безгласна буква во текстот“ (Дајмонт 2007, 1) .

          Преку артикулирањето на гласот на Дина, која успешно нè води низ приказната за нејзинот живот, добиваме сосема нова и свежо искажана перспектива на една жена и на нејзините мисли, една перспектива на животот во црвениот шатор, презентација на животните приказни на женските и машките ликови, нивните ритуали и нивната мудрост, а сето тоа преку древната мудрост на еден женски глас, кој е сосема премолчан и сосема обесправен во Светото Писмо. Во Библијата, приказната за Дина е сосема скромна и раскажана од една маскулинистичка точка на гледање, преку историјата за нејзиниот татко Јаков и нејзиниот брат Јозеф. Библиската верзија е портретирање на една крвава приказна за Дина како жртва на силување и спасување на нејзината чест, додека пак приказната на Анита Дајмонт воЦрвениот шатор е едно сосема ново прикажување на приказната за Дина, видена токму низ нејзина перспектива, каде женскиот глас не е задушен, напротив добива своја артикулација:

„Имаше уште толку многу да се зборува. Да бев запрашана да зборувам за тоа, јас ќе започнев со приказната за генерацијата што ме израсна, што претставува единствено место за да се започне“ (Дајмонт 2007, 2).

          Многу е важно да се направи дистинкција помеѓу историјата што била и историјата што не била прикажна или интерпретирана, како што забележува Франк Анкерсмит: „Минатото станува она што одлучуваме да го пишуваме или интерпретираме“ (Ѓорѓиева 2008, 105). На тој начин „историјата станува предмет на двојно- кодираните проблематизации на достапните форми на репрезентација“ (Ѓорѓиева 2008, 105), при што рамништето на фокусот не е повеќе во едностраноста на репрезентираната приказна, туку се раслојува и добива нови димензии. Свеста за репрезентацијата на историјата преку историографските метафикции станува проблематична, токму поради тешкотијата за артикулирањето на минатото и самиот однос кон него и фактот што „минатото е секогаш ’веќе’ посредувано“ (Ѓорѓиева 2008, 106).
          Романот Црвениот шатор претставува историографска метафикција, што припаѓа на интертекстуалниот жанр. Историографската метафикција се остварува како хипертекст, која спаѓа во жанровите, кои дејствуваат како коректив на легитимните историографии. Ваквите романи заземаат ревизионистички став, кој ја нагласува перспективата на секое постоење и на секое историско знаење. Користејќи алтернативни кодови и дискурси за репрезентација на минатото, тие ги допираат и ги откриваат забранетите истории.
          Катица Ќулавкова го воведува терминот метаисториографска фикција, земајќи го во предвид фактот што ваквите романи заземаат метаисториографска позиција- фактот што делото се конструира како метатекст на текстот на историографијата. Историографската метафикција/ метаисториографската фикција се одликува со двоен, преиспитувачки интертекстуален однос. Од една страна, текстовите на кои упатува, кои ги подложува на ревизија, ревалоризација и реинтерпретација се историографски, некнижевни текстови.  Линда Хачион вели дека историографските текстови, содржат идеолошки кодирани и политички текстови, а освен тоа се интерпретации на историски документи, факти, хроники. Во овој тип на романи се ревалоризира и се деконструира феноменот на авторитетот, субјектот на моќта и се дава глас на наратори чија страна од приказната секогаш била на опачината, не била забележана, при што нивното наративното око било потчинето, а во новиот текст добива сосема нови димензии. Децентрираната приказна и раскажувач сега се заменети со центрирана и нова приказна.

          Така, романот Црвениот шатор на Анита Дајмонт претставува репрезентација на сите премолчености и ја доловува есенцијата на една богата орална традиција, изразена преку лелекот во песните, кои ги пејат женските ликови од црвениот шатор. До неодамна, историјата ја пишуваа исклучиво историчари, мажи, кои ги бираа настаните и искуствата од една еднонасочна перспектива, без да се слушне гласот на жената и ја запишуваа и како таква ја предаваа на човековата историја. Субординираноста на женскиот глас, воЦрвениот шатор се напушта целосно преку давањето примат на женскиот глас, на женската приказна. Низ целата нарација на романот нèводи Дина, преку и само од нејзина гледна точка се презентираат настаните. На машките ликови даден им е глас само преку гласот на Дина, за нивната состојба дознаваме само преку гласот на нараторот – Дина:

„Тие ми кажаа нешта за кои бев премногу млада за да ги слушнам. Тие го чуваа моето лице помеѓу нивните раце и ме натераа да се се заколнам дека нема да заборавам“ (Дајмонт 2007, 2)

Но другата причина што жените сакаа женски чеда, беше тоа  засекогаш да се зачуваат живи нивните спомени“ (Дајмонт 2007, 3).

          Да се биде маргина во Библијата, а сега во романот на Анита Дајмонт да се добие приматна улога на наратор, кој ја има главната реч, значи одредена метафора за тоа да се искаже едно женско искуство, да се прекаже, да се реинтерпретира древната мудрост. Користејќи ги интертекстуалните нишки, таа сите жени во нејзиниот роман ги прави активни дејствувачи, придвижувачи, а не пасивни жртви на нивниот живот.
          Приказната на Дина станува собиралиште што ја чува женската енергија, која подоцна се трансформира во женска судбина. „Црвенит шатор“ е метафора, која дејствува како водич низ целата приказна. Преку својата приказна за премолчената историја, Анита Дајмонт испишува една нова женска алтернативна сторија за едно поинакво сфаќање на сопствената историја.
Токму затоа историографската метафикција упатува и се концентрира врз начелото на децентрирана и плурална вистина. Сметајќи се себе за ревизионистичка, алтернативна, историографската метафикција одбива да им верува на канонизираните историски настани и покажува нескриена резерва кон официјалните наративи, официјалните историски збиднувања, личности и факти. Историографската метафикција служи и како коректив, како ревизија на стереотипните историографии, како разобличување, пародирање и изнаоѓање на алтернативни патишта во презентација на она што претходно било официјално и установено.
          Катица Ќулавкова вели дека книжевноста треба да се „залага да има повлијателна улога по однос на репрезентацијата на историјата, секогаш веќе наративизирана и со тоа иманентно фиктивна, субјективна и пристрасна“ (Ќулавкова 2007, 10):

„Нивните приказни беа како понуда за надеж и сила која ја истура Кралицата на Небото...

Ги предавав приказните на моите мајки на следните генерации, но сториите за мојот живот беа забранети и таа тишина речиси ми ги запре отчукувањата на моето срце. Не починав, но затоа живеев доволно долго за да ги исполнам ноќите и деновите со други приказни.

Вие доаѓате гладни за приказната што беше изгубена“. (Дајмонт 2007, 3).[2]

          Маргината прозборува, а со тоа ја ревалоризира веќе артикулираната историја и испишува една нова, погласна, различна, Друга, при што ја дефинира разликата со претходната, правејќи разлика, но и добижувајќи се до првичната приказна.
          Метаисториографската фикција искажува една поставеност кон историографската како коректив, регулатив, при што овозможува критички преиспитувања, ирониски поткопувања, реинтерпретација и ревалоризација на вредностите што ги конструира. Поголемиот дел од нарацијата што се спроведува преку гласот на Дина, може да се разгледува како скриена полемика. Туѓиот говор, ако го земеме во предвид Бахтиновиот концепт; или текст,  се инфилтрира во нарацијата и врши силно влијание врз него, менувајќи ја неговата структура. Исказот на тој начин, се артикулира со свест за туѓиот говор и индиректно, полемички се судира со него.
          Интертекстуалната игра, која започнува не е бесмислена, таа води кон востановување на една нова смисла, која се обидува да ги разреши наметнатите дилеми. Прифаќајќи го односот кон минатото од перспективата на сегашноста, води кон одердена деконструкција на истото тоа минато што од друга страна води до откривање на нови сознанија и вистини. Раскажувајќи ја својата приказна Дина упатува на замена на една приказна за друга, иста, но сосема различна, нагризувајќи ја основната приказна од која тргнува, таа ја води во еден сосема нов правец, воспоставува друг код, како да станува збор за приказна од една поинаква историска етапа. Овојпат, приказната ја отвара својата мултифокална визија и води кон полицентризам. Ако приказната за Дина во Библијата завршува многу брзо и кратко, овде таа приказна е свежа, нова и трае, таа продолжува да живее, исто како што живее и Дина и нејзините мајки, како што ги нарекува во романот: Лиа, Рејчел, Зила и Била. Ако во Библијата е силувана овде во приказната на Анита Дајмонт, Дина се вљубува во човекот на нејзиниот живот и му раѓа машко дете, по име Ри-мос. Приказната за нејзиниот живот не е површна како во Библијата, во романот сe добива нов сјај и сè живее на понаков начин:

„Не сум баш сигурна дали моите сеќавања се навистина мои, затоа што кога ќе се присетам на нив, го чувствувам вкусот на водата од нашиот бунар, бистра и ладна во мојата детска уста, полна со млечни заби. И сигурна сум дека едни силни раце ќе ме фатеа, секогаш кога ќе се сопнев, но не се сеќавам на времето во мојот живот, во детството, кога бев сама и исплашена“ (Дајмонт 2007, 75).

          Историографската метафикција ја става на преден план и одговорноста на историографот и на писалтелот: одговорноста на создавачи на значење (Хачион 1984, 307).Прашањето на одговорноста подвлекува мноштво на прашања од етичка природа: кој пишува, поради која причина пишува, какви вистини изнесува и дали тие вистини вршат одредено насилство врз други вистини. Токму тие и таквите промислувања се инкорпорирани во идејата на Анита Дајмонт за да ја изнесе својата вистина во нејзиното дело. Интертекстуалноста, но и историографската метафикција во романот на Дајмонт, ги ревидираат концептите на моќ, знаење и вистина. Преку нараторот, кој претставува маргина во Библијата, а, пак, сега во романот добива централна улога, се упатува на ревитализација на маргинализираните дискурси, кои имаат своја вистина, своја позиција на гледање и толкување на светот околу нив. Тоа ги расветлува односите меѓу моќта на привилегираните истории, кои се потврдуваат на сметка на алтернативните и малечки истории. Таквите малечки, маргинализирани и алтернативни истории можат да се текстуализираат само преку деконструкција и критичко читање, промена на смислата и иронизирање на постоечките историографски текстови и текстовите на светот воопшто.
          Романот ги отвара и прашањата на амбивалентноста на вистината, која е тесно поврзана со односите на моќ, која станува легитимна единствено преку процесот на текстуализација. Приказната на Дина е обид да ја пренесе и зачува својата верзија на вистината, а со тоа и да ја оттргне од своите плеќи подјарменоста од „апсолутната вистина“.Вистината како концепт, нема своја ограниченост и е свесна за својата минливост, менливост и интертекстуална предодреденост. Романот Црвениот шатор воспоставува еден нов код на интерпретација на Библијата, изобилува со дијалози меѓу културите, со обредните кодови и риталните практики пред сe на жената и на женскиот принцип во црвениот шатор, каде приказната никогаш не запира и продолжува да тече. Романот успева да ги „разобличи цензурите имплицирани во стеротипите и да создаде нови визии за историјата“ (Ќулавкова, 2007, 437), при што концептот на апсолутната вистина го става под знак прашалник. Тоа, на некој начин, е спојување на микрокосмосот и на макрокосмосот на женската и на машката приказна, обезбедувајќи еден нелинеарен процес на следење на историјата, што води кон прогрес. На тој начин преку приказната на Дина, ја осветлуваме и другата страна од паричката и добиваме реконекција на една стара со една нова историја. Она што било премолчено во Библијата, во романот станува предмет на одередна ирониска поставка, при што се „редизајнира минатото на шокантен начин, наспроти прагот на колективните надежи“ (Ќулавкова 2009, 5).

Заклучок

          Преку приказната на Дина во романот Црвениот шатор од Анита Дајмонт се „стимулира заборавот, но исто така и се оживува заборавеното“ (Ќулавкова 2009, 5), при што повторното враќање на историјата е придобивка за културниот импулс, а сеќавањето ги истакнува маргинализираните и периферните културни матрици. Преку чувањето на меморијата за себе и за другите ликови во романот, Анита Дајмнот ја испишува премолчената и на старата, ја додава новата историја за Дина, при што интерпретацијата на оваа приказна и на приказните што следат како дополнување на историјата ќе се дуплираат и секогаш ќе дадат нови и нови димензии.

Белешки

[1] The Red Tent, Anita Diamant, New York, 1997.

[2] Преводот на сите цитати од романот Црвениот шатор  ги направи Ана Вељаноска.

Литература

1. Анастасова, Сенка. Наративни идентитети. Скопје, Темплум, 2007.

2. Bahtin, Mihail. O romanu. Beograd, Nolit, 1989.

3. Bahtin, Mihail. Problemi poetike Dostoevskog. Beograd, Nolit, 1967.

4. Bahtin, Mihail. Marksizam i filozofija jezika. Beograd, Nolit, 1980.

5. Гаџова, Славица 2008. Пергамент и папирус на Мираж.

6. Diamant, Anita. The Red Tent. New York, Picador USA, 1997.

7. Ѓорѓиева, Марија. Историографската метафикција во романот (толкувачки модели) – докторска дисертација. Скопје, 2008.

8. Hutcheon, Linda. A Poetics of Postmodernism: History, Theory, Fiction. New York & London: Routledge, 1984.

9. Котеска, Јасна. Постмодернистички литературни студии. Скопје, Македонска книга, 2002.

10. Oraič-Tolič, Dubravka. Teorija citanosti. Zagreb, Grafički Zavod Hrvatske, 1990.

11. Oraič-Tolič, Dubravka; Žmegac, Viktor. Intertekstualnost & Avtoreferencijalnost. Zagreb, Zavod za znanost o knjizevnosti Filozofskoga Fakulteta, 1993.

12. Свето Писмо (Библија), со благослов од Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква, 1991.

13. Ќулавкова, Катица. Демонот на толкувањето. Скопје, МАНУ, 2009.

14. Ќулавкова, Катица. Историографска метафикција како метаисториографска фикција – критичко препрочитување на метафикциската парадигма. Прилози XXXII 2. Реферати на македонските слависти за XIV меѓународен славистички конгрес во Охрид (10- 16 септември 2008 година) . Скопје, МАНУ, 2007.

15. Ќулавкова, Катица, прир. Теорија на интертекстуалноста. Скопје, Култура, 2003.

16. Ќулавкова, Катица, прир. Поимник на книжевноста. Скопје, МАНУ, 2007.

17. Ќулавкова, Катица. Теорија на литературата. Скопје, Култура, 1999.

18. Ќулавкова, Катица. Поход и исход. Скопје, Клтура, 1996.

19. Ќулавкова, Катица. Мала книжевна теорија. Скопје, Три, 2001.

20. Шелева, Елизабета. Од дијалогизам до интертекстуалност. Скопје, Магор, 2000.

21. Воу, Патриша.  Метафикција: Теоријата и практиката на самосвесната фикција- „Што е метафикција?“ (превод од англиски на македонски јазик Ана Вељаноска).