ПРЕГЛЕД НА ТЕОРИИТЕ НА ХУМОРОТ

Румена Бужаровска

„Постои метод во лудона смеата“
А. Бергсон, 1911

          Хуморот и смеата се појави од човековото секојдневие на кои сме толку навикнати, што престануваме да ги забележуваме, занемарувајќи ја битната улога што ја играат во општеството. Тие имаат значајни функции кои ги одредуваат хиеархиските односи меѓу луѓето, помагаат при решавањето или создавањето на конфликти, но и културно ги обележуваат заедниците. Следствено, хуморот не само што е присутен во секојдневната комуникација меѓу луѓето, туку тој се проткајува во сите сфери на човековиот израз.
          Но, и покрај важноста и големината на феноменот хумор, традиционално овој феномен не бил широк предмет на интерес во науката. Осврти кон хуморот и смеата се јавуваат уште во антиката. Со стагнација во средниот век, тие продолжуваат дури до 20-от век, но вистински подем во научниот интерес за ова поле се јавува дури во втората половина на 20-от век, кога и се оформнува Интернационалната асоцијација за студии по хуморот (ISHS – International Society for Humor Studies). Со интензивирањето на научните дискусии за хуморот и смеата, се појавила и тенденција тие да се групираат во таканаречени „школи” на теоријата за хуморот. Целта на овој прегледе да ги претставитрите основни теории на хуморот, категоризирани според еминентни критичари и аналитичари во ова поле.
          Од современите теоретичари кои се истакнуваат со своите категоризации на теоријата на хуморот, значајно место заземаат авторите Род А. Мартин, Џон Е. Рокелајн, Виктор Раскин, Салваторе Атардо и Џон Мореал. Така на пример, во своето монументално дело за истражувањата посветени на хуморот, Психологија на хуморот (2006), Род А. Мартин врши поделба на пет главни теории:
          1. Психоаналитичка теорија
          2. Теорија на супериорноста
          3. Теорија на возбудувањето
          4. Теорија на несоодветствувањето
          5. Теорија на враќањето
          Од друга страна Рокелајн (Roeckelein, 2002) ги дели теориите на хумор на психолошки н непсихолошки. Во состав на оваа општа поделба тој наведува повеќе субкатегории. Така, во непсихолошките теории спаѓаат теориите со основа во книжевноста, теориите со основа во физиологијата или биологијата и теориите со основа во комуникациите/културата/маркетингот. Во психолошките теории тој ги наведува теориите со основа во модерната филозофија, бихејвиористичките теории, когнитивните/перцептивните теории, психодинамичките/психоаналитичките теории и теориите со основа во социологијата-социјалната антропологија/антропологијата.  Класификациите на Мартин и Рокелајн се сепак најблиски до класификацијата од страна на останатите современи теоретичари за хуморот како Раскин (Raskin, 1985), Атардо (Attardo, 1994), и Мореал (Morreall, 2009), кај кои преовладува поделбата на три главни и општо-прифатени теории на хуморот:
          1. теорија на супериорност
          2. теорија на несоодветствување
          3. теорија на опуштање
Атардо (Attardo 1994, 47) ги претставува овие три теории во следната табела, додавајќи ги и синонимните именувања за истите концепти:  

Три теории на хуморот според Атардо
Когнитивна Општествена Психоаналитичка
Несоодветствување Непријателство Опуштање
Контраст Агресија Сублимација
  Супериорност Ослободување
  Триумф Економичност
  Потсмевање  
  Омаловажување  

          И покрај општата прифатеност на ваквата тројна класификација, таа навидум не остава место за теории на хуморот кои ги комбинираат горенаведените теории, како што се лингвистичките, книжевните и физиолошките теории за хуморот. Но суштински, и лингвистичките и книжевните теории на хуморот би можеле да се вклопат во една од горенаведените три категории, со оглед на тоа што тие или се обидуваат когнитивно да го објаснат механизмот на хуморот, или се обидуваат да откријат кои се општествените и психолошките фактори кои влијаат врз неговото создавање и приемање. Што се однесува до физиолошките теории на хуморот, тие, всушност, повеќе се занимаваат со  смеата и со појавите кои предизвикуваат смеа, а не се врзани со хуморот, така што не е чудно што таа теорија не може да се вклопи во оваа таксономија. Сепак, очигледно, е дека постојат теории кои не можат стриктно да се поведат под која било од горенаведените теории. Такви се согледувањата на голем број теоретичари, филозофи и психолози кои поставиле теории за хуморот уште пред да биде воспоставена таква класификација, и комбинираат повеќе аспекти од трите категории, како на примерАнри Бергсон, Сигмунд Фројд и Артур Кестлер.
          Битно е да се напомене дека голем дел од авторите кои пишувале на темата хумор и смеа немале намера да создадат конкретна теорија. Но и покрај тоа, досегашните дискусии и прегледи на хуморот ги именуваат овие размислувања како „теории” од практични причини. На ова прашање се осврнува и Кит-Спигел: „Повеќето тврдења се всушност описи на услови под кои би се доживеал хуморот, отколку обиди да се објасни хуморот” (Keith-Spiegel 1972, 5).
          Наредните три целини имаат за цел да дадат краток преглед врз основните теории на хуморот според горенаведената класификација на Мореал.

          1. Теорија на супериорноста

Суштината на таканаречената теорија на супериорноста се состои во хумористичното доживување на настан, ситуација или карактеристика која го наведува субјектот да се чувствува доминантен, т.е супериорен во однос на објектот на хуморот. Во таа смисла, задолжителен елемент на хуморот е очигледна или прикриена агресија, потсмев или подбив врз одреден објект. Поддржувачите на оваа теорија сметаат дека во секоја шега или хумористична забелешка постои некој или нешто што бидува исмеано, па на тој начин постоењето на „невини шеги” (како што ги нарекува Фројд) е невозможно. Истовремено, хуморот е средство со кое умствено може да се победи противникот, па смеата се предизвикува секојпат кога ќе почувствуваме триумф над другиот.Овој триумф може да дури да се однесува и на процесот на сфаќањето на хумористичната загатка – доколку субјектот побрзо ја сфати загатката, тој се чувствува супериорен над другите.  Теориите кои се засноваат на ваквата теза се нарекувани и теории на омаловажувањето, агресијата и понижувањето (Martin 2006, 44).
          Теоријата на супериорноста има конзистентен праволиниски хронолошки развој, со нејзиното појавување во антиката и истрајување сè до 18-от век, кога се појавиле научници кои се обиделе да ја побијат. Впрочем, начинот на кој античките филозофи гледаат врз хуморот не треба да изненадува со оглед на природата на хуморот во тоа време, која во денешно време би се сметала за „груб физички хумор, вулгарности и пцости, навреди и каламбури” (Attardo 1994, 21).
          Истото треба да го имаме на ум кога ги разгледуваме теориите на Платон и Аристотел. Платон, всушност, е тој што ги поставил темелите на теоријата на супериорноста. Тој хумористичната смеа ја поистоветува со исмевањето и со уживањето во туѓите несреќи. За него смеата е исклучиво негативна, агресивна карактеристика и поради тоа тој смета дека „смешното е вид порок” (Plato 1987, 11). Оттаму и воопшто не е чудно што тој во своето дело Држава препорачува смеата да се забрани и меѓу луѓето, и во книжевноста. Погледите на Аристотел по ова прашање не се толку екстремни, иако и тој ја смета шегата за „тип злоупотреба” (Aristotle 1987, 15). Тој се согласува со Платон дека основата на смешното мора да биде потсмев, но таков потсмев кој не предизвикува болка кај објектот на исмевање.
          Хуморот продолжил да биде сметан како штетен феномен и со појавата и развојот на христијанството. Во Библијата смеата ретко се среќава, а кога е таму таа е горчлива, израз на подбив или потсмев. Џон Мореал (Morreall,2009) наведува дека според најстарите манастирски правила, смеата и шегувањето се забранувале и казнувале. Ваквиот поглед кон хуморот продолжил низ средниот век, пренесувајќи се и во Ренесансата. Повторно на него се гледало како на средство кое поради својата агресивна жичка предизвикува смеа со понижувањето на другиот. Не било случајно тоа што со доаѓањето на власт на пуританците во средината на 17-от век во времето на Оливер Кромвел комедијата била забранета. Во ова време се појавува и најголемиот и најеминентниот заложник за теоријата на супериорноста, филозофот Томас Хобс. Неговата теорија на „ненадеен триумф”, го означува чувството на доминација на еден човек врз друг: „Ненадеен триумф е поривот од кој потекнуваат гримасите што се нарекуваат смеа; таа е предизвикана од некој чин што предизвикува задоволство; или од увидувањето на деформирано нешто кај другиот, со чија споредба одеднаш се чувствуваме возвишено” (Hobbes 1987, 19).Оваа дефиниција на хуморот во прв план ја става човековата потреба да се натпреварува и мери со некого. Дури и самоисмевањето е форма на натпревар – но овојпат со нашите грешки од минатото кои во сегашноста ги имаме надминато.
          Ваквиот, навидум, агресивен напад на хуморот од страна на Хобс треба да биде земен во контекст со времето во кое живеел тој, т.е со тогашните манифестации на хуморот. Познато е дека хуморот во 17-от и 18-от век зема размери на јавно надмудрување, на вербален натпревар основан врз духовити навреди. Истовремено, научникот Роберт Провајн ја истакнува и природата на другите типови на хумор во тоа сурово време: „добриот вкус и учтивоста се темелеле на стандарди многу различни од денешните – во време кога богатите и моќните имале шутови, физичкиот деформитет бил легитимен извор на разонода, а општествената елита се забавувала со тоа што посетувала установи за душевно болни за да ги малтретираат пациентите” (Provine 2000, 14).
          Непосредно по познатиот напад на хуморот од страна на Хобс се јавиле мислителите кои ги поставиле теориите на несоодветствувањето и на ослободувањето. Од таа причина постои одредено растојание до појавата на современите теории на супериорноста, претставени преку делата на авторите Роџер Скрутон и Чарлс Грунер.

          2. Теорија на несоодветствувањето

          Џон Мореал (Morreall, 2009) посочува два начина на кои критичарите на хуморот се справиле со негативното поимање на хуморот според теоријата на супериорноста. Една „школа” се обидела да ги објасни позитивните начела на таквото функционирање на хуморот, т.е неговата морална задача да укори, а со тоа и да поправи и подобри. Тука припаѓа теоријата на Анри Бергсон, во чиј состав се наведува дека хуморот има улога на општествена корективна мерка. Другата „школа” која произлегла од острите критики на хуморот се обидела да докаже дека во основата на хуморот постојат други механизми кои не се поврзани со човековата агресија или пак потреба да доминира. Една од овие теории се осврнала врз човековата психа: оттука произлегла теоријата на опуштањето. Друга теорија се осврнала врз когнитивниот механизам кој стои зад секој хумористичен исказ: тоа е теоријата на несоодветствувањето.
          Зачетоците на теоријата на несоодветствувањето се јавува уште кај Кикерон, кој е навестувач на т.н.„теорија на изненадувањето” поради тоа што ја објаснува смеата како резултат на неисполнето очекување. Сепак, теориите на изненадувањето се вбројуваат во доменот на несоодветсвувањето, со оглед на тоа што тие најчесто ја потенцираат ненадејноста на феноменот, т.е разликата помеѓу очекуваниот и добиениот исход.
          За да го утврдиме главното начело на теоријата на несоодветствувањето можеме да ја цитираме Кит-Спигел, која дава јасна дефиниција за основата на оваа теорија: „Хуморот кој произлегува од неповрзани, несоодветно комбинирани идеи или ситуации кои скршнуваат од секојдневните обичаи се основата на теориите за несоодветствувањето” (Keith-Spiegel 1972, 7). Со други зборови, оваа теорија секогаш претпоставува одредена двојност во значењата на концептите или појавите што го поимаме. Имено, таа двојност треба да н` изненади поради својата невообичаеност и наводна несврзливост, но истовремено и да н` постои заедништво кое ние можеме да го забележиме.
          Когнитивниот механизам кој стои во сржта на функционирањето на хуморот го навестува Френсис Хачесон во својот напад на теоријата на супериорноста поставена од Хобс. Хачесон не го користи зборот „несоодветствување”, туку наведува дека хуморот произлегува од контрастот на идеите кои привидно се спротивни, но имаат сличност во својата носечка идеја. И Имануел Кант се надоврзува на ова гледиште, сметајќи јасмеата како израз на неочекуваниот пресврт помеѓу она што сме го очекувале и она што сме го добиле. Но концептот на несоодветствување најдобро го претставува Шопенхауер, кој смеата ја согледува како резултат на несоодветствувањето помеѓу нашето апстрактно поимање на нештата од една страна, и нивното сензорно поимање од друга страна (Schopenhauer, 1987). Ваквиот судир помеѓу концептот и неговата манифестација, вели Шопенхауер, мора да биде ненадеен за да предизвика хумористичен ефект. Во 19-от век, слични ставови за потеклото на хумористичната смеа  – несоодветствувањето – среќаваме и кај филозофите Вилијам Хазлит и Сорен Керкегор.
          Еден од највлијателните текстови со оваа тематика во 20-от век е поглавјето за хуморот на Артур Кестлер во делото Чинот на создавањето (Koestler, 1964). Зборувајќи за принципот на креативноста, тој издвојува три полиња каде што овој принцип се јавува со користење на ист механизам: уметноста, хуморот и откритието. Сите три, вклучувајќи го и хуморот, функционираат со помош на механизмот на„бисоцијацијата”, каде што мислењето секогаш функционира на две нивоа кои се сечат во една точка. Ова значи дека бисоцијација е спојување на две различни концептуални и некомпатибилни полиња, при што се создава смеа. Оваа силна когнитивна теорија на тој начин претставува  продолжување на теоријата на несоодвествувањето, со единствената разлика што Кестлер не ги занемарува и емоциите кои играат голема улога во поимањето на нешто како смешно.Покрај современите теоретичари кои исто така ја подржуваат оваа теорија, како на пример Џорџ Сантајана и Мајкл Кларк, се појавуваат и автори кои ја разгледуваат суштината на феноменот на несоодветствувањето со цел да проверат дали тоа секогаш активира хумористично доживување. Такви се размислувањата на Томас Шулц (Shultz, 1976), кој во фокусот на своето истражување го става прашањето дали на несоодветствувањето му е потребно решение за тоа да се восприеми како нешто комично. Шулц доаѓа до заклучок дека решението на несоодветствувањето е тоа што го издвојува бесмислениот хумор од хуморот основан врз чисто несоодветсвување: „Механизмот на решението е најверојатно нужен за да се постави граница меѓу хуморот и бесмисленоста. Додека бесмисленоста може да се дефинира како чисто или нерешливо несоодветствување, хуморот може да биде дефиниран како несоодветствување со решение и значење” (Schultz 1976, 13).
          Дека несоодветствувањето не е единственото нешто што е потребно за да се предизвика хумористично искуство сведочат анализите на Мери К. Ротбарт (Rothbart,1976) во врска со различните реакции на несоодветствувањето. Имено, Ротбарт забележала дека зависно од контекстот во кој се наоѓа субјектот кој го поима несоодветствувањето, можно е да се добијат неколку реакции, од кои на двата екстрема се наоѓаат стравот и задоволството искажано преку смеа: „Несоодветствувањата што се одвиваат во пријатна или игрива атмосфера најчесто предизвикуваат реакции во кои се изразува задоволство или пак бихејвириорални реакции на пристапување” (Rothbart 1976, 38).
          Во денешно време теоријата за несоодветствувањето е општо прифатена меѓу научниците кои се занимаваат со студиите по хуморот. Тоа не значи дека тие сметаат дека несоодветствувањето и неговото решение се единствениот механизам кој предизвикува хумористично доживување, но значи дека тие во голема мера се согласуваат дека несоодветствувањето задолжително се појавува во хуморот.

          3. Теорија на опуштањето
         
          Теоријата на опуштањето е исто позната како психоаналитичка теорија или пак теорија на ослободување, олеснување или економичност. Aвторите кои се занимавале со теоријата на хуморот ја именувале и класифицирале оваа теорија на различни начини, но генерално таа означува поимање на хуморот кое се темели на една основа идеја.
          Основното начело на овие теории е дека хумористичната смеа е резултат на ослободување на вишок енергија. Со други зборови, нашата умствена и емоционална енергија ја насочуваме во еден правец, кон одредено очекување. Во еден момент на шегата или било која друга хумористична ситуација, фокусот се менува, при што емоциите кои растеле во нас одеднаш стануваат непотребни и се исфрлаат во вид на смеа. Оттаму оваа теорија се нарекува теорија на опуштање, олеснување и ослободување – тука подразбираме опуштање или олеснување од претходната тензија со помош на ослободувањето на вишок наталожената енергија. Главните претставници на оваа теорија се Херберт Спенсер, Сигмунд Фројд и Роберт Лата во поново време. Херберт Спенсер е првиот кој формално ја поставил оваа теорија во есејот „Физиологијата на смеата” (Spencer,1987). Суштината на оваа теорија е дека при слушањето на одредена шега или кратка приказна, во нас се создаваат емоции кои соодветствуваат на она што го слушаме, но кои потоа се прекинати со други, несоодветни емоции на оние првичните. Така на пример, пред нас може да се расплетува приказна со која ние треба да сочувствуваме. Но во крајната реплика на приказната може да дојде до пресврт, во кој фокусот и типот на емоција потребна од слушателот ќе се сменат. Во таквиот случај емоцијата на сочувство што сме ја чувствувале одеднаш станува непотребна, и ние ја исфрламе во вид на смеа.
          Фројд во своето дело Шегите и нивната врска со несвесното (Freud,1905) се надоврзува на оваа теорија на Спенсер, надополнувајќи и проширувајќи ја. И тој смета дека смеата се јавува како резултат на ослободувањето на вишок енергија, но во однос на поделбата на трите сфери на смешното: шегите, комичното и хуморот, кои се врзани со инхибирањето (потиснувањето) на мислите и чувствата. Според Фројд, смеата која произлегува од шегите е резултат на испуштањето на вишок енергија која е потребна за потиснување на агресивните и сексуалните нагони забранети од општеството. Комичното, кое се однесува на мислите, претпоставува ослободување на енергијата потребна за нивното логично раководење. Бергсон (Bergson, 1911) внесува примеси од оваа теорија кога ја поистоветува логиката зад смешното со онаа на сонот.Што се однесува до третата категорија – хуморот, кај него доаѓа до ослободување на чувства кои станале излишни поради одреден пресврт, слично како во теоријата на Спенсер. Овој метод на ослободување Фројд го нарекува „економичност”, од која добиваме задоволство: „Сите три претставуваат методи во кои од менталната активност повторно го придобиваме задоволството кое сме го изгубиле со самиот развој на истата активност” (Freud 1905, 236). Во 20-от век се појавуваат и други теоретичари кои ја развиле и поддржале оваа теорија, како што се Вилијам Фрај и Роберт Лата.
          Гореспоменатитетри теории не се исклучуваат меѓусебно. Со други зборови, тие се осврнуваат на различен аспект од феноменот хумор, при што една со друга се надополнуваат. Како што кај Аристотел можеме да најдеме навестување на теоријата на несоодветсвувањето, така во текот на историјата се јавуваат мислители, вклучително Хазлит, Шопенхауер, Кант и Бергсон, кои во своите објаснувања на хуморот и смеата комбинираат повеќе аспекти од различни теории на хуморот. Во современоста таквиот пристап е претставен низ авторите каколингвиститеРаскин и Атардо, но и критичарот Пол Луис кој се занимава со хуморот во книжевноста.  Оттаму следи дека сознанијата кои ги носат сите три теории на хуморот се корисни за употреба на комбиниран пристап кон анализа на истиот, посебно што се однесува до неговата манифестација во полиња како лингвистиката и книжевноста.

Литература

1. Aristotle. (1987). Во John Morreall (Ed.) The Philosophy of Laughter and Humor. Albany: State University of New York Press.

2. Attardo, Salvatore. (1994). Linguistic Theories of Humor. Berlin - New York: Mouton de Gruyter.

3. Bergson, Henri. (1911/2007). Laughter: An Essay on the Meaning of the Comic. Champaign, IL: Book Jungle.

4. Freud, Sigmund. (1905/2001). Jokes and their Relation to the Unconscious. London: Vintage.

5. Hobbes, Thomas. (1987). Во John Morreall (Ed.) The Philosophy of Laughter and Humor. Albany: State University of New York Press.

6. Keith-Spiegel, P. (1972). Early conceptions of humor: Varieties and issues. Во J.H. Goldstein & P.E. McGhee (Eds.). The psychology of humor: Theoretical perspectives and empirical issues. New York: Academic Press.

7. Koestler, Arthur. (1964/1984). The Act of Creation. London: Arkana.

8. Martin, Rod A. (2006). The Psychology of Humor: An Integrative Approach. Amsterdam: Elsevier.

9. Morreall, John. (2009). Comic Relief: A Comprehensive Philosophy of Humor. Chichester, West Sussex: Wiley-Blackwell.

10. Plato. (1987). Во John Morreall (Ed.) The Philosophy of Laughter and Humor. Albany: State University of New York Press.

11. Provine, Robert R. (2000). Laughter: A Scientific Investigation. Viking Penguin: New York.

12. Raskin, Victor (Ed.). (2008). The Primer of Humor Research. Berlin, New York: Mouton de Gruyter.

13. Roeckelein, Jon E. (2002). The Psychology of Humor: A Reference Guide & Annotated Bibliography. Westport CT, USA: Greenwood Publishing Group, Incorporated.

14. Rothbart, Mary, K. (1976/2007). Incongruity, Problem-Solving and Laughter. Bo A.J. Chapman and H C. Foot (Eds.). Humor and Laughter: Theory, Research and Applications. New Brunswick and London: Transaction Publishers.

15. Schopenhauer, Arthur. (1987). Во John Morreall (Ed.) The Philosophy of Laughter and Humor. Albany: State University of New York Press.

16. Schultz, Thomas R. (1976/2007). A Cognitive Developmental Analysis of Humour. Social Aspects of Humorous Laughter. Bo A.J. Chapman and H C. Foot (Eds.). Humor and Laughter: Theory, Research and Applications. New Brunswick and London: Transaction Publishers.

17. Spencer, Herbert. (1987). Во John Morreall (Ed.) The Philosophy of Laughter and Humor. Albany: State University of New York Press.