ШИЗОИДНАТА ГРАНИЦА ПОМЕЃУ ЕТНОНАЦИОНАЛИЗМОТ И КАПИТАЛИЗМОТ

Трансгресијата како логика на капитализмот

          Славој Жижек ја воведува разликата меѓу авторитативното, тоталитарното наметнување одлуки на поединецот, на чие извршување тој е присилен низ репресија, закана, дисциплинирање на послушност и либералното, кое причината за послушност ја ситуира во внатрешната „психолошка структура“ на субјектот. Така, тврди Жижек, либералните поданици незабележително ја менуваат природата на своето мислење/перцепција и го прифаќаат она што им е наметнато како нешто што потекнува од нивната сопствена природа; тие дури не се ни свесни за сопствената подложност. Како пример на либерално подаништво тој ја зема состојбата на источноевропските земји од 1990-тата година кога се распаѓаше реалсоцијализмот и кога луѓето одеднаш беа „фрлени во ситуација на слобода на политички избор“. „Најпрво би се рекло“, пишува тој, „дека влегуваат во ветената земја на политичка слобода; потоа, набрзо потоа, дознаа дека слободата подразбира дива приватизација, разградување на општествената сигурност итн., итн. - тие сè уште имаат слобода на избор и, ако сакаат, можат да излезат од тоа; но не, нашите јуначки Источноевропјани не сакаа да ги разочараат своите западни ментори, тие стоички истрааја во изборот што никогаш не го донесоа, уверувајќи се самите себеси во тоа дека треба да се однесуваат како зрели субјекти кои се свесни за тоа дека слободата има своја цена...“[11] Жижек на оваа слика додава и дека народот во „транзиција“ од реалсоцијализам во капитализам никогаш немал можност да избере ad quem, затоа што сосема изненадно е „фрлен“ пред новиот збир дадени избори (чист либерализам,националистички конзервативизам).
          Несомнено, Жижек е сосема во право кога тврди дека источноевропските народи немаа избор во неолибералната логика на „слободен избор“ или т.н. „рационален избор“, што се состои од можноста за давање слободен избор само по цена изборот да е исправен и да ја следи логиката на менторскиот пат на слободниот пазар. Но, српскиот етнонационализам, за време на Слободан Милошевиќ, не ја прифати доброволно логиката на западноевропскиот капитал како дива приватизација и разградување на општествената сигурнос; тој ја избра воената опција кон братските народи, па и на симболичко ниво ѝ објави војна на „целата светска сила“. Уште повеќе, европските либерални држави заради тоа му наметнаа и санкции. Но, низ одбивањето, низ националното самозатворање, тој процес и се самореализираше на парадоксален начин. Самоизолирачкиот систем на Слободан Милошевиќ, кој ја користеше етнонационалистичката еуфорија, не создаде алтернатива наспроти „слободните одлуки“ на либерализмот; тој побегна од неа и така во целост ја прифати.

Експлицитни и имплицитни закони

          Застапувајќи ја тезата за експлицитните и за имплицитните правила кои ги востановуваат невидливите механизми на власта и ги регулираат одредени идеолошки закони, Славој Жижек смета дека, на пример, Вилхелм Раих не е во право кога тврди дека Хитлер е прифатен меѓу германскиот народ затоа што го отелотворил големиот татко што треба да ги припитоми непослушните деца, низ авторитативната моќ да ја скроти желбата и да создаде ред и дисциплина кои ќе ги помират сите општествени антагонизми. За прифаќањето на националистичката идеологија важен е скриениот опсцен суплемент, за кој говори Теодор Адорно, а кој во имплицитните правила е невидливо ветување дека може да се прави сè што се сака, дека може да се ужива во забранетото, дека може да се убиваат Евреи, да се окупираат туѓи територии, слободно да се покажуваат убивачките воени нагони со што паѓаат цивилизациските стеги... А, како што вели тој, причината за функционирање на фундаментализмот и на етнонационализмот не треба да се бара во тоа дека тие се плашат од слободата и дека сакаат да конституираат општество кое почива на ред, закон и традиционална хиерархија, туку во можноста да се ужива во забранетото, да може да се казнува непријателот и да може, во име на законот, да се прави што ќе се посака. Затоа, српскиот етнонационализам ѝ се спротивставува на либералната политичка коректност и бара уживање во слободни и непречени елементарни машки слики, како што се силувањето на туѓи жени, злоставувањето на сопствените жени, убивање, крадење...[12]
          Современиот капитализам или добата на корпорацискиот капитализам (Фредерик Џејмсон), во кој исчезнуваат „големите нации“, е обележан со трансгресија, тврди Жижек: тој токму низ трансгресијата, низ сопствените пречекорувања, во себе ја вшмукува и сопствената спротивност. Неговата моќ не се заснова на законите кои забрануваат уживање, туку, напротив, поттикнува на сексуално и на консуматорско уживање; таа не се темели на правила кои дисциплинираат и стабилизираат, туку на правила што поттикнуваат на промена и на создавање перманентен хаос во кој капиталистичкиот систем уште повеќе се зацврстува. Заради тоа, Жижек смета дека развиениот капитализам или т.н. „потрошувачко општество“ не е веќе поредок што се одржува врз темел на забраната што повикува таа, во херојски чин, да се прекрши. Настраноста на развиениот капитализам, за него, мами на престап, развива општествени форми што овозможуваат складност со сопствените настраности и сугерираат нови.[13] Постмодерната доба, за разлика од модерната доба на контрола, Зигмунд Бауман смета дека е втемелена на течни, променливи закони; значи, на законите на брзината, на трансформацијата...[14], а Ентони Гиденс смета дека динамиката на современиот свет е спротивна на предвидувањата на Џорџ Орвел, кој сметаше дека општествениот систем низ науката и технологијата ќе стане постабилен и поуреден и дека сите ќе станеме „мали запчаници во општествената и економска машинерија“. Накусо, современиот свет не почива на сеопфатните движења на контрола и доминација, туку на хаосот, немирот, на логиката на ризикот кој се отелотворува низ забавниот популаризам и сензационализам и станува, како што вели Гиденс, „побегнат свет“.[15]

Односот на експлицитните и имплицитните закони во комунизмот и во етнонационализмот

          Тезата на Жижек за поставувањето и за функционирањето на имплицитните и на експлицитните правила би можела да биде провокативна само во контекст на бивша Југославија; меѓутоа, таа поинаку се поставува во однос на југословенскиот комунизам и посткомунистичкиот етнонационализам. Имено, доминантната логика на владеење на југословенскиот комунизам, покрај сите негови недостатоци, е исцртана во експлицитните закони. Всушност, Тито под девизата „братство и единство“ го обединил народот (дезоринетираните за време на германската окупација) и создал ред и уникатна волја во градењето на новото општество, заснована на принципите на социјалната и на класната свест. Навистина, соцреалистичната уметност ја црпела својата инспирација од воената тематика, од глетките на страдалните партизани, што се бореле за подобра и праведна иднина, од паганскиот култ на смртта, што требало да ја формира идејата за новиот човек, но, сепак, не може да се рече дека логиката на имплицитни правила, логиката на опсцената пермисивност, што Адорно ја демаскирал во власта на Хитлер, а која апсолутно го обележи етнонационализмот на Милошевиќ, била изразено присутна во југословенското социјалистичко општество.
          Меѓутоа, во имлицитното уживање во недозволеното се крие нов вид контрола, со кој уживателите, на несвесен начин, самите себеси се контролираат. И во тој имплицитен суплемент, кој се доживува како сопствена слобода, како уживање во недоволеното, под скриена режија на капитализмот, се реализира логиката на транзицискиот процес, која однатре ја разорува традиционалната, органска етнонационалистичка заедница. Затоа, уживањето во недозволеното би можело да се опише како враќање кон нешто архаично, како враќање на воениот етнонационален дух на херојството и елементарната телесна виталност. Но, исто така, тоа е имплементација на капиталистичката логика на консумеризмот. Низ нелегалната приватизација, општествената дезорганизација, расчленувањето на социјалната солидарност и рушењето на јавното добро, како и на легалните институции, заради желбата за преживување, каде што е легитмен секој грабеж, се одвивала опсцена пермисивност на слободата на уживање и, истовремено, на шизоиден начин се имплементирала логиката на слободниот пазар. Затоа, кога Жижек вели дека идејата на слободната логика е поопасна во либерализмот, првенствено затоа што го убедува поединецот или општеството дека таа е во самата човекова природа, односно во „мислењето/перцепцијата“ за/на самите себе и во прифаќањето на она што се наметнало како нешто што потекнува од сопствената природа, од длабочината на сопственото индивидуално или општественото Јас, а дури и без да сме свесни за сопствената подложност, е целосно плаузибилна во случајот на српскиот етнонационализам, со што тоа прифаќање одело по спротивен пат ; тоа се прифаќало низ неприфаќањето. Бидејќи, митолошката херојска матрица што, низ светот на улогата на војникот ја регенерира заедницата, а што етнонационализмот го прогласува за сопствена супстанција, сопствено убедување, всушност, е увертира за капиталистичкиот поредок на борбата на пазарот, за социјално раслојување и разградување на кој било облик на заедницата. И заради шизоидната спрега меѓу капитализмот и органските традиционални вредности, етнонационализмот токму тогаш кога пропагира семејно-национална солидарност го разбива семејството; тој во реконтруирањето на традиционалните вредности ја урива самата традиција, а благодарение на органската колективистичка компактност, го раслојува општеството. Шизоидната граница помеѓу капитализмот и етнонационализмот, што би требало да биде граница меѓу два спротивни механизми на власт, низ меѓусебно исклучување-вклучување ја зацврстува аутистичката моќ на етнонационализмот. И затоа, со право би можело да се рече дека етнонационализмот владее со хаосот, владее со располовеноста на граѓаните, владее со аутизмот во кој „слободата на уживањето“ е ропство што создава еден вид контрола каква што среќаваме токму во либерализмот што, како што тврди Жижек, не се заснова на репресија, туку на слободата да го пречекори дозволеното, во перверзното во кое е исцртана нова логика на контрола.  
          А „слободното уживање во недозволеното“ или опсцениот суплемент е токму тој виртуелен „природен закон“ за кој говори Томас Хобс, чија конечна консеквенција се можностите да се краде од другиот, слободно да се силува, да се тепа сопствената жена, а субјектот што го направил тоа во непосредните хаотични односи на „војната на сите против сите“ да стане жртва на слободата на уживањето, уживањето со кое се насладува некој друг. Така, оној што ограбувал, убивал и малтретирал, може бргу да стане жртва на грабеж, убиство и малтретирање. А, токму таа природна состојба во која слободно се ужива и во која човекот е волк, е причина заедницата, покрај недовербата, стравот и несигурните хаотични односи, да се атомизира во самоизолирани единици какви што среќаваме во дивиот либерализам. Успехот на власта на Милошевиќ, иако заснована на политика која нема јасни цели и не го контролира во целост секојдневниот и институционалниот живот, ниту, пак, се потпира на козистентен и шематски идеологизиран поглед на свет, е токму во тоа што успеваше да создаде, низ авторитативно дејствување, привиден, симболичен, (не)баланс меѓу имплицитните и експлицитните правила, меѓу хаотичното уживање и колективниот митолошки авторитет, меѓу центрипетаните и центрифугалните сили. Неговата власт почиваше на рационално и систематско производство на хаос кој почнува, во крајна линија, и да владее со неа. Бидејќи тој, како што вели Ерик Д. Горди, настојува да создаде претстава на илузија на функционирање на плуралистички институции, но истовремено и го лимитира нивното функционирање. Исто така, воведува неконзистентни митови во кои самиот не верува, што доведува да расцеп на општествените и комуникациските вредности, што би отвориле можност за алтернатива.[16]
          Причината поради која Милошевиќ ја имаше поддршката на гласачите или на јавноста, тврди Душан Павловиќ[17], не е во тоа што ги отелотворуваше принципите на одредена идеологија, со оглед на тоа што во различни периоди имаше и различни политички опции, кои можат да се сведат на три фази: болшевичка, националистичка и миротворна. Граѓаните, вели тој, не веруваа слепо во неговите идеолошки уверувања, туку го следеа и се потчинуваа на неговиот авторитет, што делуваше вонинституционално и ефектно пронаоѓаше „антибирократски“ решенија што не подлежеа на тромите закони на државните процедури. Со силата на својот авторитет, успеваше да ги порази противниците и да ја наметне сопствената волја, а таа за неговите следбеници, воедно, е и државна волја; идентификувајќи се со неговиот моќен авторитет, наследен од недемократското традиционално општество, послушните граѓани со тоа ја компензираа својата социјална и политичка немоќ. Но, дали тој навистина пронаоѓаше решенија, односно, на која основа тој навистина го градеше својот авторитет?