ШИЗОИДНАТА ГРАНИЦА ПОМЕЃУ ЕТНОНАЦИОНАЛИЗМОТ И КАПИТАЛИЗМОТ

Испразнетото место на моќ

          По испразнетото место на авторитативна моќ, создадено по смртта на Тито, Милошевиќ успеа, како што тоа го забележа Иван Чоловиќ, да се претстави како новиот авторитет, како нов митски татко и негов имаго и да го преземе кормилото за управување со народот.[18] Меѓутоа, неговата моќ не беше во тоа што тој доаѓаше да го пополни празното место што остана испразнето по смртта на Тито, туку таа е одредена и исполнета токму со таа празнина која остана да постои. Благодарение на тоа, Милошевиќ успеа да претставува „персонификација на таткото“ или ново отелотворување на авторитетот на Тито, и покрај тоа што во однос на политиката на Тито, неговата сè правеше спротивно: Тито ја создавал Југославија, а тој ја уриваше; Тито низ одбранбената Народноослободителна војна создавал ново револуционерно општество, тој низ окупација на туѓите територии и низ воената логика, настојуваше да го контролира сопственото општество и да ја зацврсти својата власт; Тито победувал и создавал мирољубив поредок, заснован на стабилна полициска и воена контрола, тој, служејќи се со повеќе паравоени единици и нелегални тајни служби, создаде војна, која и не ја контролираше баш најдобро, за да ја зацврстува својата моќ; Тито создавал ред, тој хаос. Уште повеќе, и тезата дека дејствувал одлучно е двосмислена, бидејќи успевал да ги убеди другите дека неговите сопствена порази се победи. Имено, тој ја изгуби војната во Словенија, ја изгуби војната во Хрватска, имаше санкции во Србија, а ни во војната во Босна не излезе како победник, а сепак успеа да се претстави и да се наметне како победник.
          Низ рушењето и уривањето на сето она што Тито го создал, Милошевиќ го имитираше авторитетот на Тито: тој не го персонифицираше на успешен начин, првенствено затоа што логиката на неговата моќ е во неможноста за остварување авторитет. За да се сфати овој парадокс и да се разберат причините заради кои, и покрај тоа, поданиците на Слободан Милошевиќ се идентификуваа со него, би можело, на трагата на психоаналитичкиот увид[19], да се каже дека тој играше две улоги, едната е позицијата на син, наследник на авторитетот на Тито, а другата е позицијата на татко на сопствениот народ кој го избрал. Од првата перспектива, тој е син што е немоќен да го изврши злостортвото, на симболичен начин да го тргне авторитетот на Тито, да ја исполни празнината што настанува по неговата смрт и да го преземе неговото место. А, токму тоа го наведува постојано да прави ново злосторство, затоа што со злосторството го остварува задоволството во неможноста да ја достигне сопствената цел, во неможноста да се помири со сопствените внатрешни антагонизми, што е поврзано со опсцениот пермисивен суплемент. Така, една од причините заради што народот се идентификува со него е во тоа што тој  го претставува разгалениот син кому сè му е дозволено и кој може, како што вели Александар Тијаниќ, дневниот живот на Србите да го претвори во еден голем празник и да им овозможи да се чувствуваат како ученици на матурска екскурзија, што значи дека ништо, ама баш ништо што ќе сторат не е казниво. Секако, не е казниво затоа што местото на таткото стои празно. 
          А, од другата перспектива, тој е големиот татко на нацијата кој крие немоќ, па причината заради која граѓаните се идентификуваат со него не треба да се бара во тоа што тој ја претставува моќта, туку во тоа што успешно ја прикрива немоќта. Така, граѓаните во него препознаваат нешто скриено, скриен имплицитен суплемент кој дозволува да се ужива во недозволеното, што всушност значи слобода на рушење на авторитетот на Тито, слобода на трансгресија кон законот на Тито, слобода на деструкција на сите принципи што Тито ги создал, слобода што, воедно, низ уривање и разрушување ја имплементира невидливата моќ на Тито. Тајната на популистичкиот консензус, што го држи на власт, не е во авторитативното лице на моќта, туку во неговиот изглед на немоќ. Тој со овие две располовени, шизоидни улоги – во едната, како разгален син кој го води народот на екскурзија и во опсцени пермисивни уживања во недозволеното и во другата, како татко кој одлучно дејствува и ги казнува непослушните непријатели - создава, во националната семејна фантазија, аутистична шизоидност. Моќта на татковиот, на авторитетот на Тито е да создаде ред, дисциплина, додека неговата моќ е да создаде шизоидно растројство на културолошки и општествени вредности, хаос во кој секој се препознава самиот себеси, својата сопствена природа. И, следствено на тоа, причината зошто имплицитниот суплемент не е експлицитен, првенствено е во тоа што тој сокрива немоќ. Уживањето во недозволеното, овозможува бегство од самиот себеси, бегство од конкретната историска ситуација, која е обележана со транзицискиот премин. Луѓето сами од себе го кријат фактот дека колективните традиционални вредности исчезнале, исто така сами од себе ја прикриваат дезориентираноста за да побрзаат кон колективно злосторство низ кое се доживува и се слави националната солидарност и регенерацијата на воените херојски вредности. Значи, причината заради којашто луѓето го следат е во тоа што тој е персонификација на колективното национално бегство, што во ликот на тој успешен авторитет е испишана судбината на нивната немоќ што тој, како и тие, вешто ја прикривал зад маската на националната херојска и воена моќ.
          Тито ги контролирал граѓаните со полициски методи, со унифицирано едноумие, со ред, сила и закон и сето тоа во име на идеолошко одредените поими - „братство и единство“, „градење на социјализмот“, „самоуправување“, „работничка самостојност“, „одбрана на тековната револуција“... И покрај честите неконзистентности на содржината на овие поими, тие, сепак, настојувале да ја објаснат општествената стварност и да ѝ дадат единствено политичко објаснување. Спротивно на тоа, владеењето на Милошевиќ не знае за единствен идеолошки и политички дискурс, неговата стратегија на владеење е заснована на нелогичност, парадокс, трансгресија. Најшироката основа за политичка фантазма му дава токму етнонционализмот кој не знае за рационално дефиниран идеолошки збир на вредности, туку својата моќ ја формира врз хаотичната идеолошка матрица. А затоа што неговата идеолошка матрица не е цврста, туку „течна“ и некохерентна, неговите хаотични стратегии на контрола делуваат поинтензивно, отколку за време на полицискиот и државниот ред на Тито. Затоа, би можеле да кажеме дека етнонационализмот ги помирил двата хаоса: едниот е транзицискиот, за кој говори Жижек, а другиот митолошкиот, кој се стреми да им се врати на елементарните свети воени вредности. Како резултат на тоа, државната политика на Тито што почивала на репресивни мерки на контрола и надзор, слични на Паноптикумот и што постојано го произведувала митот за надворешниот непријател, е помалку ефикасна од државната контрола што се раслојувала под влијание на санкциите, чија тајна служба користела паравоени единици за елиминирање на политичките непријатели и чија претстава за непријателот почивала на параноичната конспиративна фантазија.   
          Власта на Тито може да се оспорува и да се критикува затоа што тој користел митолошки симболи за да ги изрази рационалните идеолошки принципи. Имено, за отелотворувањето на новиот човек што треба да ја гради иднината врз рационалните интернационални работни начела, тој ги користел митовите од Народноослободителната борба, како и традиционалната, патријархална воена парадигма во која митот за револуционерниот човек се поклопува со митот за востанието против окупатоската власт. Така, митот за новиот човек што треба да ја гради новата иднина, се калемел на митот за традиционалниот херој чија функција, како што истакнува Мирча Елијаде[20], е да ја обнови, да ја регенерира заедницата, а не да ја трансформира, радикално да ја измени и да изгради ново, модерно општество, какво што би требало да направи револуционерниот човек. За разлика од комунистичката, етнонационалистичката власт својата легитимација ја црпи токму од силните митолошко-симболички презентации, па затоа принципите на неговата власт не се потпираат на рационалниот ред, туку на митолошкиот хаос, на митолошката контрадикција која, всушност, е „транзициска“ инвенција на митот.
          Од аспект на системот на власт на Милошевиќ, би можела да се разгледува и тезата на Фуко за стратегиите на моќ за кои не постои субјект. Имено, за Фуко стратегиите на моќ се повеќекратни; моќта е дисперзивна, транзитна и нејзината логика е во постојаниот премин. Фуко не говори за репресивната моќ што негира, пресекува, туку за моќта што поттикнува, иницира, конструира. И, како што тоа го забележал Жил Делез, моќта на Фуко е во јазлите, во вкрстувањето, во брзината. Токму затоа парадигмата на моќта на Фуко би можела да го објасни системот на власт на Милошевиќ што почива на систем на производство на хаос, чиј ефект се изразува низ постојана нестабилност, низ дисперзивност која се интериоризира во социјалното ткиво. Всушност, видот на контрола што почива на дисциплина, на опресивен ред, не е толку силен колку што е видот на контрола што почива на хаосот, затоа што стратегијата на хаосот е незабележлива; тој успева да произведе и сопствена спротивност што го оправдува. Видот на контрола што забранува, што користи опресивни механизми, сепак почива на рационалните принципи и на рационален начин може да се повлече црта помеѓу идеологијата и нејзините спротивности, додека хаотичниот вид контрола почива на нејасната дистинкција меѓу сопствените принципи и алтернативите. Но, токму таа нејасна дистинкција на хаосот му дава поголема моќ полесно да се интериоризира во социјалното тело, да се кристализира низ микроодносите и да формира интерактивна мрежа на контрола и доминација. Затоа, иако васта е немоќна и слаба, контролата на парадоксален начин е поинтензивна и посилна. Значи, Милошевиќ не бил апсолутен субјект кој, од пирамидален врв го контролирал општеството и му давал насока, како што би можеле да го речеме тоа за Тито. Неговата моќ е заснована на дисперзивните и хаотични елементи, кои се поефектни токму во своето безредие, што довело до тоа политиката на Милошевиќ да го надживее него самиот. Имено, кога Милошевиќ на 5-ти октомври 2000-тата година ја изгуби власта и кога е одведен во Хаг, неговата националистичка политика во политиката на неговиот наследник Коштуница не се промени, ниту се искорени од политиката на сегашниот српски претседател Тадиќ. Политиката на етнонационализам и на транзициски капитализам и понатаму продолжи, само што сега се води со други средства и не е толку драстично изразена, како што беше за времето на Милошевиќ.
          Според тоа, причината заради која по Тито се создаде политички вакуум е во тоа што тој воспостави ред, цврстина и стабилност, кои тогаш, кога тој систем се распаѓаше, бараа алтернатива, некој друг ред; наспроти тоа, политиката на Милошевиќ, заснована на политика на нередот, војната и хаосот, ги доживува и своите сопствени загуба и исчезнување. Така, политиката на нередот и хаосот ефектно се одвива и без „субјект“; таа длабоко се врежа во самото социјално ткиво, па колективот ја забележува како своја вечна, изворна суштина. Меѓутоа, прашањето зошто колективот ги забележува сопствените хаос и неред како дел од сопствената суштина бара осврт на настанувањето на колективното единство во времето на деведесеттите годни во бивша Југославија.
          Според тоа, причината зошто по Тито настана политички вакуум, според Уго Влаисављевиќ, е во тоа што колективистичкиот етнонационализам настана од редефинирањето на комунистичкиот колективизам и што митот за класниот непријател, кој го негуваше комунизмот, се трансформирал во митот за национален непријател. Всушност, и национализмот и комунизмот го конституираат сопствениот колективитет преку воениот мит. Идејата за класниот конфликт за Маркс значеше рационално развивање на свеста за прогрес, а симболичката претстава на Народноослободителната војна за југословенкиот комунизам - за тоа поопширно пишував во книгата Војна - конституција на тоталитарното тело - значеше отелотворување на новиот човек, на новата класна свест, на новиот социјален колективитет. Иако двата проекта се засноваат на воениот мит, југословенкиот комунизам го користеше воениот мит на НОБ, кој настанал со германската окупација, за да создаде ново општество, додека етнонационализмот произведува војна за да му се врати на своето минато. Комунизмот го спојува митот за војникот работник кој гради ново општество, додека етнонационализмот не гради општество, тој го доживува општеството како органска целина во која владеат елементарни воени нагони со кои, низ херојскиот гест на селанецот-работник, се враќа кон изворите, кон архетипите. Идеалот на заедницата во политиката на комунизмот, која  ги помирува класната и националната, рационалната и митолошката свест во рамките на проектот „братство и единство“, е алтернатива на капитализмот; наспроти тоа, митолошкото самозатворање во етничкото, што се населило на местото на класната свест, е интериоризација на капитализмот. Причината поради што луѓето го прифатиле етнонационализмот, не е во тоа што граѓаните за време на комунизмот имале свој приватен живот во кој ја живееле својата локална култура, својата национална самоисклучивост која не ја покажувале јавно, туку, првенствено во тоа што вредностите на комунизмот ги издале, што ги напуштиле, што Тито умрел, што се покажал како смртен, па и неговите идеи, исто така, се покажале како смртни. И токму од чувството на предавство кон идеите за напредок и за прогрес, луѓето се враќале кон етнонационалните идеали. Затоа, кога настојуваат да се вратат кон митолошката матрица во која ќе пронајдат сигурност, заштита и органско единство, граѓаните, всушност, на несвесно ниво, настојуваат да се вратат кон комунинистичките принципи на сигурност, заштита, социјална еднаквост, што ја обележаа авторитативната власт на Тито. А, една од причините на (не)функционирањето на етнонационализмот, како што веќе напоменав, е тоа што тој, додека ја растура заедницата, го заговара нејзиното единство.